Повик за анкетари за теренско истражување

Повик за анкетари за спроведување на истражување за „Студентски стандард на станарите во студентските домови“

Младински образовен форум во периодот на март – јуни 2019 спроведува истражување за студентскиот стандард на станарите во студентските домови. За потребите на истражувањето, отвораме повик за 10 анкетари кои ќе бидат директно вклучени во теренското спроведување на истражувањето и внес на податоците. Теренското истражување предвидува спроведување на прашалници во студетските домови: „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, во периодот од 23ти април до 23ти мај.

За подготовка на избраните анкетари ќе биде организиран еднодневен тренинг на 22ри април 2019 година на кој е задолжително да се присуствува. За прибирање и внесување на податоците анкетарите ќе бидат ангажирани во месеците април и мај 2019 година.

Сите заинтересирани за овој повик потребно е:
• Да се полнолетни;
• Да имаат мотивација да бидат вклучени во теренско спроведување на истражување;
• Да се во можност да го спроведуваат истражувањето во текот на работно време;
• Во периодот од од 22ти април до 23ти мај да бидат во државата и во можност да го извршат анкетирањето во горенаведените студентски домови;
• Претходно искуство во анкетирање ќе се смета за предност;
• Да присуствуваат на еднодневен тренинг на 22ри април;
• Да поседуваат добри комуникациски вештини.

Заинтересираните кандидати потребно е да достават CV, најдоцна до 17ти април 2019 до 17:00 часот на policy@mof.org.mk со назнака „Пријава за анкетар“. Сите прашања за повикот може да ги упатите на истата мејл адреса.

Избраните анкетари ќе бидат известени до 19ти април за времето и локацијата за еднодневниот тренинг, а за ангажманот е предвиден финансиски надомест.

Ова истражување има за цел да открие повеќе сегменти од студентскиот живот на студентите во домовите. Преку спроведување на истраувањето ќе се добие претстава за мометалната состојба на вклучување на станарите во носењето на одлуки, условите за живот, задоволување на културните, информативните, спортско-рекреативните и други заеднички потреби на студентите.

„Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.“

 

Тренинг за млади истражувачи

Од 15ти до 17ти февруари 2019 година, Младински образовен форум организираше тридневен тренинг за нови млади истражувачи кои имаат интерес да креираат истражувања во областите образование, политики за млади, социјални и политички прашања од важност за младите. Преку Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондации Отворено општество МОФ ќе поддржи четири истражувачки трудови, спроведени од млади истражувачи под менторство на искусни алумни стипендисти на Фондациите Отворено општество.

На тродневниот тренинг младите истражувачи се запознаа со работата на Младински образовен форум и работата на програмата за Истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики, како и со Основите на општествените истражувања.

Вториот ден, тренингот продолжи со предавања на темите: Што е истражување и креирања на истражувачки дизајн. Тимовите ги презентираа концептите за своите идни истражувања на општествени теми како што се: руралноста, насилството во образовниот систем, кариерни центри и националистичките и ксенофобичните чуства кај младите. Истражувачите слушаа предавања за главите техники и методи со кои ќе ги работат истражувањата, како квантитативни и квалитативни методи во општествените истражувања: анкета, квантитаивна анализа на содржина, интервју и фокус група, како и анализа на секундарни податоци како што е набљудувањето и основите на Академското пишување и пишување во областа на јавните политики заврши и вториот ден од овој тренинг.

Предавањата во првите два дена од овој тренинг ги одржа Марија Димитровска, докторанд на Филозофскиот факултет при УКИМ.

На третиот ден од тренингот,  тимовите се сретнаа со своите ментори кои се алумни на заедно работеа на дизајнот на истражувањето и финализирања на нивните идни истражувања.

Тренингот за нови истражувачи е поддржан од Фондациите Отворено општество.

Повик за млади истражувачи

Младински образовен форум (МОФ) отвора повик за млади истражувачи во склоп на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондации Отворено општество (ФОО). Целта на проектот е да се искористат ресурсите и капацитетите на МОФ и знаењето и искуството на алумни стипендистите градејќи мрежа на млади истражувачи.

Во склоп на проектот ќе бидат поддржани четири истражувачки трудови, а истите ќе ги спроведат млади истражувачи кои ќе бидат менторирани од искусни истражувачи од МОФ и мрежата на алумни стипендисти на ФОО.

За учество апликантите треба да ги исполнат следните услови:

  • Да се студенти или дипломирани лица на возраст од 19 до 26 години;
  • Да покажуваат интерес во истражувања во областите образование, политики за млади, социјални и политички прашања од важност за младите;
  • Да имаат разбирање за клучни младински проблеми на локално и национално ниво;
  • Да се во можност да посетат дводневна обука за млади истражувачи, надвор од Скопје;
  • Да се во можност да работат во тим и учествуваат во истражувањето со поддршка од ментор во периодот од јануари до мај 2019;
  • Да го финализираат истражувањето до 31-ви мај 2019;
  • Да присуствуваат на 4 предавања на Алумни стипендистите, организирани од МОФ;
  • Да го презентираат своето истражување на завршниот настан организиран од МОФ.

Сите заинтересирани можат да се пријават индивидуално или како тим најдоцна до 21ви јануари (понеделник) 2019 година на policy@mof.org.mk.

За аплицирање потребно е да се достават следните документи:

  1. CV на апликантот или апликантите доколку се аплицира како тим
  2. Резиме за предлог истражување (најмалку една страна)
  3. Предлог методологија за истражувањето (најмалку една страна)
  4. Распределба на средства – Буџет (Анекс 2, страна-Буџет)
  5. Временска рамка (Анекс 2, страна – Временска рамка)

Резимето, методологијата и буџетот за предлогот истражувањето може да бидат доставени индивидуално или од група на истражувачи (максимум тројца истражувачи). Изборот ќе го врши комисија составена од претставници на МОФ и алумни стипендистите и ќе биде врз база на бројот на поени добиени во различните критериуми наведени во повикот – Анекс 1.

Повеќе детали за подобноста, критериумите за одлучување и начинот на аплицирање можете да најдете во целосниот повик.

Сите заинтересирани апликанти кои имаат прашања, потреба од консултација или појаснувања за повикот можат да нè контактираат на policy@mof.org.mk.

 

Промовирана студентска платформа

Да не помине академската година без студентско организирање

Промовирана веб платформа за информирање на студентите

Денес, 21 декември 2018, во Хотел Солун во Скопје се одржа тркалезната маса „Студентско (не)организирање – проблеми и решенија“. На настанот организиран од Младински образовен форум (МОФ) со поддршка од DemocracyLab, Peacetech Lab и Амбасадата на САД, учествуваа 30 студенти, професори и претставници од различни институции, кои дискутираа за реформирањето на студентското организирање и потребата од студентски избори.

На тркалезната маса се презентираше новата веб платформа www.studentskisobranija.mk за информирање на студентите за студентското организирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Оваа веб страница е изработена од МОФ да помогне на студентите да се информираат за студентското организирање и да ги користат своите права.

На настанот дојде до израз тоа дека новото студентско организирање треба да донесе промени, но прво треба да се воспостави. Помина цел семестар откако стапи на сила новиот Закон за високо образование, со кој конечно требаше да се формираат вистински студентски претставнички тела. Правата на студентите се заглавени во институционалните лавиринти, и студентите не можат да добијат избори и свои претставници додека не се усвојат статутите на универзитетите.

„Собранието имаше должност да изгласа нови статути на универзитетите, како што налага новиот Закон за високо образование, за да можат студентите да можат да се вклучат во одлучувањето.  Студентите се заборавени и повторно немаат шанса да одлучуваат и да учествуваат, и доведена е во знак прашалник нивната позиција во самата академска заедница“, кажа Петар Барлаковски од МОФ.

Сефер Селими, извршен директор на Demoracy Lab посочи: „За да се разбере суштината на студентското организирање, пример е тоа што се случува со студентите моментално во Тетово. Имаме студенти кои во неможност да ги канализираат своите барања се принудени преку протести да ги кажат своите потреби“.

Стефан Дојчиноски, член на работната група која го изготви Законот за високо образование кажа: „Избравме делегратски модел за сите факултети рамноправно да учествуваат во Универзитетското студентско собрание. Студентот треба првичните битки да ги извојува внатре во универзитетот“. Борјан Ефтимов  – претставник на Студентската организација на Правен факултет „Јустинијан Први“ истакна: „Главниот проблем и кочница неформалните организации да учествуваат во учествувањето е брократијата. Мораме да ја притиснеме бирократијата и да поченеме со спроведување на Законот за високо образование“.

