Видеа од работилница “In Video Veritas“.

Младински образовен форум во рамки на неделата на граѓански организации, на 18.06.2018 – 20.06.2018 во просториите на Општина Велес, ја организираше видео работилницата за разбирање, препознавање и справување со дезинформации “In Video Veritas“.

За време на оваа тридневна обука учесниците имале прилика да слушат и да зборуваат за термините кои се користат врзани за оваа тема како и какво влијание имаат дезинформациите врз нашето население, но и светските токови, учествуваа во Форумот за борба против дезинформации и подготвија три кратки видео анкети со граѓан(к)ите на Велес и познати личности, исто така, ги научија алатките како да ги монтират нивните видеа.
На овие видео анкети граѓан(к)ите на општина Велес и јавните личности одговарат на три различни прашања:

„Дали дезинформациите се закана за демократијата?“

„Дали медиумите треба да бидат санкционирани за ширење дезинформации?“

„Кој е одговорен за медиумска писменост?“;

Реализирањето на видео работилницата “In Video Veritas“ и изготвувањето на видеата е како дел од Нeделата на граѓански организации поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество – серија од настани кои ја промовираат работата на граѓанските организации пред пошироката јавност, организирани во периодот од 18-23 јуни 2018 низ Република Македонија.

Премиера на претставата „Немам каде да се вратам“ на групата за перформанс Кунстверкштат

На 28-ми јуни, во 20:00 часот, во Кино Фросина, Младински културен центар се одржа премиера на претставата „Немам каде да се вратам“ на групата за перформанс Кунстверкштат при Младински образовен форум. Претставата „Немам каде да се вратам“ е претстава за талкањето на сириските бегалци. Да се талка значи и да се трага, да се бега, а во оваа претстава тоа значи и да се најде. Она што ликовите од оваа претстава го наоѓаат е нивниот сопствен однос кон она од кое што бегаат. Дејството се случува во еден од бегалските кампови во Македонија и откако ликовите ќе се соочат со своите задоцнети бури, продолжуваат по својот пат до некоја од европските земји. Текст на претставата е на Милош Андоновски, а режијата на Дени Стојанов. Улогите ги толкуваат: Ангел Таневски, Влатко Јовановски, Ива Цветановска, Ивона Кузмановска, Јана Бангиева, Марина Таневска, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Тина Спировска, Филип Христовски и Христина Мирчевска. Овој проект е имплементиран од Младински образовен форум со поддршка од проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“. Проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“ е воспоставен од German Federal Ministry for Economic Cooperation and Development (BMZ), а управуван од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH.

Тура на „Ненаучена лекција“ – Кунстверкштат

Аматерската театарска група Кунстверкштат започне својот театарски караван на претставата „Ненаучена лекција“ со изведбата во Велес на 11 декември во салата „Бели мугри“ со почеток во 19:00 часот.

Претставата „Ненаучена лекција“ е најновиот проект на групата и ќе биде изведена во 5 градови во Македонија вклучувајќи ги Велес, Неготино, Струга, Тетово и Скопје. „Ненаучена лекција“ е работена според текстовите „Ќелавата пејачка“ и „Лекцијата“ на Ежен Јонеско.

Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на театарот функционира во склоп на Медиа/Арт клубот Скопје на Младински образовен форум. Започна како идеја на двајца, а прерасна во друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Групата започна со работа во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс и до сега има настапувано на повеќе настани како „Кој се плаши од молкот лош?“, конференцијата за друштвени медиуми и активизам „Engage”, Skopje Creative Hub, окупацијата на УКИМ „Автономна зона“ како и самостојните изведби на своите перформанси.

Во претставата играат:

Г-ѓа Смит – Марина Таневска
Г-дин Смит – Ангел Таневски
Г-ѓа Мартин – Константина Миновска
Г-дин Мартин – Дејан Јованов
Мари, слугинка – Срна Дуковска
Пожарникарскиот капетан – Петар Мукоски
Професорката – Ивона Кузмановска
Ученичка – Ива Цветановска, Јана Бангиева

Овој проект на Кунстверкштат е предводен од Ангела Стојановска и Петар Антевски.

Распоред на изведби:

Велес – 11.12.2015 (петок) сала „Бели мугри“
Неготино – 13.12.2015 (недела) Центар на културата „Ацо Ѓорчев“
Скопје – 15.12.2015 (вторник) Академска сцена – ФДУ
Струга – 20.12.2015 (недела) Дом на културата
Тетово – 26.12.2015 (сабота) Лоја

Влезот за сите изведби на претставата е бесплатен.

