Станица: Студентска по штести пат

Станица Студентска 6.0 се одржа на 29 мај 2018 година, на Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј.  На студентите им беше понудена  целодневна алтернативна програма исполнета со предавања, работилници, презентирање на истражувања и креативни активности.

 

Станица: Студентска имаше за цел да обезбеди простор за современи предавања кои студентите ретко имаат можност да ги следат на нивните факултети, можност да се информираат за организациите кои се отворени за нив, да учествуваат во работилници, да се запознаат со нови истражувања и да разменат искуства и контакти. Настанот го организираше МОФ со поддршка на Фондации Отворено општество.

 

На Станица: Студентска посетителите можеа да се запознаат и зачленат во 20 младински организации преку отворен саем. Дел од организациите одржаа и свои предавања на факултетот, со што Национален младински совет на Македонија, ЏЕФ Македонија, ХЕРА, ЕМСА, ИАЕСТЕ, Субврезивен фронт, КРИК, Гоу грин, Истражувачко друштво на студенти биолози, Social Impact Award, Сојуз на извидници и индивидуалци истакнати во своите полиња, дадоа придонес кон збогатување на академскиот ден на студентот.

 

Деветнаесет млади истражувачи за прв пат ги презентираа своите нови истражувачки трудови пред своите врсници, поддржани во својот потфат од МОФ и искусни ментори. Приоритетите кои тие ги избраа за своите истражувања се: условите за лица со посебни потреби во образование, дискриминацијата во образованието, емиграцијата на младите, сексуалното вознемирување во Македонија и младинската невработеност.

 

 

 

Промовирано првото истражување за мониторинг на работата на Агенијата за млади и спорт

Младински образовен форум денес го промовираше истражувањето „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ со фокус на Агенцијата како носител на креирањето и спроведување на младинските политики. На настанот говореа:  Сафет Незири од Министерството за образование и наука, Младен Фрчковски од Минстерството за труд и социјална политика, Матеј Маневски од Центар за интеркултурен дијалог, Горан Ѓорѓиев од Сојуз на извидници на Македонија, Гордана Цекова од АМС, Мартина Илиевска и Александра Филипова од МОФ.

 

Според истражувањето за перидот 2014-2016г, соработката помеѓу Агенцијата за млади и спорт (АМС) и другите институции била на ниско ниво. Имало малку заеднички проекти и нема уредна документација за активностите. Агенцијата имала константна соработка единствено со МОН и одредена соработка со МИОА, АВРМ и Министерството за култура. Со Министерството за локална самоуправа немало соработка, додека Агенцијата за администрација и МТСП не располагале со информации за соработка со АМС.

 

Соработката со младинските организации била посебно слаба. Во минатите години агенцијата делувала сегрегирачки кон младинските органзации и соработувала само со малку од нив. Од 2014 до 2016 Агенцијата имала потпишано само 11 меморандуми со 6 организации што е мал број за период од три години. Односот на агенцијата кон младите и општата јавност придонел да биде перцепирана како „агенција за спорт“ која ги исклучува младите од своето делување.

 

Правна рамка за млади речиси и да не постои. Освен Националната стратегија за млади, нема правен акт ги уредува прашањата во областа „млади“. Креирање на Закон за млади или Закон за младинско учество е клучно за да регулираат правните празнини, а Агенцијата да добие јасни насоки за да може успешно да ги исполнува своите цели и приоритети.

Според препораките на истражувањето Агенцијата треба да го зајакне секторот млади, да ја ревидира стратегијата за млади и да започне квалитетен процес за креирање на акциски план за млади за 2018-2019. Агенцијата треба воспостави и модели за поддршка на младинските организации.

 

Истражувањето е реализирано во периодот јуни 2017 – јануари 2018, со фокус на соработка со младински организации, соработка со државни институции, правна рамка, внатрешно уредување и работење и перцепцијата на младинските организации и младите.

 

Проектот „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ е реализиран од страна на Младински образовен форум во периодот од јуни 2017 до јануари 2018 година. Проектот е поддржан од проектот “Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации”, имплементиран од “Фондација Отворено општество – Македонија” (ФООМ) и “ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии”, и е финансиски поддржан од Европската унија во рамки на IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015.

Пет истражувачки трудови од млади истражувачи

Пет истражувачки трудови од млади истражувачи беа промовирани на 12ти јуни 2018 година во ГEM клубот. Истражувчките трудови беа менторирани од искусни истражувачи и со поддршка од Младински образовен форум (МОФ) и Фондации Отворено општество работеа на своите истражувања. Деветнаесет млади истражувачи се обидоа да обезбедат податоци на темите кои за нив се важни – младинската невработеност, дискриминацијата во образованието, условите за лица со посебни потреби во образованието, младинската емиграција и сексуалното вознемирување. Преку истражувачка работа, овие млади го продлабочуваат знаењето кое го имаме на располагање за креирање подобри политики и разбирање на проблеми и трендовите во општеството.

Куси извадоци од клучните наоди од секое истражување:

Невработеноста на младите е сериозен проблем во Македонија, а североисточниот регион има највисока стапка на невработеност. Истражувањето на Симона Ковачевска „Невработеноста на младите лица во Североисточниот регион – предизвици и проблеми“ ги прикажува најчестите ставови на младите лица од овој регион. Тие сметаат дека главен фактор за вработување претставуваат врските и политичката определба. Токму затоа најчест начин за барање работа е преку познаници и роднини, а не преку аплицирање на огласи или преку пријавување во АВРМ. Ова може деструктивно да влијае на пазарот на труд и да предизвика демотивација кај младите лица за усовршување и градење кариера. Младите лица треба регуларно да се пријавуваат во Агенцијата за вработување со што ќе ја зголемат веројатноста за вработување, а АВРМ треба поинтензивно да се вклучи во воведување локални мерки за намалување на невработеноста во овој регион.
Жените во Република Македонија секојдневно се соочуваат со сексуалното вознемирување, инспирирани од кампањата #сегакажувам и движењето #meТoo, тројца млади истражувачи (Антонела Глигорова, Мартин Анѓелов и Лина Даневска) истражуваа за „Застапеноста на различните форми на сексуално вознемирување во Р. Македонија“. Податоците укажуваат дека дури во над 90% од случаите сексуалното вознемирување потекнува од вознемирувач кој ужива позиција на моќ над жртвата. Резултатите укажуваат на ниска стапка на пријавување на вознемирувањето, особено поради фактот што жртвите не наишле на поддршка, а исто така и тие самите биле прогласени како виновни за настанот. Пријавувањето во полиција е многу ретко, но како алтернатива на тоа се јавува пријавување на колега, родител, педагог, психолог, пријател, новинар/ка и сл.

Според истражувањето на Мартин Нацевски „Улогата на младите во спречување на дискриминацијата во образованието“, наставниот кадар е во најдиректен контакт со самите студенти и од него непосредно зависи квалитетот на предавањата и на оценувањето. Токму поради тоа, оваа категорија најчесто ја злоупотребува својата позиција, применувајќи различен третман кон студенти од различни позадини. Според испитаниците, оваа дискриминација најчесто се манифестира како поинаков пристап при оценувањето, поинаков однос со различните студенти, но и неправедни критериуми при вработувањето или ангажирањето студенти во наставниот процес.
„Aнализа на условите за лицата со посебни потреби во рамките на средното и високото образование“ изработена од Деа Здравковска, Марија Михајловска, Кристијан Лазаров, Ангела Николовска и Ема Ананиевска претставува анализа за образовната инклузија на учениците и студентите со посебни потреби. Според податоците, вклученоста на лицата со посебни потреби во сите нивоа на образованието е многу ниска, тие честопати се дискриминирани и се соочуваат со низа предизвици во текот на образованието. Инклузијата во образовниот процес најчесто се подразбира како обезбедување физички услови за вклучување на лицата со посебни образовни потреби во редовното образование, наспроти еднаквото вклучување во училишните активности за што е потребно да се обезбедат адекватни услови, образовен кадар и програми. Наодите покажуваат дека нашата држава во моментов сè уште не е подготвена за целосна образовна деинституционализација и целосно отфрлање на стариот образовен процес за лицата со посебни потреби и спроведување на образовна инклузија само во редовните училишта за општата популација.
Резултатите до кои дојдоа Вања Јанева, Јована Ѓорѓиовска, Моника Китаноска и Симон Андов во истражувањто „Зошто младите сакаат да си одат од Македонија? Eксплоративен пристап кон младинската емиграција во Македонија“ ,покажуваат дека 60% од испитаниците сакат трајно да се отселат од државата, без разлика на демографските и социоекономските разлики. Културните фактори на одбивање и на привлекување се издвојуваат како најзначајни за младите, како за нивната одлука да се иселат од Македонија така и за одлуката за враќање во Македонија. Сепак, сите пет групи фактори се важни за одлуките на младите, што уште повеќе ја потенцира неопходноста на меѓуресорски пристап за подобрување на младинскиот стандард за живот во Македонија.
Проектот за менторирање на млади истражувачи имаше за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на МОФ со знаењето и искуството на стипендистите на Фондациите Отворено општество во корист на млади истражувачи кои за прв пат се занимаваат со општествено релевантни истражувања да креираат квалитетни анализи кои ќе помогнат да се подобрат политиките или да се подигне свеста за важни прашања во Македонија. Студентите и младите истражувачи во земјата немаат доволно можности за самостојно истражување и преку овој процес се обидуваме да го поттикнеме професионалниот развој на дел од младите истражувачи во земјата.

