Барај
Close this search box.

Апликација за подобар пристап до пракса – Победник на Студентски хакатон

Минатиот викенд (7-8ми март), во просториите на Младински образовен форум се одржа Студентски хакатон на кој студентите од техничките факултети програмираа апликации за подобрување на можностите за студентите и состојбата во високото образование во Македонија.

Победник на хакатонот беше тимот Void кој го сочинуваат Лазар Николов и Илија Бошков. Нивната апликација цели студентите да можат поедноставно да најдат соодветно место за пракса и стекнување на вештини и знаења од областа на своите студии. Компаниите, институциите и организациите ќе можат да ги објавуваат можностите за пракса на студенти преку апликацијата. Апликацијата ќе овозможува и директна комуникација меѓу студентот и компанијата, и придонесува студентите да имаат порамноправен пристап до можностите за пракса. Во периодот кој следи апликацијата ќе се финализира и ќе биде достапна за студентите во земјата.

Во текот на непрекинати 36 часови работа, седум студентски тимови подготвуваа апликации кои ќе им помогнат на студентите да влијаат или да надминат некои од своите секојдневни проблеми со кои се соочуваат при студиите. Фокусот на тимовите беше на некои од проблематичните аспекти од високото образование: немањето виртуелен простор за систематизирана дискусија на студентите и професорите за проблемите, место за споделување на материјали и документи, предизвиците на меѓуградскиот превоз и наоѓањето на квалитетна студентска пракса. Меѓу предложените идеи се најдоа и евалуацијата на професори и предмети, рангирање на работата на универзитетите според критериуми како: техничка опременост, можност за практична работа, квалитет на наставно научниот кадар, хигиена.

Студентите во текот на хакатонот работеа под менторство на искусни програмери од ХакЛаб КИКА со чија помош ги изготвуваа своите апликации. Покрај можноста за соработка и надградување, целта на хакатонот беше да даде поттик на студентите за изнаоѓање на иновативни решенија за надминување на проблемите кои сметаат дека се важни. Младите програмери ги преточија своите идеи во апликации кои можат да бидат корисни за студентите во земјата.

Хакатонот бешеспроведен во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество во организација на Младински образовен форум во соработка со ХакЛаб КИКА со помош на волонтерите од БЕСТ.

Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.

 

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: