Онлајн кампања: Силеџиството во твоето училиште

Силеџиството е една од најзастапените форми на непријателско однесување во нашиот воспитно-образовен систем. Од најмала возраст, речиси секое дете во текот на едукативниот процес се соочува со некоја од формите на силеџиство.

Членовите на клубовите Артивизам на Младински образовен форум во рамките на Проектот за младинско изразување изготвија онлајн кампања за силеџиство во средните училишта. Кампањата се одвиваше во неколку чекори. Прво, преку отворен прашалник беа добиени информации, податоци и статистики поврзани со силеџиството и намалување на говорот на омраза помеѓу средношколците. Прашалникот доби вкупно 133 одговори од средношколци од различни средни училишта во државата. Главната констатација беше дека моментално врсничкото насилство е застапено во голема мера во училиштата и дека е проблем на кој треба да се обрне повеќе внимание и да се работи на решавање на истиот.  Во вториот чекор младите членови на клубовите со менторството на Панде Ефтимов изработија дизајни според добиените одговори.

Финално, преку онлајн промоција на социјални мрежи беа објавени статистиките и заклучоците од прашалникот во форма на дизајни и беше изработена брошура која беше споделена со средношколци од различни училишта.

Целта на оваа кампања беше да се подигне нивото на свесност и одговорност околу овие прашања.

Сите дизајни можете да ги најдете на следниот линк.

Повик за нови членови во Младинските клубови на МОФ во 2020 година!

Драги средношколци, Младински образовен форум отвора повик за нови членови во младинските клубови!

Клубовите на МОФ ќе ти овозможат да се предизвикаш себе си, да научиш многу во неформална атмосфера и да се вклучиш на бројни онлајн и офлајн локални, национални и меѓународни настани. Опкружувањето со супер друштво ќе те мотивира да се подобриш и да стекнеш нови искуства и знаења надвор од формалното образование.

Кој клуб е за тебе, зошто би се вклучил во младински клуб и како ќе изгледаат предавањата во текот на следната година, се информации кои ги има подолу во оваа објава. Разгледај ги описите на клубовите подолу во текстот и одбери каде ќе се вклучиш. Резервирај го своето место!

Во согласност со учебната година, предавањата во клубовите за средношколци ќе започнат во текот на ноември 2020, а ќе се случуваат онлајн се додка состојбата не дозволи да се дружиме во живо.  Термините во кои ќе се одржуваат неделните предавања ќе се договорат помеѓу членовите и предавачите на клубовите.

Линк до прашалникот за пријавувањекликни тука

АРТИВИЗАМ

Сакаш да експериментираш со уметноста како средство за слободно изразување? Сакаш да дознаеш како да станеш младински активист? Дали си склон кон стекнување нови знаења, нови другарства и нови идеи? Ти треба креативна слобода?

Тогаш клубовите – Артивизам во склоп на МОФ се местото каде што треба да членуваш. Артивизам е можност за тебе да практикуваш слобода на изразување и да се запознаеш со креативни начини за пренесување на своите ставови, интереси, афинитети, склоности, барања и идеи.

Во Артивизам клубовите ќе имаш можност да ги изградиш своите капацитети, дознаеш повеќе за себе и околината, стекнеш вештини и знаења, се забавуваш и креираш нов круг на пријатели.

Секоја година, повеќе од 200 членови од различни градови имаат можност од да научат за граѓански активизам, медиумска писменост, креирање младински весници, фанзини, мурали уметност, стенсили, стикери, постери, фотографија и видео прилози.

ДЕБАТА

Преку глава ти е од неорганизираните и безвредни дискусии кои секојдневно ги слушаш околу тебе?  Сакаш да научиш како вистински да дебатираш и да ја победиш секоја дискусија со пријателите и соучениците?  Или пак можеби имаш желба конечно да ја победиш вечната трема од јавни настапи и презентации и да станеш добар оратор?

Ако одговорот на барем едно од овие прашања е да, тогаш дебатната програма е вистинското место за тебе!

Дебатниот клуб на МОФ оваа година онлајн продолжува со својата работа! Во склоп на неделните предавања, ќе  научиш за компетитивна дебата, техниките за одржување на говор, побивање, аргументирање на туѓи аргументи и анализирање на теми од различни области и сфери. Ти и твојот тим ќе можете да се натпреварувате на локални, национални и меѓународни дебатни турнири.

Стани дел од дебатен клуб, и во следната дискусија наместо да го повишиш тонот, ќе го подобриш аргументот.

УЧИМЕ ПРАВО

Знаеш ли дека не смееш да повторуваш учебна година? Секој ученик има право на дополнителна и додатна настава. Дали се прашуваш што ти се случува кога ќе добиеш закана за бркање од училиште со 10 неоправдани?

Членовите на Учиме право клубовите имаат можност практично да се запознаат со работата на државните институции и службеници преку посети на рочишта во Основните судови, седници на општинските совети, средби со градоначалниците, претседателот на државата како и посети во разни институции и министерства. Ваквите активности се уникатен пристап и можност, за проучување на институционалниот систем, како на локално, така и на национално ниво.

Учиме право клубовите се насочени и кон подигање на свеста за средношколските права, организирање и учество. Преку предавањата, членовите ќе имаат можност да ги запознаат своите права и обврски во училиштето и заедницата, начините на кои може да ги остварат, но и механизмите преку кои ќе може да ги заштитат. Преку ова, Учиме право клубовите придонесуваат кон изградба на активни млади, гласноговорници против сите форми на потиснување на правата и активни чинителни во процесите на креирање политики кои нив ги засегаат, затоа зачлени се!

