Прва изведба на перформансот „Ќе има војна’ на Кунстверкштат

Групата Кунстверкштат во рамките на Медиа/Арт клубот Скопје на Младински образовен форум го изведе театарскиот перформанс „Ќе има војна“ на 30.12.2014 во клубот Маркана со почеток во 21 часот.Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на перформативната уметност кои наоѓаат совршен спој на театар и активизам. Започна како идеја на двајца, а прерасна во друштво без граници на креативност и многу љубов.

Кунстверштат е формирана во февруари 2013, а во константната битка за слобода, својата реалност ја бара во алтернативниот театар. Репертоарот на Кунстверштат ги вбројува перформансите „Нешто мора да се смени“(видео) и „Банки дигнаа палати“ (видео) кои беа изведени неколку пати до сега.Голема благодарност до Ангела Стојановска, Васко Костовски, Ирена Мирчевска и Христијан Поп-Симонов без чија помош немаше да го подготвиме перформансот.

Перформансот „Ќе има војна!“ користеше текстови од Диво Месо на Горан Стефановски, ММЕ Кој прв почна од Дејан Дуковски, Големиот диктатор на Чарли Чаплин и поезијата на Блаже Конески.

Сите фотографии можете да ги погледнет на овој линк.

Сите дела на изложбата „Билјана платно шараше“ најдоа сопственик

Арт клубот – Скопје на Младински образовен форум ја реализираше изложбата „Билјана платно шараше“ чија цел беше да израдува некој на кој оваа зима тоа му е навистина потребно.

Изложбата се одржа на 29.12.2014 (понеделник) во Ателје Ателје во Старата скопска чаршија и беше од хуманитарен карактер. На изложбата младите артивисти ги покажаа своите дела кои ги работеа во изминатите два месеци на „Street (sm)Arts“ работилниците организирани од Арт клубот – Скопје. Посетителите имаа можност преку тивка лицитација да купат платно или платнена торбичка со цитати и илустрации на членовите на клубот. На изложбата имаше 44 уникатни дела, рачно изработени, а беа собрани 7400 денари.

„Собраните средствата ќе бидат донирани за дечко од социјално семејство чија генијалност не инспирира да создаваме повеќе уметност.

Им благодариме на сите кои учествуваа во лицитацијата и ни покажаа дека заедно можеме да правиме промени преку уживање и создавање на уметност.“ е пораката од координаторот на Медиа-Арт клубот во Скопје – Петар Антевски.Сите фотографии од изложбата можете да ги погледнете тука.

 

Изложба: Билјана платно шараше

Во екот на предновогодишната еуфорија, Арт клубот – Скопје на Младински образовен форум ве поканува на изложбата „Билјана платно шараше“ чија цел е да израдува некој на кој оваа зима тоа му е навистина потребно.

Изложбата ќе се одржи на 29.12.2014 (понеделник) во Ателје Ателје (мапа) во Старата скопска чаршија (спроти кафулето Дамар) и е од хуманитарен карактер. На изложбата младите артивисти ќе ги покажат своите дела кои ги работеа во изминатите два месеци на „Street (sm)Arts“ работилниците организирани од Арт клубот – Скопје. Посетителите ќе имаат можност преку тивка лицитација да купат платно или платнена торбичка со цитати и илустрации на членовите на клубот.

Средствата кои ќе се соберат ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Затоа ве покануваме во понеделник во 19 часот да ни се приклучите во акцијата да собереме повеќе средства за сите заедно да израдуваме личност која е инспирација за секој млад човек.

19:00 – Отварање на изложбата
19:15 – 20:30 – Време за разгледување, лицитација, дружење
20:30 – 21:00 – Подигнување на делат

„Street (sm)Аrts” – работилница за улична уметност

Младински образовен форум во рамките на Медиа/Арт клубот-Скопје отвара повик за учество на работилница за улична уметност. Работилницата ќе се реализира еднаш неделно во периодот од 8ми ноември до 27ми декември за време на викенди, односно сабота во 16:00 часот во просториите на МОФ. Едно предавање е во времетраење од 2 часа.

