Изминатиот месец повеќе од 130 средношколци во улога на судии, јавни обвинители, сведоци, вештаци и обвинети симулираа главна расправа согласно новиот Закон за кривичната постапка од 18.11.2010 година чија примена се очекува да започне од декември 2013 година. Симулациите вклучуваа средношколци од Скопје, Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес, Радовиш и Делчево.
Симулација на судење во Скопје
На 20.04.2013 година во СУГС “Никола Карев” паралелно се одржаа две симулации на судења од областа на кривичните дела против човечноста и меѓународното право за кривично дело “Трговија со луѓе”. Повеќе од 35 средношколци од СУГС “Никола Карев”, СУГС “Георги Димитров”, СУГС “Раде Јовчевски Корчагин” и СУГС “Орце Николов” членови на Учиме право клубовите во училиштата, симулираа главна расправа согласно новиот Закон за кривичната постапка од 18.11.2010 година чија примена се очекува да започне од декември 2013 година. Средношколците во улога на судии, јавни обвинители, сведоци, вештаци, обвинети, оштетени имаа можност да согледаат како се одвива текот на главната расправа како и да применат некои од вештините на директното, вкрстеното и дополнителното испрашување кои ги стекнаа за време на предавањето од страна на Вишиот јавен обвинител г-дин Момир Маричиќ.
Симулација на судење во СУГС “Цветан Димов”
На 15.04.2013 година во СУГС “Цветан Димов” средношколците од СУГС “Цветан Димов” членови на Учиме право клубот во училиштето заедно со средношколците членови на Учиме право клубот во СУГС “Зеф Љуш Марку” пред бројната публика во училиштето симулираа главна расправа согласно новиот Закон за кривична постапка за кривично дело “Примање поткуп”.
Симулација на судење во Учиме право клубот во Ромаверзитас
На 30.03.2013 година средношколците членови на Учиме право клубот во Ромаверзитас симулираа главна расправа согласно новиот Закон за кривичната постапка за кривично дело “Примање поткуп”. Учесниците имаа можност да ги применат знаењата кои ги стекнале во текот на предавањата како и да видат како се одвива сослушување на заштитен сведок под псевдоним со прикриен глас и лик по пат на видео конференциска врска.
Симулации на судења во Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес, Радовиш и Делчево
Учениците од Учиме право клубовите во Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес, Радовиш и Делчево симулираа главна расправа согласно новиот закон за кривична постапка. Тие имаа можност практично да ги применат своите знаења кои ги стекнаа за време на предавањата по Учиме право, како и да применат некои од тактиките кои ги научија од јавните обвинители кои предаваа во рамки на програмата Учиме право.