Одржано Националното дебатно првенство за почетници 2023

Од 15-ти до 17-ти декември 2023 година во СУГС Гимназија „Орце Николов“ се одржа Националното дебатно првенство за почетници на кое учествуваа 50 дебатни тимови, со над 150 учесници и 70 судии. И оваа година почетниците ги покажаа своите дебатерски вештини и се бореа за титулите најдобар тим и најдобар говорник.


Учесниците кои оваа година започнаа како членови на дебатните клубови на МОФ, овој викенд имаа шанса подобро да се запознаат со важноста на компетитивната дебата, а преку тоа со критичкото размислување и аргументираното говорење.  Овогодинешната главна теза гласеше: „Овој Дом би им забранил на сите земји кои кршат човекови права да учествуваат на сите големи меѓународни настани.“

По три дена интензивно дебатирање, победата ја освои тимот составен од Борјан Стојковски, Леона Ширкова и Ивона Јуркова. Второто место припадна на тимот составен од Јована Јаневска и Ана Антовска, а за најдобри говорници на дебатниот турнир за почетници прогласени беа Максим Јосевски на прво место, Богдан Баџуков на второ место, а третото место ѝ припадна на Софија Антова.


Успехот на дебатното првенство беше доказ за напорната работа на младите дебатери, нивната посветеност и стекнатите вештини за критичко размислување и аргументирано говорење. Пехарот, медалите и сертификатите, им ги врачија Дора Смилевска, програмска координаторка на Дебатната програма и Весела Трајковска, долгогодишен предавач во младинските дебатни клубови.

Истакнувајќи ја важноста на критичкото размислување, ефективната комуникација и граѓанскиот дискурс во нашето општество, турнирот обезбеди платформа за младите умови да се вклучат во конструктивен дијалог и да учат едни од други, што на крајот ќе придонесе за растот и развојот на нашето општество.

Национално дебатно првенство за почетници се спроведе во рамки на проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за лицата под мандатот на УНХЦР” кој Младински образовен форум го спроведува во партнерство со Канцеларијата на Висок комесаријат на ООН за бегалци (УНЦХР).

Два тима на меѓународниот дебатен турнир Љутомер

Два тима од Дебатната програма на Младински образовен форум учествуваат на меѓународниот дебатен турнир во Љутомер. Material Girlzz составен од: Љубен Атов, Карла Станков, Митко Недановски и Ања Давитковска, и Winx составен од: Мила Тодоровска, Анастасија Јовановиќ, Теодора Кулевска и Иларија Димулкова. Заедно со нив како дебатен тренер и судија ги придружуваше Дора Смилевска.

Турнирот се реализира онлајн во период од 11-ти до 16-ти март. Учествуваат повеќе од 60 тима од различни страни на светот вклучувајќи ги: Канада, Јужно Африканската Република, Бугарија, Данска, Шведска, Тајланд, Соединетите Американски Држави, Романија и многу други.

Некои од тезите на овој турнир кои што се дебатираа се:

  • THBT the feminist movement should support female vigilante groups (e.g., the Red Brigade and Gulabi Gang in India, Grupo de Autodefensas in Mexico);
  • THBT the EU should restrict the free movement of highly skilled workers in-between its member states;
  • In highly multi-ethnic states, THP the use of devolved governments as opposed to centralized governments.

Им посакуваме среќа на дебатерите и честитки до двата тима, останува да видиме какви резултати ќе постигнат!

Одржано Националното дебатно првенство за почетници

Oд 25-ти до 27-ми февруари 2022 година се одржа овогодишното Национално дебатно првенство за почетници. Десет тима, и овој пат виртуелно, преку алатките MixIdea и Discord ги покажаа своите дебатерски вештини и се бореа за титулата најдобар тим.

На првенството имаше пет прелиминарни рунди, полуфинале и финале. Учесниците дебатираа на три тези, од кои две – импромпту тези, со зададени 45 минути за припрема пред рундата. Главната теза на првенството гласеше – „Овој дом би им забранил на политичарите кои не си ги исполниле предизборните ветувања повторно да се кандидираат“. Двете импромпту тези гласеа  „Овој дом би вовел задолжително гласање“ и „Oвој дом како припадник на ЛГБТИ+ заедницата во Северна Македонија, би ја криел својата сексуалност“, која ја дебатираа нашите полуфиналисти.

Победници на ова онлајн национално дебатно првенство за почетници 2022 беа „Дрвените Адвокати“, составен од Јана Николовска, Леона Змајшек и Максим Неделкоски. Второто место го земаа тимот Гибоните, составен од Итан Георгиевски, Нина Петковска и Давид Салонтаји. На првенството исто така се прогласија и најдобрите говорници: на третото место Максим Неделкоски, на второто Јана Николовска и првото место го зема Итан Георгиевски.

Одржан првиот онлајн тренинг за тренери за средношколските клубови на МОФ

Триесетина млади луѓе од целата земја беа дел од првиот Онлајн Тренинг за Тренери за средношколските клубови на МОФ. Тренингот за нови дебатни тренери се одржа на 26-ти и 27-ми септември 2020, додека пак оние за тренерите за клубовите за артивизам и средношколските учиме право клубови се одржаа на 3-ти и 4-ти октомври.

Ваквиот тренинг, кој редовно се одржува на почетокот на секоја учебна година, има за цел да ги обучи нашите нови тренери за водење на онлајн клубовите во текот на претстојната година.

Во склоп на дводневните обуки беа реализирани неколку предавања на кои учесниците се запознаа со годишниот курикулум и тематските целини кои програмите ги нудат на своите членови. Ним исто така им беа пренесени и многубројните методолошки знаења, вештини и концепти за работа со млади средношколци од страна на нашите поискусни тренери.

Дополнително, учесниците беа обучени и како да ги водат и менаџираат своите идни клубови во текот на годината, но беа запознаени и со различните виртуелни алатки и платформи со помош на кои би реализирале современи и интерактивни онлајн предавања. Па така, дел од целите на овие тренинзи беа и пренесување на конкретни методолошки знаења и вештини за онлајн работа со млади луѓе. Учесниците беа запознаени со сите општи насоки, методи, техники, материјали, содржини и обврски за ефективно водење на клубовите. Тренингот ги запозна учесниците со методите на неформалното образование, одредени интерактивни пристапи во пренесување на знаења, вештини и креирање на предавања за млади.

Ѓорѓи Димески и Соња Митиќ работеа со новите дебатни тренери, Фари Хисени и Ристо Савески го спроведоа тренингот за новите учиме право предавачи, додека пак Ивона Кузмановска и Панде Ефтимов предаваа на обуката за новите предавачи во клубовите за артивизам.

Главната цел на овој Тренинг беше да се обучат идните тренери успешно да ги пренесуваат своите знаења од полето на дебатата, младински активизам и учиме право на помладите членови, но и да им помогнат во приспособувањето на кон онлајн предавањата кои би се реализирале во текот на оваа учебна година.

Обуките за новите предавачи на младинските клубови на МОФ се спроведоа во рамки на проектот за Ангажирање на младите за студентски и младински политики и со поддршка од Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

 

Јавни дебати: Слобода на изразување во три чина

Младински образовен форум, во рамки на својата дебатна програма, го најавува новиот Циклус на Јавни Дебати: „Слобода на изразување во три чина“.

Општествените проблеми со кои секојдневно се среќаваме и за кои се водат безгранични дискусии, честопати ја заматуваат сликата за суштината на самите проблеми и потребата од нивно решавање.

Ваквата појава се повеќе ја поставува потребата од организирана дискусија на дадената тема, се со цел јасно да се увиди која е позадината зад целиот проблем и како до негова солуција.

Токму организираните и аргументирани дебати се решението на овој проблем. Почнувајќи од 4ти август, во текот на ова лето МОФ ќе одржи 3 Онлајн Јавни Дебати водени од искусни дебатери и тренери од нашите клубови. Дебатите ќе бидат стримани во живо на Фејсбук страната на Младински Образовен Форум и ќе покријат теми од неколку различни области кои ја диктираат сферата на дискусии во јавниот простор денес.

Дополнително, пред одржувањето на секоја од дебатите, публиката ќе може да им постави прашања на говорниците поврзани со самата тема на дискусија. Прашањата ќе можат да се постават на инстаграм профилот на МОФ (@youtheducationalforum), во текот на целиот ден пред одржувањето на дебатата.

Повеќе информации околу одржувањето на Јавните Дебати ќе можете да најдете на Фејсбук настанот (линк од евентот) на МОФ, како и на нашиот Инстаграм профил (и тука линк од профилот).

Дебатите се организираат во рамки на Проектот за младинско изразување. Проектот е финансиран од Европската Унија.

