Повик за обука за студентските претставници од УКИМ

МОФ објавува повик за учество во обука за студентските претставници од УКИМ.

Имајќи го предвид изборот на Ректор на УКИМ што претстои, важно е сите студентски претставници кои имаат право на глас во изборот да се запознаени (или потсетени) на правата и должностите што ги носи таа функција, Законот за високо образование, подзаконските акти, Статутот на УКИМ и одредбите на Наставно научниот совет (ННС).

Обуката ќе се одржи на 22 мај (понеделник), од 12 часот, во просториите на Млади Хаб. Предавач ќе биде Професор Др. Вангел Доковски. За успешно учество во обуката ќе бидат доделени сертификати.

Доколку сте заинтересирани, пријавете се на следниот формулар.

Обуката е поддржана од Фондација Отворено општество – Македонија

 

Regional Youth Leadership Mobility Programme (RYLMP): Call for Applications for 2022/23

Youth Educational Forum  (YEF), North Macedonia, Center Science and Innovation for Development (SCiDEV), Albania and Centre for Education Policy (CEP), Serbia; and , are launching a Call for Participation in the Regional Youth Leadership Mobility Programme (RYLMP) for 2022/23. Support for the implementation of this programme is provided by the Open Society Foundations.

Regional Youth Leadership Mobility Programme (RYLMP) was a seven-month project developed jointly by the Centre for Education Policy (CEP), Serbia, and Center Science and Innovation for Development (SCiDEV), Albania, targeting young individuals who want to participate actively and contribute to change in the society and/or local community and have the capacity to influence societies in the future. RYLMP showed a unique opportunity for youth from Serbia and Albania to meet and work together, breaking the cultural and other barriers and improving the research competencies of participants. The implementation of the RYLMP in 2021 and early 2022 paved the way for the continuation and scaling up of the programme, this time including Youth Educational Forum (YEF), North Macedonia, into the programme.

The Programme is open to youth (21-30 years old) from academia and civil society organizations, young professionals, and youth activists in the respective countries interested in developing capacities in the field of informed and data-driven advocacy, leadership, activism, and intercultural exchange, and in strengthening regional cooperation among Albania, North Macedonia, and Serbia.

Candidates shall apply with their individual proposals for informed and data-driven advocacy actions focusing on one of the topics: a) Regional cooperation, b) Education and employability, c) Migration and brain drain, d) Youth participation, and e) Youth action for the environment.

After the evaluation, selected participants will be matched in mixed teams in line with their areas of interest. They will work with colleagues from other countries on their data-driven advocacy with combined capacity-building and mentoring support. Selected participants will spend three weeks mobility period in each country according to the timeline detailed below. During the project, participants will participate in a capacity-building programme focused on relevant competencies and skills for their work and mentoring programme.

Selected participants will benefit from the financial support provided by the Open Society Foundations to complete their projects and cover mobility costs. The working language of all activities will be English.

HOW TO APPLY?

Read the full Call for Applications for RYLMP 2022/23 (Download here)

Read the Frequently Asked Questions (Download here)

The application process has two steps:

Step I – submitting the following:

  1. Interested candidates should fill in the Application Form, and upload
  2. The RYLM Data-Driven Advocacy Action Proposal Template (Download here)
  3. Curriculum Vitae
  4. Letter of Recommendation, including a contact of the referee.

Only fully completed applications will be processed.

Step II – Interviews with short-listed candidates.

Сѐ расте, само студентскиот стандард опаѓа

Младински образовен форум (МОФ) со разочарување реагира по повод предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк но и општо во врска со моменталната ситуација во која се наоѓаат студентите.

Во услови на енергетска криза, голема инфлација и пост-пандемиско опоравување, студентите за жал се први на удар од страна на државните институции со тоа што се преземаат мерки кои влијаат кон намалување на и онака веќе нискиот студентски стандард.

Почнувајќи од катастрофалните услови во кои се наоѓаат студентските домови (според неодамнешно истражување на МОФ – просечната оцена за генералниот квалитет на живот во студентските домови, на скала од 1 до 5, е 2,93.), рестрикциите во студентските домови за најосновните работи како на пример забрана за користење на сопствени решоа и грејни тела во собите, неработењето на лифтовите во определен период од денот и останати небулозни мерки кои единствено се на штета на студентите, па сѐ до измени на Законот за субвенциониран студентски оброк каде што се стеснува обрачот за тоа кој студент има право на оваа мерка. Дополнително загрижува фактот и што се предвидени кратења од 181 милиони денари за студентскиот стандард во буџетот на Министерството за образование и наука за 2023 година.

Како организација која веќе повеќе од 20 години работи кон подобрување на студентскиот стандард целосно ја разбираме моменталната ситуација во која се наоѓа државата и свесни сме дека потребно е рационализација на трошоците и финансиските средства но строго се противиме рационализацијата на трошоците да се рефлектира единствено врз студентите, особено ако се има предвид за што и како се трошат парите на граѓаните.

Оттука, апелираме до државните институции наместо да преземаат мерки кои дополнително ќе го влошат студентскиот стандард сериозно да се посветат кон креирање на законски решенија кои ќе го подобрат статусот на студентите и вистински да покажат дека се залагаат за младите и студентите во државата а не само декларативно. Во спротивно, нормално е да се очекува дека студентите ќе излезат на улиците и ќе го покажат својот револт.

Финално, ги потсетуваме државните власти да не ги повторуваат грешките од минатите власти.

Средба на представниците од мрежата „Млади во криза“ со заменик претседателот на владата Фатмир Битиќи

На 6 април, претставниците од мрежата „Млади во криза“, Димитар Низамовски (МОФ), Петар Барлаковски (МОФ), Мери Цветковска (ХЕРА), Блажен Малески (Реактор) и Виктор Стојоски (ЗМАИ) остварија средба со Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, г-дин Фатмир Битиќи.

На состанокот на Заменик Претседателот на Владата му беа презентирани податоците од анализата „Млади во криза 2.0 – Ефекти од пандемијата врз младите и препораки до институциите“ како и препораките кои ги содржи истата а со цел намалување и превенирање на негативните економски ефекти врз младите предизвикани од пандемијата.

На средбата Заменик Претседателот ја поздрави препораката за поврат на персоналниот данок кај младите лица и не увери дека ќе биде даден напор да биде спроведена. Дополнително, Заменик Претседателот ја поддржа и идеата за формирање на Совет за млади при Агенцијата за млади и спорт како и предложи вклучување на младинските организации и организациите за млади во процесот на креирање на акциски план за економските мерки наменети за младите.

Од почетокот на пандемијата, оваа мрежа на организации постојано ги следи промените и дава препораки за олеснување на последиците предизвикани здравствената и општествена криза.

Членки на иницијативата „Млади во криза“ се: Младински образовен форум, Реактор – Истражување во акција, Здружение за истражување и анализи (ЗМАИ), ХЕРА, Центар за интеркултурен дијалог, Сојузот на извидници Македонија, Младински сојуз – Крушево, Еквалис, Писхотерапика, ХОПС, Национален младински совет на Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и АРНО.

Процесот на креирање на документот и анализите беше поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Западен Балкан.

Одржан онлајн тренинг за студентски правобранители

На 09.09.2020 и 10.09.2020 програмата за Истражување анализа и креирање на младински и образовни политики на Младински образовен форум (МОФ) оддржа дводневен тренинг за градење на капацитетите на  студентските правобранители при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје.

На тренингот студентските правобранители имаа можност, најпрвин теоретски да се запознаат со материјата која ја регулрира работата на студентскиот правобранител, како и практичен дел во кој можеа да го применат стекнатото знаење.

Предавачи на овој тренинг беа доц. Д-р Вангел Доковски и м-р Стефан Дојчиноски.

Оваа обука беше имплементирана во рамки на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

70 учесници на Онлајн Младинската Академија ја креираа првата Декларација за млади

Изминатава недела, 17-20 август, тимот на МОФ ја организираше првата Онлајн Младинска Академија. Настанот, кој традиционално се одржува во летниот период, овојпат за прв пат беше реализиран во онлајн форма, преку виртуелната платформа за видео-комуникација Дискорд.

Летната Академија, која МОФ годинава ја организираше по деветти пат, на повеќе oд 70 средношколци им понуди разни неформални предавања и содржини кои имаа за цел да го продлабочат нивното знаење,  да ги запознаат со начините за активно вклучување во општеството и критичко размислување со цел поголем придонес кон позитивни промени. Оваа година, како продолжеток на претходната Младинска Академија, учесниците се вклучија во креирањето на првата национална Младинска декларација – Youth Print – документ кој ќе ја подобри младинската позиција во општеството.