Присутните професори и студенти на настанот посочија дека и онаму каде што уште има студентски претставници во телата на факултетите и универзитетите, тие се нелегални, а со тоа и сите одлуки кои овие тела ги носат. Прашаа и дали студентите биле вклучени во изработката на новите статути кои се очекува допрва да се донесат. Целта на настанот беше да ја отвори дебатата за новото студентско организирање, очекуваните избори и да ја промовира платформата за информирање на студенти.

Беше промовирано и едукативното видео „Што се факултетски и студентски собранија?“

 

Треба ново средношколско организирање

Потребно е ново средношколско организирање за идни активни граѓани

Ученици и професори дискутираа за подобрување на ученичкото организирање преку законот за средно образование

Денес, 14 декември 2018, во Хотел Солун се одржа тркалезната маса „Средношколско учество помеѓу теорија и пракса”. На настанот организиран од Младински образовен форум (МОФ) во соработка со Коалиција на младински организации СЕГА, Првата детска амбасада во светот Меѓаши и со поддршка од Фондација Песталоци учествуваа 30 учесници и професори од различни училишта, кои дискутираа како да се обезбеди квалитетно средношколско организирање.

На тркалезната маса се разговараше за предностите од средношколското учество. Булингот, училишното насилство, третманот кон ученикот, условите и екологијата во училиштето беа најголемите проблеми кои учениците ги издвоија. Истовремено, кажаа дека тие самите се трудат да направат дебати со соучениците, акции, едукативни фестивали и други настани, кои би ги имало многу повеќе кога учениците би имале посериозна поддршка.

Средношколското организирање не е пропишано во Законот за средно образование, и единствено е утврдено во статутите на училиштата. Иако во пракса постојат средношколски заедници во многу училишта, во многу малку од нив имаат значајна улога.

Пратеничката Ивана Туфегџиќ од Собранискиот Клуб за младински прашања и политики, кажа: „Со дискусија за средношколското организирање, треба да одговориме на прашањата каде сакаме да биде следната генерација? Дали сакаме граѓани кои ќе молчат и ќе бидат незаинтересирани да делуваат, или сакаме граѓани кои ќе влијаат на секое прашање?“

Катерина Конеска од Првата детска амбасада во светот Меѓаши посочи дека во Собранието и институциите понекогаш се говори за детските права, но почесто на индиректен начин. „Со отворање на Законот за средно образование институциите ќе говорат повеќе“, кажа таа.

Мартин Лазаревски од МОФ кажа дека важно е да се направат законски измени за да се гарантира дека во секое училиште учениците ќе бидат чуени и ќе може да направат промена.

Дел од ученичките ги споделија своите искуства во училиштата:

„Немаат сите училишта функционални заедници, некои ги немаат ни воопшто, па и да сакаме не може да воспоставиме соработка меѓу средношколците од различните училишта“ кажа еден средношколец. Дел од учениците споделија одлични иницијативи кои ги реализирале: креативни фестивали, дебати, активности за поттикнување на другите ученици – но посакуваат да ги има повеќе и да имаат сите поддршка да ги пренесуваат своите пораки. Учениците имаат многу прашања кои сакаат да ги решат: намалување на булингот и насилството, добивање еднаков третман од наставниците, еко-училишта, вон-школски активности осмислени од нив, и сакаат повеќе простор да работат на тоа.

На двата линкови подолу може да се најдат документите поврзани со иницијативата за средношколско организирање:

Предлог измени на Закон за средно образование

Предлог Правилник за средношколска заедница

 

Колку и на што троши еден студент?

Колку и на што троши еден македонски студент? 

На 11-ти декември, во ГЕМ клубот, беа презентирани наодите од истражувањето „Колку и на што троши еден македонски студент?“ кое претставува мапирање на трошоците на студентите кои студираат на државните универзитети во Македонија. Истражувањето беше овозможено со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, а спроведено од страна на Младински образовен форум и Здружениеето на млади истражувачи и аналитичари.

Истражувањето беше спроведено во периодот февруари – март 2018 година и истото опфати 945 студенти од пет државни универзитети. Согласно истражувањето, студентските месечни трошоци или „студентската кошничка“ изнесува 21.410 ден. за студенти кои студираат со партиципација и 22.435 ден. за студенти кои студираат со кофинансирање, односно кои плаќаат школарина. Таа вклучува трошоци како партиципација односно школарина, трошоци поврзани со факултетот, трошоци за секојдневен живот, понатаму трошоци за превоз, домување но и режиски трошоци.

Студентскиот стандард е доста низок и финансиска состојба на студентите е навистина тешка. Најголемиот дел од нив живеат со родителите или старателите, кои се и најзначаен извор на финансии за студентите. На месечно ниво, за секојдневни трошоци, студентите располагаат просечно со 8.894 ден., износ кој за споредба, претставува 36,3% од просечната месечна нето-плата од мај 2018, или 74,1% од минималната месечна нето-плата во државата. Од овие средства, тие најмногу трошат на храна, алкохол и цигари, како и на хигиена и медицински производи. Најмалку трошат на културно-забавни настани, книги, списанија, весници или пак интернет-претплати.

На настанот говореа Сузана Пецаковска од Фондацијата Отворено општество – Македонија, Виктор Стојкоски од Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ), Мартина Илиевска и Александра Филипова од Младинскиот образовен форум (МОФ) и проф. д-р Борче Треновски. Тие ги презентираа наодите, заклучоците и препораките од истражувањето, кое е всушност сериозен обид да се дојде до првични сознанија за тоа колку и на што троши македонскиот студент и во јавноста да се покрене прашањето: Како живее еден македонски студент?

Целосниот документ за јавни политики во кое можете да ги прочитате наодите од истражувањето е на следниов линк

Станица: Студентска по штести пат

Станица Студентска 6.0 се одржа на 29 мај 2018 година, на Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј.  На студентите им беше понудена  целодневна алтернативна програма исполнета со предавања, работилници, презентирање на истражувања и креативни активности.

 

Станица: Студентска имаше за цел да обезбеди простор за современи предавања кои студентите ретко имаат можност да ги следат на нивните факултети, можност да се информираат за организациите кои се отворени за нив, да учествуваат во работилници, да се запознаат со нови истражувања и да разменат искуства и контакти. Настанот го организираше МОФ со поддршка на Фондации Отворено општество.

 

На Станица: Студентска посетителите можеа да се запознаат и зачленат во 20 младински организации преку отворен саем. Дел од организациите одржаа и свои предавања на факултетот, со што Национален младински совет на Македонија, ЏЕФ Македонија, ХЕРА, ЕМСА, ИАЕСТЕ, Субврезивен фронт, КРИК, Гоу грин, Истражувачко друштво на студенти биолози, Social Impact Award, Сојуз на извидници и индивидуалци истакнати во своите полиња, дадоа придонес кон збогатување на академскиот ден на студентот.

 

Деветнаесет млади истражувачи за прв пат ги презентираа своите нови истражувачки трудови пред своите врсници, поддржани во својот потфат од МОФ и искусни ментори. Приоритетите кои тие ги избраа за своите истражувања се: условите за лица со посебни потреби во образование, дискриминацијата во образованието, емиграцијата на младите, сексуалното вознемирување во Македонија и младинската невработеност.

 

 

 

Промовирано првото истражување за мониторинг на работата на Агенијата за млади и спорт

Младински образовен форум денес го промовираше истражувањето „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ со фокус на Агенцијата како носител на креирањето и спроведување на младинските политики. На настанот говореа:  Сафет Незири од Министерството за образование и наука, Младен Фрчковски од Минстерството за труд и социјална политика, Матеј Маневски од Центар за интеркултурен дијалог, Горан Ѓорѓиев од Сојуз на извидници на Македонија, Гордана Цекова од АМС, Мартина Илиевска и Александра Филипова од МОФ.

 

Според истражувањето за перидот 2014-2016г, соработката помеѓу Агенцијата за млади и спорт (АМС) и другите институции била на ниско ниво. Имало малку заеднички проекти и нема уредна документација за активностите. Агенцијата имала константна соработка единствено со МОН и одредена соработка со МИОА, АВРМ и Министерството за култура. Со Министерството за локална самоуправа немало соработка, додека Агенцијата за администрација и МТСП не располагале со информации за соработка со АМС.

 

Соработката со младинските организации била посебно слаба. Во минатите години агенцијата делувала сегрегирачки кон младинските органзации и соработувала само со малку од нив. Од 2014 до 2016 Агенцијата имала потпишано само 11 меморандуми со 6 организации што е мал број за период од три години. Односот на агенцијата кон младите и општата јавност придонел да биде перцепирана како „агенција за спорт“ која ги исклучува младите од своето делување.

 

Правна рамка за млади речиси и да не постои. Освен Националната стратегија за млади, нема правен акт ги уредува прашањата во областа „млади“. Креирање на Закон за млади или Закон за младинско учество е клучно за да регулираат правните празнини, а Агенцијата да добие јасни насоки за да може успешно да ги исполнува своите цели и приоритети.

Според препораките на истражувањето Агенцијата треба да го зајакне секторот млади, да ја ревидира стратегијата за млади и да започне квалитетен процес за креирање на акциски план за млади за 2018-2019. Агенцијата треба воспостави и модели за поддршка на младинските организации.

 

Истражувањето е реализирано во периодот јуни 2017 – јануари 2018, со фокус на соработка со младински организации, соработка со државни институции, правна рамка, внатрешно уредување и работење и перцепцијата на младинските организации и младите.

 

Проектот „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ е реализиран од страна на Младински образовен форум во периодот од јуни 2017 до јануари 2018 година. Проектот е поддржан од проектот “Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации”, имплементиран од “Фондација Отворено општество – Македонија” (ФООМ) и “ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии”, и е финансиски поддржан од Европската унија во рамки на IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015.

Повик за учество во фокус група, за млади ЛГБТИ лица

Субверзивен Фронт во партнерство со Младински образовен форум  спроведуваат истражување кое има за цел да ги испита перцепциите и ставовите на младите во Скопје за состојбата со малтретирањето и вознемирувањето засновано на сексуална ориентација и родов идентитет, како и да ги истражи искуствата на дискриминација кај ЛГБТИ лицата во Скопје.

За реализација на истражувачките цели, двете организации објавија повик за учесници на фокус групи.  Овие фокус групи кои ќе се одржат на 12 септември, во канцелариите на Младински образовен форум со почеток во 12 и 15 часот. Дискусијата во рамки на фокус групите предвидено е да трае околу 2 часа. За сите останати детали избраните учесници ќе бидат дополнително известени.

За учеството во фокус група предвиден е надомест во износ од 600 денари (нето), како и освежување. Учеството е анонимно и од учесниците се очекува изреченото во фокус групите да не го споделуваат надвор од нив.

Лицата кои ќе бидат вклучени во фокус групите потребно е да ги исполнуваат следните критериуми:

– Да се на возраст од 18 до 30 години

– Да живеат во Скопје

– Да се идентификуваат како ЛГБТИ лица

Сите заинтересирани можат да се пријават со пополнета Апликација на info@s-front.org и на policy@mof.org.mk.

Се одржа основачкото собрание на младинскиот совет во Струга

На 21 јуни 2015 година (вторник),во просториите на Центарот за заедниците, се одржа основачкото собрание на Локалниот младински совет на општина Струга (ЛМСОС) .

Оваа активност е резултат на повеќемесечните активности на Иницијативниот одбор за основање на младински совет на младите од Струга, а е дел од проектот “Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини” на Младински образовен форум и Центарот за меѓукултурен дијалог, финансиран од Европската Унија.

Собранието на ЛМСОС го сочинуваат млади кои се членови на граѓански организации кои работат со млади и за млади, како и политичките подмладоци од општината.

На првото собрание беше усвоен статутот и органите на здружението.

За претседател на локалниот младински совет беше избран Јаков Попоски, а за извршен директор Азем Баута.

На основачкото собрание му претходеше јавен повик на кој се пријавуваа претставници на младите за учество во младинскиот совет.

На основачкото собрание присуствуваа 13 младински организации, организации за млади како и политички подмладоци.

Проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“ е насочен кон младите луѓе, младинските организации и сите форми на младинско здружување и локалната самоуправа. Главната цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на младинското здружување на локално ниво, нивно формално препознавање од страна на општините, како и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, преку развој на младински активизам, младинска работа и младинско учество во процесите на донесување на одлуки. Проектот вклучува соработка со локалните самоуправи, локални акции и јавен процес на основање Локални младински совети, со поддршка од локалната самоуправа во 12 општини, а е финансиран од Европска Унија (ИПА програма – Civil Society Facility).