Преглед на априлските активности на Младинскиот образовен форум

Младински образовен форум во чии рамки активни се неколку младински програми и тоа дебата, учиме право, медиа/арт, клубови за демократско учество, новинарски клуб и клубови за претприемништво,  направи преглед на своите априлски активности.

Во рамки на Дебатната програма се одржа второто Онлајн национално дебатно првенство, од 23 до 25 април. На првенството учествуваа 15 тима ширум Северна Македонија кои се бореа за победничките позиции на турнирот.

Првенството го освои тимот „Оревите“, составен од Леонардо Змајшек, Лука Кадриќ и Митко Неданоски. Исто така ги добивме и петте најдобри говорници кои ќе ја претставуваат Северна Македонија на Светското првенство во форматот „World Schools“, организирано од страна на Макау. Говорниците се Леонид Сајков, Георгина Петреска, Љубен Атов, Фросина Кекеновска, Карла Станков.

Наградите за Националното дебатно првенство 2021 се поддржани од АРС Ламина.

Онлајн национално дебатно првенство

Додатно, започна работата на младинските кампањи во склоп на проектот „Младински пакети и ангажираност преку младински кампањи“, поддржан од Фондација отворено општество – Македонија, кој МОФ го спроведува во соработка со „Еквалис“, „Хера“ и „Психотерапика“.

Во склоп на програмата Младински активизам се одржа второто онлајн издание на конференцијата за социјален активизам кај младите – „Еngage youth“. Конференцијата „Engage youth“ виртуелно спои млади активисти кои споделија знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, социјална промена, инклузија, слобода на говор, активизам на јавен простор, технологија и иднина на образование. Настанот се одржа на 27 април, на платформата за видео комуникација „Зум“, ја проследија над 100 млади луѓе како на „Зум“ така и преку стрим преносот на Фејсбук и беа поставени над 25 прашања од публиката. Конференцијата беше пренесена и на знаковен македонски јазик.

Второ онлајн издание на „Engage Youth“

Тимот на Програмата за истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики одржа неколку состаноци со претставници на државните институции, презентирајќи им го документот „Млади во криза 2.0 – Ефекти од пандемијата врз младите и препораки до институциите“. Беа одржани состаноци со советникот за млади и советникот за труд и социјална политика, Ѓорѓи Тасев и Милан Живковиќ, со Заменик-Премиерот Фатмир Битиќи, со министерката за образование и наука, Мила Царовска, со директорот на агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски како и со Клубот на млади пратеници во рамки на Собранието на РСМ. На состаноците беа презентирани податоците од истражувањето како и препораките кои имаат за цел да ги намалат односно превенираат штетите од пандемијата врз младите.

Средба со министерката за образование и наука, Мила Царовска

Во рамките на програмата за Младински претприемачки вештини, на 17 април се одржа отвореното предавање со Белино Џафа на тема „Финансирање и вреднување на вашиот стартап“. Предавачот го искористи своето искуство во банкарството за да ги поучи учесниците како да ги добијат најдобрите услови кога на претприемачите им е потребна финансиска поддршка од банка.

Онлајн предавање за претприемништво

 

Повик за ангажирање на експерт/ка за креирање на методологија за истражување и спроведување на истражување

Mладински образовен форум (МОФ) во рамки на проектот „Квалитетни образовни политики и можности за младите“, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, отвора повик за ангажирање на 1 (еден) експерт/ка за подготовка на методологија за истражување и спроведување на истражување за животниот стандард на младите од урбаните и руралните средини, со фокус на пристапот до образование и можностите за образование на младите.

Избраниот кандидат, односно кандидатка, ќе треба да подготви методологија за истражување, како и да го спроведе истражувањето за животниот стандард на младите со фокус на пристапот до образование од урбаните и руралните средини, опфаќајќи ги сите осум плански региони во државата.

