Студентски дебатен турнир за почетници – Отвори го умот за нови перспективи

Драги студенти, со огромно задоволство ви го најавуваме Студентскиот дебатен турнир за почетници – Отвори го умот за нови перспективи.

Доколку сте студент кој знае да дебатира во форматот Британска парламентарна дебата, и имате желба да се вклучи во академски натпревар за дебата ве покануваме да ни се приклучите на турнирот а ние ветуваме одлични тези, добри дебати и забавни дружби.

Датум: 30 и 31 март 2024 година

Локација: Правен Факултет Јустинијан Први во Скопје

Формат: Британска Парламентарна дебата

Јазик: македонски јазик

Рунди: 5 прелиминарни рунди, полуфинале и финале

Линк за пријавување на тимови: https://forms.gle/iivpnPLFoQHbFbhE6

Линк за пријавување на судии: https://forms.gle/MDKASmKC9AFUGVc1A

Право на учество имаат сите студенти кои биле дел од дебатните клубови на Младински образовен форум и/или го познаваат форматот Британска Парламентарна дебата.

Рокот за пријавување е 24 март 2024 година

Турнирот е во организација на Младински образовен форум со поддршка од проектот „Практикувај демократија“, спроведуван од Фондацијата за демократија на Вестминстер, а финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Одржано Националното дебатно првенство за почетници 2023

Од 15-ти до 17-ти декември 2023 година во СУГС Гимназија „Орце Николов“ се одржа Националното дебатно првенство за почетници на кое учествуваа 50 дебатни тимови, со над 150 учесници и 70 судии. И оваа година почетниците ги покажаа своите дебатерски вештини и се бореа за титулите најдобар тим и најдобар говорник.


Учесниците кои оваа година започнаа како членови на дебатните клубови на МОФ, овој викенд имаа шанса подобро да се запознаат со важноста на компетитивната дебата, а преку тоа со критичкото размислување и аргументираното говорење.  Овогодинешната главна теза гласеше: „Овој Дом би им забранил на сите земји кои кршат човекови права да учествуваат на сите големи меѓународни настани.“

По три дена интензивно дебатирање, победата ја освои тимот составен од Борјан Стојковски, Леона Ширкова и Ивона Јуркова. Второто место припадна на тимот составен од Јована Јаневска и Ана Антовска, а за најдобри говорници на дебатниот турнир за почетници прогласени беа Максим Јосевски на прво место, Богдан Баџуков на второ место, а третото место ѝ припадна на Софија Антова.


Успехот на дебатното првенство беше доказ за напорната работа на младите дебатери, нивната посветеност и стекнатите вештини за критичко размислување и аргументирано говорење. Пехарот, медалите и сертификатите, им ги врачија Дора Смилевска, програмска координаторка на Дебатната програма и Весела Трајковска, долгогодишен предавач во младинските дебатни клубови.

Истакнувајќи ја важноста на критичкото размислување, ефективната комуникација и граѓанскиот дискурс во нашето општество, турнирот обезбеди платформа за младите умови да се вклучат во конструктивен дијалог и да учат едни од други, што на крајот ќе придонесе за растот и развојот на нашето општество.

Национално дебатно првенство за почетници се спроведе во рамки на проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за лицата под мандатот на УНХЦР” кој Младински образовен форум го спроведува во партнерство со Канцеларијата на Висок комесаријат на ООН за бегалци (УНЦХР).

Јавна дебата помеѓу кандидатите и кандидатките за ректор/ка на универзитот „Св. Кирил и Методиј“

Младински образовен форум организира ЈАВНА ДЕБАТА помеѓу кандидатите и кандидатките за ректор/ка на најголемиот и најстариот универзитет во државата „Св. Кирил и Методиј“.
Дебата ќе се одржи на 26 мај 2023 година со почеток во 13:00 часот во просториите на Јавна соба (ул. 50-та Дивизија бр. 22)
Целта на оваа дебата е да го доближи изборниот процес до академската заедница и сите засегнати страни. Имајќи ја предвид улогата и тежината на функцијата ректор на најстариот и најголемиот универзитет во државата, како и недостатокот од јавна и аргументирана дебата во областа на високото образование, дебатата дава одлична можност за стекнување вредни сознанија за визиите и плановите на кандидатите кои се борат за престижната функција ректор. Со присуство на оваа дебата, ќе имате шанса да се запознаете со нивните идеи, стратегии и заложби за обликување на иднината на високото образование во нашата земја.
Дебатата е предвидено е биде поделена во 4 тематски целини:
  1. Квалитет и пристап до образование
  2. Дигитализација на универзитетот
  3. Квалитетно студентско организирање и учество на студентите во процесот на носење одлуки
  4. Наука и меѓународна соработка
На дебатата е предвидено учество на членовите на академската заедница и граѓанскиот сектор кои ќе имаат прилика да постават директно прашање до кандидатите и кандидатките.
Младински образовен форум повеќе од 20 години се залага и работи во полето на квалитетно високо образование, транспарентни универзитети и демократско студентско организирање. Сметаме дека информираното и ангажирано студентско тело е од витално значење за развојот на прогресивна и инклузивна академска средина и доближувањето на изборниот процес до истите е од суштинско значење за развојот на високото образование во земјата.
Ве очекуваме!

ENGAGE 2023 – Собир за социјален активизам

Социјална промена, слобода на говор и граѓанско ангажирање + креативно-уметнички работилници и мини вечерен концерт пред МКЦ! Ви звучи кул?

Нам ни звучи како новото, дванаесетто издание на ENGAGE – единствениот собир за социјален активизам во земјава.

Младински образовен форум и Радио МОФ на 9 јуни ве покануваат на денска дружба на која ќе можете да слушнете инспиративни говори на странски и домашни активисти кои пристигаат на ENGAGE 12, како и вечерна журка со бендови во омиленото збиралиште во градот – Младински културен центар.

Следете нè за да ги дознаете имињата на овогодинешните учесници на ENGAGE! Сите детали ќе бидат објавувани тука и ќе бидат достапни на веб-страницата на конференцијата www.engage.mk.

Регистрацијата е отворена преку следниов ЛИНК.

Настанот е поддржан од National Endowment for Democracy.

Одржано осмото издание на Станица: Студентска

Вчера го организиравме осмото издание на Станица: Студентска, после 4 годишна пауза. Настанот се одржа на Градежниот факултет при УКИМ.

На овој настан, експерти одржаа предавања на актуелни теми како: вештачка интелигенција, започнување на свој бизнис, права при контакт со полиција, како е да се биде млад автор, помирување и градење на мирот во регионот и истражување на пештерите. Се одржаа и работилници за печатење торби и поправање и одржување на велосипеди.

Станица: Студентска 8 вклучуваше и саем на организации кои ја презентираа својата работа и ги претставија програмите за млади во областа на неформалното образование, младинскиот активизам, одржливиот развој, екологијата и културата.

Истиот послужи и како можност за запознавање меѓу студентите и младите и нивна дружба во холот и дворот на Градежниот факултет во Скопје.

Настанот беше во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), со поддршка од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ).

Официјално отпочнување на програмата за мобилност на млади лидери во Албанија, Србија и Северна Македонија

Активисти, истражувачи и студенти од Албанија , Северна Македонија и Србија се собраа изминатиов викенд во Тирана на официјалното започнување на Регионалната програма за мобилност на млади лидери #RYLMP.

Настанот го означува почетокот на програмата која има за цел да ги поттикне младите луѓе од трите земји да истражат младински трендови и проблеми во регионот и да влијаат на креирањето политики кои соодветствуваат на наодите.

Во текот на периодот што престои, учесниците ќе престојуваат во Тирана, Белград и Скопје, кадешто ќе работат со ментори за да спроведат истражување, собирање и анализирање на податоци за акции за застапување и лобирање. Темите за застапување оваа година се однесуваат на низа прашања поврзани со младите, вклучително и младинско учество, миграција и одлив на мозоци, невработеност и регионална соработка.
Со нетрпение го очекуваме придонесот што оваа програма ќе го има врз зајакнувањето на регионалната младинска соработка.

Поддршката за овој проект е обезбедена од канцелариите на Фондација Отворено Општество во Албанија, Србија и Северна Македонија.

Програмата е заеднички имплементирана од Центар за наука, иновација и развој, Центар за образовни политики и младински образовен форум.

Одржан тридневен студентски хакатон

Дигитализација на образовните услуги во Северна Македонија е процес што во некои сектори, улилишта или универзитети се одолговлекува, иако е неминовен за денешницата. Студентите се најдобро запознаени и најтангирани од застарените практики на универзитетите кои веќе оддамна требало да се дигитализираат.
За таа цел, викендов се одржа тридневен студентски хакатон за изработка на дигитални алатки. Младински образовен форум ги покани студентите сами да бидат дел од решението на проблемите што ним најмногу ги засега.
Шестнаесет студенти и студентки од различни факултети изработија дигитални решенија за подобрување на работата на факултетот/универзитетот каде што студираат. Решенијата се протегаа од унапредување на состојбата со студентското организирање до овозможување на полесно справување со административните процедури на универзитетите.
Победничкиот тим ќе има можност да ја презентира својата дигитална алатка пред претставници на релевантни образовни институции на јавната дискусија што претстои.

Хакатонот се спроведи во рамките на проектот “Студентска акција за дигитализирани образовни услуги”, поддржан од Фондација Метаморфозис преку проектот за Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA, ко-финансиран од Европската Унија.

Одржано Националното дебатно првенство за почетници

Oд 25-ти до 27-ми февруари 2022 година се одржа овогодишното Национално дебатно првенство за почетници. Десет тима, и овој пат виртуелно, преку алатките MixIdea и Discord ги покажаа своите дебатерски вештини и се бореа за титулата најдобар тим.

На првенството имаше пет прелиминарни рунди, полуфинале и финале. Учесниците дебатираа на три тези, од кои две – импромпту тези, со зададени 45 минути за припрема пред рундата. Главната теза на првенството гласеше – „Овој дом би им забранил на политичарите кои не си ги исполниле предизборните ветувања повторно да се кандидираат“. Двете импромпту тези гласеа  „Овој дом би вовел задолжително гласање“ и „Oвој дом како припадник на ЛГБТИ+ заедницата во Северна Македонија, би ја криел својата сексуалност“, која ја дебатираа нашите полуфиналисти.

Победници на ова онлајн национално дебатно првенство за почетници 2022 беа „Дрвените Адвокати“, составен од Јана Николовска, Леона Змајшек и Максим Неделкоски. Второто место го земаа тимот Гибоните, составен од Итан Георгиевски, Нина Петковска и Давид Салонтаји. На првенството исто така се прогласија и најдобрите говорници: на третото место Максим Неделкоски, на второто Јана Николовска и првото место го зема Итан Георгиевски.

Презентација на наоди од истражувањето „Вовед во студентска дискриминација“

Младински образовен форум на 25.02.2022 година (петок) го промовираше истражувањето „Вовед во студентска дискриминација“.

Истражувањето се осврнува на студентската перцепција за дискриминација при државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола и Државниот универзитет во Тетово. Дополнително, во рамки на самото истражување се креирани и препораки насочени кон релевантните институции а во насока на превенција и санкционирање на дискриминацијата.

Клучни податоци од истражувањето:

