Промовирано првото истражување за мониторинг на работата на Агенијата за млади и спорт

Младински образовен форум денес го промовираше истражувањето „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ со фокус на Агенцијата како носител на креирањето и спроведување на младинските политики. На настанот говореа:  Сафет Незири од Министерството за образование и наука, Младен Фрчковски од Минстерството за труд и социјална политика, Матеј Маневски од Центар за интеркултурен дијалог, Горан Ѓорѓиев од Сојуз на извидници на Македонија, Гордана Цекова од АМС, Мартина Илиевска и Александра Филипова од МОФ.

 

Според истражувањето за перидот 2014-2016г, соработката помеѓу Агенцијата за млади и спорт (АМС) и другите институции била на ниско ниво. Имало малку заеднички проекти и нема уредна документација за активностите. Агенцијата имала константна соработка единствено со МОН и одредена соработка со МИОА, АВРМ и Министерството за култура. Со Министерството за локална самоуправа немало соработка, додека Агенцијата за администрација и МТСП не располагале со информации за соработка со АМС.

 

Соработката со младинските организации била посебно слаба. Во минатите години агенцијата делувала сегрегирачки кон младинските органзации и соработувала само со малку од нив. Од 2014 до 2016 Агенцијата имала потпишано само 11 меморандуми со 6 организации што е мал број за период од три години. Односот на агенцијата кон младите и општата јавност придонел да биде перцепирана како „агенција за спорт“ која ги исклучува младите од своето делување.

 

Правна рамка за млади речиси и да не постои. Освен Националната стратегија за млади, нема правен акт ги уредува прашањата во областа „млади“. Креирање на Закон за млади или Закон за младинско учество е клучно за да регулираат правните празнини, а Агенцијата да добие јасни насоки за да може успешно да ги исполнува своите цели и приоритети.

Според препораките на истражувањето Агенцијата треба да го зајакне секторот млади, да ја ревидира стратегијата за млади и да започне квалитетен процес за креирање на акциски план за млади за 2018-2019. Агенцијата треба воспостави и модели за поддршка на младинските организации.

 

Истражувањето е реализирано во периодот јуни 2017 – јануари 2018, со фокус на соработка со младински организации, соработка со државни институции, правна рамка, внатрешно уредување и работење и перцепцијата на младинските организации и младите.

 

Проектот „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ е реализиран од страна на Младински образовен форум во периодот од јуни 2017 до јануари 2018 година. Проектот е поддржан од проектот “Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации”, имплементиран од “Фондација Отворено општество – Македонија” (ФООМ) и “ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии”, и е финансиски поддржан од Европската унија во рамки на IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015.

Младите да се исклучат од традиционалните медиуми или да ги бараат содржините кои ги заслужуваат?


Дебата за младите и медиумите во Македонија

Денес со почеток на пладне во Клуб на новинари во Скопје се одржа трибината „Млади и медиуми – Како до заеднички интереси?“ на која младинските организации, новинарите и медиумските експрети ги вкрстија ставовите за состојбата и иднината на младите во медиумскиот постор. Со аргументација базирана на резултати од презентираното истражување „Млади и медиуми“ спроведено во Македонија од Младински обраовен форум и Фондација Метаморфозис, свои мислења презентираа: Марјан Забрчанец, извршен директор на Младински образовен форум, Зорана Гаџовска, новинар од Радио Слободна Европа, Зоран Бојаровски, уредник во ТВ Алфа и Дарко Булдиовски, директор на NewMedia MK.

Резултатите за Македонија покажуваат дека додека ¾ од младите читаат електронски вести, дури 14% од младите никогаш не прочитале печатен медиум. Речиси половина од младите сметаат дека медиумите често пласираат лажни факти, додека 1/3 стуктурираат вести на пропагандистичен јазик. Општиот заклучок е дека младите малку веруваат на содржините кои се пласираат во медиумите, а од нив најмногу веруваат на радиото. Во однос на слободата на говор на интернет кој е најкористен медиум од страна на младите, 1/3 од нив секогаш се чувствуваат неудобно да објавуваат политички ставови.

Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум го покрена прашањето за начинот на кој се известува за младите „Во медиумите младите многу ретко се портретирани на современ начин како интегрален дел од општеството, додека многу почесто се известува за нив како проблематична категорија. Дури постојат и случаи кога медумите доделуваат на младите етикети дека тие се виновни за стостојбите во општеството.“ Тој додаде дека младите сочинуваат ¼ од популацијата на земјата и се хетерогена група, од која не треба да се очекува сама да се грижи за сопствениот имиџ.

За известувањето за релевантни прашања за младите се надоврза Зорана Гаџовска, со искуство од медиумот од кој доаѓа – Радио Слободна Европа: „Младинската онлајн колумна на која млади активисти, блогери или организации искажуваат сопствени статвови на општествени прашања е еден од најчитаните и најсподелувани текстови на сајтот. Колумната се претвори во простор за оние кои имаат што да кажат и читаноста покажува дека младите ги интересира нешто повеќе од изгледот на Ким Кардашијан и Судбината на Фатмаѓул.“ Таа додаде дека високата стапка на невработеност и одливот на мозоци се младински теми кои добиваат внимание, но вклученоста на младите во донесувањето одлуки и нивните потреби се запоставени.

На препораката да се креираат редакции за млади во медиумите, уредникот Зоран Бојаровски од ТВ Алфа посочи дека тоа е тешко бидејќи речиси и да нема редакции. Тој исто така изјави и дека младите во себе ја носат суштината на слободата на изразување, но тие го чуствуваат и општествениот притисок кој е причина за стравот кој ги спречува да го користат ова свое право.

Дарко Булдиовски зборуваше за разликата во читаност на општествено важни содржини и „шунд-текстовите“ кои носат повеќе публика: „Кога важните вести ќе поминат добро и ќе донесат повеќе публика кај еден медиум, тогаш тој медиум можеби ќе почне да креира повеќе вести од таков тип“.

Прашањата за подобрување на позицијата на младите во медиумскиот простор треба да бидат предмет на дискусија и акција од страна на медиумите, новинарите, младинските и медиумските организации, институциите и младите.

Оваа трибина имаше за цел да поттикне дискусија помеѓу различните засегнати страни,  базирана на резултатите од регионалното истражување за млади и медуми, спроведено во 11 земји и оригинално презентирана на конференцијата „Млади и медиуми- еОпштество“ која се одржа на почетокот на февруари. Во рамки на истражувањето во Македонија се испитани 1734 млади, 65 медиуми, 37 младински организации, медиумиски организации и институции.

Трибина за студентско организирање

На 05 јуни (среда) во просториите на МКЦ – Битола се одржа јавна трибина со наслов „Евтини студентски приказни”. Трибината беше во организација на Младински образовен форум (МОФ) од Скопје во соработка со Младински културен центар (Битола) во склоп на Проектот на УСАИД за граѓанско општество. На трибината фокусот на дискусијата беше насочен кон состојбаta во студентското организирање на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) – Битола, како и за можностите за реформи во системот на студентско претставување. Во својство на панелисти на трибината, на присутните им се обратија Мартин Алексоски – претставник од МОФ, Марија Мерковска – претставник од МКЦ- Битола, Никола Главинче – поранешен студентски правобранител на УКИМ.

Поранешниот правобранител посочи дека до сега критиките беа главно фокусирани кон студентските претставници на Универзитетот Кирил и Методиј (УКИМ), а се запоставува состојбата на другите универзитети. Како една од причините за немање на вистинско влијание на студентите го посочи недостатокот на национално тело кое ќе ги вклучува претставниците на студентите од сите високо образовните институции. Во однос на реформирање на студентското организирање како можни алатки тој ги предложи донесување на Закон за студентско организирање, што ќе опфаќа и промена на моделот на внатрешно организирање како и изборните правила и/или вршење притисок врз надлежните за креирање политики преку меѓународни организации од типот на Европска студентска унија.

Претставникот од МКЦ, укажа на недостаток од информираност на студентите за постоењето на студентски претставници, како и нивната неволност да се вклучат во решавање на вистинските проблеми, како на пример подобрување на квалитетот на образованието. За разлика од другите Универзитети, на УКЛО не постои студентски медиум, ниту во пишана, ниту во електронска форма (освен Универзитетско радио што има само информативен карактер), со што се отежнува комуникацијата со студентите. Претставникот на МОФ укажа на нетранспарентноста и прекршување на процедурите од страна на студентските претставници на УКИМ, и направи споредба со ситуацијата на УКЛО.

На настанот беше прикажан и првиот документарен филм за студентското организирање во Македонија насловен „Студентите за плурализам“.

Трибина за студентско организирање во Штип

На 30 мај 2013 (четврток) со почеток во 13:00 часот, во големата конференциска сала на хотел Оаза – Штип се одржа јавна трибина со наслов „Евтини студентски приказни”. Трибината беше во организација на Младински образовен форум (МОФ) од Скопје во соработка со Фондацијата за развој на лoкaлната заедница (ФРЛЗ) – Штип во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

Една од главните цели на трибината беше покренување на прашањето за функционалноста на формите на студентско организирање и претставување во Република Македонија, активностите кои ги реализираат студентските претставници и нивната ангажираност во заштитата и афирмирањето на правата и интересите на студентите.

Фокусот на дискусијата беше насочен кон моменталната состојба во студентското организирање на Универзитетот Гоце Делчев (УГД) – Штип, како и за можностите за реформи во системот на студентско претставување. Во својство на панелисти на трибината, на присутните им се обратија Мартин Алексоски – претставник од МОФ, Маријана Ангелова – претставник од ФРЛЗ – Штип, Игор Костов -претставник од ЕХО – локален студентски медиум, а и покрај тоа што го потврди своето присуство на трибината не се појави претставник од Студентскиот парламент на УГД (СПУГД). Во своите излагања панелистите ги споделија своите искуства со студентското организирање, начинот на избор и функционирање на студентските претставници. Беа коментирани наодите од истражувањата на тема студентско организирање и резултатите добиени како продукт на истражувањето. Како проблем се посочи незаинтересираноста на студентите за учество во вонкурикуларни активности, меѓудругото и во работата на СПУГД. Претставникот на ЕХО се осврна на соработката со студентските претставници и нивната заинтересираност за поддршка за студентските медиуми и иницијативи.

Претставникот од МОФ укажа на нетранспарентноста во работата на студентските претставници, особено во поглед на финансиите и начинот на кој се трошат средствата кои можат да бидат многу попродуктивно искористени. Беше дискутирана и легалноста на принудно наплаќање и членување во студентските парламенти, проблем со кој се соочуваат студентите на УГД. Како проблематично во системот на студентско организирање се посочи фактот што матичните парламенти моментално се управувани од В.Д. претседатели, како резултат на неспроведени избори за студентски претставници, кои би го имале легитимитетот да ги претставуваат и одлучуваат во име на студентите на УГД.

Како можни предизвици, понатаму беа дефинирани потребата да се издејствува независност на студентските претставнички тела од факултетската управа и администрација. Претставникот од ФРЛЗ изјави „Сè додека интересот на студентскиот парламент е насочен кон импресијата која ќе ја остави кај ректорската управа, нема да имаме успешно студентско организирање. Наместо таквата поставеност, би било фино малку да се посветат на импресијата која ја оставаат кај студентите, и да ги застапуваат правата и ставовите на истите пред ректорската управа.“

Посебно место во дискусијата зазема и самата публика, која доби можност да ги образложи нејзините ставови, да ги коментира активностите на студентските претставници на УГД – Штип, начинот на работа на матичните парламенти по факултетите, како и да постави прашања во поглед на остварувањето на своите права и реализацијата на студентски иницијативи.

Студентски правобранител како механизам за заштита на правата на студентите, според коментарите на публиката не постои на УГД.

На настанот беше прикажан и првиот документарен филм за студентското организирање во Македонија насловен „Студентите за плурализам“, а настанот го посетија студенти, студентски активисти, како и претставници на локални медиуми.

Трибина „Евтини студентски приказни“ на Медицински факултет – Скопје

Младински образовен форум (МОФ) ве поканува да присуствувате на четвртата по ред трибина со наслов „Евтини студентски приказни“, која ќе се одржи на 13.05.2013 (понеделник) на Медицински факултет – Скопје (амфитеатар 1) во 14:00 часот.

На „Евтини студентски приказни” ќе се дискутира за моменталната состојба во студентското организирање на УКИМ, како и за можностите за унапредување на истото. Како панелисти на трибината ќе говорат Горан Стевановиќ (ЕМСА), Стефан Марковски (Иницијатива за ново младинско/студентско движење) и Огнен Јакасановски (МОФ). Посебно место во дискусијата ќе и се даде и на самата публика, која ќе може да ги образложи нејзините ставови, мислења и искуства на темата.

На настанот ќе биде прикажан и првиот документарен филм за студентското организирање во Македонија насловен „Студентите за плурализам“.

Линк до ФБ настан

Улогата на подмладоците на политичките партии во Националниот младински совет

Ни претставува огромно задоволство да Ве поканиме на десеттата и последна јавна дискусија за основање на Национален младински совет на тема ”Улогата на подмладоците на политичките партии во Националниот младински совет”. Јавната дискусија ќе се одржи на ден 10.05.2013 петок во Дом на Хуманитарни организации Даре Џамбаз со почеток од 11:00. Настанот ќе претставува сумирање на консултативниот процес од страна на Иницијативниот одбор кој започна во месец февруари и поттикнување на дискусија за улогата на подмладоците на политичките партии во НМС.Поканети на настанот се претставници на невладиниот сектор, претседателите на партиските подмладоци, меѓународни фондации како и релевантните државни институции.

Од овие причини, веруваме дека Вашето присуство е од непроценлива важност за функционирањето и успешноста на процесот, и затоа Ве покануваме да земете активно учество во оваа јавна дискусија.
Иницијативниот Одбор за основање на Национален Младински Совет е тело составено од 16 невладини организации. Самиот одбор беше формиран за време на деновите на младинско вмрежување, кои се одржаа во Дојран, од 25-28.10.2012. Учество земаа 36 младински организации и организации за млади коишто заедно ја поставија основната предлог структура на идниот Совет. Иницијативниот одбор го доби мандатот да ја разработи и усоврши, како и да го подготви Основачкото Собрание.

Линк до ФБ настан

Јавна трибина за ефектите на корупцијата врз универзитетската диплома

Младински образовен форум Ве повикува да дојдете и земете активно учество на јавната трибина каде ќе се дискутира на темата: Дали корупцијата во високото образование ја намалува вредноста на универзитетската диплома?

Трибината ќе се оддржи во Клуб на новинари во петок (26-ти Април) со почеток од 19:00 часот.

Дебатата е испровоцирана од последното истражување на МОФ на тема: Перцепција за корупција во високото образование, кое е направено во регионален контекст и дава компаративна анализа на ситуацијата во Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска и Молдавија.

На самата дебата ќе пробаме да дадеме одговор на темата која сме си ја задале за дискусија и тоа преку панел на говорници кои ќе дадат мислење на темата, но и преку активно учество на самата публика.

Дел од точките на дискусија на оваа дебата ќе бидат:

• Колку е застапена корупцијата во нашиот високообразовен систем?
• Кои се моменталните механизми за спречување на корупцијата во образованието?
• Што се прави за да се информираат студентите, професорите, вработените на Универзитетите и да се охрабрат да се борат против корупцијата?
• Дали приватниот сектор има интерес да инвестира во борбата против корупција во високото образование ?
• Дали вредноста на Универзитетската диплома се намалува правопропорционално со застапеноста на корупција на Универзитетите?

Очекуваме квалитетна дискусија со различни ставови и аргументи. Затоа во петок ве покануваме да ни се приклучите.

Facebook евентот за настанот можете да го погледнете тука.

Јавна дебата за квалитетот кој го носи Болоњскиот систем во македонското образование

Ни претставува особена чест да ве поканиме да присуствувате на јавната дебата на теза „Овој дом (не) верува дека Болоњскиот систем донесе поголем квалитет во македонското образование“ која ќе се одржи на 24.04.2013 година (среда) со почеток во 11 часот во свечениот амфитеатар (амфитеатар 1) на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Воведничар на дебатата ќе биде проф. д-р Зоран Велковски.

Настанот ќе се одржи во рамките на манифестацијата „Ден на високото образование на Универзитетот Свети Кирил и Методиј“. Покрај оваа активност, предвидени се многубројни презентации на активностите и проектите на Универзитетот, разговори со наставниот кадар, наградни игри за посетителите, голема забава со концерт на студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, Пламенка Трајковска и квартет и групата СУПЕРХИКС .

Дебатата е организирана од дебатните клубови на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Младинскиот образовен форум. Почнувајќи од октомври, Младински образовен форум во соработка со три факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ започна со спроведување на редовни предавања по дебата за студентите. На Економскиот факултет, Филозофскиот факултет и Правниот факултет „Јустинијан Први“, во текот на целата академска година, предавачите на МОФ ги водат редовните предавања на дебатните клубови, а планирано е да се одржат и дополнителни предавања од страна на академски професори и експерти, со цел студентите да научат повеќе содржини кои може да им помогнат во дебатите.

Со задоволство го очекуваме Вашето присуство и се надеваме дека активно ќе се вклучите во оваа актуелна дискусија преку презентирање на Вашите согледувања и ставови.

Најава: Трибина „Евтини студентски приказни“ – Филозофски факултет

Младински образовен форум (МОФ) ве поканува да присуствувате на третата по ред трибина со наслов „Евтини студентски приказни“, која ќе се одржи на 25.04.2013 (четврток) на Филозофскиот факултет (предавална 16) во 14 часот.

На „Евтини студентски приказни” ќе се дискутира за моменталната состојба во студентското организирање на УКИМ, како и за можностите за унапредување на истото. Како панелисти на трибината ќе говорат Кирил Спироски (Претседател на СПУКМ), Даниела Атанасова (основач на Излез), Дејан Лутковиќ (Слободен Индекс) и Мартин Алексоски (МОФ). Посебно место во дискусијата ќе и се даде и на самата публика, која ќе може да ги образложи нејзините ставови, мислења и искуства.

На настанот ќе биде прикажан документарн филм за студентското организирање во Македонија.

Линк до ФБ настан

Најава: Lincoln-Douglas дебата за вистинските проблеми на младите

Ромаверзитас и Младински образовен форум (МОФ) ве покануваат на јавна Lincoln-Douglas дебата насловена како “Млади за млади – дебата за вистински проблеми”, која ќе се одржи на 22ри април (понеделник), во ГЕМ клуб (Стара чаршија, Менада), со почеток во 17:00 часот.

На оваа јавна дебата, младите од дебатниот клуб кој Ромаверзитас го спроведува заедно со МОФ, ќе ги презентираат вештините со кои се стекнале од обуката за дебата.

Дебатерите ќе аргументираат на повеќе тези поврзани со позицијата на младите во Република Македонија:
– Младите во Македонија немаат иднина на професионален план;
– Младите во Македонија треба да се вклучат во активностите на политичките партии;
– Социјалните бенефиции на младите во Македонија треба да бидат исти со оние на пензионерите;

Дебатерите се подготвени и чекаат на ваше присуство!