Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Младинскиот образовен форум, со поддршка на Француската амбасада во Скопје, спроведоа 5 тркалезни маси на тема Слобода на изразување и говор на омраза, чија целна група беа средношколци од различни региони на државата. Оваа активност е дел од проектот „Оспособување на младите да одговорат и да се справат со говорот на омраза“.
Станува збор за еднодневни работилници кои се одржаа во текот на месец март во следниве градови: Скопје (10.03), Кичево (11.03), Велес (17.03), Тетово (19.03) и Неготино (20.03). На секоја од нив учество земаа околу 25 учесници од средните и стручните училишта, при што се внимаваше на родовата и етничката застапеност.
Општествениот и политичкиот контекст во кои е извојувана победа во гарантирањето на слободата на изразување како основно човеково право, меѓународните документи за заштита на ова право, како и случаите на негово загрозување и повреда беа презентирани на тркалезните маси.
Воедно се разграничи тенката линија помеѓу слободата на изразување и говорот на омраза и главен фокус беше ставен на дефинирањето на говорот на омраза, основите врз кои најмногу и најчесто истиот се шири и практикува, како и неговите видови и форми.
Тркалезните маси истовремено беа и можност учесниците да го искажат својот став и мислење во врска со оваа штетна општествена појава, да ги наведат причините поради кои мислат дека истиот се пропагира, како и да споделат примери од нивното секојдневние, без разлика дали тоа се однесува во рамките на училиштето или на интернет, пред сè на социјалните мрежи кои заземаат огромен дел од нивното време, но се и иманентен дел од нивната личност.
Во вториот дел од работилниците, се дискутираше околу начините на кои сите засегнати страни (државните и образовните институции, интернет провајдерите, родителите, медиумите и јавните личности, но и самите ученици и професори) можат да се справат со говорот на омраза, како и видовите санкции кои се предвидени во Кривичниот законик на Република Македонија.
На крајот на настанот, на учесниците им беа претставени различни ресурси кои тие можат да ги користат во борбата против говорот на омраза и криминалот од омраза, а се презентираше и кампањата за борба против говорот на омраза на интернет, спроведена од Советот на Европа, како и македонските интернет страници кои обезбедуваат дополнителни материјали и упатства за пријавување на случаите и инцидентите на говор на омраза и криминал од омраза.
Пред присутните ученици се претстави и првата мобилна апликација против говорот на омраза „Ne mrazi“, наменета за паметните мобилни телефони кои работат на оперативните системи Android и iOS, чија цел е покренување на пошироката јавна свест и зголемување на граѓанското учество, особено на младите, во превенцијата и репресијата на говорот на омраза.
Вкупно 150 средношколци земаа учество на Тркалезните маси, со кои всушност се финализира спроведувањето на активностите на проектот.