Селектираниот кандидат/кандидатка треба да изработи:

  • Анкетен прашалник за млади од 15 до 29 години;
  • Сценарио за фокус-групи со млади од 15 до 29 години;
  • Анализа на податоците од прашалникот и фокус-групите;
  • Анализа на релевантните акти кои го регулираат рамноправниот развој помеѓу планските региони во државата;

Заинтересираните треба да ја достават својата апликација за ангажманот на електронската адреса info@mof.org.mk и policy@mof.org.mk, не подоцна од 18.04.2021 година со наслов „Пријава за експерт за подготовка на методологија за истражување на животниот стандард на младите од урбаните и руралните средини“.

Во пријавата, кандидатите треба да ги поднесат следните документи:

  • Лична биографија (CV) на македонски јазик;
  • Пополнета апликација (Апликација за подготовка на методологија и спроведување на истражување);
  • Финансиска понуда

Експертот/експертката ќе биде ангажиран/а во периодот април-август 2021 година. Предвидено е финалното истражување да биде готово до крајот на јуни односно почетокот на јули 2021 година.

За дополнителни информации или прашања, слободно обратете се на електронската адреса petar_barlakovski@mof.org.mk.

Проектот е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Повик за ангажирање на експерт/ка за креирање на методологија за истражување и спроведување на истражување за студентската перцепција за дискриминација на државните универзитети

Младински образовен форум (МОФ) во рамки на проектот „Студентска перцепција за дискриминација“, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, отвора повик за ангажирање на 1 (еден/на) експерт/ка за подготовка на методологија за истражување и спроведување на истражување за студентската перцепција за дискриминација при државните универзитети.

Избраниот кандидат, односно кандидатка, ќе треба да подготви методологија за истражување, како и да го спроведе истражувањето за студентската перцепција за дискриминација при универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Државниот универзитет во Тетово, „Св. Климент Охридски“ – Битола и „Гоце Делчев“ – Штип. Селектираниот кандидат/кандидатка треба да изработи 1) анкетен прашалник за студенти и 2) сценарио за фокус-групи со студенти 3) анализа на податоците од прашалникот и фокус-групите и 4) анализа на релевантните акти поврзани со санкционирање на дискриминацијата при универзитетите.

Заинтересираните треба да ја достават својата апликација за ангажманот на електронската адреса info@mof.org.mk и policy@mof.org.mk не подоцна од 07.04.2021 година (среда) 18:00 часот со наслов: Пријава за експерт за методологија и спроведување на истражување на студентската перцепција за дискриминација при државните универзитети.

Во пријавата кандидатите треба да ги поднесат следните документи:

1. Лична биографија (CV) на македонски јазик;
2. Пополнета апликација (Апликација за подготовка на методологија и спроведување на истражување);
3. Финансиска понуда.

Експертот/експертката ќе биде ангажиран/а во периодот април-август 2021 година.

Сите заинтересирани кандидати можат да ја симнат апликацијата за аплицирање тука, и истата да ја приложат со потребните документи.

За дополнителни информации или прашања слободно обратете се на електронската адреса petar_barlakovski@mof.org.mk

Проектот е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија

Делиберација или манипулација: Средношколско учество во Град Скопје

Презентација на наоди од истражувањето за средношколско учество во Град Скопје 

Младински образовен форум во изминатите 3 месеци спроведе истражување за состојбата со учество на учениците во училишната заедница во средните училишта во Град Скопје.

Истражувањето ги опфати речиси сите училишта во Град Скопје и во истото беа вклучени 1870 испитаници – ученици од средните училишта во градот. Наодите на истражувањето ги дадоа следните резултати:

–              Фактички информации за постоењето на УПТ: 73,7 % од испитаниците одговориле дека во нивното училиште постои УТП

–              Квалитет на комуникацијата: Од испитаниците во чие училиште постои УПТ, 6,53% дале оценка 1 или 2 за комуникацијата помеѓу учениците и професорите, споредено со 9,37 % од оние во чие училиште не постои УПТ, или кои не се сигурни дали телото постои или не.

–              Честота на појава на конфликт: Од испитаниците во чие училиште постои УПТ, 11,17 % процениле дека често или многу често настанува конфликт помеѓу учениците и професорите, споредено со 18,13 % од оние во чие училиште не постои УПТ, или кои не се сигурни дали телото постои или не.

–              Чувства на одговорност за квалитетот на наставата и на учество во одлучувачкиот процес: Од испитаниците кои во моментов се дел од УПТ, 73,74 % (потполно) се согласуваат со тврдењето дека тие се одговорни за квалитетот на нивното образование, споредено со 70,97 % од оние кои не се дел од УПТ

–              Поставеност на професорите и училишната администрација: Релативно мал процент од учениците сметаат дека професорите и училишната администрација им дозволуваат (55.6%), ги поддржуваат (61.3%), и ги поттикнуваат (57.8%) да учествуваат во одлучувачкиот процес

По повод промоција на наодите од истражувањето беше организирана панел дискусија на која присуствуваа: Ајше Бекири, психолог во СУГС „Зеф Љуш Марку“, Мила Јовановиќ, Претставник од Училишната заедница на СУГС „Никола Карев“, Жана Живадиновиќ, професор во СУГС „Арсени Јовков“ и Матеј Поп-Дучев, автор на истражувањето.

Даниела Адамова – Раководителот на секторот за средно образование во Град Скопје го поздрави истражувањето и за истото сподели дека „ истражување е поддржано по пат на јавен повик како истражување кое што е приоритет на градот Скопје веќе 15 години. Ние нема да се откажеме и понатаму да ја истакнуваме како важна императивна оваа тема, особено во отсуство на правна легислатива“.

На прашањето која е улогата на претставниците на средношколците, Мила Јовановиќ – претставник на средношколсаката заедница во Орце Николов сподели дека тие се легитимно тело кое ги застапува учениците и дека нивната улога е да работат на подобрување на ученичките услови и да организираат дополнителни иницијативи и настани кои носат придобивки на учениците.

Автор на ова истражување е Матеј Поп-Дучев, а целосниот документ е достапен на следниот линк: https://bit.ly/3sVWyt2

Истражувањето е поддржано од Град Скопје.

Презентација на наоди од истражување за студентските домови

Младински образовен форум ве поканува на промоција на наодите од истражувањето „За станарските работи – Истражување за животниот стандард на станарите во државните студентски домови „Браќа Миладиновци“ – Штип, „Кочо Рацин“ – Битола и „Пелагонија“ – Скопје.

По презентацијата на наодите ќе следи панел дискусија на која ќе се даде осврт на предизвиците со кои се соочуваат студентите и институциите со појавата на корупција во домовите, како и за механизмите за справување со истата.

На настанот учество ќе земат:

  • Директорот на Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ – Штип, Мите Наковски
  • Раководител на одделение при Државниот студентски дом „Пелагонија“ – Скопје, Јулијана Атанасовска
  • Директорката на Државниот студентски дом „Кочо Рацин“ – Битола, Соња Карапец
  • Претставник од Државната комисија за спречување на корупција
  • Виш програмски координатор во Фондацијата Отворено општество – Македонија, Сузана Пецаковска
  • Програмски координатор во Младински образовен форум, Петар Барлаковски

Проектот „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ е имплементиран од страна на Младински образовен форум (МОФ) и се спроведува во периодот од ноември 2019 до декември 2020 година. Проектот е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија, преку Програмата за поддршка на високото образование на Фондациите Отворено општество.

Целта на проектот е да придонесе за зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и за подобрување на квалитетот на сервисите што ги добиваат студентите во студентските домови преку нивна поголема вклученост и преку локални студентски организации за подобрување на условите во домовите и на студентскиот стандард воопшто.

