Промоција на резултати од четири труда

Младински образовен форум (МОФ) вчера, на 16.07.2019 г, одржа промоцијата на резултатите од четири истражувачки труда кои се изработени во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено oпштество.

Истражувачките трудови се изработени од страна на четири тима составени од седум млади истражувачи кои во изминатите неколку месеци беа менторирани од искусни истражувачи, со поддршка од МОФ. Младите истражувачи обезбедија податоци за теми кои се значајни за младите и тоа: врсничкото насилство помеѓу средношколците, национализмот кај младите средношколци, работата и функционалноста на центрите за кариера и популаризирање на руралноста кај младите.

На промоцијата секој тим кусо го презентираше своето истражување и ги сподели главните наоди добиени од истражувањето, како и заклучоците од истото. Изработените истражувања се :

1. „Популаризирање на руралноста – Потенцијалите на руралното коработење и ефектот врз миграциските трендови на младите во Р. Северна Македонија“ – Елена Андонова и Ѓорѓи Димески;
* 25% од вкупното население живее во Скопскиот плански регион, со акцент на градот Скопје, иако по површина овој регион е најмал од 8-те плански региони.
* Р. Северна Македонија е трета држава во светот по бројот на фриленсери.
* Најголемата категорија на иселеници од руралните средини е младо работоспособно население кое ја напушта руралната средина заради ниски образовни и кариерни можности.
* Работниците од креативната класа имаат минимално влијание врз стапката на вработеност на локалното население во руралната средина, но големо влијание врз социоекономскиот раст (диверзитет на бизнис средина, иновативност, внесување дигитални технологии итн).
* Се појавува и тренд на контраурбанизација во кој млади професионалци се преселуваат во     руралните средини.

2. „Улогата и работата на центрите за кариера при факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“– Ангела Тасевска;
* 54,73% од испитаните студенти не знаат дали има Центар за кариера на нивниот факултет.
* 61,61% од испитаниците не учествувале во работата на Центарот за кариера, но би сакале да учествуваат.
* 85% од испитаниците се согласни Центарот за кариера да ги известува студентите за своите активности на веб-сајтот на факултетот

3 „Анализа на врсничкото насилство на интернет кај средношколците“ – Симона Стојчевска
*Секој четврти средношколец поминува над 6 часа дневно на интернет.
*40 % од испитаниците одговориле дека се имаат почувствувано непријатно поради вознемирување или навреда на Интернет во последната година.
*42 % од испитаниците барем понекогаш имаат потреба да пријават кога ќе доживеат непријатно искуство на Интернет.
*74 % од нив не знаат кои механизми им стојат на располагање.
*Кај 63 % од нив не се зборува на училиште на тема врсничко насилство на Интернет.

и

4. „Националистички чувства и ставови кај средношколците во Република Северна Македонија“ – Исаја Карадаковска, Емилија Божиновска и Мартина Георгиевска.
* Етничките Македонци од соседните народи за најблизок го чувствуваат српскиот народ, додека пак етничките Албанци како најблизок го чувствуваат албанскиот и косовскиот народ.
* На тврдењето Ја сакам Македонија и горд/а сум на мојот народ, делумна или целосна согласност изразуваат 44% од испитаниците.
* На тврдењето „Би употребил/а физичко насилство за одбрана на честа и угледот на мојот народ“ делумна или целосна согласност изразуваат 36.8% од вкупниот број на средношколците, додека пак несогласност изразуваат 41.5%.
* На тврдењето „Мојата историја е пославна од онаа на другите народи“ , на скала од 1 до 5 етничките Македонци одговориле со просечна оценка 1,2 а пак етничките Албанци со просечна оцена од 3,3.

Четирите истражувачки трудови можат да се најдат во електронкса форма на Issuu профилот на Младински образовен форум – https://issuu.com/youtheducationalforum

Проектот има за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на МОФ со знаењето и искуството на алумни стипендистите на Фондациите Отворено општество во корист на млади истражувачи, студенти и пошироката јавност во Северна Македонија. Младите и студентите немаат можност да прават истражувања и истражувачка академска работа поради ограничени ресурси – финансиски и менторски. Со овој проект беа искористени капацитетите на алумни стипендистите, со цел да ги споделат своите знаења со младите кои за прв пат се занимаваат со општествено релевантни истражувања и заедно да придонесат во креирање на квалитетни анализи кои ќе помогнат да се подобрат политиките или да се подигне свеста за важни прашања во Северна Македонија.

Презентација на резултатите од четири истражувачки трудови

Младински образовен форум (МОФ) ве поканува на промоција на резултатите од четири истражувачки труда кои се изработени во рами на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено oпштество.

Промоцијата ќе се одржи на 16 јули 2019 (вторник) со почеток од 18:00 часот во просториите на Јавна Соба.

Истражувачките трудови се изработени од страна на четири тима – седум млади истражувачи кои беа менторирани од искусни истражувачи, со поддршка од МОФ, и во изминатите неколку месеци работеа на своите трудови и ги креираа и финализираа истражувањата. Младите истражувачи обезбедија податоци на темите кои значајни за младите и тоа: врсничкото насилство, национализмот кај младите средношколци, работата и функционалноста на центрите за кариера и популаризирање на руралноста кај младите луѓе.

Со истражувачката работа, овие млади истражувачи го продлабочија своете знаењето за креирање подобри младински политики и разбирање на проблемите и трендовите во општеството. На промоцијата секој тим кусо ќе го презентира своето истражување и ќе ги сподели главните наоди добиени од истражувањето како и заклучоците од истото. Изработените истражувања се :

„Популаризирање на руралноста – Потенцијалите на руралното коработење и ефектот врз миграциските трендови на младите во Република Северна Македонија“ – Елена Андонова и Ѓорѓи Димески
„Улогата и работата на центрите за кариера при факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Ангела Тасевска
„Анализа на врсничкото насилство на интернет кај средношколците“ – Симона Стојчевска
„Националистички чувства и ставови кај средношколците во Република Северна Македонија“ – Исаја Карадаковска, Емилија Божиновска и Мартина Георгиевска

Проектот има за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на МОФ со знаењето и искуството на алумни стипендистите на Фондациите Отворено општество во корист на млади истражувачи, студенти и пошироката јавност во Северна Македонија. Младите и студентите немаат можност да прават истражувања и истражувачка академска работа поради ограничени ресурси – финансиски и менторски. Со овој проект беа искористени капацитетите на алумни стипендистите, со цел да ги споделат своите знаења со младите кои за прв пат се занимаваат со општествено релевантни истражувања и заедно да придонесат во креирање на квалитетни анализи кои ќе помогнат да се подобрат политиките или да се подигне свеста за важни прашања во Северна Македонија.

Oтворено предавање „Интерсекциска правда во поствоени општества“

Младински образовен форум ве поканува на четвртото отворено предавање на тема „Интерсекциска правда во поствоени општества: Животни приказни од Босна и Колумбија “ организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество. Предавањето ќе се одржи на 24 јуни 2019 (понеделник) со почеток во 18:00 часот во просториите на Јавна Соба

Предавач на ова предавање ќе биде д-р Елена Б. Ставревска.
Таа е истражувачка во областа на мировните студии и е научна соработничка на Универзитет Нотр Дам во САД, а од август годинава станува дел и од научниот кадар на Лондонската школа за економија и политички науки, каде ќе го предводи проектот „Родов мир“ (Gendered Peace). Има докторат по политички науки и магистратура по меѓународни односи и европските студии од Централниот европски универзитет.

За предавањето :
Како се поврзани мирот и правдата во поствоени општества и дали за да се обезбеди траен мир е неопходно справување со постојните различни структурни проблеми? Ова е честа тема на дискусија како во академските, така и во политичките кругови. Темата неизбежно води до прашањето какви видови неправда се препознаени институционално и општествено, а со тоа и какви видови насилство. На пример, со усвојувањето на Резолуцијата 1325 од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации меѓународно се препознаваат специфичните видови насилство со кои се соочуваат жените и девојчињата за време на вооружените конфликти и по нивното завршување. Една глобална анкета, пак, укажува дека двете најчести причини за индивидуално вклучување во вооружени насилни дејствија се недостатокот на економски можности и чувството на неправда.