Одржан онлајн курс за средношколска дебата

Во периодот од 18-ти јуни до 9-ти јули, дебатната програма на МОФ организираше краток онлајн Курс по Дебата и Аргументирано изразување во соработка со Американското Катче во Битола. Курсот беше наменет за средношколци од повеќе училишта и се состоеше од четири онлајн предавања преку платформата Google Meet.

Предавањата кои ги одржаа Јаков Тушевски и Весела Трајкоска имаа за цел да им ги доловат на учесниците основите на Дебатата како основна алатка за организирана и аргументирана дискусија. Тие беа поделени во четири целини кои се предаваа на неделно ниво со цел подетално и подробно објаснување на самите елементи.

Учесниците (15 средношколци) во текот на курсот научија што е дебата, зошто е таа важна за општеството во кое живееме, какви видови на дебата постојат и каде и во кои се форми таа се среќава. Покрај тоа тие научија и за основниот елемент во дебатата – аргументот. Фокусирајќи се на овој елемент, тие научија што всушност тој претставува, кои се неговите елементи и низ практични примери се здобија со вештини за градење на еден правилен и целосен аргумент.

Покрја ваквите основни елементи, учесниците се здобија и со практични знаења од областа на анализа на теми и проблеми, како преку индкуција на големите и обемни проблеми да ги согледаат нивните чинители и да дојдат до нивно решавање.

На самиот крај на курсот на учесниците им беше прикажано како да искористат сѐ што научиле во претходните предавања за да состават еден аргументиран говор, поминувајќи ги сите стилски аспекти на јавното говорење и пронаоѓање и подобрување на индивидуалниот говорнички стил.

Тимот Whatever освои прво место на онлајн дебатното првенство 2020

Во периодот од 17-ти до 19-ти јуни 2020 година, Дебатната програма на МОФ го организираше првото Онлајн Национално Дебатно Првенство. Повеќе од 60 млади беа активно вклучени во текот на трите дена, како дебатери, дебатни судии и организатори на турнирот.

Разните пречки кои изникнаа поради вонредната состојба во која се најде целиот свет не ги спречија младите дебатери од целата земја да учествуваат на турнирот кој, традиционално, секое лето ни ги дава новите национални дебатни прваци.

Турнирот се реализираше онлајн, со помош на разните платформи за видео-комуникација, во World Schools дебатниот формат, на англиски јазик. Главната теза на првенството гласеше „In countries with significant wealth inequality, This House Believes That the working class should reject any environmental policy that lowers their standard of living“.

Овогодинешното национално дебатно првенство во себе вклучи 4 прелиминарни рунди, полуфинале и финале. Од нив, две беа на главната теза, а на останатите се дебатираше на импромпту тези, најавени еден час пред почетокот на дебата. Ваквите тези имаат за цел до крај да ги испитаат дебатерските способности на учесниците, покривајќи теми од областа на социо-економскиот живот, технологија, филмска култура и етички вредности.

Прва вака импромпту теза беше „This House Regrets the widespread belief in the American Dream“, а пак втората гласешеThis House prefers a world where romantic relationships are only initiated by a matchmaking algorithm“.

 

Полуфиналето пак, се одвиваше на тезата „This House regrets the overwhelming narrative of good triumphing over evil in children’s entertainment“, додека отвореното финале кое беше пренесено во живо на Фејсбук страната на Младински образовен форум, се реализираше на главната теза.

Финалната рунда беше „во живо“ пренесена на социјалните медиуми и повеќе од 50 посетители  ја следеа оваа дебата.

Прво место на овој турни освои тимот „Whatever“, составен од Анастасија Јовановиќ, Георгина Петреска и Калиа Јовановска, додека на второто место заврши тимот „Васко Ефтов“, составен од Климентина Чаповска, Дора Смилевска и Марко Доневски.

Листата на најдобрите пет говорници пак гласеше:

5. Hikaru Hayakawa
4. Горјан Јаневски
3. Дора Смилевска
2. Лука Радуловиќ
1. Марија Јанева

Дебатниот турнир e дел од проектот Младинско ангажирање за студентски и младински политики – финансиран од Фондацијата Отворено oпштество – Македонија.

Онлајн дебата за образование и младински активизам

Во период на општествена изолација и прекин на традиционалниот образовен процес, Младински образовен форум учествуваше во создавање на виртуелен простор за дијалог помеѓу различни засегнати страни во сферата на образованието и младинскиот активизам.

