Училиштата, професорите, родителите, институциите да се заложат итно во одбрана на учениците

Со последните случувањa во образованието, правата на детето и владеењето на правото се размрдани повеќе од секогаш, но Законот и Уставот се јасни во поглед на правото на здружување, правото на протест, слободата на говор и правото на одржување на јавни собири.  Изминативе неколку денови, за средношколците дел од средношколскиот пленум во јавност осамнаа постери, каде со име и презиме се обвинети дел од учениците дека земале 10.000 денари за секој организиран протест.  МОФ како организација која е водена од млади луѓе и која има повеќе од 1000 членови средношколци во своите клубови, чувствува одговорност да застане зад жртвите на клеветите и да укаже какви мерки може да се преземат.

Училиштата: Како институции во кои учениците имаат голема доверба, не смеат да ги игнорираат овие настани, секое училиште го охрабруваме јавно да ги осуди оние кои на најбеден начин ги дискредитираат учениците во нивното училиште, лично го напаѓаат интегритетот и достоинството на ученици од кои дел се деца и немаат наполнето 18 години. Да укаже поддршка на оштетените ученици и да ја подигне свеста кај нивните соученици за сериозноста на овие настани.

Професорите во лицето на воспитно образовните институции, мораат да го дискутираат ваквиот начин на говор на омраза и клевета со учениците, да посочат дека ова е прекршување на законските одредби од Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност на клевета и навреда, да ги охрабрат оние кои се жртви и да се заложат во одбрана на ваквите активности во иднина.

Родителите и оштетените ученици да не заборават дека  институции се одговорни да реагираат доколку одредено право е загрозено, во таа насока може:

Да се обратат до полиција или Основното јавно обвинителство, со поднесување на пријава, со цел да се гонат и казнат сторителите на делото.

Во кривичниот законик, во член 155, став 1 гласи: Тој што со сила, сериозна закана, измама или на друг начин, ќе спречи или ќе смеќава, свикување или одржување мирен и јавен собир, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Да поведат тужба против сторителите на делото според Законот за граѓанска одговорност, каде во член 8, став 1 дефиницијата за клевета гласи: За клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити.

До го исконтактираат Народниот правобранител.

[Ова е само кога се повредени поединечни права на граѓаните со акти или дејства на органите на државната управа и другите органи и организации што имаат јавни овластувања]

Секој граѓанин на Република Македонија чии законски и уставни права биле повредени може да се обрати кај народниот правобранител. Во рамките на Народниот правобранител формирано е посебно одделение за заштита на правата на децата. Одговорното лице при заштитата на правата на децата обезбедува заштита на сите детски права, а особено правата на децата од областа на образованието што се остварува во основните училишта и во средните јавни училишта во Републиката и тоа во поглед на нивното вклучување во образовниот систем на секого под еднакви услови, и во поглед на нивниот третман во училиштата, во однос на нивните права на еднаквост и недискриминација, на забраната на телесно и психичко малтретирање во училиштата и забраната за политичко организирање и манипулација со децата за постигнување политички цели, како и на остварување на уставната гаранција за правото на настава на мајчин јазик во основното и во средното образование на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, слободата на вероисповед, но со почитување на законската забрана за верско организирање во училиштата.

Заштитата од вакви дејствија не завршува тука, па така Конвенцијата за правата на детето во член 15 наведува: Државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање.

Поради сите овие причини, барајќи ја правдата и почитување на владеењето на правото МОФ застанува во одбрана на учениците и ги охрабрува сите кои имаат прашања во врска со начинот со нивните права да се обратат на www.mof.mk/servismladi/

Сподели