Повик за ангажирање на едно лице – Американско катче

Повик за ангажирање на едно лице – Специјалист за активности во Американското катче во Скопје

Американските катчиња во Македонија бараат сигурна, организирана, одговорна личност со силни комуникациски вештини за ангажман во Американското катче во Скопје
Локација: Американско катче во Скопје
Рок на пријавување: 4 февруари, 2019 година
Почеток на ангажман: 20 февруари 2019 година
Ангажманот предвидува обврски од 20 часа неделно

Обврски и одговорности:

  • Креирање, дизајнирање и организирање на активности (програми) и настани, во соработка со персоналот од американските катчиња и Амбасадата на САД, со посебен акцент на наука и технологија, млади, образование, учење на англиски јазик итн.
  • Подготовка на просторијата, промотивните материјали, логистикате, содржини на социјални медиуми итн. за активностите и настаните на катчето.
  • Комуницирање и вмрежување со другите Американски катчиња, образовни центри, универзитети, културни центри и организации од граѓанското општество.
  • Водење прецизна евиденција за користење на материјали, броеви и видови на клиенти, посетители итн., како и подготовка на статистички и наративни извештаи за активностите на катчето.
  • Обучување на волонтери, членови на катчето и заедницата за да можат да помогнат во активностите на Американското катче во Скопје (АК Скопје).
  • Одржување на опремата, книгите и библиотечниот систем на АК Скопје.
  • Внесување нови членови во библиотечниот систем, проверка и враќање книги.
  • Пружање помош на членовите на АК Скопје за лоцирање и користење на референтни материјали.
  • Администрирање TOEFL и GRE тестови.

Потребни квалификации: 

  • Способност да комуницира ефикасно усно и писмено на англиски и македонски јазик. Познавањето на албански јазик ќе се смета за предност.
  • Завршено средно образование. Завршено високо образование во областа на англиски јазик, образование, бизнис, информатика ќе се смета за предност.
  • Одлични основни компјутерски вештини, вклучувајќи одлично познавање на Microsoft Windows и Microsoft Office.
  • Искуство со маркетинг и работа со социјални медиуми ќе се смета за предност. За релевантно искуство се смета докажана способност за користење на основен софтвер за графички дизајн, софтвер за веб дизајн или други технички компјутерски вештини за рекламирање и/ или организирање на настани.
  • Се бара ентузијастички пристап кон организирање и промовирање на настани за млади. Искуство во планирање на настани и нивно спроведување ќе се смета за предност.
  • Способност и искуство за фасилитирање и учество во групни активности. Избраниот кандидат мора да е способен да работи со луѓе од различни профили, вклучувајќи ги и младите, возрасните, постарите лица и лицата со посебни потреби.
  • Способност за подготвување и ажурирање на пишани извештаи и коресподенција.
  • Докажани вештини за работа со клиентите и способност да комуницира ефективно, јасно и соодветно со колегите, посетителите и општата јавност, усно и писмено.
  • Докажани презентациски способности.
  • Познавање на историјата, вредностите, општеството, културата и образованието во Соединетите Американски Држави. 

Начин на пријавување:

Заинтересираните кандидати за овој ангажман треба да поднесат кратка биографија (CV) или резиме и пропратно писмо на англиски јазик (cover letter) на acmvacancies@state.gov. Во насловот на вашата пораката ве молиме напишете “ACS Vacancy Skopje”. Рокот за пријавување е 4ти февруари (понеделник) 2019.

Избраните кандидати ќе бидат контактирани за интервју. Интервјуата ќе се одржат на англиски јазик.

 

За Американските катчиња во Македонија:

Американските катчиња во Македонија се центри кои обезбедуваат информации за Соединетите Американски Држави и го поттикнуваат дијалогот и соработката меѓу луѓето од САД и од Република Македонија преку можности за учење, професионален развој и активности за културна размена. Американските катчиња служат како места за одржување говори, дискусии, филмски или видео прикажувања, празници, часови по англиски јазик, состаноци на луѓе кои студирале или патувале во Соединетите Американски Држави, програми за професионален и образовен развој кои се спроведуваат во американски стил, и други настани. Американските катчиња се поддржани од страна на Стејт Департментот на САД и се администрираат преку Секторот за односи со јавноста на Амбасадата на САД во Скопје.

