Членовите на напредниот клуб Артивизам на Младински образовен форум заедно со ученици, родители и наставници од основното училиште „Владо Тасевски“ на 20-ти и 25-ти октомври организираа акција за креирање на училница на отворено за учениците кои посетуваат одделенска настава во училиштето и катче за игра за најмалите ученици.
Во текот на акцијата дворот беше уреден со рециклирани материјали – стари гуми кои во акцијата беа соодветно украсени, палети кои прераснаа во клупи и огради и нови масички, додека пак на ѕидовите беа исцртани мурали кои се поврзани со едукација и концептот кој се работеше.
На 20-ти ноември, по повод Светскиот ден на детето и детските права, со приредба и проекција на кратко видео беше промовирана „Отворената училница“ на настан организиран од учениците и наставниците во училиштето.
Акцијата е дел од Проектот за младинско изразување финансиски поддржан од Европската Унија.