 

Повик за учество на обука за видео aктивизам на тема „Што е избор?“

„Како влегов во светов? Зошто не бев прашан за тоа и зошто не бев информиран за правилата и прописите туку бев фрлен во редовите како да сум купен од трговец со човечки суштества? Како се вмешав во ова големо претпријатие наречено актуалност? Зошто треба да бидам вмешан? Нели е тоа право на избор? И ако сум присилен да учествувам, каде е менаџерот – имам да кажам нешто во врска со ова. Нема ли менаџер? На кого треба да му ја доставам забелешката?“ – Сорен Кјеркегор

Младинскиот образовен форум во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество објавува повик за учесници на обука за видео активизам. Целта на обуката е млади активисти да научат како да ја пренесат својата порака, приказна или кауза преку филмот како медиум.  Учесниците ќе добијат знаење како да креираат кратко видео со телефон или едноставна камера на тема „Што е избор?“. На крајот на обуката ќе бидат направени неколку видео записи кои ќе помогнат во промовирање на социјални теми.

Обуката ќе трае четири дена и ќе се одржи во Скопје од 5-ти до 8-ми декември, 2015 година. Кандидатите што сакаат да учествуваат во неа треба да ги исполнат следниве критериуми:

– Да бидат вклучени во активности за промена на општеството;

– Да имаат своја идеја за која се заинтересирани да ја реализираат на зададената тема;

– Да имаат интерес да научат како се создава видео;

–  Да може да учествуваат на сите денови на обуката.

Бројот на учесници е ограничен, a учеството е бесплатно. Обуката ќе се одвива на македонски јазик од искусен тренер во оваа област – Стефан Палитов.  Палитов е дипломец на Филозофскиот Факултет при универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, кој завршува и академска програма по режија на ФАМУ во Прага. Моментално се занимава со изработка на различни аудиовизуелни проекти, водење работилници и организација на филмски фестивали.

Сите заинтересирани треба да аплицираат најдоцна до 2-ри декември 2015 со испраќање целосно пополнет формулар на obuki@mof.org.mk. Апликациите за учесниците можат да бидат преземени од www.mof.mk или на следниот ЛИНК. За повеќе информации посетете ја страницата на МОФ или контактирајте ја организацијата на : 02/3139 692 локал 103. Потврда за учество ќе им биде испратена на одбраните учесници веднаш по истекот на рокот за пријавување.

Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.

Повик за работилница за техники на улична уметност

Младински образовен форум (МОФ) во рамките на Медиа/арт клубот-Скопје отвора повик за учество на работилница за улична уметност. Работилницата ќе се реализира еднаш неделно во периодот од  ноември до  мај за време на викендите, односно во саботите во 16:00 часот во просториите на МОФ. Едно предавање е во времетраење од два часа.

Целта на работилницата е да соедини млади и креативни луѓе кои имаат интерес за уличната уметност и да им се овозможи учење на основните техники: типографија, калиграфија, илустрација и изработка на шаблони. По завршувањето на работилницата, сите визуелни дела ќе бидат изложени на финален настан – изложба.

Освен овие техники, пријавените ќе имаат можност да присуствуваат и на работилници кои ќе изучуваат и други области од уличната уметност, согласно годишниот курикулум.

Во текот на работилницата, учесниците ќе имаат шанса да работат со искусни предавачи во полето на типографијата, калиграфијата, графити-уметноста и илустрациите.

Повикот е отворен за сите заинтересирани млади луѓе, а пријавувањето е најдоцна до 6 ноември 2015 година, преку пополнување на пријавата за учество. Напоменуваме дека не е потребно претходно искуство на темата.

Обуките се бесплатни и ќе бидат спроведени на македонски јазик. Повеќе информации може да добиете на Aleksandra_filipova@mof.org.mk

Eдна година во МОФ [Видео на МедиаАрт]

Членовите на МедиаАрт клубот во Скопје во пресрет на завршувањето на својата учебна година 2014/2015 израбитија кусо видео кое беше проектирано пред доделувањето на сертификатите.

Видеото со свои (ненамерни) изјави го збогатуваат: Сања Стефановиќ, Сандра Анастасовска, Марија Павлеска, Александра Филипова и Стефан Алексиќ.

Видеото го изработија Тамара Ѓуроска и Матеј Станојевиќ, под менторство на Стефан Палитов, а беше прикажано на настанот за додечување на сертификати на членовите на скопските Медиа и Арт клубови и групата за перформанс Кунстверкштат.

 

Перформанс: „Ом Царе, Царе“ – Кунстверкштат

Групата Кунстверкштат во рамките на Медиа/Арт клубот Скопје на Младински образовен форум ве поканува на театарскиот перформанс „Ом Царе, Царе“ на 26.05.2015 во Салон 19-19 со почеток во 20 часот.



На наше големо задоволство е да ве повикаме да ни се приклучите на премиерата на новиот перформанс „Ом Царе, Царе“ кој го прикажува светот на еден цар што ја поделил земјата на две и сега владее. Царот е при себе. Ние сме глупи. Царот е паметен. Царот ги прочитал сите книги на светот, а некои и ги напишал. 

Ама царот не го прочитал нашето сценарио, да знае што му се спрема.

Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на театарот. Започна како идеја на двајца, а прерасна во друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Групата започна со работа во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс и до сега има настапувано на повеќе настани како „Кој се плаши од молкот лош?“, конференцијата за друштвени медиуми и активизам „Engage”, Skopje Creative Hub, окупацијата на УКИМ „Автономна зона“ како и самостојните изведби на своите перформанси.

Репертоарот на Кунстверкштат ги вбројува перформансите „Нешто мора да се смени“, „Банки дигнаа палати“ и „Ќе има војна“ кои обработуваат различни теми од живеењето во Скопје на еден млад човек кој размислува поинаку од толпата.

Влезот е бесплатен, но поради капацитетот на седишта во Салонот 19-19 потребно е да се регистрирате на следниот линк:https://goo.gl/A2zmVZ, а вашиот билет ќе можете да го подигнете најкасно до 19:50 пред влезот на салата.

Дојди, Види, Прочитај! – Изложба на млади новинари-аматери

Членовите на Медиа клуб – Скопје од Младински образовен форум ве покануваат на аматерска изложба на фото – стории. 
Настанот е резултат на двомесечни работилници за фотографија и новинарство, преку кои членовите изготвија текстови придружени со фотографии кои отсликуваат еден дел од нивното секојдневие, нивните интереси и потреби. 



Фотографијата и новинарстовото имаа куса љубовна авантура. Нивнoто love child e нашата изложба! 

Ве очекуваме во Паркот на новинари, карши Министерство за образование да ја дадете вашата поддршка за изложбата и средношколците кои таму го поставија својот протестен камп.

Се гледаме таму!

Прва изведба на перформансот „Ќе има војна’ на Кунстверкштат

Групата Кунстверкштат во рамките на Медиа/Арт клубот Скопје на Младински образовен форум го изведе театарскиот перформанс „Ќе има војна“ на 30.12.2014 во клубот Маркана со почеток во 21 часот.Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на перформативната уметност кои наоѓаат совршен спој на театар и активизам. Започна како идеја на двајца, а прерасна во друштво без граници на креативност и многу љубов.

Кунстверштат е формирана во февруари 2013, а во константната битка за слобода, својата реалност ја бара во алтернативниот театар. Репертоарот на Кунстверштат ги вбројува перформансите „Нешто мора да се смени“(видео) и „Банки дигнаа палати“ (видео) кои беа изведени неколку пати до сега.Голема благодарност до Ангела Стојановска, Васко Костовски, Ирена Мирчевска и Христијан Поп-Симонов без чија помош немаше да го подготвиме перформансот.

Перформансот „Ќе има војна!“ користеше текстови од Диво Месо на Горан Стефановски, ММЕ Кој прв почна од Дејан Дуковски, Големиот диктатор на Чарли Чаплин и поезијата на Блаже Конески.

Сите фотографии можете да ги погледнет на овој линк.

Сите дела на изложбата „Билјана платно шараше“ најдоа сопственик

Арт клубот – Скопје на Младински образовен форум ја реализираше изложбата „Билјана платно шараше“ чија цел беше да израдува некој на кој оваа зима тоа му е навистина потребно.

Изложбата се одржа на 29.12.2014 (понеделник) во Ателје Ателје во Старата скопска чаршија и беше од хуманитарен карактер. На изложбата младите артивисти ги покажаа своите дела кои ги работеа во изминатите два месеци на „Street (sm)Arts“ работилниците организирани од Арт клубот – Скопје. Посетителите имаа можност преку тивка лицитација да купат платно или платнена торбичка со цитати и илустрации на членовите на клубот. На изложбата имаше 44 уникатни дела, рачно изработени, а беа собрани 7400 денари.

„Собраните средствата ќе бидат донирани за дечко од социјално семејство чија генијалност не инспирира да создаваме повеќе уметност.

Им благодариме на сите кои учествуваа во лицитацијата и ни покажаа дека заедно можеме да правиме промени преку уживање и создавање на уметност.“ е пораката од координаторот на Медиа-Арт клубот во Скопје – Петар Антевски.Сите фотографии од изложбата можете да ги погледнете тука.