Содржините на Онлајн Младинската Академија беа поделени во четири модули – секој со различен пристап кон остварување на целите за подобро и поголемо младинско учество во општеството. Покрај одбраните модули, младите имаа можност да слушнат и неколку неформални отворени предавања на разни теми и области како: ментално здравје, одржливо живеење, претприемништво, продукција на музика, театар.

Првпат сум дел од вакво нешто, но пресреќна сум што се пријавив. Преубаво искуство и корисно исполнето време“, сподели со нас Наталија по завршувањето на Летната Академија.

Таа, заедно со уште дваесетина средношколци, учествуваше на траката за Академско Пишување 101 каде научија нешто повеќе околу начинот на кој се подготвува еден академски труд, како правилно се истражува за него, но исто така научија и како се пополнуват некои поважни документи и барања со кои ќе се среќаваат во текот на нивниот понатамошен академски живот.

Продуктивно искористено време! Интеракција меѓу членовите, комуникација без предрасуди и сочуство/разбирање на едно високо ниво. Доколку барате можност да го искажете вашето мислење без да бидете отфрлени со фразата ,,Што знаеш ти? Мал/а си!” и истовремено да научите нови корисни нешта оваа академија и воопшто МОФ е вистинското место за тоа. Едвај ги очекувам следните активности“, вели Христина, која пак учествуваше на траката за Виртуелно Аргументирано Изразување која се фокусираше да ја подобри примената на аргументациските вештини и способности во виртуелниот свет кај учесниците, како и подетално да објасни што претставува аргументот и критичката мисла и зошто се тие важни во денешниот свет.

„Прекрасно искуство за секој кој сака да научи нешто повеќе од она што се учи на училиште, да се запознае со многу нови деца и да сподели мислење, искуство, впечаток… Мене лично премногу ми се допадна академијата, предавањата, дебатите и многу ми е жал што заврши и едвај чекам да се организира уште еднаш нешто слично, затоа што по оваа академија се исполнив со многу позитивна енергија“, споделува Маја за нејзиното учество на Летната Академија како дел од траката за Аргументирано Изразување.

„Академијата беше едно ново искуство за мене каде можев да научам и слушнам нешто што никој не го споменал во училиште. Во изминативе 4 дена имавме можност да ги изнесеме своите идеи за подобрување на животот на младите во нашата земја, а со тоа да создадеме и нови пријателства“, вели пак Матеја за своето учество во траката за Академско Пишување.

Иако условите беа далеку од идеални и целосно беше оневозможена дружбата во живо, сепак првата Онлајн Летна Академија на МОФ заврши навистина успешно и ги реализираше своите зацртани цели – да им овозможи на младите простор и платформа да ги искажат своите ставови, да бидат ислушани и да ги продлабочат нивните знаења и можности за повисоки цели. И, секако, да им овозможи место за создавање нови пријателства со врсници од целата држава.

Целосната верзија на документот Младинска Декларација ќе биде промовиран и потпишан од носителите на одлуки и креатори на политики во периодот кој ни следи.

Им благодариме на сите предавачи, учесници и организатори на академијата кои го овозможија ова четири-дневно дружење.

Оваа активност е дел од Проектот за Младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

 

 

 

 

 

Реакција на МОФ по повод најавените квалификациони тестирања во средните училишта

Идното образование и здравствената безбедност на средношколците не смеат да бидат предмет на несоодветно справување со состојбите

Младински образовен форум изразува загриженост за квалификациони тестирања на учениците кои конкурираат за упис во средните училишта, најавени за 22.06.2020 година. Вчера 18.06.2020 беше најавено дека во средните училишта во кои ќе има повеќе заинтересирани ученици од слободните места во прва година ќе се спроведе тестирање. Квалификационото тестирање е наведено во конкурсот за за упис во средните училишта во учебната 2020/2021, но во ситуацијата проблематично е тоа што за точниот термин учениците беа известени нецели четири дена пред тестирањето, а дополнително во услови на сериозна здравствена криза, се предвидува да се полага во училишните простории.