Посета на Совет на Општина Тетово

Учиме Право клубовите на Младински образовен форум од Тетово на 25.12.2018 година реализираа посета на Општина Тетово и присуствуваа на седница на Советот на општината. На посетата учествуваа 40-тина средношколци од Тетово. Посетата започна со посета на администрацијата на Општина Тетово каде што членовите се запознаа со функционирањето на Локалната самоуправа и како граѓаните може да се обратат до општината и да ги реализираат своите права. Во вториот дел од посетата членовите присуствуваа на 14-тата Седница на Советот на Општина Тетово, каде што од блиску се запознаа со функционирањето на Советот. Дел од точките на дневен ред беа Предлог буџет на Општина Тетово за 2019 година, Финансиска поддршка за 2019 година.

Улична уметност во Куманово

К’д Куманово “кеф“ не дава од уметност нема да боли глава!

Младински образовен форум – Куманово, на ден 24-25.12.2018 (понеделник и вторник), со почеток од 12:00 часот, на ул. Доне Божинов (спроти автобуската станица), користејќи ја алатката стенсил ќе цртаат мурал како Батко Ѓорѓија ја влече темната (загадената) страна од градот и ја покажува убавината која ќе биде претставена со различно обоени цртежи.

Целта на овој настан е да ја разубавиме јавната површина која се наоѓа на фреквентно место за многу Кумановци и Кумановки. Веруваме дека преку нашата активност ќе допринесеме за поубаво Куманово и ќе ги разведрува и младите и возрасните од општеството.

Сите кои сакаат да учествуваат и да помагаат за време на оваа активност се добредојдени.

Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија.

Тетовирани ѕидови во Битола

Медиа/Арт клубот од Битола, на 23-ти декември 2018 година (недела) со почеток од 11:00 часот, организира локална интервенција наречена „Тетовирани ѕидови“, каде што е предвидено да се нацрта портрет со ликот на Горан Стефановски. Локацијата е добро познатото „Ракометно игралиште“, во близина на градскиот парк во Битола.

Еден од највлијателните и најважните личности во културата на Македонија е и Горан Стефановски. Стефановски преку своите дела ни ја претставува историјата на македонскиот народ со сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политички разијадувања, стремежот за подобро

утре.
Поради тоа претставува и наша „муза“ која нѐ инспирира да бидеме активни граѓани и да направиме активности со цел разубавување на јавниот простор.

Mедиа/Арт клубовите на МОФ се место за млади луѓе кои сакаат креативно да ги изразат своите ставови и идеи. Младите членови добиваат можност да научат како да снимаат видеа и аудио прилози, да создадат фото приказни, да научат за перформативна и урбана уметност и да ги користат новите медиуми и техники на уметност со цел да се постигне младински активизам и помагање на локалната заедница. Предавањата во Медиа/Арт клубот ги држат млади луѓе со искуство во ова поле на дејствување. Овие клубови спаѓаат под Програмата за младински активизам.

Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество- Македонија.

Почетничко дебатно првенство 2018

Националното дебатно првенство за почетници е дебатен турнир во организација на Младински образовен форум (МОФ). Турнирот има за цел да им овозможи на новите дебатери, членови на дебатните клубови на МОФ да учествуваат на дебати од компетитивен карактер. Турнирот ќе се одржи од 21 до 23 декември во СУГС Гимназија Орце Николов.

Формат на дебатирање: World Schools Debate Format
Број на рунди: 5 прелиминарни рунди, полуфинале и финале.
Јазик на турнирот: македонски.

Теза: “Овој Дом претпочита технократска автократија пред популистичка демократија”.

Регистрација
На следниот линк можете да најдете регистрација за тимови: https://goo.gl/forms/dsqCmSoDK3UTHRwn1
На следниот линк можете да најдете регистрација за судии: https://goo.gl/forms/ctb8saORT67C680I3
На следниот линк можете да најдете регистрација за волонтери: https://goo.gl/forms/T7SOAfVyLiwvS5Ug1

Националното дебатно првенство е поддржано од Меѓународната дебатна организација – IDEA NL и Европската комисија.

Одржани две обуки за наставници

Одржани две еднодневни обуки за зајакнување на капацитетите на 15 наставници од три средни скопски училишта

На 11ти и 12ти декември Младински образовен форум организираше 2 еднодневни обуки за 15 наставници од СУГС „Орце Николов“, СУГС „Георги Димитров“ и СУГС „Зеф Љуш Марку“ за зајакнување на нивните капацитети и подобрување и поголема разновидност на методологијата при изведување на наставата во училница. Обуките се дел од Проектот „Средношколски клубови за ученички права, слободи и различности“,  поддржан од Град Скопје – секторот за образование.