Целта на работилницата е да соедини млади и креативни луѓе кои имаат интерес за уличната уметност и да им се овозможи учење на основните техники, како типографија, калиграфија, илустрација и изработка на шаблони. По завршувањето на работилницата, сите визуелни дела ќе бидат изложени на финален настан – изложба.

Во текот на работилницата, учесниците ќе имаат шанса да работат со искусни предавачи во полето на типографијата, калиграфијата, графити уметноста и илустрациите.

Повикот е отворен за сите заинтересирани млади луѓе, а пријавувањето е најдоцна до 6ти ноември 2014 година, преку пополнување на формуларот на следниов линк. Напоменуваме дека не е потребно претходно искуство на темата.

Обуките се бесплатни и ќе бидат спроведени на македонски јазик. Повеќе информации може да добиете на petar_antevski@mof.org.mkили на 02/3139-692.

Младите уметници со желби за градот!

На 18-ти октомври 2014, Младински образовен форум во соработка со Општина Струга и ЗРА „Аква“ од Струга го организираа настанот „На градот му треба“ во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

Настанот опфати боење на северната страна од спортското игралиште „Караорман“ при што се креираше улична галерија на 160 метарски ѕид. Со оваа галерија, уметниците и младите од Струга ја истакнаа потребата од слободата на изразување, ги споделија своите потреби и желби за градот и се ангажираа во уредување на еден дел од него.

Настанот траеше во текот на целиот ден, а учествуваа улични уметници од повеќе градови од државата со различно ниво на искуство.

Во текот на целиот настан посетителите имаа можност да се вклучат и да обојат дел од ѕидот, како и да уживаат во дружењето со организаторите и членовите на МОФ центарот во Струга.

Повик за нови членови во Медиа/Арт клубовите на МОФ

Што е Медиа/Арт клуб?

Медиа/Арт клубовите на Младински образовен форум (МОФ) се место за слободно и креативно изразување на младите. Членовите на овие клубови учат како да ги користат новите медиуми и техниките на уметноста со цел да се постигне младински активизам и помагање на локалната заедница.

Што е финтава?

Во моментов постојат 5 клубови во Македонија и тоа во Скопје, Тетово, Велес, Неготино и Струга кои во текот на годината работат на развивање на уличната и дигиталната уметност, видео активизам и краткометражни филмови, новинарство и радио емисии, перформативна уметност и драма, и од оваа година, реупотреблив дизајн. Содржините кои младите членови на Медиа/Арт клубовите ги создаваат имаат цел да поттикнат размислување и дејствување на конкретна општествена тема од нивен интерес.

Што ќе правам таму?

Програмата на Медиа/Арт клубовите трае од октомври 2014 – мај 2015 и оваа година се состои од работилници на 6 техники и тоа:

  • Улична уметност;
  • Перформанс;
  • Новинарство и аудио;
  • Документарен филм и кинематографија;
  • Реупотреблив дизајн и
  • Видео активизам.

Времетраењето на една работилница е максимум два месеци во кои членовите темелно ќе ги изучуваат алатките кои се предвидени во програмата. Медиа/Арт клубовите на МОФ ќе ги обезбедат сите потребни материјали за работа на членовите, како и предавачите со кои ќе соработуваат.

Секој клуб обработува максимум 4 техники (од предвидените 6) во текот на годината, а доколку сакате понконкретно да дознаете кои техники ќе бидат обработувани во вашиот град, слободно пишете на petar_antevski@mof.org.mk.

Работен јазик на работилниците е македонски.

Каде да се пријавам?

Сите заинтересирани средношколци од Скопје, Велес, Тетово, Неготино и Струга можат да се пријават преку формуларот на www.mediaartbox.org и очекувајте го нашиот мејл или повик со известување за почетокот на работилниците.

Велосифест на Акто 9

Акто Фестивал и Младински образовен форум ве канат на третото издание на Велосифест! Велосифест промовира алтернативен начин на движење низ градските улици.

