Учиме право

 

Програмата Учиме право (Steet Law) е насочена кон едукација на младите за човековите, граѓанските и политичките слободи и права,  демократијата и концептот на владеење на правото, Европската Унија и процесот на евроинтеграција на Република Македонија. Програмата е изградена врз основните принципи на неформалното образование и преку интерактивни методи на работа и интерактивни предавања кои се разликуваат од традиционалниот начин на предавање во училниците. Основна идеја Учиме право е дека демократските вредности не се наследни, туку секојдневно се учат и само преку негување на  овие вредности и нивно секојдневно практикување може да се очекува постоење на младина која е свесна за своите загарантирани слободи и права и активна во процесот на развој на демократското општество, остварување на принципот на владеење на правото и јакнење на правната држава.

Клубовите и предавањата ги водат триесетина млади предавачи, кои претходно имаат успешно помината обука за предавачи по Учиме право и најмалку една година искуство како асистенти-предавачи. Членовите на телото на предавачи  се млади луѓе, во најголем дел студенти на правен факултет, како и дипломирани правници, постдипломци на различни правни области и магистри по право.

Предавањата се бесплатни, се одржуваат еднаш неделно, а последната учебна година беа достапни во следните градови: Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Велес. Предавањата се интерактивни, а во центарот на вниманието се става поединецот и се одвиваат на начин кој поттикнува дискусија и отвора можност за слушателите да ги изразуваат своите ставови и мислења во една слободна и опуштена атмосфера. Клубовите ги посетуваат повеќе од 150 средношколци годишно во рамки на Учиме право клубовите во своите средни училишта и младинските клубови во рамките на партнерските организации на МОФ.

Преку Учиме право работилниците, покрај предавања од тренерите, учениците имаат можност да слушнат предавања од страна на стручни лица-експерти како судии, јавни обвинители и адвокати. Дополнително, програмата на своите членови им нуди можност преку различни организирани активности да посетат различни дражвни институции и тела или да бидат дел од симулации кои го претставуваат нивното работење. На овој уникатен начин програмата цели да создаде врска помеѓу концептот на демократијата, човековите права и правниот систем и нивното влијание во секојдневниот живот.

Во рамки на програмата Учиме право секоја учебна година се организираат голем број настани. Меѓу позначајните настани може да се издвојат квизови за проверка на знаењето, голем број на јавни симулации на судења и судски постапки од казненото и граѓанското право, како и симулации на работата на органи на Европската Унија и Обединетитите Нации и начинот на донесување одлуки.

Сподели