Барај
Close this search box.

45% од средношколците за 10 години не се гледаат во Македонија – Закана за иселување од масовни пропорции

Истражување за граѓанското учество, социјалната вклученост и проблемите на средношколците во Македонија


Денеска, 16-ти декември 2010, Младинскиот образовен форум ги презентираше резултатите од истражување за граѓанското учество, социјалната вклученост и проблемите на средношколците во Македонија, спроведено на примерок од 3607 средношколци од 13 градови низ републикава. Според резултатите од истражувањето може да се изведе заклучокот дека е загрижувачка состојбата во која се наоѓаат овие млади луѓе кои само декларативно се наведени како приоритет од страна на државата.
Во тој контекст резултатите од истражувањето дадоа јасен одговор на низа прашања:


1. Најголем дел од средношколците сметаат дека не можат да придонесат за решавање на проблемите со кои се соочува нивниот град.

Огромни 68.3% од македонските средношколци сметаат дека ништо односно малку можат да променат. 15.5% сметаат дека делумно можат да променат, а само 16% дека многу можат да променат. Ако се земеме предвид дека станува збор за средношколци, плаши огромната бројка на предвреме разочарана, скептична младина, која расте без идеали за подобрување на сопствената иднина во сопственото место на живеење. Не само што средношколците не веруваат дека можат нешто да променат, тие не веруваат ниту дека можат да влијаат врз тоа како властите работат. Високи 72.2% сметаат дека тие малку односно воопшто не можат да влијаат врз тоа како властите работат! Само 10.2% сметаат дека можат да имаат големо влијание, 16.6% сметаат дека делумно можат да влијаат, а 3.2% не дале одговор на ова прашање. Ова укажува на голема резигнираност на средношколците и нивната незначајната улога во донесувањето општествените одлуки.
2. Повеќе од половина од средношколците сметаат дека немаат лична одговорност за подобрувањето на општеството односно дека тоа не е нивна работа, туку работа за други и за политичарите.
Средношколците избираа дали подобрувањето на општеството е нивна лична одговорност или не е нивна работа. На ова прашање висок процент на средношколци (37.2%) избра воопшто да не одговори. Од тие што одговорија, 54% сметаат дека немаат лична одговорност за подобрувањето на општеството односно дека тоа не е нивна работа, туку работа за други и за политичарите. Со ова уште еднаш се потврдува амбивалентноста, незаинтересираноста  и апсолутниот недостиг на општествена одговорност на денешните средношколци.
3. Средношколците и институциите не комуницираат.
Имено само 7% имаат напишано писмо до институција или непознато лице, додека само 16.5% имаат посетено државна или општина институција.
4.  3/4 од средношколците не знаат дали нивното училиште има средношколска унија. 
На прашањето дали нивното училиште има ученичко управување, 70.3% од среношколците одговориле со незнам! 12.9% мислат дека нивното училиште нема средношколска унија, 12.8% одговориле дека има, но незнаат кој е претставник од нивниот клас и само 4% го навеле и името на претставникот. 81.3% исто така никогаш не учествувале во избор на претставник за средношколска унија. Кои се причините за овие огромни бројки на буквална исклученост на средношколците од одлучувањето за единствениот орган чија цел е да ги застапува нивните интереси? Дали  средношколците се незаинтересирани или едноставно се недоволно информирани за постоењето на ученичко управување?  Како и да е, овие резултати обелоденуваат  големи пропусти во функционирањето на средношколската унија ако преку 70% од средношколците ниту знаат за нејзиното постоење, ниту учествувале во изборот на нејзини претставници.
5. Секој четврт средношколец смета дека во животот не му биле дадени доволно можности.
Така, 40.2% од средношколците сметаат дека на нив се им е пружено, и уште 35% сметаат дека за нив има делумно услови. Сепак, не толку мала бројка од 24.5% кои сметаат дека за нив нема никакви услови односно тие имаат малку услови.
6. 45% од средношколците за 10 години не се гледаат во Македонија.
38.3% од средношколците се или задоволни со своето место на живеење или не гледаат начин да излезат од него, односно за десет години се гледаат себе си во градот во којшто живеат. Дополнителни 15.9% се гледаат некаде во државата, но не во местото во кое што живеат. Останатите 45.5%, загрижувачки, за десет години не се гледаат себе си во Република Македонија. Ако се исполнат желбите на денешните средношколци, на нашата држава и се заканува иселување од масовни пропорции. Од градовите, Струмица, Дебар и Скопје се градови во кои средношколците најрадо би останале. Најнеподнослив е животот во Делчево, Велес и Штип.
7. Според средношколците државата е водена од малкумина со големи интереси кои си гледаат само за себе.
Резултати од ова прашање покажаа голем степен на цинизам кај средношколците, дури 77.1% од оние што одговориле избрале дека државата е водена од малкумина кои си гледаат само за себе. 16.6% од решиле да не изберат ниту една опција. Ниту невладините односно непрофитни организации не котираат баш најдобро. Иако процентот на средношколци кои малку односно воопшто не им верува на невладините организации се намалува за 10% во споредба со властите, сепак тој на 60% е висок. 40.% од средношколците изразуваат доверба во овие организации.
8. Најголем проблем за средношколците е економијата и недостатокот на работни места.
За економијата и недостатокот на раотни места се одлучиле 20% од испитаните средношколци, а по нив следат алкохолизмот и наркоманијата со 18% и насилството и криминалот со 17%. Чистотата и животната средина беа проблем број четири со 13%, а инфраструктурата на градот на петто место со 9% од гласовите. Останатите проблеми беа бирани со мали фреквенции (под 5%).

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: