Барај
Close this search box.

Изминатава недела, 17-20 август, тимот на МОФ ја организираше првата Онлајн Младинска Академија. Настанот, кој традиционално се одржува во летниот период, овојпат за прв пат беше реализиран во онлајн форма, преку виртуелната платформа за видео-комуникација Дискорд.

Летната Академија, која МОФ годинава ја организираше по деветти пат, на повеќе oд 70 средношколци им понуди разни неформални предавања и содржини кои имаа за цел да го продлабочат нивното знаење,  да ги запознаат со начините за активно вклучување во општеството и критичко размислување со цел поголем придонес кон позитивни промени. Оваа година, како продолжеток на претходната Младинска Академија, учесниците се вклучија во креирањето на првата национална Младинска декларација – Youth Print – документ кој ќе ја подобри младинската позиција во општеството.


Содржините на Онлајн Младинската Академија беа поделени во четири модули – секој со различен пристап кон остварување на целите за подобро и поголемо младинско учество во општеството. Покрај одбраните модули, младите имаа можност да слушнат и неколку неформални отворени предавања на разни теми и области како: ментално здравје, одржливо живеење, претприемништво, продукција на музика, театар.

Првпат сум дел од вакво нешто, но пресреќна сум што се пријавив. Преубаво искуство и корисно исполнето време“, сподели со нас Наталија по завршувањето на Летната Академија.

Таа, заедно со уште дваесетина средношколци, учествуваше на траката за Академско Пишување 101 каде научија нешто повеќе околу начинот на кој се подготвува еден академски труд, како правилно се истражува за него, но исто така научија и како се пополнуват некои поважни документи и барања со кои ќе се среќаваат во текот на нивниот понатамошен академски живот.

Продуктивно искористено време! Интеракција меѓу членовите, комуникација без предрасуди и сочуство/разбирање на едно високо ниво. Доколку барате можност да го искажете вашето мислење без да бидете отфрлени со фразата ,,Што знаеш ти? Мал/а си!” и истовремено да научите нови корисни нешта оваа академија и воопшто МОФ е вистинското место за тоа. Едвај ги очекувам следните активности“, вели Христина, која пак учествуваше на траката за Виртуелно Аргументирано Изразување која се фокусираше да ја подобри примената на аргументациските вештини и способности во виртуелниот свет кај учесниците, како и подетално да објасни што претставува аргументот и критичката мисла и зошто се тие важни во денешниот свет.

„Прекрасно искуство за секој кој сака да научи нешто повеќе од она што се учи на училиште, да се запознае со многу нови деца и да сподели мислење, искуство, впечаток… Мене лично премногу ми се допадна академијата, предавањата, дебатите и многу ми е жал што заврши и едвај чекам да се организира уште еднаш нешто слично, затоа што по оваа академија се исполнив со многу позитивна енергија“, споделува Маја за нејзиното учество на Летната Академија како дел од траката за Аргументирано Изразување.

„Академијата беше едно ново искуство за мене каде можев да научам и слушнам нешто што никој не го споменал во училиште. Во изминативе 4 дена имавме можност да ги изнесеме своите идеи за подобрување на животот на младите во нашата земја, а со тоа да создадеме и нови пријателства“, вели пак Матеја за своето учество во траката за Академско Пишување.

Иако условите беа далеку од идеални и целосно беше оневозможена дружбата во живо, сепак првата Онлајн Летна Академија на МОФ заврши навистина успешно и ги реализираше своите зацртани цели – да им овозможи на младите простор и платформа да ги искажат своите ставови, да бидат ислушани и да ги продлабочат нивните знаења и можности за повисоки цели. И, секако, да им овозможи место за создавање нови пријателства со врсници од целата држава.

Целосната верзија на документот Младинска Декларација ќе биде промовиран и потпишан од носителите на одлуки и креатори на политики во периодот кој ни следи.

Им благодариме на сите предавачи, учесници и организатори на академијата кои го овозможија ова четири-дневно дружење.

Оваа активност е дел од Проектот за Младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

 

 

 

 

 

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: