Дебатната програма на Младинскиот образовен форум викендов (19, 20 и 21 декември) го организираше еден од своите најголеми турнири, дебатниот турнир за почетници. На натпреварот, кој воедно беше и прва средба од натпреварувачки карактер за новите дебатери, учествуваа вкупно 114 средношколци и повеќе од 20 дебатни судии од 16 градови од Македонија.
За прв пат оваа година турнирот се одржа во World Schools формат, каде во 4 прелиминарни рунди се дебатираше на тезата: „Овој дом верува дека сета уметност, литература, фотографија, филм и музика треба да биде објавена под „Криејтив Комонс“ лиценца.“
Во четврт финалето на турнирот се пласираа 8 тимови, кои прво дебатираа на тезата: „Овој дом би ја направил стручната литература достапна за јавноста.“
Свое место во финалната дебата обезбедија [Тим Ракета] Роберт Јованов, Аремнд Ќерими, Сара Секуловска и [Tим М2] Михаела Минова, Михаил Денковски и Елена Ѓорѓиевска дебатирајќи на тезата: „Овој дом би забранил интелектуална сопственост при производство на лекови.“ Со судиска одлука 4:3 пак победи тимот М2.