Со доцната и нецелосна најава учениците се ставени во состојба да не знаат дали согласно нивниот ранг би полагале, а дополнително непознат им останува обемот на материјалот на кој ќе се спроведе тестирањето. Уште повеќе загрижува фактот што тие ќе имаат нецели четири дена за подготовка за полагање на два предмети – математика и мајчин јазик.

Сакаме да потенцираме неколку проблеми околу ова квалификационо тестирање:

1. Иако тестирањето е наведено во конкурсот за упис во средните училишта, временската рамка за подготовка е многу тесна, а ова е проблем кој се појави и во минатата учебна година, кога МОФ исто така реагираше за несоодветната процедура. Од моментот на објавата на првичната ранг листа во училиштата (која ќе се случи денес), до изведувањето на тестирањето, учениците имаат нецели три дена да се подготват за двата теста. Успехот на ова тестирање директно ќе се одрази на понатамошното образование на овие ученици.

2. Дополнително отежнување е тоа што учениците во текот на последното полугодие учеа во вонредни услови, односно за прв пат се спроведуваше далечинско образование, кое по квалитетот и интензитетот беше различно од образованието на учениците годините наназад. Имено, од месец март 2020 година, поради здраствената пандемија, учениците и професорите за прв пат се најдоа пред предизвикот да ја спроведат учебната година од далечина, иако за истото не беа подготвени наставниците и институциите, ниту пак се користеше воедначен пристап за спроведување на образовниот процес (особено ако погледнеме во руралните наспроти урбаните средини, или пак недостатокот на компјутери и опрема во семејствата со повеќе ученици).

3. Загрижува и фактот што учениците ги имаат вратено учебниците кои училиштата им ги даваат на бесплатно користење, за да го подигнат свидетелството за завршено деветто одделение. Ова значи дека за приемите испити, освен онлајн достапните содржини, учениците не можат да ги користат учебниците по конкретните предмети. Иако предметниот материјал е поминат и усвоен од нивна страна, имањето учебници не смее да се става под знак прашалник бидејќи на секој ученик му се потребни услови за подготовка за ова особено важно тестирање.

4. За разлика од други состојби и закажани испити во образовниот систем, оваа година се наоѓаме во пандемија, а во последните 2 недели во нашата земја се забележува рекорден број и значителен пораст на лица заразени со КОВИД – 19. Мора да се има на ум дека со спроведувањето на овие тестирања не само што учениците, наставниот кадар и техничкиот персонал ќе се изложат на ризик, туку тоа е ризик и за нивните семејства и потенцијално ќе креира нов кластер на заразени со вирусот.

5. Најавувањето на испитите во исклучително кус рок, ги става учениците во неизвесна и непозната ситуација, која може и мора да биде планирана и превенирана од страна на надлежните институции. Ова е дополнителен стрес кој учениците и нивните семејства веќе го имаат при преминот од еден во друг степен на образование.

6. Два тестови во еден ден (особено квалификациони), не смее да биде пракса во ниеден случај. Ова се избегнува во редовното тестирање во училишата, како во основно така и средно образование, дури и при полагањето на испити во високото образование. Мора да се има на ум дека за ученици кои штотуку завршиле основно образование, ова ќе претставува особено сериозен и стресен процес, за кој немаат начин да се подготват дури ни во услови кога испитите би биле најавени порано.

Додека Министерството за образование и наука не најде соодветен модус за превенирање на овие ситуации во иднина, мора да се остави простор училиштата да одлучат за отворање на поголем број паралелки доколку за истото имаат соодветни можности и услови. Колку за илустрација, минатата учебна 2019/2020 година, тестирањето во некои од училиштата беше најавено само поради не повеќе од 30 ученици за кои немаше место во постоечките паралелки.

Потенцираме дека и понатаму остануваат места во стручните училишта кои ниту оваа година Министерството за образование и наука не успеа доволно да ги промовира и популаризира помеѓу идните средношколци. Еден од приоритетите на Министерството мора да биде изедначување на квалитетот во сите училишта, што директно ќе влијае на нивната привлечност за следните средношколци.

Алармираме да се работи на соодветно и навремено идно превенирање на овој проблем, а Министерството за образование и наука посериозно да внимава на менаџирање и координирање на оваа ситуација, особено кога здравјето и безбедноста на учениците се изложени на удар.

Кризни обиди на високообразовните институции за дигитализација во академската 19/20 година

Младински образовен форум изминатиов период работеше на анализа на промените во високото образование предизвикани од пандемијата на КОВИД – 19 – „Кризни обиди на високообразовните институции за дигитализација во академската 19/20 година“.

Целта на оваа анализа е да одговори на прашањето како пандемијата предизвикана од КОВИД – 19 влијае на високото образование во Република Северна Македонија, односно кои се новитетите и проблемите со кои се соочуваат високообразовните установи и институции, како и накусо да прикаже компаративен приказ за тоа како се справуваат државите со пандемијата.

Документот прикажува хронолошки приказ на преземените мерки од надлежните институции со цел справување со пандемијата предизвикана од КОВИД – 19 и непречено одвивање на наставата. Документот најпрвин ги прикажува промените во високото образование за време на пандемијата, а понатаму детално ги објаснува преземените чекори од страна на високообразовните институции во доменот на спроведување на онлајн настава како и во доменот на полагање на испити и оценување на студентите. Дополнително, направена е и куса компаративна анализа на состојбите во високото образование ширум светот, која ги опфаќа аспектите на спроведување на наставата и полагањето на испити и нивното оценување.

Младински образовен форум (МОФ) како организација која долги години ги анализира состојбите во високото образование, примарно ставајќи го фокусот на квалитетот на образованието, ги има следниве препораки до надлежните институции:

– Дигитализацијата е клучен фактор: потребен е поголем и поефикасен приод кон дигитализирање на високообразовниот процес преку обезбедување на квалитетна и двонасочна настава, дигитална практична настава, онлајн достапност на образовните ресурси, литература и материјали, подготвеност во спроведување на онлајн полагања, како и онлајн административна поддршка.

– Користење на низа различни начини за спроведување на полагањата и оценувањата. Универзитетите треба да имаат слобода во одлучувањето за начинот и методот на спроведување на полагањата и оценувањата (на пр., устен или писмен испит, изготвување трудови, семинарски, решавање задачи, спроведување анализи и истражувања и сл.).

– Во идни вакви состојби, материјата за полагање на колоквиуми и испити треба да соодветствува на реалната ситуација. При креирање и спроведување на полагањата, знаењето кое се бара од студентите треба да го отсликува обемот на материјалот поминат преку онлајн наставата, како и достапноста до испитните материјали.

– Да се овозможи продолжено полагање на испити по истекот на редовните рокови од три редовни испитни сесии, но и испитните сесии да траат временски подолго со цел да се обезбеди помала фреквенција на студенти во еден термин, при што би се обезбедила поголема заштита од пренесување на вирусот.

Анализата дава приказ на состојбата со високото образование во периодот од почетокот на месец март до средината на месец април 2020 година и може да послужи како основа за понатамошни следења на состојбите во високото образование во услови на и постковид кризата. Анализата ја изработија Ванѓел Ѓорѓиев и Петар Барлаковски, членови на Програмата за истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики при Младонски образовен форум.

Целата анализа со сите препораки на МОФ и заклучокот можете да ја прочитате тука: „Кризни обиди на високообразовните институции за дигитализација во академската 19/20 година“

Став на МОФ за полагањето на Матурскиот испит во учебната 2019/2020 година

Во моментов образовниот систем е навистина кревок: иако измина повеќе од месец во кој образовниот процес требаше непречено да продолжи од дома – главните предизвици како еднакво и непречено вклучување на сите ученици во образовниот систем сè уште постојат. Недостасуваат значајни информации од тоа како ќе заврши учебната година, како ќе се изведат финалните оценувања, но останува отворено и најважното прашање – дали и како ќе се полага овогодинешниот матурски испит?

Иако Министерството за образование и наука (МОН) сè уште нема официјален став по ова прашање, циркулираат предлози и мислења од различни актери, вклучувајќи ги и политичките партии, наставниците и самите ученици, од кои се креира јавен дискурс полн со неизвесност за идните чекори кои што се од суштинско значење за образовниот развој на младите.

Сè останато ќе доведе до повторување на процеси кои ги гледавме низ годините кога повеќе образовни политики беа воведени, па повлечени, променети или се покажаа како неуспешни, како на пример екстерното тестирање, воведување на предметот математика како задолжителен дел од државниот и завршните испити и државниот испит во високото образование. Имајќи ги овие искуства на ум, МОН не треба да дозволи и овогодинешното полагање на матурскиот испит да биде заменето со парцијални решенија.

