На 19 март во средното училиште Орце Николов, во рамките на прославата на патронатот, се одржаа 5 јавни дебати на кои дебатираа средношколците од скопската гимназија.
Тренерите по дебата на Младински образовен форум, одржаа краток тренинг за јавна дебата, аргументирано изразување и јавно говорништво и им помогнаа на дебатерите во креирањето на своите говори за претстојните дебати. Гимназијалците одбраа да дебатираат на теми со кои се соочуваат секојдневно во своето училиште. Прославата која оваа година беше организирана целосно од учениците покрај јавните дебати, беше проследена и со работилници за фотографија, графити, настапи на локални таленти, претстави и спортски наптпревари кои ја изразуваат нивната креативност.
Во продолжение прочитајте повеќе за целта на дебатите, раскажано од Кристијан Тошески ученик во Орце Николов и дел од организацискиот тим на патронатот.
„Идејата за оваа манифестација произлезе од досада. Досадно е тоа што секој школски ден е ист. Одиш на час, слушаш предмети што сакаш и што нејќеш да ги слушаш, завршува тој час – одиш на друг. Се’ тоа се врти во круг и учениците немаат желба да создатат нешто што навистина го сакаат. Монотоноста ја убива креативноста кај човекот. Не им се дава прилика да ги докажат нивните вистински квалитети.
Нашата идеја е претопена во манифестација во која има активности во кои учениците можат да ги извадат нивните квалитети на површина и да ги презентираат пред целото школо. Интересот околу овие активности е огромен. Сите се заинтересирани да дознаат нешто ново, да создатат нешто ново, да презентираат нешто што знаат да го прават добро. На учениците не секогаш им е дозволено да аргументираат на теми кои тие ги сакаат. Спречени се од професорите – добиваат закани од укор и слично…
Поради таквите проблеми на оваа манифестација беа организирани дебати на теми кои учениците сами си ги избраа. Овие дебати беа јавни за да може секој ученик да се вклучи, да каже или праша нешто околу темите. Беше многу убаво да се пристуствува и да се слушаат аргументите на учесниците, изгледаше како да се случува дебата на многу повисоко ниво од тоа што беше. Имаше пет дебати кои беа споредни и се одржуваа во посебна училница. После тие споредни дебата се одржи главната дебата која беше на бината во школото.
Темите на споредните дебати беа : „Униформите треба да се укинат” ; „Учениците треба да имаат право да ги избираат професорите кои им предаваат” и „Унифицираниот систем на оценување го зголемува знаењето на учениците”. Темата на главната дебата беше : „Учениците треба да ги избираат предметите кои сакаат да ги изучуваат во трета и четврта година”. Заитересираноста беше огромна, не затоа што се губеа часови, туку, затоа што учениците навистина имаа што да кажат.
Благодарност до Стефан, Теди и Кате кои помогнаа на дебатерите да се спремат и да одржат обука за тие што прв пат дебатираа. Многу ни е драго што МОФ беше дел од оваа манифестација, се надевам дека ќе соработуваме повторно заедно.“