[Продолжен рок] Повик за програмски/ка координатор/ка на програмата Истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики

Согласно чл. 24 од Статутот на МОФ, Младински образовен форум објавува Повик за програмски/ка координатор/ка на програмата Истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики.

Апликацијата за програмски/а координатор/ка се подготвува од страна на кандидатот/ката за позицијата програмски/а координатор/ка во рамки на програмата: Истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики. Координаторот/ката на програмата Истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики работи со мандат од 18 месеци и има право на неограничен реизбор согласно условите наведени во TOR-от за позицијата.

Опис на обврските на координаторот се наведени во TOR-от прикачен кон овој повик.

Ангажманот на координаторот/ката е 40 часа неделно и за истиот има предвиден финансиски надоместок во износ од 43.000 – 52.000 денари бруто во зависност од искуството и образованието на кандидатот/ката.

Заинтересираните кандидати треба да се пријават најдоцна до 16.07.2023 година (недела, 23:59 часот) на info@mof.org.mk и matejpopducev@hotmail.com, со праќање на:

– Биографија (CV);

– Moтивациско писмо во должина до 1 страница и

– Апликација за работа во должина од не повеќе од 2 страни. 

Кандидатите кои ќе влезат во потесен круг ќе бидат поканети на интервју со комисијата составена од членови на Управниот одбор и извршната канцеларија на МОФ. Управниот одбор во полн состав ќе донесе одлука за избор на координатор на програмата.

Одржана тркалезна маса на тема „Младинско учество во единиицте на локалната самоуправа“

Младински образовен форум организираше тркалезна маса на тема „Младинско учество во единиците на локалната самоуправа “ на 20.10.2022 во просториите на Холидеј Ин во Скопје.

Во рамките на проектот се одржаа 6 работилници во повеќе градови низ државата на кои учествуваа над 100 млади лица. Учесниците се стекнаа со знаење за општините и нивните обврски спрема жителите и имаа можност да ги споделат проблемите со кои се соочуваат во нивното место на живеење. Лоцираните проблеми се протегаат од неасфалтирани патишта до нефункционални кина.

На настанот се презентираше документот за јавни политики кој содржи проблеми кои младите ги мапираа за време на работилниците, како и препораки насочени кон општините и останатите локални институции кои се  обврзани да ги адресираат истите.

Документот можете да го прочитате на следниот линк:  https://mof.mk/…/Dokument-za-javni-politiki-mladinsko…

Овој настан е дел од проектот „Младински политики за подобар животен стандард на млади од помали средини“, кој е овозможен со финансиска поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија  и во соработка со локалните организации Фондација за развој на локалната заедница – Штип , Регионален центар за одржлив развој – Гевгелија, Центар за истражувања и анализи НОВУС / Center for research and analysis  Струмица, Центар за едукација и развој – Теарце и НВО КХАМ – Делчево.

Презентација на наоди од истражувањето „Вовед во студентска дискриминација“

Младински образовен форум на 25.02.2022 година (петок) го промовираше истражувањето „Вовед во студентска дискриминација“.

Истражувањето се осврнува на студентската перцепција за дискриминација при државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола и Државниот универзитет во Тетово. Дополнително, во рамки на самото истражување се креирани и препораки насочени кон релевантните институции а во насока на превенција и санкционирање на дискриминацијата.

Клучни податоци од истражувањето:

  • Студентите кои се проценуваат себеси дека потекнуваат од семејства со висок социоекономски статус се позадоволни од климата на универзитетите и факултетите
  • Најнебезбедно се чувствуваат студентите со попреченост, студентите кои не сакаат да го кажат својот род,  како и студентите кои не сакаат да ја искажат својата сексуална ориентација.
  • Академската средина претставува најнепосакувана клима за студентите кои се геј/лезбијки и тие во најголема мера размислувале да си заминат затоа што не се чувствуваат прифатено, но и во најголема мера сметаат дека не им се ценат мислењата и дека немаат можност да го изразат својот потенцијал.
  • Ромите се чувствуваат најмалку ценети како да не припаѓаат на универзитетот и дека универзитетот нема посветеност кон правичноста, еднаквоста и инклузијата и во најголема мера размислувале да го напуштат универзитетот затоа што се чувствувале изолирано
  • Студентите во најмала мера остваруваат контакти со лица со попреченост и со лица со различна сексуална ориентација во рамки на кампусот, како и со лица кои имаат попреченост во учењето, психолошки или други тешкотии што не се видливи
  • 234 (29,7 %) студенти одговориле дека ја почувствувале дискриминација на своја кожа, од кои 134 (16,96 %) студенти на УКИМ, 11 (1,39 %) на УКЛО, 42 (5,31 %) на УГД, 42 (5,31 %) на ДУТ и 5 (0,63 %) од оние кои студираат на два универзитета.
  • Во однос на сексуалната ориентација, во рамки на својата група, најголем процент на дискриминирани студенти има кај студентите кои се геј/лезбијки (43,5 %)
  • Само 7,6  % од сите студентите знаат дека на факултетите има постапка за пријавување дискриминација, но за жал сметаат дека таа неефикасно се спроведува
  • Само 6,6 % (52) од студентите некогаш пријавиле дискриминација на факултетите

Според студентската правобранителка на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Теа Мицевска, малиот број на пријави  од страна на студентите во однос на дискриминацијата се должи поради неинформираноста на студентите за механизмите за заштита и остварување на своите права.  Таа изјави дека се соочила со сведоштва на студенти кои не се осмелуваат да ги пријават прекршувањата на нивните права поради страв.

Игор Јадровски, член на Комисијата за заштита и спречување од дискрминација изјави дека од 167 предмети кои ги имаат изработено во 2021 година, само 1 претставка доаѓа од студентка за случај на дискриминација, што е поразително.

Според претседателката на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Ева Цветковска, алармантен е податокот дека академската средина потфрлува во прифаќањето на Ромите како дел од таа средина. Таа додаде дека во фокус на нивната работа како студентски претставници треба да биде адресирањето на дискриминацијата на студентите кои не се дел од хетеронормативната сексуална оритентација, а особено да се поттикнат студентите со друга сексуална ориентација поактивно да ги пријавуваат случаите на дискриминација низ кои поминуваат во академската средина.

Препораки:

  1. Подготовка и усвојување на интерни акти за спречување и заштита од дискриминација во рамки на универзитетите
  2. Воспоставување на посебно тело за спречување и заштита од дискриминација при универзитетите, во чие воспоставување и функционирање студентите ќе имаат значајно учество
  3. Јавно и редовно информирање на студентите и вработените на факултетите и универзитетите за основите и формите на дискриминација и достапните механизми за заштита од дискриминација и начинот на кој може да се спроведе постапка за заштита од дискриминација
  4. Спроведување на анонимни годишни анкети за дискриминацијата од страна на посебните тела за спречување и заштита од дискриминација
  5. Ревизија на учебниците и учебните помагала, отстранување на спорните содржини и воведување на објективни, научно засновани информации кои се темелат на човековите права и принципот на недискриминација.

Истражувањето е изработено од Младински образовен форум во рамки на проектот „Студентска перцепција за дискриминација“ подржан од Фондација Отворено Општество Македонија.

[Продолжен рок] Повик за доставување на понуди: Спроведување на истражување на јавно мислење

Младински образовен форум – МОФ (во понатамошниот текст: Нарачателот) објавува конкурс за ангажирање истражувачка агенција за спроведување на истражување на јавното мислење меѓу младите (15 – 29 години). Во рамки на истражувањето предвидено е да се направи испитување на перцепциите, мислењата и ставовите на младите во Северна Македонија на тема бегалци, мигранти и лица без државјанство.

Повикот е наменет за правни лица.

Очекувани производи
– Спроведување на истражување на национално репрезентативен примерок од минимум 1000 млади (15 – 29 години);
– Логистичко спроведување и модерирање на 2 фокус групи со млади луѓе;
– Основна анализа и статистичка презентација на наодите од истражувањето;
– Дистрибуција на целосната база на добиени податоци до Нарачателот за понатамошни анализи.

Временска рамка
Ангажманот предвидува 10 (десет) работни дена, со датум на почнување 1.11.2021 и краен датум на завршување 13.11.2021 година.
Профил и квалификации на Агенцијата
Агенцијата треба да има знаење и искуство во спроведувањето на овој тип на активности за што треба да приложи соодветни докази (наведени во делот „Начин на аплицирање“). Тимот од консултанти/истражувачи треба да ги исполнува следните услови: способности за планирање и организација, подготвеност за спроведување на сите активности и особена насоченост кон навремено исполнување на зададените задачи.

Начин на аплицирање
Заинтересираните Агенции потребно е да достават:

  • Предлог- алатки за спроведување на истражувањето;
  • Предлог-акциски план и временска рамка за спроведување на истражувањето (по активности и денови);
  • Предлог-буџет според акцискиот план;
  • Професионална биографија со вклучени референци за секој од консултантите;
  • Портфолио на клиенти/организации за кои се спроведени ист или сличен вид на истражувања;

Наведените документи треба да се достават преку електронска пошта, на адресите info@mof.org.mk  и nina_mircevska@radiomof.mk со назнака (Subject line): Апликација за спроведување на Истражување.  Повикот е продолжен до 27 октомври (среда) 23:59 часот. 

Заинтересираните кандидати кои ќе достават нецелосни апликации или кои ќе ги достават по истекот на рокот, нема да бидат земени предвид при разгледувањето на пријавите.
Кандидатите кои аплицирале, ќе бидат известени за резултатите од повикот телефонски и по електронски пат.