Невработеноста, дискриминацијата, пристапот до образование, младинското иселување и сексуалното вознемирување се клучните проблеми кои беа истражувани од млади истражувачи

Пет истражувачки трудови од млади истражувачи беа промовирани на 12ти јуни 2018 година во ГEM клубот. Истражувчките трудови беа менторирани од искусни истражувачи и со поддршка од Младински образовен форум (МОФ) и Фондации Отворено општество работеа на своите истражувања.  Деветнаесет млади истражувачи се обидоа да обезбедат податоци на темите кои за нив се важни – младинската невработеност, дискриминацијата во образованието, условите за лица со посебни потреби во образованието, младинската емиграција и сексуалното вознемирување. Преку истражувачка работа, овие млади го продлабочуваат знаењето кое го имаме на располагање за креирање подобри политики и разбирање на проблеми и трендовите во општеството.

Куси извадоци од клучните наоди од секое истражување:

 

Невработеноста на младите е сериозен проблем во Македонија, а североисточниот регион има највисока стапка на невработеност. Истражувањето на Симона Ковачевска „Невработеноста на младите лица во Североисточниот регион – предизвици и  проблеми“ ги прикажува  најчестите ставови на младите лица од овој регион. Тие сметаат дека главен фактор за вработување претставуваат врските и политичката определба. Токму затоа најчест начин за барање работа е преку познаници и роднини, а не преку аплицирање на огласи или преку пријавување во АВРМ. Ова може деструктивно да влијае на пазарот на труд и да предизвика демотивација кај младите лица за усовршување и градење кариера. Младите лица треба регуларно да се пријавуваат во Агенцијата за вработување со што ќе ја зголемат веројатноста за вработување, а АВРМ треба поинтензивно да се вклучи во воведување локални мерки за намалување на невработеноста во овој регион.

Жените во Република Македонија секојдневно се соочуваат со сексуалното вознемирување, инспирирани од кампањата #сегакажувам и движењето #meТoo, тројца млади истражувачи (Антонела Глигорова, Мартин Анѓелов и Лина Даневска) истражуваа за „Застапеноста на различните форми на сексуално вознемирување во Р. Македонија“. Податоците укажуваат дека дури во над 90% од случаите сексуалното вознемирување потекнува од вознемирувач кој ужива позиција на моќ над жртвата. Резултатите укажуваат на ниска стапка на пријавување на вознемирувањето, особено поради фактот што жртвите не наишле на поддршка, а исто така и тие самите биле прогласени како виновни за настанот. Пријавувањето во полиција е многу ретко, но како алтернатива на тоа се јавува пријавување на колега, родител, педагог, психолог, пријател, новинар/ка и сл.

 

Според истражувањето на Мартин Нацевски „Улогата на младите во спречување на дискриминацијата во образованието“, наставниот кадар е во најдиректен контакт со самите студенти и од него непосредно зависи квалитетот на предавањата и на оценувањето. Токму поради тоа, оваа категорија најчесто ја злоупотребува својата позиција, применувајќи различен третман кон студенти од различни позадини. Според испитаниците, оваа дискриминација најчесто се манифестира како поинаков пристап при оценувањето, поинаков однос со различните студенти, но и неправедни критериуми при вработувањето или ангажирањето студенти во наставниот процес.

 

Aнализа на условите за лицата со посебни потреби во рамките на средното и високото образование“ изработена од Деа Здравковска, Марија Михајловска, Кристијан Лазаров, Ангела Николовска и Ема Ананиевска претставува анализа за образовната инклузија на учениците и студентите со посебни потреби. Според податоците, вклученоста на лицата со посебни потреби во сите нивоа на образованието е многу ниска, тие честопати се дискриминирани и се соочуваат со низа предизвици во текот на образованието. Инклузијата во образовниот процес најчесто се подразбира како обезбедување физички услови за вклучување на лицата со посебни образовни потреби во редовното образование, наспроти еднаквото вклучување во училишните активности за што е потребно да се обезбедат адекватни услови, образовен кадар и програми. Наодите покажуваат дека нашата држава во моментов сè уште не е подготвена за целосна образовна деинституционализација и целосно отфрлање на стариот образовен процес за лицата со посебни потреби и спроведување на образовна инклузија само во редовните училишта за општата популација.

Резултатите до кои дојдоа Вања Јанева, Јована Ѓорѓиовска, Моника Китаноска и Симон Андов во истражувањто „Зошто младите сакаат да си одат од Македонија? Eксплоративен пристап кон младинската емиграција во Македонија“ ,покажуваат дека 60% од испитаниците сакат трајно да се отселат од државата, без разлика на демографските и социоекономските разлики. Културните фактори на одбивање и на привлекување се издвојуваат како најзначајни за младите, како за нивната одлука да се иселат од Македонија така и за одлуката за враќање во Македонија. Сепак, сите пет групи фактори се важни за одлуките на младите, што уште повеќе ја потенцира неопходноста на меѓуресорски пристап за подобрување на младинскиот стандард за живот во Македонија.

Проектот за менторирање на млади истражувачи имаше за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на МОФ со знаењето и искуството на стипендистите на Фондациите Отворено општество во корист на млади истражувачи кои за прв пат се занимаваат со општествено релевантни истражувања да креираат квалитетни анализи кои ќе помогнат да се подобрат политиките или да се подигне свеста за важни прашања во Македонија. Студентите и младите истражувачи во земјата немаат доволно можности за самостојно истражување и преку овој процес се обидуваме да го поттикнеме професионалниот развој на дел од младите истражувачи во земјата.

Сподели