Тркалезна маса: Интеграција во училиште

На 6 ноември, 2018 година се одржа тркалезна маса на тема: „Улогата на училиштата во унапредување на меѓуетничката интеграција“ на која присуствуваа директорите и координаторите на Тимовите за училишна интеграција (СИТ) од сите средни училишта од Град Скопје. Тркалезната маса е дел од активностите на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, а е организирана во соработка со Министерството за образование и наука, Град Скопје, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Младински образовен форум.

На почетокот на настанот, раководителот на Секторот за образование при Град Скопје, Даниела Адамова ја потенцираше досегашната успешна соработка на Град Скопје со средните училишта во процесот на меѓуетничка интеграција во образованието.

„Како што знаете, овој процес започна во 2012 година и претставува една важна нишка во рамките на образовниот систем. Посебно, затоа што им овозможуваме на младите да имаат различни можности за поголема интеракција без разлика на етничката припадност, поинтензивна соработка, и заеднички да спроведуваат активности кои се за нив од интерес и важност. Како Град Скопје, сметаме дека интензивирањето на вклучувањето на средните училишта е клуч до поуспешни активности и посреќни млади генерации, кои ќе научат дека сме побогати што сме различни, а при тоа делиме сите заеднички интереси.” – рече Адамова.

Во продолжение на настанот, Нуран Кадриу Џамбази, советник при Министерството за образование и наука зборуваше за заедничката заложба на образовните институции за промовирање на вредностите на интеграција во образованието, со посебен осврт на улогата на Работната група на МОН за меѓуетничка интеграција во образованието.

За поддршката на училиштата од страна на граѓанските организации и меѓународната донаторска заедница зборуваа Небојша Мојсоски, раководител на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието при Македонски центар за граѓанско образование и Јелена Брајовиќ, претставник на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Воведно обраќање имаше и педагогот во средното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје, Оливера Величковска, во кое сподели примери за добри и успешни практики од наставниците и учениците во негувањето и практикувањето на меѓуетничката интеграција во училиштето.

„Во нашето училиште се спроведуваат заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици и во рамки на редовната настава и тоа најмалку два пати во годината. Организираме и голем број на работилници и слободни часови со мултикултурни содржини. Ваквите активности овозможуваат да се негуваат вредностите на заедничко живеење во училиштето, како и надвор од него.“, изјави Величковска.

Директорите и претставниците од средните училишта пак, активно се вклучија во дискусијата и ги споделуваа добрите искуства, но и предизвиците со кои се соочуваат во процесот на зајакнување на кохезијата помеѓу учениците од различни етнички заедници. Едно од заклучните согледување беше постоењето на потреба за унапредување на соработката помеѓу училиштата, институциите и граѓанските организации, со цел процесот за меѓуетничка интеграција во училиштата да е долгорочно одржлив.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Сподели

Error: Access Token is not valid or has expired. Feed will not update.
This error message is only visible to WordPress admins

There's an issue with the Instagram Access Token that you are using. Please obtain a new Access Token on the plugin's Settings page.
If you continue to have an issue with your Access Token then please see this FAQ for more information.