Зачлени се во средношколските Дебатни клубови на Младински образовен форум

Дебатната програма како една од главните активности на Младински образовен форум нуди едногодишни обуки по дебата и аргументирано изразување. Обуката се спроведува во 13 града низ државата, во кои се одржуваат дебатни предавања еднаш неделно и е наменета за средношкоци кои се заинтересирани да ги подобрат нивното аргументирано изразување и критичко размислување.

Што всушност е дебата?
Поимот дебата за нас има различно значење од оној  кој што го употребуваме во секојдневните активности.  На активностите со кои се среќаваме секојдневно повеќе прилегаат термините дискусии, расправии, полемики, коментари и слично.

Дебатата како едукативен метод и како организирана активност може едноставно да се дефинира како аргументирана и организирана дискусија на одредена теза меѓу две спротивставени страни!

Кои се придобивките од членување во дебатен клуб?
Покрај официјалниот дел од обуката која е бесплатна, се одржуваат и многу дебатни настани (национални и интернационални), како што се дебатни турнири, јавни дебати, семинари и работилници.  Ова се само дел од настаните на кои ќе можете да научите аргументирано и структурирано да се изразувате, да ја подобрите вашата способност за јавно говорење , да запознаете многу млади ентузијасти како вас, да посетите земји во кои досега не сте биле , да организирате настани и јавни дебати и секако  многу да научите на еден неформален и исклучително забавен начин.

Ова е одлична можност, каде да се пријавам?
Доколку ова ти се допадна, можеш да се пријавиш со пополнување на апликацијата

Основан младинскиот совет во Делчево кој ќе ги застапува младите

По повеќемесечни обуки, настани и подготовки, во февруари во општина Делчево се основа Локален младински совет. Основачкото собрание беше одржано на 28.01.2015, со продолжение на 01.02.2015 на кое што членовите на Собранието ја изгласаа структурата на Локалниот младиснки совет, а го усвоија и Статутот по кој што ќе работи младинското тело.

Ова тело ќе ги застапува интересите на младите во општината и ќе креира младински политики. Во составот на Локалниот младински совет влегоа претставници од граѓански организации, подмладоци на политички партии, средношколски заедници како и претставници од културни и спортски друштва.

Иницијативата за формирање на младински совет е дел од проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“на Младински образовен форум во партнерство со Центарот за меѓукултурен дијалог, во соработка со Регоналниот центар за застапвање -Делчево, а финансиран од Европската унија.

Оваа иницијатива доби и поддршка и Градоначалникот на Општина Делчево, Дарко Шехтански.   На Основачкото собрание беа присутни 9 претставници од организации – членки кое го сочинуваа Собранието на Локалниот младински совет:

  1. Регионален центар за Застапување – Делчево, претставник Димитар Димитровски – Претседател на ЛМСД
  2. РКЕЦ Тернипе МК Делчево – претставник Филип Тричков – член на Управен одбор на ЛМСД
  3. УМС Делчево – претсавник Љупчо Христов – Претседател на Собрание на ЛМСД
  4. Демократска Младина Делчево – претставник Душка Мицевска – член и подпретседател на УО на ЛМСД
  5. КУД Гоце Делчево – претставник Наталија Стојчевска – член и Претседател на Управен Одбор на ЛМСД
  6. ПСД Голак – претставик Дарко Тодоровски – Член на Управен одбор на ЛМСД
  7. Ученичка заедница при СОУ Методи Митевски – Брицо, Делчево – претставник Мери Мицевска, член на Ндзорен одбор
  8. Младински образовен форум – претставник Андреа Велиновска – член на Управен одбор на ЛМСД
  9. НУЦК Никола Јонков Вапцаров, Делчево – претставник Љупка Спасевска, член и Претседател на Комисија за верификација
  10.  СДММ Делчево– претставник Марио Димитровски – член на Надзорен одбор на ЛМСД

По прогласувањетона Локален младински совет во Делчево за основан, координаторот Валерија Соколова заедно со Претседателот на Собранието, Љупчо Христов го поздравија Собранието и го честитаа основањето на младинското тело, со цел успешна работа на Локалниот младински совет и многу идни реализирани проекти и настани во интерес на младите во општината, како и успешна соработка помеѓу организациите – членки на советот.

Претседателот на Локалниот младински совет, Димитар Димитровски ја поздрави веќе спроведената и остварена иницијатива за формирање на Локален младински совет во општина Делчево и посака успешна соработка и видни резултати од работата на Советот и упати кон интензивно залагање и застапување на интересите на младите во општината.

Тони Стоименовски, претставник од Општина Делчево ја поздрави иницијативата и ги охрабри присутните да ги изберат органите на Локалниот младински совет на најдемократски начини  и по формирањето на советот, со активности да придонесат во подобрување на условите на младите во општината, и дека Локалниот младински совет има потплна подршка од општината.

Проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“ е насочен кон младите луѓе, младинските организации и сите форми на младинско здружување и локалната самоуправа. Главната цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на младинското здружување на локално ниво, нивно формално препознавање од страна на општините, како и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, преку развој на младински активизам, младинска работа и младинско учество во процесите на донесување на одлуки. Проектот вклучува соработка со локалните самоуправи, локални акции и јавен процес на основање Локални младински совети, со поддршка од локалната самоуправа во 12 општини, а е финансиран од Европска Унија (ИПА програма – Civil Society Facility).

Повик за предавачи по Учиме право

Младински образовен форум (МОФ) во рамките на програмата Учиме право при Програмата за неформално образование објавува Јавен повик за обука за нови предавачи по Учиме право (ToT).

Кандидатите кои би сакале да земат учество на оваа обука, потребно е да ги исполнат следниве критериуми:

–   Да се студенти на правни студии на правен факултет, оваа академска година запишани најмалку во трета година, дипломирани правници или студенти на постдипломски студии по право;
–   Да располагаат со способност за работа со млади луѓе во мултиетнички средини;
–   Да поседуваат развиени говорни и презентациски вештини.

Програмата Учиме право е насочена кон правна едукација на младите и запознавање со основите на демократијата и правниот систем, владеење на правото и остварувањето и заштитата на човековите, граѓанските и политичките права и слободи. Моментално активно функционира во 8 градови: Скопје, Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес, Штип и Гевгелија.

За потребите на Учиме право клубовите во Скопје, Тетово, Кичево и Струга дополнително ги охрабруваме да се пријават и оние заинтересирани лица кои солидно ги познаваат македонскиот и албанскиот јазик во говорна и пишана форма.

Оваа обука ќе се одржи на 08 и 09 ноември (сабота и недела) 2014 година во Скопје и двата дена ќе трае од 10:00 – 17:00 часот. Целата обука ќе се одвива на македонски јазик.

Сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат овие услови, може да се пријават со испраќање на CV (Europass формат) на ucime_pravo@mof.org.mk [со назнака: Обука за нови предавачи по Учиме право] и пополнување на оваа апликација, најдоцна до 05 ноември (среда) 2014 година до 17:00 часот.

Испраќањето на CV и пополнувањето на формуларот се задолжителни.

Само оние апликанти кои ќе влезат во потесен круг ќе бидат дополнително контактирани по телефон и подетално информирани околу целата обука до 07 ноември (петок) 2014 година.

За дополнителни информации и прашања, може да се обратите на ucime_pravo@mof.org.mk или на телефон: 02 / 3 139 692.

Сите лица кои ќе присуствуваат на целата обука и истата ќе ја поминат, ќе се стекнат со сертификат за помината обука и ќе добијат прилика да се вклучат во работата на Учиме право клубовите во текот на целата учебна година, под менторство на постарите предавачи.

Дел од обврските на членовите на телото на предавачи се:

–   Учество во креирањето на содржината на предавањата и активностите во рамките на програмата;
–   Сериозен и одговорен пристап кон предавањата во клубовите;
–   Помош во осмислувањето и реализирањето на јавните настани;
–   Редовно присуство на состаноците.

Повеќе информации за програмата Учиме право може да најдете на следниов линк.

Вклучете се во кампањата #ЗдружениМлади

Во моментов Младински образовен форум како дел од Националниот младински совет на Македонија се приклучува во онлајн кампањата: ЗдружениМлади. Кампањата има за цел зголемување на бројот на млади кои членуваат во младинска организација и поттикнување на младите да основаат младинска организиција.

#ЗдружениМлади цели да ги информира младите што можат да добијат ако се членови на младинска организација, како може индивидуално да ги надгради, но и поттикне колективно чувство на припаѓање кон Млади како социјална група;

Секој млад човек кој сака да се вклучи во кампањата, може да објави на социјалните мрежи фотографија по свој избор од некоја младинска/граѓанска/едукативна активност со свој одговор на некое од прошањата подолу и да ја стави на својот фејсбук/твитер профил со хаштаг #ЗдружениМлади:

  • Како приклучување во младинска организација може да те направи посилен млад човек?
  • Кои бенефити ти ги носи членувањето во младинска организација?
  • Кое е најубавото нешто што ти се случило благодарение на твојата организација?

Оваа кампања сака да помогне да ги охрабриме младите кои не членуваат во ниту една организација да се почувствуваат добредојдени и охрабрени да се придружат во активностите на некоја организација, дојдат и поддржат активности на организации и отпочнат своја граѓанска иницијатива.

Повеќе информации за кампањата можете да најдете на Фејсбук страницата на НМС.

Кучето Мира* бара свој дом

Другари, пријатели, познаници,

МОФ пред неколку месеци вдоми прекрасно куче кое го викаме *Мира, Милица, Санса, Мофка, Деса, Ѕвезда и сл. Иако дадовме се од себе добро да ја одгледаме, сепак поради немањето можност да и обезбедиме соодветен простор, нега и внимание, принудени сме да и бараме нов дом.

Мира има 5 месеци, меѓутоа расте брзо, поради штo и е потребен поголем простор за трчање и за други секојдневни животни активности на едно куче. Доколку знаете некој кој би можел да ја вдоми оваа прекрасна мешавина од Шарпланинец и Кангал/азијат (верифицирано од ветеринар), која што е вакцинирана и прочистена од глисти, со окце магловито од повреда кое полека заздравува , со тазе израснати заби што сакаат да ‘грицнат’ СВЕ!, ве молиме да не исконтактирате на info@mof.org.mk или 02 3139 692.

Ви благодариме однапред,
Секогаш ваши, МОФ

 

 

 

Успешна изложба „Постави срце“

Синоќа во Концепт 37 се одржа финалниот дел од акцијата „Постави срце“ кој резултираше со успешна изложба. Настанот е резултат на повеќемесечна онлајн акција (postavisce.tumblr.com) за собирање фотографии од оштетен инвентар во училиштата низ Македонија.

Целта на „Постави срце“ е да ги потенцира желбите на учениците за подобра образовна средина и да ги приближи до оние кои треба да го решат проблемот на немање квалитетен инвентар за работа и учење. Онлајн акцијата пак беше наменета за сите средношколци кои сакаат да учат во училиште кое ќе обезбеди функционална работна средина. Во изминатите месеци беа изработени срциња од страна на организаторите и учесниците на акцијата кои беа поставувани во училиштата на оние места каде што беше потребна интервенција.

Под мотото „Постави срце за подобар училишен инвентар“ свои фотографии претставија учениците од средни училишта од Скопје, Велес, Битола, Неготино и Тетово.

Иницијативата е дело на четири средношколки од Скопје: Срна Дамчевска, Нина Мирчевска, Софија Стојковска и Тина Миновска кои учествуваа на Летната академија 2013 на МОФ, а како дел од Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Таму тие се натпреваруваа со своите врсници од 13 градови за можноста да организираат иницијатива за подобрување на нивната заедница како преку отворање можности за учество на младите.

Т.М.

Филмови има, кино нема!

Денес во Велес на старата инфо-табла на киното „11-ти Октомври“ беше истакнат плакат на кој пишува: „Филмови има, кино нема!“ и најава за проекција на документарни филмови. За што точно се работи? Филмови има, кино нема!

Токму затоа Медиа/Арт клубот од Велес и Младински oбразовен форум ве покануваат на еднодневна проекција на документарни филмови, на 03 март, понеделник во театарот „Ј.Х.К Џинот“ во Велес со почеток во 14 часот.

кино.zip e целодневен настан наменет за средношколци, студенти и сите заинтересирани за филмската уметност. Во соработка со Make Dox ќе може да проследите проекција на неколку документарни филмови и креативна работилница за истите.

Мотивација за креирање на овој настан членовите од медиа/aрт клубот добија од повеќегодишната ситуација со киното и исчезнувањето на филмската култура кај граѓаните.

Целта на настанот е да се поттикне враќањето на кино-културата во градот и младите да се мотивираат да ја практикуваат истата.

Првата проекција ќе започне во 14 часот, а останатите ќе се одржат се до 18 часот. Дојдете во понеделник во велешкиот театар „Ј.Х.К Џинот“ и потсетете се како е да се има кино во градот.

Влез: бесплатен

Сите новости и информации поврзани со настанот следете ги овде.

The Dark Night Rises Against Violence On Women @ МОФ

Младински образовен форум со моќта на темниот витез се издигнува да стави крај на настилството врз жените и девојките.

V-Day е глобално активистичко движење за запирање на насилството врз жени и девојки.

#rise4justice #reasontorise

Од тура низ студентско Скопје до дискусија за студентски протести на Балканот

Се одржа втората Станица:Студентска – Целодневен настан посветен на студентите

На 5 декември во Универзитетската библиотека во Скопје се одржа второто издание на „СТАНИЦА:СТУДЕНТСКА“, целодневен настан посветен на студентите, организиран од страна на Младински образовен форум.

Над 300 студенти заинтересирани за членство во студентска организација, дискусија и креативни работилници го посетија настанот. На „Станица:Студентска“ беше организирана првата автобуска туристичка тура низ студентско Скопје, со посети на клучните објекти за студентите во градот.

Универзитетската библиотка беше „окупирана“ од дваесетина организации кои ги презентираа своите активности, одржаа креативни работилници и водеа дискусии. Млади новинари од студентските медиуми Излез, Студент ФМ, Да научиме и Радио МОФ со уредникот Кристина Озимец во еднодневна заедничка редакција известуваа за највпечатливите сегменти од настанот.

Студентскиот активизам во Македонија беше една од клучните теми за дискусија. Во минатите години студентски протести се одржаа во Љубљана, Софија, Белград и Загреб, но некако го одминаа Скопје. Јавната трибина „Студентски протести“ беше еден од центалните настани на овогодинешната „Станица:Студентска“ на која говореа Стефан Алексиќ (МОФ), Дејан Лутковски (Слободен Индекс), Ивана Драгшиќ (Плоштад Слобода), и преку скајп врска: Марко Милошевиќ (Окупирај факс, Филозофски факултет-Загреб) и Бојан Анџелковиќ (Радио Студент-Словенија).

Марко Милошевиќ од студентското движење „Окупирај факс“  кое во Хрватска успеа на Филозофскиот факултет да издејствува делумно бесплатни студии изјави: „Ако продолжите со организтање и борба, во секој момент студентските проблематики и финансиски проблеми треба да бидат ставани во поширок општетвен контекст, за да се добие поддршка од остатокот на општеството. Ова се општествени проблеми, не на факултетите.“

Ивана Драгшиќ од Плоштад Слобода на прашањето дали решенијата да се бараат низ институциите или преку иницијативи изјави „Се во оваа земја, сите институции, вклучувајќи го и универзитетот, работат многу арбитрарно, и се зависи од лицето кое ги води и кој е авторитетот, а во моментов тоа е партијата.“

„Сакале или не, некој го има монополот во нашето име, нашиот став, имиџ, да излегува во јавност, без разлика дали го сакаме тоа.  Нашиот претставник протестираше пред ЕУ инфо центарот, праќаше писма до Филе, и бараше носење на буџет на 24ти декември, а никој не не прашал нас студентите дали е тоа добро или лошо.“ – Стефан Алексиќ , Младински образовен форум.

Дејан Лутовски даде осврт за основите на нивната иницијатива за бесплатно образование: „Финансиската состојба на студентот не смее да биде услов за студирање. Можеме да го наметнуваме прашањето во јавност, затоа што нашето истражување покажа дека е проблематично како се распределува буџетот, и некои помалку важни работи добиваат повеќе средства од поважни. На пример, проктот Скопје 2014 може да покрие 40 години субвенционирано јавно образование.“

„Станица:Студентска“ се организира по втор пат и има за цел да ги промовира студентските организации кои работат на територијата на Скопје, да поттикне активно учество и членување во младински и студентски организации кај студентите и да поттикне јавна дискусија за прашањата кои ги засегаат.

Слободен си,изрази се! Јавниот простор – место за слободно изразување

Денеска, точно на пладне, на улицата Македонија во Скопје се отвори првиот ѕид за јавно изразување, на тема „Слобода е…“, на кој случајните минувачи ќе можат слободно да напишат што за нив претставува слобода. Ѕидот, како  дел од кампањата „Слободен си,изрази се!“, промовира поддршка и поттикнување на слободата на изразување и креативно користење на јавниот простор.

Отворајќи го настанот, актерот Кирил Поп Христов истакна „Зошто кога сме слободни, сме посилни, подобри, поуспешни и посреќни?  Зошто некои луѓе и режими имаат потреба да ги заплашуваат граѓаните, да им го одземат правото на сопствен став и мислење , да ја умртват дебатата, да го затворат јавниот простор, да ја заглушат слободата на изразување? Зошто во Македонија граѓаните молчат? Зошто се плашат јасно, гласно и јавно да критикуваат и да кажат што мислат? Зошто наместо јавна дебата, во Македонија живее етикетирањето и дисквалификувањето? Зошто македонските граѓани не дишат со полни гради и не зборуваат слободно? Овие и уште многу други прашања, натераа неколку млади луѓе, овде, во центарот на Скопје,  на улица,  да  создадат за себе и за сите нас,  слободна зона за слободно изразување. Почитувани граѓани, гости, колеги и пријатели ,  за неколку минути ќе  го ослободиме првиот ѕид на кој сите вие без каква било задршка и страв ќе можете да  ги споделите своите мисли и чувства за слободата.“

Слични инсталации, во текот на септември 2013, ќе бидат поставени и во Старата скопска чаршија, универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, центарот на Тетово и на „Широк сокак“ во Битола.

Инсталацијата е инспирирана од младата американска уметница Кенди Ченг, авторка на проектот Before I Die, реплициран во голем број светски метрополи.

Настанот се организира во рамките на проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), а го реализираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младинскиот образовен форум. Младите активисти, вклучени во проектот, преку есеи, мултимедијални содржини (видео, аудио, фотографија и графички дизајн) и кампањи ги промовираат основните демократски вредности во заедниците во кои што живеат.

Повеќе фотографии од настанот и испишаните пораки можете да најдете на следниот линк.