Темата на ова предавање е начинот на кој социоекономските, расните/етничките и родовите аспекти се надополнуваат во маргинализирањето, насилството и неправдите со кои се соочуваат делови од населението во поствоените општества. Од пристап до основни социјални услуги, до претставеност во политичкото одлучување, пресекот односно интерсекционалноста на овие различни аспекти го дефинираат поствоеното секојдневие за многумина. Користејќи наоди од теренски истражувања во Босна и Херцеговина и во Колумбија, ова предавање ќе го анализира концептот на интерсекциска правда како можна рамка за анализа на поствоеното секојдневие и креирање долготраен мир.

Изборното предавање е организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество. Целта е алумни стипендистите, преку своето стекнато знаење на различни престижни универзитети и факултети, да придонесат кон развој на општествениот дискурс помеѓу младите во државата, преку нивно информирање за релевантни општествени теми.

Ова предавање е четврто изборно предавање од циклус предавањата организирани од страна на Младински образовен форум. Во текот на месец јули, МОФ ќе организира уште едно предавање поврзано со различни општествено релевантни тематики.

Станица Студентска по седми пат

Низата настани со кои оваа година Младински образовен форум го одбележува 20-иот роденден започна со Станица: Студентска 7.0.

На 23-ти април 2019 година, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, МОФ понуди целодневна интерактивна програма со алтернативни предавања, работилници, саем за вмжрежување на младински и студентски организации и креативни активности, во рамки на седмото издание на настанот Станица: Студентска.

Гостите на овој настан можеа да слушнат предавања од различни области, како: енергетика, медицина, филозофијата, политиката, правото, земјоделските науки и вештачка интелигенција. Со своите предавања настанот го збогатија: Леана Таќи, Јанаки Митровски, како и професорите: Игор Трајковски, Владимир Петрушевски, Ристо Солунчев, Ненад Марковиќ и Владимир Давчев. Предавања и презентации имаа и претставници од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Македонската медицинска студентска асоцијација, како и студентите од Факултетот за земјоделски науки и храна.

На Станица: Студентска 7.0 се зборуваше за теми како: Иднината на човештвото, вештачката интелигенција, Демократија и револуција, покорност кон авторитет, па се до: правата при претрес на улица, правење пиво и вакцините во современото здравство.

Посетителите на Станица: Студентска7.0 се запознаа со работата и активностите на повеќе од 20 младински организации во рамки на отворениот саем на студентски и младински организации. Дел од организациите кои имаа свој штанд беа Национален младински совет на Македонија, ХЕРА, ЕМСА, ИАЕСТЕ, Младите можат, КРИК, Истражувачко друштво на студенти биолози, Правната клиника при Правниот факултет „Јустинијан Први“, АИСЕК, ЕЛСА, СКЕЕОР, Youth Peer и други студентски и младински здруженија истакнати во својата област, кои постојано даваат придонес кон збогатување на академските денови на студентите.

Станица: Студентска 7.0  има за цел да обезбеди простор за современи предавања кои студентите ретко имаат можат да ги следат на нивните факултети, простор за информирање за организациите кои се отворени за нив, учество во работилници и можеби најважно – размена на искуство и познанства.

Настанот го организираше Младински образовен форум во рамки на Проектот за образовни центри и алумни стипендистите на Фондациите Отворено Општество.

 

Повик за анкетари за теренско истражување

Повик за анкетари за спроведување на истражување за „Студентски стандард на станарите во студентските домови“

Младински образовен форум во периодот на март – јуни 2019 спроведува истражување за студентскиот стандард на станарите во студентските домови. За потребите на истражувањето, отвораме повик за 10 анкетари кои ќе бидат директно вклучени во теренското спроведување на истражувањето и внес на податоците. Теренското истражување предвидува спроведување на прашалници во студетските домови: „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, во периодот од 23ти април до 23ти мај.

За подготовка на избраните анкетари ќе биде организиран еднодневен тренинг на 22ри април 2019 година на кој е задолжително да се присуствува. За прибирање и внесување на податоците анкетарите ќе бидат ангажирани во месеците април и мај 2019 година.

Сите заинтересирани за овој повик потребно е:
• Да се полнолетни;
• Да имаат мотивација да бидат вклучени во теренско спроведување на истражување;
• Да се во можност да го спроведуваат истражувањето во текот на работно време;
• Во периодот од од 22ти април до 23ти мај да бидат во државата и во можност да го извршат анкетирањето во горенаведените студентски домови;
• Претходно искуство во анкетирање ќе се смета за предност;
• Да присуствуваат на еднодневен тренинг на 22ри април;
• Да поседуваат добри комуникациски вештини.

Заинтересираните кандидати потребно е да достават CV, најдоцна до 17ти април 2019 до 17:00 часот на policy@mof.org.mk со назнака „Пријава за анкетар“. Сите прашања за повикот може да ги упатите на истата мејл адреса.

Избраните анкетари ќе бидат известени до 19ти април за времето и локацијата за еднодневниот тренинг, а за ангажманот е предвиден финансиски надомест.

Ова истражување има за цел да открие повеќе сегменти од студентскиот живот на студентите во домовите. Преку спроведување на истраувањето ќе се добие претстава за мометалната состојба на вклучување на станарите во носењето на одлуки, условите за живот, задоволување на културните, информативните, спортско-рекреативните и други заеднички потреби на студентите.

„Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.“

 

Циклус обуки во студентските домови

Студентски клубови во три Државни студентски домови во Скопје

Младински образовен форум, во рамки на проектот „Студентски домови без корупција“ во месеците март и април организира циклус обуки за Студентските клубови во Државните студентски домови. Обуките ќе се одржат во периодот од 13.03 2019 – 18.04 2019 во рамки на Студентските клубови во Државните студентски домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“.

Обуките се на следните теми:
Обука за Студентски права и студентско организирање;
Обука за Младински активизам и организација на настан;
Обука за Јавно говорење.

Обуките имаат за цел да ги запознаат студентите со концептот на младинскиот активизам, основите на организирањето на настани, локални акции, студентските права и студентското организирање, како и елементите на јавно говорење  и да ги инспирираат самите да размислуваат за интервенции во нивните локални заедници.

Сите заинтересирани може да го пријават своето учество на слениот линк. Обуките се отворени за сите студенти кои престојуваат во некој од студентските домови, а времетраењето на една обука е 2 часа.

По циклусот на обуки, ќе биде отворен повик за студентски иницијативи кои ќе се спроведат во рамки на Државните студентски домови – „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“.

Доколку имате прашање можете да не контактирате на 02/3139692 или на: ivona_kuzmanovska@mof.org.mk

Распоред на обуките:

Студентски клуб во ДСД „Стив Наумов“:
Обука за Младински активизам и организација на настан 13.03.2019, 18:00 ч
Обука за Студентски права и студентско организирање 03.04.2019, 18:00 ч
Обука за Јавно говорење 10.04.2019. 18:00 ч
Студентски клуб во ДСД „Гоце Делчев“:
Обука за Младински активизам и организација на настан 03.04.2019, 18:00 ч
Обука за Студентски права и студентско организирање 11.04.2019, 18:00 ч
Обука за Јавно говорење 17.04.2019, 18:00 ч
Студентски клуб во ДСД „Кузман Јосифовски- Питу“:
Обука за Студентски права и студентско организирање 04.04.2019, 18:00 ч
Обука за Младински активизам и организација на настан 10.04.2019, 18:00 ч
Обука за Јавно говорење 18.04.2019, 18:00 ч

„Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество- Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество- Македонија.“

Фотографија од првата обука за Младински активизам и организација на настан организаирана во ДСД „Стив Наумов“

Тренинг за млади истражувачи

Од 15ти до 17ти февруари 2019 година, Младински образовен форум организираше тридневен тренинг за нови млади истражувачи кои имаат интерес да креираат истражувања во областите образование, политики за млади, социјални и политички прашања од важност за младите. Преку Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондации Отворено општество МОФ ќе поддржи четири истражувачки трудови, спроведени од млади истражувачи под менторство на искусни алумни стипендисти на Фондациите Отворено општество.

На тродневниот тренинг младите истражувачи се запознаа со работата на Младински образовен форум и работата на програмата за Истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики, како и со Основите на општествените истражувања.

Вториот ден, тренингот продолжи со предавања на темите: Што е истражување и креирања на истражувачки дизајн. Тимовите ги презентираа концептите за своите идни истражувања на општествени теми како што се: руралноста, насилството во образовниот систем, кариерни центри и националистичките и ксенофобичните чуства кај младите. Истражувачите слушаа предавања за главите техники и методи со кои ќе ги работат истражувањата, како квантитативни и квалитативни методи во општествените истражувања: анкета, квантитаивна анализа на содржина, интервју и фокус група, како и анализа на секундарни податоци како што е набљудувањето и основите на Академското пишување и пишување во областа на јавните политики заврши и вториот ден од овој тренинг.

Предавањата во првите два дена од овој тренинг ги одржа Марија Димитровска, докторанд на Филозофскиот факултет при УКИМ.

На третиот ден од тренингот,  тимовите се сретнаа со своите ментори кои се алумни на заедно работеа на дизајнот на истражувањето и финализирања на нивните идни истражувања.

Тренингот за нови истражувачи е поддржан од Фондациите Отворено општество.

Повик за млади истражувачи

Младински образовен форум (МОФ) отвора повик за млади истражувачи во склоп на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондации Отворено општество (ФОО). Целта на проектот е да се искористат ресурсите и капацитетите на МОФ и знаењето и искуството на алумни стипендистите градејќи мрежа на млади истражувачи.

Во склоп на проектот ќе бидат поддржани четири истражувачки трудови, а истите ќе ги спроведат млади истражувачи кои ќе бидат менторирани од искусни истражувачи од МОФ и мрежата на алумни стипендисти на ФОО.

За учество апликантите треба да ги исполнат следните услови:

  • Да се студенти или дипломирани лица на возраст од 19 до 26 години;
  • Да покажуваат интерес во истражувања во областите образование, политики за млади, социјални и политички прашања од важност за младите;
  • Да имаат разбирање за клучни младински проблеми на локално и национално ниво;
  • Да се во можност да посетат дводневна обука за млади истражувачи, надвор од Скопје;
  • Да се во можност да работат во тим и учествуваат во истражувањето со поддршка од ментор во периодот од јануари до мај 2019;
  • Да го финализираат истражувањето до 31-ви мај 2019;
  • Да присуствуваат на 4 предавања на Алумни стипендистите, организирани од МОФ;
  • Да го презентираат своето истражување на завршниот настан организиран од МОФ.

Сите заинтересирани можат да се пријават индивидуално или како тим најдоцна до 21ви јануари (понеделник) 2019 година на policy@mof.org.mk.

За аплицирање потребно е да се достават следните документи:

  1. CV на апликантот или апликантите доколку се аплицира како тим
  2. Резиме за предлог истражување (најмалку една страна)
  3. Предлог методологија за истражувањето (најмалку една страна)
  4. Распределба на средства – Буџет (Анекс 2, страна-Буџет)
  5. Временска рамка (Анекс 2, страна – Временска рамка)

Резимето, методологијата и буџетот за предлогот истражувањето може да бидат доставени индивидуално или од група на истражувачи (максимум тројца истражувачи). Изборот ќе го врши комисија составена од претставници на МОФ и алумни стипендистите и ќе биде врз база на бројот на поени добиени во различните критериуми наведени во повикот – Анекс 1.

Повеќе детали за подобноста, критериумите за одлучување и начинот на аплицирање можете да најдете во целосниот повик.

Сите заинтересирани апликанти кои имаат прашања, потреба од консултација или појаснувања за повикот можат да нè контактираат на policy@mof.org.mk.

 

Промовирана студентска платформа

Да не помине академската година без студентско организирање

Промовирана веб платформа за информирање на студентите

Денес, 21 декември 2018, во Хотел Солун во Скопје се одржа тркалезната маса „Студентско (не)организирање – проблеми и решенија“. На настанот организиран од Младински образовен форум (МОФ) со поддршка од DemocracyLab, Peacetech Lab и Амбасадата на САД, учествуваа 30 студенти, професори и претставници од различни институции, кои дискутираа за реформирањето на студентското организирање и потребата од студентски избори.