Имено, на 5-ти мај се одржа онлајн дебата за тековните предизвици со кои младите се соочуваат во нашето општество. Учесници на оваа дебата беа учениците-членови на Сојузот на средношколци на РСМ, а како говорници се вклучијаАмбасадорот на ЕУ, г-дин Самуел Жбогар, Министерот за образование и наука, г-дин Арбер Адеми, Претседателот на Сојузот на средношколци на РСМ, Бленди Ходаи, Претседателот на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Борјан Ефтимов и Претседателката на Младински образовен форум, Стефани Спировска.

Во склоп на дебатата, активно се дискутираше за состојбата на образовниот процес во РСМ, а учениците даваа и свои препораки како да се надминат одредени образовни предизвици. Главниот фокус беше ставен на прашањата за онлајн наставата и укинувањето на матурата за оваа година како резултат на општествената ситуација со вирусот COVID – 19. Секој од говорниците јасно ги аргументираше своите ставови за овие прашања и придонесуваше кон збогатување на дискусијата.

Во склоп на дебатата се дискутираше и на темата младински активизам во РСМ и начинот на кој може и треба да се обезбеди деполитизација на младите при нивното спроведување на општествено ориентирани активности и подвизи. За крај, се заклучи дека е потребно кохезивно да пристапи кон решавање на младинските предизвиците и постојано да се вложува во подобрување на положбата на младите во општеството.

Извадок од оваа дебата може да погледнете на следниот линк.

Оваа дебата беше реализирано во соработка со делегацијата на Европската Унија во РСМ, Europe House и Сојузот на средношколци на РСМ. МОФ веќе подолг период успешно соработува со Европската делегација и Europe House во спроведување на ЕУ дебати со средношколци во различни градови од нашата земја.

           

Дебатата се сели онлајн

Продолжување на националниот карантин и воведување на вонредната состојба на територија на целата земја целосно ги затвори јавните институции, училиштата, факултетите, а заедно со нив ја прекина и работата на клубовите во рамките на програмите на Младински образовен форум.
Меѓутоа потребата формалното образование континуирано да продолжи и да ја бара својата моментална позиција на разните онлајн алатки значеше многу и за неформалното образование кое оваа организација го нуди.
Во годишниот курикулум за редовни неделни предавања останаа уште многу теми непокриени и многу тези неиздебатирани па затоа, почнувајќи од оваа недела, Дебатната програма на МОФ ги префрла сите свои клубови и редовни предавања онлајн. 12 вакви предавања веќе беа реализирани изминатите денови, а повеќе од 30 средношколци активно се ангажираа и покажаа интерес за ваквиот нов метод на предавање.
Знаењето што го добиваа нашите членови во просториите на МОФ и средните училишта за време на викендите ќе продолжи активно да се пренесува до нив со помош на разни електронски платформи, а нашите предавачи ќе продолжат кај нив да ги градат вештините за аргументираното изразување, критичко размислување, тимска работа и јавно говорење.
Во меѓувреме, следете ги ознаките #ДебатаМК и #СедиСиДома на социјалните мрежи каде постојано ќе ве информираме за последните случувања и активнсти на МОФ за време на оваа состојба.

#1 Отворено предавање за млади

Група на млади средношколци и студенти присуствуваа на Отвореното предавање за млади кое МОФ го одржа на 26-ти февруари 2020 година во „Комитет“ во Скопје. Темата на предавањето беше Социјална правда, а во улога на предавач беше Ѓорѓи Димески, тренер по дебата од дебатната програма на МОФ.

Предавањето имаше за цел да ги објасни причините за се’ помасовната борба за социјална правда ширум светот. Во главниот фокус беше ставена дискриминацијата врз база на предрасуди кои потекнуваат од разни карактеристики кои луѓето кои ги поседуваат не можат да ги променат, како што се социјалниот статус, етникум, пол, сексуална ориентација и слично.

Преку презентација која статистички ги поткрепи овие предрасуди и постојана интеракција со присутните, предавањето успеа да ја долови потребата од борбата за социјална правда и да ја доближи истата до младите присутни на предавањето.

Ова беше првото во серијата Отворени предавања за млади кои МОФ ќе ги организира на месечно ниво. Во текот на годината уште 7 вакви предавања ќе бидат организирани во Скопје и 4 останати градови на национално ниво. 

Отвореното предавање е реализирано во рамки на проектот Ангажирање на младите за младински и студентски политики, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.