Барај
Close this search box.

Ангажирани граѓани инспирираа на ENGAGE 2014

Младински образовен форум и Радио МОФ викендов го организираа третото издание на ENGAGE – конференција за друштвен активизам.

Во саботата, салата „Империјал“ во Македонска опера и балет (МОБ) беше местото каде што на едно место се собра бројна млада публика и голем број активисти, уметници, новинари, креатори на онлајн иницијативи, блогери и ИТ експерти во рамки на третата конференција ENGAGE.

Годинава тема на конференцијата беше друштвениот активизам, а повеќе од дваесет говорници ги споделија своите искуства во однос на креирањето активистички проекти, иницијативи или други начини за врз развој на критичката мисла во земјава.

Музичарот Златко Ориѓански говореше за моќта на музиката, како граѓански идентитет, но и како средство кое инспирира и ангажира. Иако, истакна тој, музиката сама не може да го смени општеството, сепак може да биде коректор. „Музиката има една магија која што воспитува и ги упатува некои луѓе кон она што е добро, а не кон она што е лошо“, забележа тој.

За хуморот и сатирата пак кои се инспирација и начин за покревање на јавната свест говореа правникот Милчо Вељановски, чии шеговити мемиња и статуси на Фејсбук ги следат илјадници граѓани, како и актерот Бесфорт Идризи, познат по хумористичните вести „ЛајМе“. „Имаме многу повеќе слобода од онаа што ја користиме“, заклучи Идризи во својата презентација насловена „Како да го ставиме хуморот во функција на критика на општествено политичките појави и за покревање на јавната свест“.

Новинарот Зоран Бојаровски се обиде да ја долови смислата на фактите во Македонија, при што сумираше дека новинарите во земјава мора да бидат и активисти и да застанат зад одбрана на слободата на изразувањето, но и за зачувување на новинарските стандарди.

Режисерот Владимир Милчин потсети дека Македонија имала традиција на пркос и активизам во системот на Југославија, при што истакна дека не само што најдолгиот работнички штрајк во федерацијата се случил во Кратово и траел 42 дена под силни притисоци, туку и повеќе од половина од ваквите протести на ниво на Југославија биле кренати во Македонија.

Гостинката од Украина, Yaryna Grusha пак ја раскажа приказната за видео активизмот во Украина и за настанувањето на Babilon`13 кои преку видеа и филмови ги документираат настаните, со што имаат силено влијание врз јавната свест.

Со ENGAGE, Младинскиот образовен форум го започна и одбележувањето на својот 15 годишен јубилеј.

„МОФ одлучи да не прави посебни родендени, прослави и гала вечери, туку од почетокот на месец јуни па се до крајот на 2014 та година на секој поголем настан ќе приредуваме мали изненадувања како симболика на изминатите 15год“ изјави Дона Костуранова, претседател на МОФ.

За сите оние што не можеа да присуствуваат, Радио МОФ обезбеди видео пренос од настанот, чиј што официјален дел заврши со прогласување на победникот на #кромидфест. Наградата отиде кај #кромид 103.

Конференцијата беше затворена со ENGAGE the NIGHT– журка која се одржа во старото летно диско на МНТ и траеше до раните утрински часови. На неа настапија Samoil Radinski, Goran Kan, Mirko Popov, Flooder и Vaso, а за визуелизации беа задолжени Lazy Kids Visuealz.

Третиот дел од годинешното издание на ENGAGE беше ENGAGE GENERATOR – новина за оние кои не сакаа само да присуствуваат на еднодневната конференција, туку и да креираат и спроведат сопствена акција. Се одржаа работилници за 4 области – јавна дебата, изразување на јавни простори, мултимедија и интернет и истражување и креирање на политики. Работилниците ги водеа:

  • Јавна дебата со Оливера Трајковска (новинар) и Лазар Поп Иванов (тренер по дебата во МОФ)
  • Изразување на јавни простори со Игор Тошевски (уметник и копирајтер) и Петар Антевски (медиа/арт координатор во МОФ)
  • Мултимедија и интернет со Дарко Булдиоски (комуниколог) и Стефан Алексиќ (координатор на Радио МОФ)
  • Истражување и креирање политики со Никола Спасов (агенција Рејтинг) и Марија Мирчевска (програмски координатор во МОФ)
СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: