Период на реализација: 01.01.2009 – 31.12.2009, 01.03.2010 – 31.12.2010
Донатор(и): Фондација Отворено општество – Македонија
Краток опис на проектот: Проектот Акција за Европа МОФ го спроведува од 2009 година и континуирано во текот на 2010 година со различни активности кои вклучуваа: јавни настани, работилници, квизови и симулации. Активностите од проектот Акција за Европа кои МОФ ги спроведува се дел од еден поширок проект кој го имплементираат Фондација Институт Отворено Општество Македонија, Македонски Центар за Европско Образование и Младински образовен форум.
Целта на проектот беше да одговори на намалувањето на поддршката за пристапување меѓу граѓаните на Македонија на тој начин што ќе допринесе за зголемување на информираноста на младите за ЕУ, со цел младите да изградат ставови и активно да се вклучат во јавната дебата за процесот на пристапувањето на Македонија во Унијата.
Активностите на проектот имаат за цел да ги едуцираат средношколците за придобивките од членството во ЕУ и предизвиците што Македонија ги има на патот кон ЕУ, со што би се потенцирала важноста за продолжување и интензивирање на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ. Притоа се очекува дека ќе се зголеми залагањето и притисокот од страна на граѓаните врз сите чинители во процесот на пристапување на РМ во ЕУ за исполнување на клучните препораки од Пристапното партнерство.
Во рамки на проектот се реализираа вкупно 62 работилници на различни теми поврзани со Европската Унија и симулации на работата на европските институции од 28 различни градови од цела Македонија во кои учество земаа 1233 средношколци. Во рамките на проектот беше организиран Средношколски ЕУ квиз во ЕУ инфо центарот, напредна обука “Чекор поблиску до ЕУ“ за предавачите Учиме право, како и две институционални посети во министерствата за правда и надворешни работи, за да можат учесниците од ЕУ клубот подобро и одблику да се запознаат со работата на македонските институции одговорни за процесот на евроинтеграција. Особено значајно е што во рамки на овој проект за прв пат се формираше средношколски ЕУ клуб во Македонија, кој наиде на голем интерес кај средношколците.