Младински образовен форум ве поканува на петтото и последно отворено предавање на тема „Помеѓу јавниот и приватниот интерес: институции, корупција и двојни стандарди “ организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество. Предавањето ќе се одржи на 9-ти јули 2019 (вторник) со почеток од 18:00 часот во просториите на Јавна Соба, Скопје
Предавач на ова предавање Борјан Ѓузелов. Тој е докторанд по политички науки на Queen Mary University of London. За главно поле на научен и професионален интерес ги има демократизацијата на постсоцијалистичките општества и доброто владеење. Автор е на повеќе трудови и соработува со неколку домашни и странски истражувачки организации.
За предавањето :
Зошто во некои држави се живее подобро а во други полошо? Зошто некои држави се богати иако немаат големи природни ресурси и други се сиромашни и покрај природните богатства и поволната географска положба? Која е разликата помеѓу Албанија и Данска или помеѓу Русија и Швајцарија? Зошто и покрај континуираните реформи, Македонија има проблеми со владеењето на правото?
Предавањето ќе даде теоретски осврт за улогата на институциите, корупцијата и двојните стандарди, како и за клиентелизмот, компетитивниот авторитаризам и заробената држава. Преку примери од повеќе земји ќе се продискутира како овие концепти се поврзани меѓу себе и како влијаат врз квалитетот на демократијата, човековите права и економската благосостојба.
Изборното предавање е организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество. Целта е алумни стипендистите, преку своето стекнато знаење на различни престижни универзитети и факултети, да придонесат кон развој на општествениот дискурс помеѓу младите во државата, преку нивно информирање за релевантни општествени теми.
Ова предавање е петтото и последно изборно предавање од циклус предавањата организирани од страна на Младински образовен форум. Во текот на месеците април-јули, заклучно со ова предавање, МОФ организираше пет предавања од различни општествено релевантни теми.