Обука за нови предавачи во Учиме право клубовите 2017/2018

На 11 и 12 ноември (сабота и недела) во просториите на Канцеларија за млади на општина Центар се одржа обуката за нови предавачи по Учиме право. На оваа обука учество земаа 24 учесници од Скопје, Куманово, Тетово, Гевгелија, Богданци, Неготино, Дојран, Битола, Прилеп и Велес. За оваа цел, Младински образовен форум распиша јавен повик на кој учесниците беа избрани врз основа на поднесена апликација која се состоеше од кратка биографија, мотивационо писмо, како и пополнување на формулар со дополнителни прашања.

Обуката започна со поздравно обраќање и претставување на Учиме право и Младински образовен форум од страна на координаторот на програмата Учиме право Димитар Низамовски и претседателката на МОФ Стефани Спировска. Обуката започна со сесијата за елементи на добра лекција и методологија на програмата Учиме право којашто ја презентираше Кристина Митрова, додека пак, за интерактивните методи и техники кои можат да се користат во рамките на неформалното образование зборуваа Ивана Петковска и Лејла Тутиќ. Димитар Ванчов и Елена Котевска демонстрираа предавање, односно како треба да изгледа едно предавање по Учиме право. За време на последната сесија учесниците беа поделени во 5 групи каде што имаа можност да спремат по едно предавање по Учиме право, притоа користејќи методи и техники коишто се карактеристични за неформалното образование, и следниот ден да ги презентираат своите лекции пред другите членови на телото на предавачи.

Вториот ден од обуката сите групи ги презентираа своите лекции и истите добиваа повратни коментари и забелешки од страна на поискусните предавачи и членови на МОФ во насока на подобрување на нивното предавање. Настанот заврши со доделување на сертификати на присутните за успешно помината овука за нови предавачи по Учиме право, а наскоро ќе се одржи и првиот состанок на кој предавачите ќе се распределат по клубовите во Скопје и останатите градови во кои функционира програмата.

Сподели