Матурскиот испит како преод од средно во високо образование е значаен за образовниот процес бидејќи предизвикува ефекти на повеќе нивоа. Така, учениците заокружуваат фаза од нивното образование, се запознаваат со процесот на полагање на испит, темелно изучуваат материи во неколку области во кои се испитувани и за крај добиваат оцена, доказ дека завршиле средно образование што е најзначајно за нивното понатамошно рангирање во високо-образовните институции во земјава и во странство.

Во моментов не би било разумно да се размислува за приемни испити како алтернатива за матурскиот испит од неколку причини – овие испити е потребно методолошки да се креираат во согласност со начинот на кој се вршел образовниот систем до сега, идните студенти треба да имаат можност да добијат поддршка во процесот на подготовка за приемните испити и истовремено да знаат кои содржини ќе бидат опфатени на приемните испити. Во случај на нивно воведување, во различна и неповолна ситуација ќе бидат ставени учениците кои можат да си дозволат менторства и приватни часови, од младите кои планираат да конкурираат на пример, на Факултетот за драмски уметности или Архитектонски факултет (кои однапред се запознаени и имаат пристап до материјали и содржини и подолго време се подготвуваат) од учениците кои ќе останат без целосна ваква поддршка и менторство.

Она што Младински образовен форум  препорачува, како организација која ги следи промените и процесите во образованието и постојано работи со ученици и професори, е да не се успорува образовниот процес и да не се запира со подготовките на учениците и матурантите за чекорите и предизвиците кои им претстојат. Треба да се има на ум дека матурантите мора да полагаат во безбедни и соодветни услови, без притоа да им се нанесе штета на нивното понатамошно образование, следствено, оттука важно е:

-да се земат предвид искуствата и препораките од сите чинители кои работат во областа образование и да се вклучат во процес на консултација со МОН;
– МОН што е можно поскоро да соопшти официјален и конкретен став за полагањето на матурскиот испит, при што предвид да ги има ефектите од ненавремено полагање на матурата врз уписите во високото образование;
– да се обезбедат што е можно повеќе конкретни и детални информации за учениците со посебно внимание на  матурантите, затоа што токму на оваа генерација ѝ е потребно најмногу поддршка во подготовките за полагањата;
– да се предложи период во кој би се организирал матурскиот испит, (како на пример месец август во кој секако се планираат полагања на учениците кои имаат слаб успех или покажале слаб успех на матурските испити) секако, само под услов доколку состојбата во државата е нормализирана и постојат реални и безбедни услови и околности за тоа;
– да се обезбеди пристап до прирачниците и материјалите за подготовка на матурските испити;
– да се креираат канали за онлајн подготовка на матурантите во областите во кои ќе полагаат и
– да се обезбеди постојана комуникација помеѓу матурантите и професорите од предметите кои ќе се земаат како предмети во кои ќе се полага матура.

Идните студенти се запознаа за студентското организирање

На 27.06.2019 и 28.06.2019 во просториите на Хотел Водно се одржа тренинг за средношколско и студентско учество. На тренингот учествуваа средношколци од четврта година од различни градови од Македонија и истите имаа можност да научат повеќе за средношколското и студентското организирање. Целта на тренингот беше средношколците од четврта година, односно идните студенти да се запознаат со студентското организирање и неговата важност во текот на нивното студирање.

За време на тренингот, учеснците имаа можност да научат што всушност претставува високото образование и неговите основни постулати. Учесниците детално се запознаа со автономијата на високото образование и нејзиното значење, како и со начинот на функционирање на високообразовните установи. Потоа, откако добија генерална слика за високото образование, учесниците се запознаа со новиот начин на студентско организирање преку универзитетски и студентски собранија. Откако учесниците се стекнаа со доволно теоретско познавање, тоа знаење беше искористено практично, така што беше организирана симулација на студентски избори, а беа изработени и 16 предлог проекти за спроведување од страна на студентските собранија.

Тренингот беше организиран од страна на МОФ во рамки на проектот Ангажирање на младите за
студентски и младински политики, поддржан од Фондацијата Отворено општество
Македонија.