Далечинско учење: коментари за предлог-концепција и наоди од досегашното далечинско учење

По објавувањето на Концепцијата за образование на далечина од страна на Министерството за образование и наука, Младински образовен форум изработи препораки за дополнување на концепцијата и спроведе фокус-групи за споделување на искуствата и потребите на средношколците во врска со далечинското учење.

Значајно е тоа што документот содржи добра разработка на образовните промени, поткрепени со извори и статистички податоци за досегашниот глобален резултат на далечинско образование, како и објаснување на некомплетната информатичка инфраструктура во образованието. Но, она што недостасува се конкретни насоки и планови за како ќе се спроведе образовниот процес во Република Северна Македонија започнувајќи од септември 2020 година и поголем фокус на понатамошниот развој на далечинското образование. По спроведените анализи и фокус-групи со средношколци од 5 града од 9 училишта на национално ниво (во текот на јули 2020 година), би сакале да потенцираме и да апелираме за дополнување на Концепцијата во насоки на инклузивност на образовниот процес, грижа за менталното здравје и состојбата на учениците преку стручните служби, градење на капацитетите на професорите за работа на дигитални платформи и виртуелна работа со ученици, решавање на проблемот со недостаток на компјутерска опрема во семејствата со ученици, но и создавање на конкретен план и програма за компетенции кои Концепцијата цели да ги изгради и развие кај учениците во оваа академска година:

  1. Потребно е Концепцијата да ги опфати и обезбеди потребите за учење на учениците со попреченост. Како земја која ја има ратификувано Конвенцијата на ОН за права на лица со попреченост и претендент за инклузивно образование, не смее да се испушти оваа категорија во документот. Досегашните програми на далечина не беа достапни за учениците со попреченост, па токму затоа потребно е да се води сметка да се направат образовните содржини пристапни за овие лица. Пример за ова се обезбедување на користење на знаковен јазик и субтитли, соодветни формати за читачи на текст за слепите лица, лекции и задачи во аудио верзија, издавање на материјали на Брајово писмо, адаптирани веб страници за слепи/слабовидни лица и лица со ограничена мобилност итн.Оваа категорија на ученици не смее да биде запоставена во далечинското учење, особено како веќе загрозена категорија.
  2. Дополнување на Концепцијата со грижа за менталното здравје на учениците, работа на училишните психолози во рамки на образованието на далечина. При потреба од далечинска настава, разумно е да се претпостави дека е попречена социјализацијата на учениците, а воедно постојат и низа други социјални и психолошки предизвици со кои се соочуваат. Поради ова, важно е да се утврди потребата од обезбедување психолошка поддршка, советување и мерки за грижа за менталното здравје. За обезбедување на оваа функција на далечинското образование, потребно е не само да се осигура лесна комуникација на училишните психолози со учениците, туку уште поважно – да се обезбеди обука на професорите за бихејвиоризмот на учениците во новата учебна средина и појавите во неа (како на пример онлајн врсничко насилство, сајбер безбедност и слично).
  3. Фиксни распореди на часови и додатна настава за учениците – сосема веројатно е дека од различни причини дел од учениците може да заостанат со наставата. Важно е Концепцијата да обезбеди структуриран принцип на учење, преку редовни часови во првата половина од денот, простор за индивидуално совладување на содржините во втората половина од денот, како и да гарантира додатна настава (по редовните часови). Особено е важно да се планираат редовни консултации со предметните наставници и следење на индивидуалниот напредок кај учениците, а истовремено да се забрани праксата на комуникација наставници-ученици во вечерните часоци и за време на викендите.
  4. Обезбедување на е-учебници, материјали за учење и однапред подготвени дополнителни материјали за учениците – фокусот треба да се стави на објавување на сите постоечки учебници, обезбедување на авторски права на институциите за издадените учебници и креирање на политика преку која авторските права на сите идни учебници (кои се со јавна функција и финансирани од јавни средства) ќе бидат сопственост на јавните институции, а со тоа и достапни за користење без интернет поддршка (да се преземаат од интернет). Дополнително, треба да се предвиди дата-база со достапни дополнителни материјали кои ќе бидат филтрирани и одобрени од страна на надлежните лица. Оваа дата-база да може да се користи за истражување и информирање на учениците во текот на образовниот процес преку нивна индивидуална работа. При поставување на учебниците и креирање на дата-базите треба да се води сметка да бидат во пребарлив формат и достапни за програми за аудио читање.
  5. Предвидување на содржини за онлајн безбедност – со оглед на тоа што далечинското учење е нешто ново во нашиот образовен систем, потребно е не само професорите туку и учениците да се зпознаат со онлајн безбедноста, споделување на податоци и грижа за безбедноста на податоците кои ги оставаат онлајн.
  6. Програми за ранливи групи и обезбедување на технологија за учениците во ранливи категории – со огледа на фактот дека основното и средното образование се задолжителни, при далечинска настава институциите мора да се погрижат сите ученици да имаат пристап до настава. Ова може да се направи преку анкети и вршење попис на опрема во училиштата, за неискористената опрема од училиштата да може да се дава на времено користење на ученици од загрозени семејства кои немаат соодветни уреди, повеќе ученици кои се дел од едно семејство и немаат доволно уреди на располагање, наставници / професори кои немаат соодветни уреди. Концепцијата треба да се осврне и на тоа како ќе се земат предвид потребите на ранливите групи и ученици (млади од социо-економски загрозени семејства, ученици со попреченост, ученици кои не добиваат поддршка од семејства, ученици без родители, други), чија социо-економска состојба и маргинализација е дополнително отежната од КОВИД-19 кризата. Потребно е да се предвидат пристапи за идентификување на овие групи, обезбедување на еднаков пристап до образовниот процес и нивна поддршка.
  7. Обезбедување на ефективно следење на наставата, квалитетно, реално и воедначено оценување на учениците – Концепцијата треба да овозможи механизам за обезбедување активно учество и следење на наставата на далечина. Во оваа насока препорачуваме да се адаптира и преслика модалитетот на Safe Exam Browser. Оваа програма, покрај тоа што обезбедува квалитет во начинот на оценување на учениците, би можела да се адаптира и за обезбедување активно следење на наставата од далечина. Во рамки на далечинското учење, мора да се внимава на одржување на активното учество на часовите и предавањата (при што наставниците ќе можат да проценат дали тие го следат предавањето или се само „виртуелно приклучени на часот“), а оваа активност да се засметува во финалната оцена на ученикот. Дополнително, препорачуваме да се изнајдат модалитети за усно оценување со цел развивање на вештините за аргументација, презентирање и критичко размислување кај учениците.
  8. Ревизија на роковите од акцискиот план за активности – Во однос на акцискиот план за активности, апелираме да се ревидираат и скратат предвидените рокови со цел обезбедување на итни мерки и долгорочни активности. Моменталниот план не ја рефлектира потребната агилност на образовните институции – нужно е создавање на ефективно и функционално решение за учебната 2020/2021 година.

Понатаму, првичните наоди од фокус-групите, чиј што извештај ќе биде објавен во текот на следната недела:

Загрижува тоа што начинот на спроведување на далечинското учење не успеа да обезбеди еднакво образование за сите ученици – имплементацијата се разликува од училиште во училиште, па дури и помеѓу професорите во исто училиште „Кај нас секој професор имаше своја дефиниција за далечинско учење. Немаше унифицираност. Само 1 професор се трудеше и другите професори го исмејуваа.“ – споделува еден од учесниците на фокус-групата.

Во текот на далечинското учење, единствен помагател на учениците беа учебниците кои веќе ги имаа на располагање – „Книгите не ми помагаа многу, ми требаше некој да објасни. Многу натежнуваа професорите да се користиме со интернетот, иако треба да се користат и книгите.“ – Иако учебниците во нашиот образовен систем се бесплатни и достапни за сите ученици, во услови на дигитално образование, материјалите за учење не беше лесно да стигнат до сите, учесниците споделија и дека дел од нивните соученици не можеле да стигнат до учебните материјали.

Недостаток на образовниот систем е тоа што голем дел од професорите воопшто не се ни
запознаени како да работат со дигиталните платформи за предавање. Во фокус-групите, средношколците споделуваа дека за нивните професори било тешко да ги закажуваат онлајн средбите и дека нивната неподготвеност за работа со технологија сериозно влијаела на онлајн наставата. – „Tребаше да се вклучат повеќе.“; „Професорите не се залагаа. Ние им велевме на немотивираните професори дека ќе организираме ЗУМ средба, а тие треба само да се вклучат.“ – вели еден од учесниците на фокус групите.

Преминот од офлајн во онлајн просторот го отежнува процесот на изведување на настава за сите учесници во процесот (ученици, професори и надлежни институции). Ги изнесува на виделина веќе постоечките проблеми со образовниот систем на државата како недостаток на дигитализација и технолошка неподготвеност на наставниот кадар.

Потенцираме дека во плановите, документите и стратегиите кои се подготвуваат за новата
„далечинска“ учебна година е потребно да се внимава на повеќе нешта. Пред сè, мора да се води сметка за инклузивноста на образовниот процес, градење на капацитетите на професорите за работа на дигитални платформи и виртуелна работа со ученици, решавање на проблемот со недостаток на компјутерска опрема во семејствата со повеќе ученици, но и креирање на конкретен план и програма за компетенции кои целиме да ги изградиме и развиеме кај учениците во оваа академска година.

Изминатите месеци училиштата беа оставени сами на себе при изведбата на наставата, изнаоѓајќи различни начини кои не секогаш беа функционални и ефективни во смисла на квалитетно предавање на наставниот материјал. Оттука, токму и поради недостатокот на унифициран пристап и јасни насоки дадени од надлежните институции, учениците беа изложени на настава со низок квалитет, лоша двонасочна комуникација професор-ученик, но и соочени со необјективно и нефер оценување. Истражувањата на Светска банка велат дека во „нормални услови“, 11 години во нашиот образовен систем се еднакви на 7 години стекнато знање – можеме само да замислиме колкави штети и последици ќе остави на денешните ученици и студенти бавното придвижување кон далечинското образование и дигитализацијата.

Повик за учесници во Фокус група – Студентски дом „Пелагонија“, Скопје

Младински образовен форум во склоп на истражувањето за студентскиот стандард на станарите во студентскиот дом „Пелагонија“ отвара повик за учесници во фокус група. Целта на фокус групата е прибирање на подлабоки информации за квалитетот на живот во студентските домови, вклученоста на студентите во носењето одлуки кои ги засегаат, како и нивната перцепција за процесите во студентските домови.

Фокус групата ќе се одржи на 5-ти март за студенти станари во студентскиот дом „Пелагонија“ со почеток во 18:00 часот. Дискусијата во рамки на фокус групата ќе трае најмногу 1:30 час. По завршувањето на фокус групата е предвидена неформална коктел дружба, со што целиот настан на учесниците би им одзел не повеќе од 2 часа. За локацијата на одржување на фокус групата и останати детали, избраните учесници ќе бидат дополнително известени.

Бројот на учесници во Фокус групата е ограничен. Учеството е анонимно, а од учесниците се очекува дискусијата во фокус групата да не ја споделуваат понатаму.

За да се одговори на целта и методологијата на истражувањето, лицата кои ќе бидат вклучени во оваа фокус група потребно е да се студенти станари во државниот студентски дом „Пелагонија“.

Сите заинтересирани можат да се пријават најдоцна дo 03.03.2020 со пополнување на кусиот прашалник на следниот линк.

За повеќе информации слободно контактирајте не’ на petar_barlakovski@mof.org.mk

Активноста е дел од проектот Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Република Северна Македонија.
Проектот е финансиран од Програмата за високо образование на Фондациите отворено општество, преку Фондацијата Отворено општество – Македонија.