Нов ѕид на слободата во Старата скопска чаршија

Во недела, на 15 септември во Старата скопска чаршија (спроти кафулето Дамар) ќе биде поставена новата табла за слободно изразување на граѓаните.

Ѕидот за слободно изразување, на тема „Before I die…“ ќе биде отворен во 12 часот,  по што започнатата реченица ќе може да ја дополнат сите оние што ќе се најдат во Чаршија.

На првата, веќе поставена инсталација на улицата Македонија во Скопје, десетици граѓани секојдневно испишуваат пораки и мислења за тоа што за нив претставува слободата.

Инсталацијата е инспирирана од младата американска уметница Кенди Ченг, авторка на проектот Before I Die, реплициран во голем број светски метрополи.

Настанот се организира во рамките на проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), а го реализираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младинскиот образовен форум. Младите активисти, вклучени во проектот, преку есеи, мултимедијални содржини (видео, аудио, фотографија и графички дизајн) и кампањи ги промовираат основните демократски вредности во заедниците во кои што живеат.

Повеќе фотографии и најави за овие инсталации можете да најдете на Фејсбук страницата Изрази се слободно.

Сподели