Во периодот од 19 до 24 септември 2025 година во хотел „Фреја“ во Струга се одржа обука за едукатори во рамки на проектот „DEAL – Дебатна едукација за локална активна партиципација“. На обуката учествуваа младински работници од Северна Македонија и Албанија, кои имаа можност да стекнат нови знаења и вештини за водење на дебатни клубови.

Обуката ја водеа Ивона Анич и Дарја Јегер од Хрватското дебатно друштво, како и Дора Смилевска од Младински образовен форум, која се вклучи како локален експерт за дебата.

Програмата на обуката опфати теми како: запознавање со основите на дебатата, улогата и значењето на дебатните клубови, користење на неформални методи во младинската работа, етика во работата со млади, како и вештини за судење на дебатни турнири. Дел од агендата беа и практични вежби, отворен простор за дискусија и сесии за размена на искуства помеѓу учесниците.
Оваа активност придонесе за јакнење на капацитетите на младинските работници кои ќе водат дебатни клубови во тековната година, како и за градење на регионална соработка помеѓу организациите и учесниците.

Обуката се реализираше во рамки на проектот „DEAL – Дебатна едукација за локална активна партиципација“, имплементиран од Хрватското дебатно друштво (ХДД) во партнерство со Џуниор Ачивмент Албанија (JAA) и Младински образовен форум (МОФ), со финансиска поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска.