Младинско организирање

 

Програмата од своето основање до денес работи на унапредување и демократизација на сите нивоа на младинско организирање во Република Македонија. МОФ се застапува и за подобри политики за млади кои ќе обезбедат учество и за јакнење на капацитетите на младите и нивните претставички тела. Па така, програмата остварува активности, реализира истражувања и анализи за студентското организирање во Македонија, во насока за учество на сите заинтересирани студенти за донесувањето на одлуки на универзитетите и факултетите, средношколските заедници и националното младинско организирање.

Основањето и работата со средношколски заедници, придонесе да се воспостави соработка со повеќе училишта низ Македонија, со кои заеднички се придонесува за едукација на средношколците, поттикнување на активното граѓанство, запознавање со нивните права и обврски во училиштето и надвор од него. Програмата во минатиот период се посвети и на серија консултации за промена на Законот за средно образование, со цел да се создаде законска обврска за учеството и донесувањето на одлуки од страна на средношколците.

Еден од најголемите успеси на програмата е работата и основањето на 12 локални младински совети низ Македонија. Во таа насока, програмата има воспоставено соработка со 12 општини низ Македонија, со цел да може да го поодржи и да го спроведе процесот за отворање на простор за одлучување на младите на локално ниво. Поддршката за локалното младинско организирање постои и кон веќе основани младински совети, како и преку овозможување на сите заинтересирани да воспостават формално младинско учество во рамките на својата општина, како и застапување за демократизација  на локалните младински совети.

Организацијата работи посветено на реформирање на студентското организирање преку кампањи, дебати, обука, застапување, мониторинг на студентски избори и други активности. Во 2017 МОФ спроведе консултации за прибрање на ставовите на студентите и студентските организации за какво студентско организирање сакаат во новиот Закон за високо образование, со цел да се создадат вистински студентски собранија со свои членови и независни студентски правобранители кои ќе ги бранат правата на студентите.

Организацијата и програмата исто така работат активно на промоција на национланото младинско организирање и препознавање на младинското учество преку квалитетен и прогресивен Закон за млади.

Сподели