  • Студентите кои се проценуваат себеси дека потекнуваат од семејства со висок социоекономски статус се позадоволни од климата на универзитетите и факултетите
  • Најнебезбедно се чувствуваат студентите со попреченост, студентите кои не сакаат да го кажат својот род,  како и студентите кои не сакаат да ја искажат својата сексуална ориентација.
  • Академската средина претставува најнепосакувана клима за студентите кои се геј/лезбијки и тие во најголема мера размислувале да си заминат затоа што не се чувствуваат прифатено, но и во најголема мера сметаат дека не им се ценат мислењата и дека немаат можност да го изразат својот потенцијал.
  • Ромите се чувствуваат најмалку ценети како да не припаѓаат на универзитетот и дека универзитетот нема посветеност кон правичноста, еднаквоста и инклузијата и во најголема мера размислувале да го напуштат универзитетот затоа што се чувствувале изолирано
  • Студентите во најмала мера остваруваат контакти со лица со попреченост и со лица со различна сексуална ориентација во рамки на кампусот, како и со лица кои имаат попреченост во учењето, психолошки или други тешкотии што не се видливи
  • 234 (29,7 %) студенти одговориле дека ја почувствувале дискриминација на своја кожа, од кои 134 (16,96 %) студенти на УКИМ, 11 (1,39 %) на УКЛО, 42 (5,31 %) на УГД, 42 (5,31 %) на ДУТ и 5 (0,63 %) од оние кои студираат на два универзитета.
  • Во однос на сексуалната ориентација, во рамки на својата група, најголем процент на дискриминирани студенти има кај студентите кои се геј/лезбијки (43,5 %)
  • Само 7,6  % од сите студентите знаат дека на факултетите има постапка за пријавување дискриминација, но за жал сметаат дека таа неефикасно се спроведува
  • Само 6,6 % (52) од студентите некогаш пријавиле дискриминација на факултетите

Според студентската правобранителка на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Теа Мицевска, малиот број на пријави  од страна на студентите во однос на дискриминацијата се должи поради неинформираноста на студентите за механизмите за заштита и остварување на своите права.  Таа изјави дека се соочила со сведоштва на студенти кои не се осмелуваат да ги пријават прекршувањата на нивните права поради страв.

Игор Јадровски, член на Комисијата за заштита и спречување од дискрминација изјави дека од 167 предмети кои ги имаат изработено во 2021 година, само 1 претставка доаѓа од студентка за случај на дискриминација, што е поразително.

Според претседателката на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Ева Цветковска, алармантен е податокот дека академската средина потфрлува во прифаќањето на Ромите како дел од таа средина. Таа додаде дека во фокус на нивната работа како студентски претставници треба да биде адресирањето на дискриминацијата на студентите кои не се дел од хетеронормативната сексуална оритентација, а особено да се поттикнат студентите со друга сексуална ориентација поактивно да ги пријавуваат случаите на дискриминација низ кои поминуваат во академската средина.

Препораки:

  1. Подготовка и усвојување на интерни акти за спречување и заштита од дискриминација во рамки на универзитетите
  2. Воспоставување на посебно тело за спречување и заштита од дискриминација при универзитетите, во чие воспоставување и функционирање студентите ќе имаат значајно учество
  3. Јавно и редовно информирање на студентите и вработените на факултетите и универзитетите за основите и формите на дискриминација и достапните механизми за заштита од дискриминација и начинот на кој може да се спроведе постапка за заштита од дискриминација
  4. Спроведување на анонимни годишни анкети за дискриминацијата од страна на посебните тела за спречување и заштита од дискриминација
  5. Ревизија на учебниците и учебните помагала, отстранување на спорните содржини и воведување на објективни, научно засновани информации кои се темелат на човековите права и принципот на недискриминација.

Истражувањето е изработено од Младински образовен форум во рамки на проектот „Студентска перцепција за дискриминација“ подржан од Фондација Отворено Општество Македонија.

Патувачка изложба на дигитални постери

Младински образовен форум (МОФ) Ве кани на патувачка изложба на дигитални постери изработени од млади креативци!

Делата кои ќе бидат изложени на патувачката изложба се директен резултат од повеќедневна работилница, која имаше за цел да разработи дел од креативните алатки како: Фотошоп, Илустратор и Канва и конкретно да ги афирмира и потенцира клучните наоди од истражувањето: „Младински (не)еднакви можности и потреби – Предизвиците и потребите на младите според големината на местото на живеење“.

Преку овие изложби, млади креативци, уметници и ентузијасти од целата држава сакаат да поттикнат изедначување на разликите помеѓу руралните и урбаните средини. Дополнително, авторите и изложбата ќе се обидат да придонесат за зголемување на свеста преку нивните дигитални уметнички дела.

Патувачката изложба ќе биде поставена во три градови низ државата: Скопје, Кавадарци и Виница и ќе биде отворена за сите граѓани кои се заинтересирани да ја проследат и повеќе да се запознаат со младинските можности и потреби, како и различните потешкотии и ситуации со кои се соочуваат младите од различни места на живеење.

Патувачката изложба ќе биде поставена според следниот распоред:

  1. Кавадарци – 24.12.2021 година (петок), во Младинскиот центар; (16:00 – 19:00ч.)
  2. Виница – 27.12.2021 година (понеделник), во изложбениот простор во домот на културата „Тоше Арсов“, во соработка со музејот „Теракота“; (11:00 – 16:00ч.)
  3. Скопје – 28.12.2021 година (вторник), Youth Community Center – Скопје, Чаир. (18:00 – 20:00ч.)

Ве очекуваме со цел да поразговараме околу делата, како и приликите во кои младите живеат и функционираат, а кои би можеле да се подобрат и унапредат преку заложбите на локалните власти и младинските организации.

Повеќе информации за изложбите ќе најдете на: https://www.facebook.com/events/edit/772472197006718.

Изложбата е дел од проектот Квалитетни образовни политики и можности за младите кој се спроведува со поддршка од Фондација Отворено општество Македонија.

Ekspozita udhëtuese e posterëve dixhital

Forumi Rinor Arsimor (FRA), Ju fton në ekspozitën udhëtuese të posterëve dixhital të punuara nga të rinj kreativ!

Veprat që do të eksponohen në ekspozitën udhëtuese janë rezultat i drejtëpërdrejtë i një punëtorie më shumë ditore, e cila kishte për qëllim përpunimin e veprave përmes mjeteve të mësuara siç janë: Fotoshop, Ilustrator dhe Kanva dhe konkretisht përmes këtyre të afirmohet dhe të theksohet rezultati I dalur nga hulumtimi: “Mundësitë dhe nevojat të (pa)barabarta të të rinjve – Sfidat dhe nevojat e të rinjve sipas madhësisë së vendit ku jetojnë”.

Përmes kësaj ekspozite, të rinj, artistë dhe entuziast nga I gjithë shteti dëshirojnë që të arrijnë barazimin mes dallimeve të vendeve rurale dhe ato urbane. Në vazhdim, autorët dhe e gjithë ekspozita do të mundohen që të kontribuojnë në rritjen e vetëdijes tek qytetarët përmes veprave të tyre dixhitale.

Ekspozita udhëtuese do të vendoset në tre qytete dhe atë: Shkup, Kavadar dhe Vinicë dhe e njejta do të jetë e hapur për të gjithë qytetarët që janë të interesuar për ta vizituar dhe për tu njoftuar me mundësite dhe nevojat e të rinjve, si dhe rastet dhe situatat e vështira me të cilat ballafaqohen të rinjtë nga vendet e ndryshme.

Ekspozita udhëtuese do të vendoset sipas rradhitjes në vazhdim:

  1. Kavadar – 24.12.2021 (e premte), në Qendrën Rinore në Kavadar, nga ora 16:00 deri në ora 20:00;
  2. Vinicë – 27.12.2021 (e hënë), në hapësirën ekspozuese të Shtëpisë së Kulturës “Toshe Arsov”, në bashkëpunim me muzeun “Terakota”, nga 11:00 deri në ora 16:00;
  3. Shkup – 28.12.2021 (e martë), Youth Community Center Chair, nga ora 18:00 deri në ora 20:00.

Ju presim me qëllim që të bashkëbisedojmë rreth veprave dhe mundësive me të cilat të rinjtë funksionojnë dhe jetojnë, të cilat mundet të përmirësohen dhe të avancohen përmes angazhimit të pushtetit lokal dhe organizatave rinore.

Më shumë informacione për ekspozitën mund të gjeni në: https://www.facebook.com/events/edit/772472197006718

Ekspozita është pjesë e Projektit Politika kualitative arsimore dhe mundësitë e të rinjve që implementohet me mbështetje të Fondacionin Shoqëria e Hapur – Maqedoni.