Во текот на 2009, во два циклуси, Младински Образовен Форум организираше повеќе од 30 работилници во средните училишта во Скопје и 25 други градови низ Македонија на тема “Запознавање со ЕУ“. Работилниците се оддржуваат како дел од “Акција за Европа“, проект кој го спроведуваат партнерски МОФ, Фондација Институт отворено општество и Македонски центар за европско образование-МЦЕТ.
Обучени тренери од програмата Учиме право го изработија концептот на работилницата за подобро запознавање на младите со историските околности и почетоците на концептот за наднационално обединување во Европа, како и институциите, начинот на донесување одлуки во Европската Унија и развојот на односите помеѓу Македонија и ЕУ. Иако содржини од ваков тип се застапени во официјалниот курикулум, сепак не доволно за да се опфатат сите области на она што значи Европската Унија, какви можности отвора за младите и какви промени ќе донесе во секојдневните животи на граѓаните. Едукацијата на младите ќе ги подготви за идното пристапување на Македонија во ЕУ и ќе им овозможи доволно информации за самите да развиваат мислења за она што е на дневен ред на европската агенда, како и да имаат глобална, наместо локална перспектива. Едукацијата е првиот чекор за европеизација на целокупното општество.
За потребите на оваа работилница беше изработен и прирачник кој ги обработува детално темите кои се опфатени и може да послужи како одлично учебно помагало за средношколците.
Покрај поголемите средни училишта во Скопје, каде редовно се одвиваат предавања од Учиме право програмата, работилници од овој тип се оддржаа во средни училишта и младински клубови во следните градови: Штип, Кратово, Струмица, Делчево, Берово, Велес, Битола, Неготино, Гевгелија, Прилеп, Ресен, Кичево, Дебар, Струга, Кавадарци, Свети Николе, Кочани, Крива Паланка, Пробиштип, Гостивар, Тетово, Охрид, Куманово, Радовиш, Валандово, Демир Хисар, Богданци. Во некои од градовите се оддржаа и билингвални македонско-албански работилници.