МОФ го објави извештајот „Студентски избори 2020/2021“

Младински образовен форум преку во рамки на програмата за Истражување го објави извештајот „Студентски избори 2020/2021“.

До моментот на изработка на извештајот „Студентски избори 2020/2021“, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје се одржаа избори на 21 од 23 факултети во период од 4 ноември до 26 февруари.

Младинскиот образовен форум ги набљудуваше изборните процеси на сите 21 факултети каде што тие се реализираа

Вкупната излезеност на студентските избори беше 21%, односно гласале 4885 од 23383 студенти со право на глас. На онлајн изборите излезноста изнесувала 25.6%, а на изборите со физичко присуство излезеноста изнесува 5.13%. Неофицијалната излезеност на студентските избори во 2019/20 изнесувала 14.9%, што значи дека учеството на студентите на студентските избори се зголемило за 6%.

Во иднина, факултетите и студентските собранија треба да работат на поголема промоција на студентските организации, нивните надлежности и овластувања, како и промоција на студентските избори. Дополнително, онлајн изборите се покажуваат како далеку поефикасен метод за реализација на изборите, па треба да се размислува во насока на целосен премин кон онлајн избори.

Презентација на резултатите од четири истражувачки трудови

Младински образовен форум (МОФ) ве поканува на промоција на резултатите од четири истражувачки труда кои се изработени во рами на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено oпштество.

Промоцијата ќе се одржи на 16 јули 2019 (вторник) со почеток од 18:00 часот во просториите на Јавна Соба.

Истражувачките трудови се изработени од страна на четири тима – седум млади истражувачи кои беа менторирани од искусни истражувачи, со поддршка од МОФ, и во изминатите неколку месеци работеа на своите трудови и ги креираа и финализираа истражувањата. Младите истражувачи обезбедија податоци на темите кои значајни за младите и тоа: врсничкото насилство, национализмот кај младите средношколци, работата и функционалноста на центрите за кариера и популаризирање на руралноста кај младите луѓе.

Со истражувачката работа, овие млади истражувачи го продлабочија своете знаењето за креирање подобри младински политики и разбирање на проблемите и трендовите во општеството. На промоцијата секој тим кусо ќе го презентира своето истражување и ќе ги сподели главните наоди добиени од истражувањето како и заклучоците од истото. Изработените истражувања се :

„Популаризирање на руралноста – Потенцијалите на руралното коработење и ефектот врз миграциските трендови на младите во Република Северна Македонија“ – Елена Андонова и Ѓорѓи Димески
„Улогата и работата на центрите за кариера при факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Ангела Тасевска
„Анализа на врсничкото насилство на интернет кај средношколците“ – Симона Стојчевска
„Националистички чувства и ставови кај средношколците во Република Северна Македонија“ – Исаја Карадаковска, Емилија Божиновска и Мартина Георгиевска

Проектот има за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на МОФ со знаењето и искуството на алумни стипендистите на Фондациите Отворено општество во корист на млади истражувачи, студенти и пошироката јавност во Северна Македонија. Младите и студентите немаат можност да прават истражувања и истражувачка академска работа поради ограничени ресурси – финансиски и менторски. Со овој проект беа искористени капацитетите на алумни стипендистите, со цел да ги споделат своите знаења со младите кои за прв пат се занимаваат со општествено релевантни истражувања и заедно да придонесат во креирање на квалитетни анализи кои ќе помогнат да се подобрат политиките или да се подигне свеста за важни прашања во Северна Македонија.

Колку и на што троши еден студент?

Колку и на што троши еден македонски студент? 

На 11-ти декември, во ГЕМ клубот, беа презентирани наодите од истражувањето „Колку и на што троши еден македонски студент?“ кое претставува мапирање на трошоците на студентите кои студираат на државните универзитети во Македонија. Истражувањето беше овозможено со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, а спроведено од страна на Младински образовен форум и Здружениеето на млади истражувачи и аналитичари.

Истражувањето беше спроведено во периодот февруари – март 2018 година и истото опфати 945 студенти од пет државни универзитети. Согласно истражувањето, студентските месечни трошоци или „студентската кошничка“ изнесува 21.410 ден. за студенти кои студираат со партиципација и 22.435 ден. за студенти кои студираат со кофинансирање, односно кои плаќаат школарина. Таа вклучува трошоци како партиципација односно школарина, трошоци поврзани со факултетот, трошоци за секојдневен живот, понатаму трошоци за превоз, домување но и режиски трошоци.

Студентскиот стандард е доста низок и финансиска состојба на студентите е навистина тешка. Најголемиот дел од нив живеат со родителите или старателите, кои се и најзначаен извор на финансии за студентите. На месечно ниво, за секојдневни трошоци, студентите располагаат просечно со 8.894 ден., износ кој за споредба, претставува 36,3% од просечната месечна нето-плата од мај 2018, или 74,1% од минималната месечна нето-плата во државата. Од овие средства, тие најмногу трошат на храна, алкохол и цигари, како и на хигиена и медицински производи. Најмалку трошат на културно-забавни настани, книги, списанија, весници или пак интернет-претплати.

На настанот говореа Сузана Пецаковска од Фондацијата Отворено општество – Македонија, Виктор Стојкоски од Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ), Мартина Илиевска и Александра Филипова од Младинскиот образовен форум (МОФ) и проф. д-р Борче Треновски. Тие ги презентираа наодите, заклучоците и препораките од истражувањето, кое е всушност сериозен обид да се дојде до првични сознанија за тоа колку и на што троши македонскиот студент и во јавноста да се покрене прашањето: Како живее еден македонски студент?

Целосниот документ за јавни политики во кое можете да ги прочитате наодите од истражувањето е на следниов линк

Анализа на студентското организирање и учество во Македонија

Краток опис: Анализата за студентското организирање и учество во Р.Македонија ги разгледува учеството на студентите во универзитетските и факултетските тела, организациската поставеност и работата на студентските парламенти на државните универзитети во Скопје, Битола, Штип, Тетово и Охрид. Публикацијата ги дискутира и формите на организирање на факултетите во Македонија , и европските практики. Во изданието се приложени препораки за унапредување на системот на студентско организирање во нашата земја.

Издава: Младински образовен форум

За издавачот: Дона Костуранова, Извршен директор на МОФ

Автори: Александра Живковиќ, Марија Мирчевска, Мартин Галевски, Сања Божовиќ, Мартин Алексоски

Издадена: Септември 2014

Линк за преземање: Анализа на студентското организирање и учество во Македонија

Студенту, ти имаш право да знаеш

Краток опис: Брошурата „Студенту, ти имаш право да знаеш“ цели да овозможи повеќе информации за студентите и запознавање со сопствените права, а е производ на соработката помеѓу Државниот просветен испекторат и Младинскиот образовен форум. Во неа се обработени правата на студентите содржани во закон и подзаконски акти, како и практични примери од досегашната работа на Државниот просветен инспекторат. Во оваа брошура исто така се презентирани и неколку од многубројните примери од работата на Советодавниот сервис за права на млади во кои тој им помогна на студентите како да ги остварат и заштитат своите права. Станува збор за правото на студентот да ги стави студиите во мирување, правото на приговор поради оценка од проверка на знаењето и остварување на правото на бесплатно школување. На крајот на брошурата во делот додатоци – практични обрасци се наоѓаат претставката до Државен просветен инспекторат, молба за ставање студии во мирување, приговор заради оценка од проверка на знаењето како и барањето за остварување на правото на бесплатно школување. Целта на овие практични обрасци е полесно отпочнување на постапката за остварување односно заштита  на правата на студентите.

Издава: Младински образовен форум

За издавачот: Марјан Забрчанец, извршен директор

Автори: Ѓорѓи Илиевски

Уредници: Кристина Митрова, Александра Живковиќ

Издадена: 2014 година

Линк за преземањеСтуденту, ти имаш право да знаеш

Насилство кај средношколци

Краток опис: Истражувањето “Насилство помеѓу учениците од средно училиште“ е спроведено во периодот од февруари до април 2014 година, на примерок од 2472 испитаници. Целта на истражувањето беше да се испита во колкава мера е застапено насилното однесување помеѓу учениците од средните училишта во Македонија, во каква форма се јавува и дали постои разлика во прикажувањето на насилството во средини со хомогена и хетерогена етничката структура. Оваа анализа содржи обработка на добиените резултати од истражувањето, обработувајќи го искуството на средношколците со насилство во училиште, семејство, место на живеење, партнерски релации, како и анализа на факторите кои се поврзуваат со насилното однесувње помеѓу учениците од средно училиште.

Издава: Младински образовен форум

За издавачот: Марјан Забрчанец, извршен директор

Главен истражувач: Моника Божиноска

Асистент истражувач: Никола Демарџиев

Уредник: Марија Мирчевска

Издадена: 2014 година

Преземи анализа на македонски и албански јазик

Студентски дилеми и проблеми

Краток опис: Брошурата „Студентски дилеми и проблеми“ е наменета за студентите и е посветена на дел од прашањата кои тие секојдневно си ги поставуваат и проблемите со кои се соочуваат во текот на нивното студирање. Во оваа брошура се наоѓаат одговори на прашања кои се однесуваат на почетокот на студирањето и стекнувањето статус студент, правото на студирање, институциите кои се надлежни да одлучуваат за правата на студентите, студентскиот стандард, правото на престој во студентските домови, па сè до добивање на оценките и квалитетот на наставата. Целта на оваа брошура е да ги мотивира студентите да поставуваат сè повеќе прашања и да бараат одговори, да бидат посвесни за своите права и активно да се залагаат за своите права и нивното остварување и заштита.

Издава: Младински образовен форум

За издавачот: Марјан Забрчанец, извршен директор

Автори: Мартин Алексоски, Искра Кочова

Главен уредник: Кристина Митрова

Уредници: Сања Божовиќ, Марија Мирчевска, Фросина Калевска

Издадена: 2014 година

Линкoви за преземање: Македонски // Албански

Изданието е поддржано од Aмбасада на САД во Скопје

Предизвици за млади

Краток опис: Брошурата „Предизвици за младите: Остварување и заштита на правата – Што прашуваат младите?“ е наменета за средношколците, студентите, младите и е посветена на прашањата кои се поставени до советодавниот сервис за права на млади и одговорите дадени од негова страна во конкретни случаи. Во оваа брошура се презентирани случаите во кои постапувал советодавниот сервис за права на млади и се сортирани прашањата и одговорите во три посебни категории: средно образование; високо образование и млади и комуникација со институции. Оваа брошура претставува анализа на случаите во кои постапувал советодавниот сервис за права на млади во периодот од шест месеци и тоа aприл 2014 – септември 2014 година. Целта на оваа брошура е да им помогне на средношколците, студентите, младите, како да постапуваат во слични ситуации и да најдат одговор на своите прашања, дилеми и проблеми. Советодавниот сервис постапувајќи по пристигнатите прашања, изготви вкупно осум практични обрасци (приговори, барање, молба, изјава) кои средношколците и студентите можат да ги најдат во оваа брошура, со цел да им биде полесно да ја отпочнат постапката за остварување на своето право.

Издава: Младински образовен форум

За издавачот: Марјан Забрчанец, извршен директор

Автори: Кристина Митрова, Александра Марковска, Тања Поповска

Главен уредник: Кристина Митрова

Уредници: Сања Божовиќ, Марија Мирчевска, Фросина Калевска

Издадена: 2014 година

Линкoви за преземање: Македонски || Албански

Изданието е поддржано од Aмбасада на САД во Скопје

Ајде Биди Волонтер – Водич за волонтери

Краток опис: Брошурата Ајде Биди Волонтер има за цел да им помогне на младите кои сакаат да волонтираат да ги запознаат своите права, обврски и можности, но и да даде мотивација за волонтерство. Во кусата брошура се наведени одговорите на најчестите прашања кои ги имаат волонтерите, но и организациите кои работат во волонтери.

Издава: Младински образовен форум

За издавачот: Марјан Забрчанец, извршен директор

Автори: Сања Стефановиќ, Сања Божовиќ

Издадена: 2014 година

Изданието е поддржано од Проект на УСАИД за граѓанско општество.

Линк за преземање

Средношколски дилеми и проблеми

Краток опис: Брошурата „Средношколски дилеми и проблеми“ е наменета за средношколците и е посветена на дел од прашањата кои тие секојдневно си ги поставуваат и проблемите со кои се соочуваат во текот на нивното школување. Целта на брошурата е да ги информира средношколците за нивните права но и начинот како полесно да ги остварат истите. Низ целиот текст на брошурата се проткаени прашања и одговори низ кои се објаснуваат правото на средно образование, статусот ученик, правото на непречено остварување на образованието. Во оваа брошура е објаснета разликата помеѓу додатна и дополнителна настава, правото на јавно соопштување на оценката, правото на ексурзија и стипендија, а дел од брошурата е посветена и на екстерното тестирање и правото на здружување на средношколците.
Во рамки на оваа брошура се опфатени дел од прашањата и проблемите со кои се соочуваат средношколците, со надеж дека ќе им помогне да ги надминат и да добијат одговор на своите прашања, но и дека ќе ги инспирира да поставуваат се повеќе прашања и да бараат се повеќе одговори, да бидат активни и да се залаагаат за остварување на своите права.

Издава: Младински образовен форум

 
За издавачот: Марјан Забрчанец, извршен директор

Автори: Анѓелина Марковска, Катерина Василеска

Главен уредник: Кристина Митрова

Уредници: Сања Божовиќ, Марија Мирчевска, Фросина Калевска

Издадена: 2014 година

Линкови за преземање:
Македонски || Албански

Изданието е поддржано од Aмбасада на САД во Скопје