Првата обука „Дебата во наставата“ се одржа на 11.12.2018 (вторник) во просториите на хотел Карпош и беше насочена кон употреба на дебатата како алатка за време на часовите. Сесиите ги опфатија разликите помеѓу дискусија и дебата, основите и форматите на дебата кои професорите би можеле да ги употребат, како и примери за презентативни дебати кои би можеле да им бидат интересни на учениците.

На вториот ден (12.12.2018, среда), обуката „Креативни алатки за пренесување на знаења од правото“ ги претстави главните методи и техники на предавање кои се користат во рамките на нашите Учиме право клубови, како и совети и насоки за тоа како да се организира симулација на работата на државен орган или институција, организирање на предавање од страна на експерт или посета на државна институција со цел да им се доближи нејзината работа на средношколците.

На овие обуки, учество земаа професори од следниве области: Мајчин јазик, Логика, Филозофија, Социологија, Етика, Бизнис и Економија, односно предмети на кои најмногу може да се развие дебата за одредено прашање или да се имплементираат овие интерактивни методи и техники на предавање кои особено се користат во неформалното образование.

Младински образовен форум и понатаму останува отворен за соработка со наставниците и средните училишта на Град Скопје, но и со останатите средни училишта ширум државата, имајќи на ум една иста цел, а тоа е интересот на учениците и нивниот развој како личности и граѓани на ова општество.

Парквенција во Скопје

Медиа/Арт клубот Скопје на Младински образовен форум во сабота на 22-ри декември со почеток во 12 часот ќе спроведе интервенција во јавен простор на паркчето кое се наоѓа на ул. 50-та Дивизија веднаш до спортското игралиште.

Младите креативци ќе ги обноват, реставрираат и поправат веќе постоечките делови од паркчето, како што се клупите, лулашките и трансформаторите. Но, исто така ќе постават и различни арт инсталации кои дополнително ќе ја збогатат и разубават естетиката на паркчето.
Целта на членовите на клубот е да се крене свеста кај младите за самоиницијативно организирање и општествено дејствување.

Медиа/Арт клубовите се место за млади луѓе кои сакаат креативно да ги изразат своите ставови и идеи. Младите членови добиваат можност да научат како да снимаат видеа и аудио прилози, да создадат фото приказни, да научат за перформативна и урбана уметност и да ги користат новите медиуми и техники на уметност со цел да се постигне младински активизам и помагање на локалната заедница. Предавањата во Медиа/Арт клубот ги држат млади луѓе со искуство во ова поле на дејствување. Овие клубови спаѓаат под Програмата за младински активизам.

Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество- Македонија.

Посета на Народниот правобранител

На 6-ти декември 2018 година 40тина членови на Учиме право клубовите во Тетово реализираа посета на локалната канцеларија на Народниот правобранител во Тетово. На посетата членовите се запознаа лично со заменик Народниот правобранител Ирина Стојановска и функционирањето на локалната канцеларија, но и воопшто институцијата Народен правобранител. Членовите на Учиме право клубовите практично се запознаат со работотењето на омбудсманот, надлежности, законските права и можности. Покрај тоа Народниот правобранител објасни за законските можности што ги има институцијата, најчестите барања и жалби што ги имаат граѓаните за права и обврски кои им се повредени од страна на државните институции и органи. Покрај тоа членовите имаа можност да поставуваат прашања на заменик Народниот правобранител за личните права кои им биле повредени од страна на државните институции. На крајот од посетата членовите практично се запознаа како се поднесување барање за поведување на постапка во Народниот правобранител и како тече понатамошната процедура. Оваа посета беше организирана од програмата Учиме право во рамки на активностите на МОФ центарот во Тетово, преку Проект за младинска ангажираност поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.

Повик за работилница за млади

Повик за учесници на
Работилница за градење на доверба и медијација за млади

 

Младински сојуз Крушево (МСК), Центар за Балканска соработка – Љоја и Младински образовен форум (МОФ) во рамките на Проект за младинско изразување поддржан од Европската Унија објавуваат повик за учесници на работилница за градење доверба и медијација за претставници од младинските совети, невладини организации и неформлани групи на граѓани од: Скопје, Тетово, Крушево, Куманово, Велес, Битола, Струга и Неготино. Работилницата ќе биде тродневна и ќе се одржи од 18 – ти до 20 – ти ноември 2018 (недела – вторник) во Крушево.

Учесниците ќе поминат низ теми како што се: тимска работа и градење на доверба, лидерство и донесување одлуки во групи; и ќе им бидат понудени техники за трансформација на конфликти, комуникација и медијација, основана на конкретни примери кои опфаќаат теми како што се стереотипите, предрасудите и дискриминацијата.