Мобилност на студенти и академски кадар од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Краток опис: Истражувањето „Мобилност на студенти и академски кадар од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има за цел да ја испитакаква е моменталната состојба на студентската и академската мобилност на Универзитетот „Св. Кириј и Методиј“ во Скопје. Истражувањето е насочено кон анализа на меѓународната мобилност на УКИМ, поконкретно: можностите за мобилност, зачестеноста на мобилноста на студентите и академскиот кадар, промоција и информираност за можностите за мобилност и стратешките определби на надлежните институции за унапредување на академската мобилност. При тоа анализата вклучува разработка на моменталните политики и трендови на студентската мобилност во Европа, како и предизвиците за унапредување на академската мобилност со кои се соочува континентот.

Издава: Младински образовен форум

За издавачот: Дона Костуранова, извршен директор

Автори: Моника Божиноска, Огнен Јакасановски, Марија Мирчевска

Помлад истражувач: Самет Шабани

Издадена: 2015 година

Линк за преземање

Младите одлучуваат

youth_cover_draft_2_flat_preview-01„Младите одлучуваат“  е публикација која претставува опис на активностите на проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“ во процесот на  основање на локални младински совети во 12 општини. Вклучени се сите процеси и идеи кои во иднина треба да претставуваат насока за младите и младинските форми на здружување, како да  создадат тело на локално ниво кое ќе биде дел од донесувањето на одлуки во локалната заедница. Преку искуствата на дванаесетте општини кои беа дел од проектот  се претставени  активностите кои беа неопходен дел за основање на советите во сите општини, искуства на младинските организации на локално ниво во подготовката и основањето на локалните младински  совети и креирање на локалните младински политики. Во оваа публикација може да се сретнат уникатни младински совети, односно совети во урбани и рурални општини, етнички  диверзитетни средини, поголеми и помали општини, формални и неформални младински здруженија, политички подмладоци и различни форми на локални младински совети.

Издава: Младински образовен форум

За издавачот: Дона Костуранова, извршен директор

Автори: Бранкица Георгиевска, Маја Петровска, Дејан Ристов, Валерија Соколова, Емилија Андонова, Јасмина Давитковска, Гоце Љубиноски, Арбен Ристеми, Флорим Реџепи, Марија Мерковска, Славица Јовческа

Соработници: Стефан Маневски, Марјан
Забрчанец, Дона Костуранова, Марија Мирчевска

Уредници: Сања Божовиќ, Моника Божиноска, Матеј Маневски

Издадена: 2015 година

Преземете го изданието на публикацијата на македонски, албански и англиски
[MK] [AL] [EN] на следниот линк

Студентот како носител на општествени промени

Краток опис: Истражувањето „Студентот како носител на општествени промени – истражување за конформизмот, локусот на контрола и граѓанската одговорност кај студентите“ е спроведено во периодот од 25ти до 30ти декември 2014 година, на примерок од 523 студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј.  Оваа анализа имаше за цел да ги испита потенцијалите за граѓански активизам кај студентите при УКИМ. При тоа, ова истражување ја анализара распространетоста на конформизмот, локусот на контрола и граѓанската одговорност, како и нивната меѓусебна поврзаност  кај студентската популација. Дополнително, истражувањето испитува 11 конкретни постапки преку кои се утврдува активноста на студентите и нивната вклученост во студентски иницијативи и граѓански организации.

Издава: Младински образовен форум

За издавачот: Дона Костуранова, извршен директор

Главен истражувач: Јована Наумоска

Ментор: Моника Божиноска

Издадена: 2015 година

Линк за превземање

Компаративна анализа за корупција во Високо образование

Наративен извештај: Компаративна анализа за перцепција на корупција во високото образование во Бугарија, Хрватска, Македонија, Молдавија и Србија

Наративниот извештај за спроведеното регионално истражување за перцепција на корупција во високото образование опфаќа: преглед на клучни проблеми во високо образовниот систем во земјите учеснички во истражувањето, опис на правната рамка, организациона структура, системот на финансирање,примената на болоњскиот систем, опис на методологија и примерок и клучни наоди од истражувањето.

Истражувањето е реализирано од страна на Антикорупциската студентска мрежа, во која членуваат: Белградско отворена училиште (Србија), Младинско здружение за мир и развој на Балканот (Бугарија), Монитор Статистика (Хрватска), Младински образовен форум ( Македонија) и Национален центар за транспарентност и човекови права (Молдавија).