На тркалезната маса се презентираше новата веб платформа www.studentskisobranija.mk за информирање на студентите за студентското организирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Оваа веб страница е изработена од МОФ да помогне на студентите да се информираат за студентското организирање и да ги користат своите права.

На настанот дојде до израз тоа дека новото студентско организирање треба да донесе промени, но прво треба да се воспостави. Помина цел семестар откако стапи на сила новиот Закон за високо образование, со кој конечно требаше да се формираат вистински студентски претставнички тела. Правата на студентите се заглавени во институционалните лавиринти, и студентите не можат да добијат избори и свои претставници додека не се усвојат статутите на универзитетите.

„Собранието имаше должност да изгласа нови статути на универзитетите, како што налага новиот Закон за високо образование, за да можат студентите да можат да се вклучат во одлучувањето.  Студентите се заборавени и повторно немаат шанса да одлучуваат и да учествуваат, и доведена е во знак прашалник нивната позиција во самата академска заедница“, кажа Петар Барлаковски од МОФ.

Сефер Селими, извршен директор на Demoracy Lab посочи: „За да се разбере суштината на студентското организирање, пример е тоа што се случува со студентите моментално во Тетово. Имаме студенти кои во неможност да ги канализираат своите барања се принудени преку протести да ги кажат своите потреби“.

Стефан Дојчиноски, член на работната група која го изготви Законот за високо образование кажа: „Избравме делегратски модел за сите факултети рамноправно да учествуваат во Универзитетското студентско собрание. Студентот треба првичните битки да ги извојува внатре во универзитетот“. Борјан Ефтимов  – претставник на Студентската организација на Правен факултет „Јустинијан Први“ истакна: „Главниот проблем и кочница неформалните организации да учествуваат во учествувањето е брократијата. Мораме да ја притиснеме бирократијата и да поченеме со спроведување на Законот за високо образование“.

Присутните професори и студенти на настанот посочија дека и онаму каде што уште има студентски претставници во телата на факултетите и универзитетите, тие се нелегални, а со тоа и сите одлуки кои овие тела ги носат. Прашаа и дали студентите биле вклучени во изработката на новите статути кои се очекува допрва да се донесат. Целта на настанот беше да ја отвори дебатата за новото студентско организирање, очекуваните избори и да ја промовира платформата за информирање на студенти.

Беше промовирано и едукативното видео „Што се факултетски и студентски собранија?“

 

Студентско (не)организирање

На 21.12.2018 (петок) во Хотел Солун од  12:00 часот ќе се одржи тркалезна маса за студентско организирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на тема „Студентско (не)организирање – проблеми и идни решенија“ во организација на Младинскиот образовен форум.

Студентското организирање во Македонија по контрaверзните избори за студентски парламент во јуни 2016, никогаш не се воспостави како функционално. Мандатот на студентскиот парламент помина во сенка на процесот на креирање на нов Закон за високо образование, со кој меѓу другите промени се реформираше моделот „студентски парламент“ во „студентски собранија“. Иако законот предвиде студентски избори овој семестар, тие не се одржани затоа што статутите на универзитети кои треба да ги уредат – уште не се усвоени во Собранието на РМ. Така, високообразовните институции се во правна празнина, а студентите се’ уште немаат свои претставници.

На траклезната маса говорниците ќе ги споделат нивните мислења и препораки за: Како до успешни модели и практики за студентско организирање? Кои се очекувањата од претстојните студентски избори, и последователното учество на студентите во органите на управување? Кои се подготовките кои факултетите, универзитетите, студентските организации и другите чинители треба да ги направат за овој процес?  Зошто е важно учеството на студентите во универзитетите тела, и што го прави новиот модел поинаков од минатото?

Говорници на овој настан се:

Петар Барлаковски – Младински образовен форум
Стефан Дојчиноски, член на работната група за изготувување на Законот за високо образование
Сефер Селими – Извршен директор на Demoracy Lab
Борјан Ефтимов  – претставник на Студентската организација на Правен факултет „Јустинијан Први“

Присуство може да се потврди на policy@mof.org.mk најдоцна до 20.12.2018 (четврток).

Настанот е организиран од МОФ со поддршка од проектот PTX Macedonia спроведуван од DemocracyLab, со поддршка од Peacetech Lab и Амбасадата на САД.