Посетителите ќе имаат можност да го средат својот велосипед со стикери, спрееви, бои и друг кретивен материјал, да го поправат својот велосипед, да се дружат со други точкољупци и да разменат искуства за градскиот велосипедизам. За најмладите ќе има трка во спретно возење, а за возрасните ќе има трка во споро возење.

Посетете не’ на 24.08.(недела) од 10:00 до 15:00 часот пред Мобилната/монтажната галерија во Паркот до Офицерски Дом во Битола.
Да се извалкаме средувајќи си ги другарчињата – велосипеди!

Медиа/арт видео за ХAE во Македонија

Хередитарен ангиоедем – ХАЕ е ретко заболување со кое во Македонија се дијагностицирани 17 пациенти од кои 2 деца. Тие не може да се препознаат дека имаат имаат некакво заболување со оглед на тоа што кога немаат напад, не се разликуваат по ништо од останатата популација, учат, се дружат, работат, спортуваат.

Проблемот е видлив во случај кога се добива т.н. напад односно кога се појавуваат отоци на различни делови од телото, било надворешно манифестирани (дланки, стапала, лице, усни, чело итн.) или пак на внатрешните органи (стомак, дијафрагма, јазик, грло итн.). Постојат индиции дека е можно и отекување на внатрешноста од черепот затоа што има сведочења на пациенти за главоболки, мигрени и епилепсија коишто е можно да се поврзат со ХАЕ. Со цел да се зголеми свеста за ова ретко заболување, со поддршка на здружението ХАЕ Македонија, членовите на Медиа/арт клубот на Младинскиот образовен форум направија кратко едукативно видео.

Двеминутното видео погледнете го во продолжение:

Успешна изложба „Постави срце“

Синоќа во Концепт 37 се одржа финалниот дел од акцијата „Постави срце“ кој резултираше со успешна изложба. Настанот е резултат на повеќемесечна онлајн акција (postavisce.tumblr.com) за собирање фотографии од оштетен инвентар во училиштата низ Македонија.

Целта на „Постави срце“ е да ги потенцира желбите на учениците за подобра образовна средина и да ги приближи до оние кои треба да го решат проблемот на немање квалитетен инвентар за работа и учење. Онлајн акцијата пак беше наменета за сите средношколци кои сакаат да учат во училиште кое ќе обезбеди функционална работна средина. Во изминатите месеци беа изработени срциња од страна на организаторите и учесниците на акцијата кои беа поставувани во училиштата на оние места каде што беше потребна интервенција.

Под мотото „Постави срце за подобар училишен инвентар“ свои фотографии претставија учениците од средни училишта од Скопје, Велес, Битола, Неготино и Тетово.

Иницијативата е дело на четири средношколки од Скопје: Срна Дамчевска, Нина Мирчевска, Софија Стојковска и Тина Миновска кои учествуваа на Летната академија 2013 на МОФ, а како дел од Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Таму тие се натпреваруваа со своите врсници од 13 градови за можноста да организираат иницијатива за подобрување на нивната заедница како преку отворање можности за учество на младите.

Т.М.

Изложба во Концепт 37: Постави срце – за подобар училишен инвентар

Во вторник (8 април) во Концепт 37 ќе се отвори изложбата „Постави срце“ која е резултат на повеќемесечната онлајн акција на четири средношколки од Скопје за собирање фотографии од оштетен инвентар во училиштата низ Македонија.

Целта на „Постави срце“ е да ги потенцира желбите на учениците за подобра образовна средина и да ги приближи до оние кои треба да го решат проблемот на немање квалитетен инвентар за работа и учење.

Онлајн акцијата беше наменета за сите средношколци кои сакаат да учат во училиште кое ќе обезбеди функционална работна средина. Во изминатите месеци беа изработени срциња од страна на организаторите и учесниците на акцијата кои беа поставувани во училиштата на оние места каде што беше потребна интервенција.

Под мотото „Постави срце за подобар училишен инвентар“ 40 свои фотографии ќе претстават учениците од средни училишта од Скопје, Велес, Битола, Неготино и Тетово.

Отворањето на изложбата е закажано во 19 часот. Настанот е организиран во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество спорведен од страна на Фондација Отворено општество – Македонија и Младински образовен форум.