Линк за преземање

Анализа и препораки – Екстерно тестирање во училиштата во Македонија

Оваа куса анализа дава преглед на екстерното тестирање и неговата улога во образовниот процес, како и низа препораки изработени од тимот на Програмата за истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики во рамките на Младински образовен форум.

Анализата е изработена врз основа на меѓународни и домашни документи, консултација со професори и ученици и следење медиумски објави за спроведувањето на екстерното тестирање за учебната 2012/2013 година.

Документот опфаќа пет целини:

1. Постигнувања на Македонија на меѓународните тестирања за образование;

2. Цели на екстерно тестирање (компаративен преглед);

3. Правна рамка за спроведување на екстерното тестирање во РМ (недоследности и пропусти);

4. Технички предизвици во имплементацијата и можни ефекти;

5. Препораки за унапредување на екстерното тестирање;

Линк за преземање

Средношколско организирање и учество

psp

Цел на истражувањето

Првичната иницијатива за подетално испитување на ставовите на средношколците на оваа тема може да се поврзе со истражувањето „Kапитулација, конфузија или отпор – Социјалниот капитал на македонските средношколци“ [МОФ и Реактор, 2010] од каде се увиде дека 70% од испитаните средношколци не се запознаени дали има средношколско организирање во нивните училишта, а 81% никогаш не учествувале во избор на средношколска унија. Недостатокот на јавно достапни документи кои ја уредуваат оваа област исто така ја укажа потребата за реално проценување на состојбата.

Покрај испитување на ставовите на учениците за ова прашање, целта беше и да се истражи пристапот на училиштата кон средношколското организирање и можностите кои училиштата ги обезбедуваат за учество на средношколците при носењето одлуки.

Наодите од ова истражување, препораките и целата негова содржина стремат кон збогатување на фондот на информации за оваа важна област, но и кон подигнување на свеста кај сите засегнати страни – од средношколците и нивните родители, преку училиштата и локалната самоуправа, па до надлежното министерство, образовните институции и граѓанскиот сектор.

Крајната цел е да се даде придонес кон зголемено и активно учество на средношколците во носењето на одлуки во образовните инстиуции.

Методологија на истражувањето

Во периодот од месец јануари, февруари и март се реализираше истражувањето за средношколското организирање низ Македонија. Спроведени се 18 фокус групи во 13 градови и тоа : Штип, Делчево, Кратово, Неготино, Гевгелија, Кичево, Велес, Струмица, Ресен, Дебар (две), Струга (две), Тетово (две), Скопје(три). Примерокот е хомоген во однос на возраста, местото на живеење и националноста. Вклучени се 155 испитаници од кои 72 машки и 83 женски; 19 претседатели на класови и 5 претседатели на средношколски унии. Истражувањето беше спроведено во14 градови: Скопје, Тетово, Кичево, Дебар, Струга, Ресен, Битола, Велес, Делчево, Кратово, Гевгелија, Неготино, Струмица и Штип. Согласно распореденоста на градовите имаме опфатено секаков тип на училишта (гимназиски, средни стручни), како би дошле до соодветните одговори.

Истражувањето методолошки беше поделено на два дела: поднесување на барања користејќи го законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и фокус групи со средношколци. Фокус групите се реализираа во сите градови, како би се добиле одговори за перцепцијата на средношколците за проблемите во текот на нивното учење и за „моменталното“ средношколско организирање, доколку постои во училиштата.

Вториот дел од истражувањеро беше преку испраќање на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, преку кои директно од органите на училиштата добивме одогоовори за ситуацијата со средношколското организирање. Преку оваа алатка вкупно беа опфатени 54 училишта во погоренаведените 14 градови. 45 училишта дадоа одговори, додека останатите 9 училишта молчеа и не ни доставија одговори во предвидениот рок. Училиштата кои дадоа одговори, всушност ги одговрија сите горенавеедени прашања. Вкупно беа испратени 270 прашања, а добиени беа вкупно 225 одоговори од училиштата. Дополнително беше испратено и барање до Министерството за образование и наука, дали постојат документи кои го разработуваат или предвидуваат средношколското организираање, како би имале одговор и од надлежносто министерство за средно образование.

Линк за преземање на презентација
Линк за преземање на анализа

Перцепција на студентите од УКИМ за студентско организирање

Целта на спроведеното истражување е да се утврди колкава е информираноста на студентите за студенското организирање, кои се нивните ставовите за начинот на кој  студентите се организирани, искуство со студентски активизам, кои се мотивите за нивното  ( не ) вклучување во формите на студентско организирање.

Опис на методологијата:

Истражувањето е спроведено на сите државни универзитети и во периодот на истражување најбројниот приватен универзитет,  ЈИЕ во Тетово. Вкупно се испитани 795 студенти. Истражувањето е спроведено во периодот февруари-март 2012 година.

Линк за преземање