Oтворено предавање „Интерсекциска правда во поствоени општества“

Младински образовен форум ве поканува на четвртото отворено предавање на тема „Интерсекциска правда во поствоени општества: Животни приказни од Босна и Колумбија “ организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество. Предавањето ќе се одржи на 24 јуни 2019 (понеделник) со почеток во 18:00 часот во просториите на Јавна Соба

Предавач на ова предавање ќе биде д-р Елена Б. Ставревска.
Таа е истражувачка во областа на мировните студии и е научна соработничка на Универзитет Нотр Дам во САД, а од август годинава станува дел и од научниот кадар на Лондонската школа за економија и политички науки, каде ќе го предводи проектот „Родов мир“ (Gendered Peace). Има докторат по политички науки и магистратура по меѓународни односи и европските студии од Централниот европски универзитет.

За предавањето :
Како се поврзани мирот и правдата во поствоени општества и дали за да се обезбеди траен мир е неопходно справување со постојните различни структурни проблеми? Ова е честа тема на дискусија како во академските, така и во политичките кругови. Темата неизбежно води до прашањето какви видови неправда се препознаени институционално и општествено, а со тоа и какви видови насилство. На пример, со усвојувањето на Резолуцијата 1325 од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации меѓународно се препознаваат специфичните видови насилство со кои се соочуваат жените и девојчињата за време на вооружените конфликти и по нивното завршување. Една глобална анкета, пак, укажува дека двете најчести причини за индивидуално вклучување во вооружени насилни дејствија се недостатокот на економски можности и чувството на неправда.

Темата на ова предавање е начинот на кој социоекономските, расните/етничките и родовите аспекти се надополнуваат во маргинализирањето, насилството и неправдите со кои се соочуваат делови од населението во поствоените општества. Од пристап до основни социјални услуги, до претставеност во политичкото одлучување, пресекот односно интерсекционалноста на овие различни аспекти го дефинираат поствоеното секојдневие за многумина. Користејќи наоди од теренски истражувања во Босна и Херцеговина и во Колумбија, ова предавање ќе го анализира концептот на интерсекциска правда како можна рамка за анализа на поствоеното секојдневие и креирање долготраен мир.

Изборното предавање е организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество. Целта е алумни стипендистите, преку своето стекнато знаење на различни престижни универзитети и факултети, да придонесат кон развој на општествениот дискурс помеѓу младите во државата, преку нивно информирање за релевантни општествени теми.

Ова предавање е четврто изборно предавање од циклус предавањата организирани од страна на Младински образовен форум. Во текот на месец јули, МОФ ќе организира уште едно предавање поврзано со различни општествено релевантни тематики.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: