Невработеноста, дискриминацијата, пристапот до образование, младинското иселување и сексуалното вознемирување се клучните проблеми кои беа истражувани од млади истражувачи

Пет истражувачки трудови од млади истражувачи беа промовирани на 12ти јуни 2018 година во ГEM клубот. Истражувчките трудови беа менторирани од искусни истражувачи и со поддршка од Младински образовен форум (МОФ) и Фондации Отворено општество работеа на своите истражувања.  Деветнаесет млади истражувачи се обидоа да обезбедат податоци на темите кои за нив се важни – младинската невработеност, дискриминацијата во образованието, условите за лица со посебни потреби во образованието, младинската емиграција и сексуалното вознемирување. Преку истражувачка работа, овие млади го продлабочуваат знаењето кое го имаме на располагање за креирање подобри политики и разбирање на проблеми и трендовите во општеството.

Куси извадоци од клучните наоди од секое истражување:

 

Невработеноста на младите е сериозен проблем во Македонија, а североисточниот регион има највисока стапка на невработеност. Истражувањето на Симона Ковачевска „Невработеноста на младите лица во Североисточниот регион – предизвици и  проблеми“ ги прикажува  најчестите ставови на младите лица од овој регион. Тие сметаат дека главен фактор за вработување претставуваат врските и политичката определба. Токму затоа најчест начин за барање работа е преку познаници и роднини, а не преку аплицирање на огласи или преку пријавување во АВРМ. Ова може деструктивно да влијае на пазарот на труд и да предизвика демотивација кај младите лица за усовршување и градење кариера. Младите лица треба регуларно да се пријавуваат во Агенцијата за вработување со што ќе ја зголемат веројатноста за вработување, а АВРМ треба поинтензивно да се вклучи во воведување локални мерки за намалување на невработеноста во овој регион.

Жените во Република Македонија секојдневно се соочуваат со сексуалното вознемирување, инспирирани од кампањата #сегакажувам и движењето #meТoo, тројца млади истражувачи (Антонела Глигорова, Мартин Анѓелов и Лина Даневска) истражуваа за „Застапеноста на различните форми на сексуално вознемирување во Р. Македонија“. Податоците укажуваат дека дури во над 90% од случаите сексуалното вознемирување потекнува од вознемирувач кој ужива позиција на моќ над жртвата. Резултатите укажуваат на ниска стапка на пријавување на вознемирувањето, особено поради фактот што жртвите не наишле на поддршка, а исто така и тие самите биле прогласени како виновни за настанот. Пријавувањето во полиција е многу ретко, но како алтернатива на тоа се јавува пријавување на колега, родител, педагог, психолог, пријател, новинар/ка и сл.

 

Според истражувањето на Мартин Нацевски „Улогата на младите во спречување на дискриминацијата во образованието“, наставниот кадар е во најдиректен контакт со самите студенти и од него непосредно зависи квалитетот на предавањата и на оценувањето. Токму поради тоа, оваа категорија најчесто ја злоупотребува својата позиција, применувајќи различен третман кон студенти од различни позадини. Според испитаниците, оваа дискриминација најчесто се манифестира како поинаков пристап при оценувањето, поинаков однос со различните студенти, но и неправедни критериуми при вработувањето или ангажирањето студенти во наставниот процес.

 

Aнализа на условите за лицата со посебни потреби во рамките на средното и високото образование“ изработена од Деа Здравковска, Марија Михајловска, Кристијан Лазаров, Ангела Николовска и Ема Ананиевска претставува анализа за образовната инклузија на учениците и студентите со посебни потреби. Според податоците, вклученоста на лицата со посебни потреби во сите нивоа на образованието е многу ниска, тие честопати се дискриминирани и се соочуваат со низа предизвици во текот на образованието. Инклузијата во образовниот процес најчесто се подразбира како обезбедување физички услови за вклучување на лицата со посебни образовни потреби во редовното образование, наспроти еднаквото вклучување во училишните активности за што е потребно да се обезбедат адекватни услови, образовен кадар и програми. Наодите покажуваат дека нашата држава во моментов сè уште не е подготвена за целосна образовна деинституционализација и целосно отфрлање на стариот образовен процес за лицата со посебни потреби и спроведување на образовна инклузија само во редовните училишта за општата популација.

Резултатите до кои дојдоа Вања Јанева, Јована Ѓорѓиовска, Моника Китаноска и Симон Андов во истражувањто „Зошто младите сакаат да си одат од Македонија? Eксплоративен пристап кон младинската емиграција во Македонија“ ,покажуваат дека 60% од испитаниците сакат трајно да се отселат од државата, без разлика на демографските и социоекономските разлики. Културните фактори на одбивање и на привлекување се издвојуваат како најзначајни за младите, како за нивната одлука да се иселат од Македонија така и за одлуката за враќање во Македонија. Сепак, сите пет групи фактори се важни за одлуките на младите, што уште повеќе ја потенцира неопходноста на меѓуресорски пристап за подобрување на младинскиот стандард за живот во Македонија.

Проектот за менторирање на млади истражувачи имаше за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на МОФ со знаењето и искуството на стипендистите на Фондациите Отворено општество во корист на млади истражувачи кои за прв пат се занимаваат со општествено релевантни истражувања да креираат квалитетни анализи кои ќе помогнат да се подобрат политиките или да се подигне свеста за важни прашања во Македонија. Студентите и младите истражувачи во земјата немаат доволно можности за самостојно истражување и преку овој процес се обидуваме да го поттикнеме професионалниот развој на дел од младите истражувачи во земјата.

Промовирано првото истражување за мониторинг на работата на Агенијата за млади и спорт

Младински образовен форум денес го промовираше истражувањето „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ со фокус на Агенцијата како носител на креирањето и спроведување на младинските политики. На настанот говореа:  Сафет Незири од Министерството за образование и наука, Младен Фрчковски од Минстерството за труд и социјална политика, Матеј Маневски од Центар за интеркултурен дијалог, Горан Ѓорѓиев од Сојуз на извидници на Македонија, Гордана Цекова од АМС, Мартина Илиевска и Александра Филипова од МОФ.

 

Според истражувањето за перидот 2014-2016г, соработката помеѓу Агенцијата за млади и спорт (АМС) и другите институции била на ниско ниво. Имало малку заеднички проекти и нема уредна документација за активностите. Агенцијата имала константна соработка единствено со МОН и одредена соработка со МИОА, АВРМ и Министерството за култура. Со Министерството за локална самоуправа немало соработка, додека Агенцијата за администрација и МТСП не располагале со информации за соработка со АМС.

 

Соработката со младинските организации била посебно слаба. Во минатите години агенцијата делувала сегрегирачки кон младинските органзации и соработувала само со малку од нив. Од 2014 до 2016 Агенцијата имала потпишано само 11 меморандуми со 6 организации што е мал број за период од три години. Односот на агенцијата кон младите и општата јавност придонел да биде перцепирана како „агенција за спорт“ која ги исклучува младите од своето делување.

 

Правна рамка за млади речиси и да не постои. Освен Националната стратегија за млади, нема правен акт ги уредува прашањата во областа „млади“. Креирање на Закон за млади или Закон за младинско учество е клучно за да регулираат правните празнини, а Агенцијата да добие јасни насоки за да може успешно да ги исполнува своите цели и приоритети.

Според препораките на истражувањето Агенцијата треба да го зајакне секторот млади, да ја ревидира стратегијата за млади и да започне квалитетен процес за креирање на акциски план за млади за 2018-2019. Агенцијата треба воспостави и модели за поддршка на младинските организации.

 

Истражувањето е реализирано во периодот јуни 2017 – јануари 2018, со фокус на соработка со младински организации, соработка со државни институции, правна рамка, внатрешно уредување и работење и перцепцијата на младинските организации и младите.

 

Проектот „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ е реализиран од страна на Младински образовен форум во периодот од јуни 2017 до јануари 2018 година. Проектот е поддржан од проектот “Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации”, имплементиран од “Фондација Отворено општество – Македонија” (ФООМ) и “ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии”, и е финансиски поддржан од Европската унија во рамки на IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015.

Учествувај во истражување за младинската перцепција на ЛГБТИ заедницата / Merr pjesë në hulumtimin e perceptimit të të rinjëve mbi komunitetin LGBTI

Субверзивен Фронт, во партнерство со Младински образовен форум, започна со спроведување на истражувачка студија за перцепциите и ставовите на младите во Македонија за состојбата со дискриминацијата, вознемирувањето и малтретирањето меѓу ЛГБТИ и не-ЛГБТИ младината на територија на Град Скопје.

Ова е првпат вакво истражување да се спроведува во Република Македонија, и со оглед на тоа што ваквиот вид на однесување не се препознава и адресира како проблем кај надлежните државни институции, претставува посебен предизвик за спроведување на ова истражување. Преку истражувањето се очекува да се добијат сознанија за нивото на психолошко и физичко вознемирување и малтретирање, дискриминација и насилство врз младите ЛГБТИ лица на возраст помеѓу 18 и 30 години, кои подоцна ќе послужат за подигнување на свеста и застапување на овој проблем пред надлежните државни институции. Истражувањето се спроведува во два дела: онлајн истражување и теренско истражување на територијата на Град Скопје.

Вашиот придонес е од особена важност за истражувањето и затоа би ве замолиле да го пополните овој инструмент. Вашето учество ќе биде анонимно, а пополнувањето ќе ви одземе 10 минути. Наодите од истражувањето ќе се користат исклучиво во истражувачки цели .

Fronti Subversiv, në partneritet me Forumin Rinorë Arsimorë, kanë filluar zbatimin e një studimi hulumtues mbi perceptimin dhe qëndrimet e të rinjëve në Maqedoni për gjendjen diskriminuese, shqetësuese dhe malltretimet ndërmjet të rinjëve LGBTI dhe atyre jo-LGBTI, në territor të Qytetit të Shkupit.

Ky lloj i hulumtimit për herë të parë realizohet në Republikën e Maqedonisë, edhe pse duke pas parasysh se ky lloj i sjelljes nuk është i njohur dhe i adresuar si problem tek institucionet kompetente shtetërore, por paraqet një sfidë të veçantë për zbatimin e këtij hulumtimi. Nëpërmjet hulumtimit presim të arrijmë njohuri për nivelin e shqetësimit dhe malltretimit psiqiko-fizik, diskriminimin dhe dhunën ndaj të rinjëve të LGBTI-së, persona të moshës 18-30 vjeç, të cilët më pas do të shërbejnë në ngritjen e vetëdijes dhe avokimin e këtij problem para institucioneve kompetente shtetërore.

Hulumtimi zbatohet në dy pjesë:  Online hulumtim dhe hulumtim në teren, në territor të Qytetit të Shkupit.

Kontributi  Juaj është i rëndësisë së veçantë, andaj Ju lus që të plotësoni këtë instrument. Pjesëmarrja Juaj është anonime, ndërsa plotësimi i saj do ju merr 10 minuta. Konstatimet nga hulumtimi do të shfrytëzohen vetëm për qëllime hulumtuese.

Отворен повик за анкетари – Истражување за младинската перцепција за правата на ЛГБТИ заедницата

Почитувани,

Субверзивен Фронт, во партнерство со Младински образовен форум, започна со спроведување на
истражувачка студија за перцепциите и ставовите на младите во Македонија за состојбата со дискриминацијата, вознемирувањето и малтретирањето меѓу ЛГБТИ и не-ЛГБТИ младината на територија на Град Скопје.

Ова е првпат вакво истражување да се спроведува во Република Македонија, и со оглед на тоа што ваквиот вид на однесување не се препознава и адресира како проблем кај надлежните државни институции, претставува посебен предизвик за спроведување на ова истражување. Преку истражувањето се очекува да се добијат сознанија за нивото на психолошко и физичко вознемирување и малтретирање, дискриминација и насилство врз младите ЛГБТИ лица на возраст помеѓу 18 и 30 години, кои подоцна ќе послужат за подигнување на свеста и застапување на овој проблем пред надлежните државни институции. Истражувањето се спроведува во два дела: онлајн истражување и теренско истражување на територијата на Град Скопје.

За потребите на ова истражување, распишуваме КОНКУРС ЗА АНКЕТАРИ од Скопје, кои ќе бидат директно вклучени во теренското спроведување на истражувањето. Теренското истражување предвидува спроведување на прашалници на соодветни улици во Град Скопје.
Истражувањето ќе се спроведува во тимови составени од 2ца анкетари. Анкетарите ќе бидат ангажирани во периодот од  20-ти октомври до 6-ти ноември 2015 година.
Покрај спроведувањето на теренското истражување, ангажманот на анкетарите предвидува и внесување на податоците во посебен компјутерски програм за дополнителна обработка.
За избраните анкетари е предвиден соодветен финансиски надомест.

Пријавувањето за оваа позиција се прави со пополнување на апликацијата овде.

Крајниот рок за пријавување е  18-ти октомври (недела) 2015 година.

За дополнителни прашања и информации слободно контактирајте не на sanja_bozovik@mof.org.mk или jovana.gjorgjiovska@gmail.com .

Учествувај во истражување за насилство кај средношколците – Merr pjesë në hulumtimin mbi dhunën tek shkollarët e mesëm

Младинскиот образовен форум спроведува истражување кое има за цел да ги испита мотивите за манифестирање на насилно однесување кај средношколците во Македонија. Вашиот придонес е од особена важност за истражувањето, и затоа би ве замолиле да го пополните овој инструмент. Вашето учество е анонимно, а пополнувањето ќе ви одземе 10 минути. Наодите од истражувањето ќе се користат исклучиво во истражувачки цели.

Однапред Ви благодариме на соработката.

Forumi Rinor Arsimor zbaton një hulumtim i cili ka për qëllim ti ekzaminoj motivet për manifestim të sjelljes së dhunëshme te nxënësit e shkollave të mesme në Maqedoni. Kontribuit i juaj është me rëndësi të madhe për këtë hulumtim, prandaj do tu lusim të mbushni këtë instrument. Pjesmarrja juaj është anonime, mbushja do u marri rreth 10 minuta. Gjetjet e hulumtimit do të përdoren vetëm në qëllimet hulumtuese.

Faleminderit paraprakisht për bashkpunimin.

Започна истражувањето на состојбата со вознемирувањето и малтретирањето на младите ЛГБТИ лица во Македонија

Субверзивен Фронт, во партнерство со Младински образовен форум, започна со спроведување на истражување на перцепциите и ставовите на младите во Македонија за состојбата со малтретирањето и вознемирувањето засновано на сексуална ориентација и родов идентитет кај младите ЛГБТИ лица.

Истражувањето, кое ќе се одвива од 1 септември до 31 октомври 2015 година, преку употреба на прашалник и фокус групи ќе се обиде да ја мапира состојбата со ваквиот вид на вознемирување и малтретирање врз младите ЛГБТИ лица во и надвор од Скопје. Ова е првпат вакво истражување да се спроведува во Република Македонија, и, со оглед на тоа што ваквиот вид на однесување не се препознава и адресира како проблем кај надлежните државни институции, претставува посебен предизвик за спроведување. Преку истражувањето се очекува да се добијат сознанија за нивото на психолошко и физичко вознемирување и малтретирање, дискриминација и насилство врз младите ЛГБТИ лица на возраст помеѓу 18 и 30 години, кои подоцна ќе послужат за подигнување на свеста и застапување на овој проблем пред надлежните државни институции.

Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста Субверзивен Фронт од Скопје, основано во јуни 2013 година, работи на создавање поповолна општествена и политичка клима за сите кои не се идентификуваат со доминантните хетеронормативни и патријархални вредности и норми, како и на креирање и мобилизирање на органска ЛГБТИ заедница во Македонија. Некои од позначајните активности кои С-Фронт ги има спроведено се креирањето на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата во јануари 2014, и спроведувањето на кампањата „Кажи не на хомофобијата и трансфобијата“ во мај 2014. Младински образовен форум, организација која е присутна во 14 градови во земјава, работи на креирање простор за дебата, слободно изразување и организирање на младите, охрабрување активизам кај нив, и заштита и унапредување на младинските права и политики.

Повик за делегати на основачко собрание и за членови на извршниот одбор на Локалниот Младински Совет на општина Центар

Почитувани,

Иницијативниот одбор за основање на Локален младински совет во Општина Центар, заедно со Младински образовен форум, Центар за меѓукултурен дијалог и Општина Центар, распишува повик за пријавување на членови на Локалниот младински совет во Општина Центар.

Ни претставува особена чест да Ве повикаме да сте дел од Локалниот младински совет на Ошптина Центар, односно да номинирате делегати за основачкото собрание и да  номинирате предлог членови во извршниот одбор  на Локалниот младински совет во општина Центар [1]

Повикот е отворен за сите заинтересирани младински организации; организации за млади и мрежи на младински организации, како и други младински структури кои преку нивните претставници сакаат да учествуваат во работата на Локалниот младински совет на Општина Центар.

Сите заинтересирани организации кои ги исполнуваат критериумите за членство треба да ги достават следните документи на policy@mof.org.mk или во Архивата на Општина Центар на улица „Михаил Цоков” бб, 1000 Скопје, со назнака „За Емир Ќориќ – Апликација за Локален младински совет на Општина Центар“.

Услови за пријавување на делегат за Собрание

Задолжителни документи

  1. Статут за работа на организацијата (онаму каде што е применливо)
  2. Годишни извештаи за последните две години за реализирани младински активности во Општина Центар (доколку нема официјални годинишни извештаи може да се наведат и објаснат активностите во посебен документ)
  3. Пополнет формулар за пријавување на делегат (делегатот на организацијата ќе биде одговорен за комуникација со Локалниот младински совет на Општина Центар)

Апликациите ќе бидат разгледани пред одржување на основачкото Собрание. Собранието ќе се одржи на почетокот на месец септември 2015 година.

Услови за пријавување на член на Извршен одбор

  1. Да биде претставник на организација или друга форма на здружување на младите
  2. Да биде на возраст од 16-30 години
  3. Да биде жител на Општина Центар

Задолжителни документи

  1. Пријава за член на Извршен одбор
  2. Мотивационо писмо

Членовите на извршниот одбор на Локалниот младински совет на Општина Центар ќе бидат избрани на денот на одржување на основачкото собрание од страна на сите присутни основачи – претставници на организации и други форми на младинско здружување. Апликантите ќе ги презентираат своите кандидатури пред сите членови на основачкото собрание. Мандатот на членовите на Извршниот одбор е две години со можност за еден реизбор. Доколку е потребно, комисијата за верификација ќе побара од апликантите дополнителни документи за да се потврдат критериумите. Рокот за пријавување е од 15 август 2015 година до 5 септември 2015 година.

Апликациите ќе бидат разгледувани од Комисија за верификација на членство составена од претставници наИницијативниот одбор за основање на Локален младински совет на Општина Центар. 

 

Проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“ е насочен кон младите луѓе, младинските организации и сите форми на младинско здружување и локалната самоуправа. Главната цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на младинското здружување на локално ниво, нивно формално препознавање од страна на општините, како и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, преку развој на младински активизам, младинска работа и младинско учество во процесите на донесување на одлуки. Проектот вклучува соработка со локалните самоуправи, локални акции и јавен процес на основање Локални младински совети, со поддршка од локалната самоуправа во 12 општини, а е финансиран од Европска Унија (ИПА програма – Civil Society Facility).

Поголемиот број на студенти сметаат дека не можат да влијаат врз општествените случувања

Младински образовен форум  на 02.06.2015, ја одржа трибината „Студентот како носител на општествени промени“, на која ги презентираше резултатите од истражувањето „Студентот како носител на општествени промени – истражување за конформизмот, локусот на контрола и граѓанската одговорност кај студентите“.Истражувањето е спроведено во периодот од 25ти до 30ти декември, 2014 година на популација од 523 студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј. Наодите беа дискутирани од проф. Маја Бојаџиевска и проф. Ненад Марковиќ.

Според Јована Наумовска, која е и автор на истражувањето, поголемиот број на студенти имаат надворешен локус на контрола, односно сметаат дека не можат да влијаат за промена на својата средина и сметаат дека контролата за општествените случувања е надвор од нив. Степенот на конформизам и граѓанска одговорност е нормално распространет низ студентската популација, односно бројот на конформисти и неконформисти, граѓански одговорни и неодговорни не се разликува статистички значајно. Според авторот, ваквата распределба на вредности, го отежнува процесот на носење големи, општествени промени.

Единствена значајна разлика помеѓу студентите кои членуваат и не членуваат во граѓански организации, е што првите чувствуваат поголема граѓанска одговорност за разлика од оние кои не членуваат во граѓанска организација, додека за останатите варијабли (конформизам, локус на контрола) не е утврдена статистички значајна разлика.

Дополнително, 63,5% од испитанниците никогаш не гласале на студентски избори; 51,6% не присуствувале на дебата  на студентски теми; 40% не присуствувале на студентски протести; 71,3% никогаш не организирале настан за студенти; 60,4% не волонтирале за организација на студентски настан; 46,3 % никогаш не го споделуват својот став на социјалните мрежи за актуелните политики и институционални мерки кои се наменети за студентите; 76,1 %, никогаш немаат објавено статија/колумна во медиум за одредена студентска проблематика. Овие наоди укажуваат на низок степен на граѓанска инволвираност од страна на студентите.

Професорот Ненад Марковиќ зборуваше за општествените фактори кои придонесуваат овие личносни карактеристики да се развијат кај студентите. Еден од клучните фактори според него е ниската социјална доверба која во историски континуитет е својствена за нашата заедница, што пак ја намалува веројатноста од општествени интеракции и здружување. Најчест мотив за здружување станува негативната солидарност ( здружување против нешто/некого, не за нешто/некого). Следен фактор кој беше разгледуван од професорот е појавата на алиенација која може да се јави како резултат на страв од санкција, од неизвесност. Последица на ваквото однесување е појавата на клиентелизам, субмисивност, покор.

Професорката Маја Бојаџивска пак се осврна на општетствената педагогија, која учи на покорност, ја оспорува потребата од критичко размислување, промовира културно авторитарни модели  на однесување, развива “ропска свест”.  Однесувањето на Студентскиот парламент на УКИМ е производ токму на ваква културната традиција. Таа посочи дека е потребна еманципација, која прво треба да се случи кај професорите како клучен актер во општествената педагогија, за подоцна да може низ образовниот процес да се пренесе и кај останатите општествени чинители.

Дел од поставените прашања и коментари од страна на публиката се однесуваа на појавата на конформизам во форми на организирање со различна структура; давање на предност на формата, на сметка на вредносните заложби на формите на организирање; можни модели за промена за системот на студентско организирање.

Истражувањето може да го превземете на следниот линк

Петиција за екстерното да се прогласи за пилот-тестирање!

ПРОБЛЕМАТИЧНО ЕКСТЕРНО ОЦЕНУВАЊЕ.
ПОТПИШИ СЕ ЗА ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА ПИЛОТ!

Финалната анализа за Екстерното тестирање можете да ја најдете тука.

ПЕТИЦИЈАТА Е ЗАВРШЕНА. ВИ БЛАГОДАРИМЕ НА ИНТЕРЕСОТ И ПОТПИСИТЕ ЗА ОВА ВАЖНО ПРАШАЊЕ ЗА ОБРАЗОВАНИЕТО ВО МАКЕДОНИЈА. ФИНАЛНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ОД ПЕТИЦИЈАТА, КАКО И СЛЕДНИТЕ ЧЕКОРИ КОИ ЌЕ ГИ ПРЕВЗЕМЕ МОФ, ЌЕ БИДАТ ОБЈАВЕНИ ВО СЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ ДЕНОВИ.

Младински образовен форум (МОФ) ги повикува сите ученици, наставници, професори, родители и загрижени граѓани да се потпишат на петицијата со која од надлежните институции бараме овогодинешното екстерно оценување да се прогласи за пилот.

Секој потпис е глас упатен до Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Државиот испитен центар , со порака да се направи сериозна анализа на пропустите од спроведувањето на екстерното оценување, да се работи на редефинирање на целите во насока на подобрување на образовниот систем, да се напушти концептот на пласирање притисок и страв врз учениците и наставниот кадар и да се корегираат сите технички пропусти. Единствено доколку тестирањето се прогласи за пилот учениците и професорите нема да бидат оштетени, а образованиот процес ќе добие одлична можност за корекција и подобрување.

Петицијата започнува на 3ти јули 2013 година (среда) во период од 10 последователни дена, во 15 градови во државата: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Битола, Велес, Куманово, Кратово, Делчево, Гевгелија, Неготино и Штип

Анализа и препораки – екстерно оценување во училиштата во Република Македонија

Распоред на градови, локации и термини за петиција:

Забелешка: Подолу наведените локации се фиксни за соодветните градови за секој ден заклучно со 12ти јули. Доколку поради временските услови има промени на локациите, за истите ќе бидете известени или информација можете да добиете на погоре наведените контакт телефони.

Град Локации Време
Битола Широк сокак – пред Веро маркетот 10-13 / 17:30-21:30 часот
Велес Плоштад Сармаале

Спроти Гимназијата „Кочо Рацин“

09-13 часот 18-22 часот
Гевгелија Плоштад 09-13 / 17-21 часот
Дебар Центар за култура

Градска плажа

11-14 часот

15-18 часот

Делчево Градски плоштад (пред мостот) 10-13 / 17-21 часот
Кичево Пред пицерија Рома 18-21:30 часот
Кратово Пред хотел Кратис

Градски плоштад

8-11:30 часот

17-21 часот

Куманово Плоштад, Парк Соколана 17-21 часот
Неготино Градски плоштад 10-14 часот
Охрид Кај Чинарот 10-14 часот
Ресен Пред Jazz таверна 11-15 часот
Скопје Улица Македонија 10-13 / 17-21 часот
Струга Чашија 10-14 / 17-21 часот
Струмица Плоштад „Гоце Делчев“

ТЦ Глобал

10-14 / 17-21 часот

10-19 часот

Тетово T-Mobile, центар 11-19 часот
Штип Нама 10-13 часот

18-22 часот

 

 

 

Јавна трибина за ефектите на корупцијата врз универзитетската диплома

Младински образовен форум Ве повикува да дојдете и земете активно учество на јавната трибина каде ќе се дискутира на темата: Дали корупцијата во високото образование ја намалува вредноста на универзитетската диплома?

Трибината ќе се оддржи во Клуб на новинари во петок (26-ти Април) со почеток од 19:00 часот.

Дебатата е испровоцирана од последното истражување на МОФ на тема: Перцепција за корупција во високото образование, кое е направено во регионален контекст и дава компаративна анализа на ситуацијата во Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска и Молдавија.

На самата дебата ќе пробаме да дадеме одговор на темата која сме си ја задале за дискусија и тоа преку панел на говорници кои ќе дадат мислење на темата, но и преку активно учество на самата публика.

Дел од точките на дискусија на оваа дебата ќе бидат:

• Колку е застапена корупцијата во нашиот високообразовен систем?
• Кои се моменталните механизми за спречување на корупцијата во образованието?
• Што се прави за да се информираат студентите, професорите, вработените на Универзитетите и да се охрабрат да се борат против корупцијата?
• Дали приватниот сектор има интерес да инвестира во борбата против корупција во високото образование ?
• Дали вредноста на Универзитетската диплома се намалува правопропорционално со застапеноста на корупција на Универзитетите?

Очекуваме квалитетна дискусија со различни ставови и аргументи. Затоа во петок ве покануваме да ни се приклучите.

Facebook евентот за настанот можете да го погледнете тука.