Кандидатите за учество на работилницате треба да ги исполнат следните услови:

  • Да се млади на возраст од 16 до 26 години;
  • Да покажуваат интерес и разбирање за темите на работилницaтa;
  • Да покажуваат интерес за вклучување во идни акции по работилницaтa;
  • Да се во можност да учествуваат на трите денови од работилницата

    во закажаниот термин.

Сите заинтересирани можат да се пријават најдоцна до 14 – ти ноември 2018 година (среда), преку испраќање на пополнета пријава на contact@youthalliance.org.mk Пријавата за учество може да се преземе тука или од: https://www.youthalliance.org.mk/

Бројот на учесници е ограничен. Учеството на работилницата е бесплатно – сместување, транспорт и храна. Работилницата ќе биде реализирана од искусни обучувачи од Љоја, МОФ и МСК. Работниот јазик ќе биде македонски и албански, а ќе биде обезбеден консекутивен превод. На работилницата ќе има простор за 40 учесници. При селекцијата на кандидатите ќе биде земен предвид етничкиот и родовиот баланс на групите како и географската застапеност.

По завршување на работилницате учесниците ќе имаат можност да формираат тимови и да аплицираат со предлог проект за акции преку кои ќе ги имплементираат новонаучените вештини, техники и знаења. Најдобриот предлог концепт ќе биде награден за да може да се реализира до декември 2018 со менторство на искусни професионалци од МОФ, Љоја и МСК.

Со организација на овие работилници „Проектот за младинско изразување“ цели младите да станат лидери во промовирањето на слободата на изразување, човековите права, интеграцијата и креатори на промени за слободно и одговорно инклузивно општество. Работилниците се имплементирани од Младински образовен форум, Центар за Балканска Соработка – Љоја и Младински Сојуз – Крушево, а финансиски поддржани од Европската Унија во рамки на IPA Civil Society Facility and Media Programme 2016 – 2017.


Thirrje për punëtori për ndërtimin e besimit dhe mediacionit për të rinjë

 

Forumi Rinor Arsimor (FRA), Qendra për Bashkëpunim Ballkanik – Loja, dhe Këshilli Rinor Krushevë  (KRK) në kuadër të projektit për shprehje rinore i mbështetur nga Unioni Evropian shpallin thirrje për pjesëmarrje në punëtorinë për ndërtim të besimit dhe mediacion për përfaqësuesit e këshillave rinor, organizatave joqeveritare dhe grupeve joformale të qytetarëve nga: Shkupi, Tetova, Krusheva, Kumanova, Velesi, Manastiri, Struga dhe Negotina. Punëtoria do të zgjat tre ditë dhe do të mbahet nga  18 – 20 nëntor 2018 (e Diel – e Martë) në Krushevë.

Pjesëmarrësit do të kalojnë nëpër tema siç janë: puna ekipore dhe ndërtimi i besimit, lidershipi dhe sjellja e vendimeve në grup si dhe do ju ofrohen teknika për transformimin e konflikteve, komunikimin dhe mediacionin të bazuara në shembuj konkret që përfshinë tema siç janë stereotipet, paragjykimet dhe diskriminimi.

Kandidatët që duan të jenë pjesë e këtyre punëtorive duhet t’i plotësojnë këta kushte:

  • Të jenë të rinjtë nga mosha 16 deri në moshën 26 vjeçare;
  • Të shprehin interesim dhe gadishmëri për temat e punëtorisë;
  • Të shprehin interesim për kyçje në aksionet e ardhshme pas punëtorisë;
  • Të jenë të gatshëm që të marrin pjesë gjatë tre ditëve të parapara për punëtori.

Të gjithë të interesuarit mund të lajmërohen më së vonti deri më 14 Nëntor (e Mërkurë) 2018 duke dërguar aplikacionin e plotësuar në contact@youthalliance.org.mk. Aplikacioni për pjesëmarrje mund të merret nga https://www.youthalliance.org.mk/

Numri i pjesëmarrësve është i limituar. Pjesëmarrja në punëtori është pa pagesë – të gjitha shpenzimet për akomodim, transport dhe ushqim janë të mbuluara nga organizatorët. Punëtoria do të realizohet nga trajnues me përvojë të FRA, LOJA, KRK-ës.

Gjuhët që do të përdoren gjatë punëtorisë do të jenë gjuha shqipe dhe maqedone dhe do të sigurohet përkthim konsekutiv. Në punëtori do të ketë mundësi për 40 pjesëmarrës. Gjatë selektimit të pjesëmarrësve do të merret parasysh balansi etnik dhe gjinor i grupit si dhe përfaqësimi gjeografik.

Pas mbarimit të secilës punëtori pjesëmarrësit do të kenë mundësi që të formojnë ekipe dhe të aplikojnë me projekt propozime për aksione nëpërmjet të cilave mund t’i implementojnë aftësitë, shkathtësitë dhe diturinë e përfituar. Projekt koncepti më i mirë prej seciles punëtori do të shpërblehet që të mund te realizohet deri në dhjetor të vitit 2018 me mentorim të profesionistëve me përvojë prej FRA, LOJA, KRK-ës.

Me organizimin e këtyre punëtorive “Projekti për shprehje rinore” ka për qëllim që të rinjtë të bëhen lider në promovimin e lirisë së shprehjes, të drejtat e njeriut, integrimit si dhe të jenë kreatorë të ndryshimeve për një shoqëri të lirë, përgjegjëse dhe inkluzive. Punëtoritë implementohen nga Forumit Rinor Arsimor (FRA), Qendrës për Bashkëpunim Ballkanik – Loja, dhe Këshillit Rinor – Krushevë (KRK) kurse është e financuar nga Unioni Europian në kuadër të IPA Civil Society Facility and Media Programme 2016 – 2017.

Младински камп во Охрид

Дебата, помагање на заедницата и ученичките права се трите теми за коишто околу 60 средношколци имаа можност да слушаат предавања за време на младински камп организиран од  Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. На кампот кој се одржа од 20 до 22 октомври 2018 година во Охрид учествуваа ученици од шест средни училишта низ Македонија – „Јане Сандански“ од Струмица, „Преродба-Рилиндја“ од с. Житоше, „Зеф Љуш Марку“ од Скопје, „Перо Наков“ од Куманово, „Нико Нестор“ од Струга и „Кузман Шапкарев“ од Битола.

Тридневниот камп започна со теоретско предавање за правата на детето, преку кое младите научија зошто се важни нивните права и како може истите да ги остварат во рамки на училиштата. Од друга страна, учесниците на кампот научија и зошто се важни нивните одговорности и како може да придонесат за подобрување на своите заедници. Предавањето за дебата и средношколски заедници пак, им овозможи да ги зајакнат вештините за критичко размислување и заедно да изнаоѓаат решенија за предизвиците со кои се соочуваат младите.

Овие три дена поминаа многу брзо затоа што секоја активност беше интересна, почнувајќи од темите се до работилниците. Тоа што ми остави добар впечаток е инклузивноста на сите во активностите, прифаќајќи ги такви какви што се, без разликување, оставајќи простор да се изразиме себеси и нашите вештини.”, изјави Фатон, ученик од средното училиште Рилиндја.

За време на кампот, учениците учествуваа и во низа креативни и интерактивни работилници. Младите заедно разубавуваа маици со креативни пораки за мир и еднаквост и дебатираа на теми кои самите ги одбраа – спорт, еднаквост, феминизам, реформирање на образовниот систем, меѓуврсничко насилство, ментално здравје, средношколски права, интеграција и јазик и бездомни животни.

На овој камп, освен активностите и презентациите, имавме прилика да се запознаеме и да се дружиме со нови луѓе од други градови и националности.”, изјави Џина, ученик од средното училиште „Зеф Љуш Марку“.

И наставниците следеа интерактивни предавања преку кои се стекнаа со знаење и вештини за поддржување на идеите на учениците, менторирање на средношколските заедници и организирање на дебати во рамки на часовите. Тие учествуваа и на тркалезна маса на тема: „Образованието како фактор за креирање на информирани и активни млади” на којашто заедно со претставници од Бирото за развој на образование дискутираа како може да се подобри образованиот систем за да создава генерации на активни ученици кои имаат интерес да ги подобруваат своите заедници.

Кампот заврши со панел дискусија на тема: „Младинско учество и организирање на млади“ на којашто воведни обраќања имаа Блажен Малевски, претседател на Националниот младински совет на Македонија, Вероника Станоевска, претседател на средношколската заедница на СМУГС „Панче Караѓозов“ и Флорим Реџепи, претставник на Центарот за интеркултурен дијалог од Куманово. За време на панел дискусијата учениците имаа прилика да дискутираат со панелистите и да се информираат за можностите за младинско учество во Македонија.

Младинските кампови кои ги организира Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум, имаат цел да им овозможат меѓусебен контакт и позитивна интеракција на учениците кои учат на различни јазици, со што се создава простор за градење на нови пријателства меѓу младите од различни етнички заедници.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

*Веста е преземена од веб страната на Македонски центар за граѓанско образование