Доколку ви се потребни повеќе информации може да ни се обратите:
преку порака на facebook или Instagram страната на МОФ,
на obuki@mof.org.mk, или пак
на телефонскиот број: 02/3139-692

 

Младинските клубови на МОФ се дел од проектот за Ангажирање на младите за студентски и младински политики финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија и дел од Проектот за младинско изразување финансиран од Европската Унија.

Повик за учесници во Младински новинарски клуб

Младински образовен форум и Радио МОФ, во рамки на проектот „Fostering activism through social media“, поддржан од National Endowment for Democracy, објавува повик за членови во Младински новинарски клуб.

Новинарскиот клуб ќе биде под менторство на Огнен Јанески. Средбите на клубот ќе се одвиваат 2-4 пати во месецот во договор со менторот, на онлајн платформата Microsoft Teams, во периодот ноември 2020 – јуни 2021. Огнен Јанески е новинар со 20-годишно работно искуство и моментално работи како уредник во ТВ24, Македонија. Членовите ќе имаат можност да работат на изработка на вести, подкасти, емисии, видеа и истражувачки стории кои ќе бидат објавувани на Радио МОФ. Членството во новинарскиот клуб е бесплатно и вкупно 20 млади ќе имаат можност да ги следат предавањата.

Пред почетокот на средбите на клубот, учесниците ќе посетат тридневен онлајн тренинг каде што ќе се здобијат со практични знаења за пишување на вести, идентификување на јавниот интерес и креирање на продукт според новинарските стандарди.

Единствени услови кои заинтересирани апликанти треба да ги исполнуваат се: да покажуваат интерес и разбирање за новинарството и да се во можност да учествуваат на трите денови од тренингот.

Работниот јазик на средбите во клубот и тренингот ќе биде македонски.

Сите заинтересирани можат да се пријават најдоцна до 25 октомври 2020 година (недела) 23:59 часот, преку пополнување на апликацијата на следниот линк. Доколку имате прашања, можете да се обратите на nina_mircevska@radiomof.mk или на телефонскиот број 02/3139 692.

Одржан првиот онлајн тренинг за тренери за средношколските клубови на МОФ

Триесетина млади луѓе од целата земја беа дел од првиот Онлајн Тренинг за Тренери за средношколските клубови на МОФ. Тренингот за нови дебатни тренери се одржа на 26-ти и 27-ми септември 2020, додека пак оние за тренерите за клубовите за артивизам и средношколските учиме право клубови се одржаа на 3-ти и 4-ти октомври.

Ваквиот тренинг, кој редовно се одржува на почетокот на секоја учебна година, има за цел да ги обучи нашите нови тренери за водење на онлајн клубовите во текот на претстојната година.

Во склоп на дводневните обуки беа реализирани неколку предавања на кои учесниците се запознаа со годишниот курикулум и тематските целини кои програмите ги нудат на своите членови. Ним исто така им беа пренесени и многубројните методолошки знаења, вештини и концепти за работа со млади средношколци од страна на нашите поискусни тренери.

Дополнително, учесниците беа обучени и како да ги водат и менаџираат своите идни клубови во текот на годината, но беа запознаени и со различните виртуелни алатки и платформи со помош на кои би реализирале современи и интерактивни онлајн предавања. Па така, дел од целите на овие тренинзи беа и пренесување на конкретни методолошки знаења и вештини за онлајн работа со млади луѓе. Учесниците беа запознаени со сите општи насоки, методи, техники, материјали, содржини и обврски за ефективно водење на клубовите. Тренингот ги запозна учесниците со методите на неформалното образование, одредени интерактивни пристапи во пренесување на знаења, вештини и креирање на предавања за млади.

Ѓорѓи Димески и Соња Митиќ работеа со новите дебатни тренери, Фари Хисени и Ристо Савески го спроведоа тренингот за новите учиме право предавачи, додека пак Ивона Кузмановска и Панде Ефтимов предаваа на обуката за новите предавачи во клубовите за артивизам.

Главната цел на овој Тренинг беше да се обучат идните тренери успешно да ги пренесуваат своите знаења од полето на дебатата, младински активизам и учиме право на помладите членови, но и да им помогнат во приспособувањето на кон онлајн предавањата кои би се реализирале во текот на оваа учебна година.

Обуките за новите предавачи на младинските клубови на МОФ се спроведоа во рамки на проектот за Ангажирање на младите за студентски и младински политики и со поддршка од Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

 

Тренинг за тренери во Клубовите за демократско учество

МОФ во соработка со Фондација за демократија на Вестминстер, а во рамки на проектот „Зголемување на демократското учество кај младите“, од 11-ти до 13-ти септември 2020 година, во Хотел Белви во Скопје го организираше Тренингот за тренери кои ќе предаваат во Клубовите за демократско учество во тековната учебна година.


На тренингот, од страна на Вилдан Дрпљанин, Блажен Малески, Ивана Туфегџиќ, Бојана Низамовска и Сања Стефановиќ  беа одржани предавања од областа на демократијата и граѓанските права и слободи, младинските тела и структури, институции и политики за млади, активизам и учество, застапување и делување и како се креира младинска акција.

Одржана онлајн работилница – Активизам во твоето маало

Онлајн работилницата – „Активизам во твоето маало“ се одржа во периодот  7-ми и 10-ти август на
платформата за видео комуникација – ZOOM.

На работилницата учествуваа десетина млади луѓе кои се стекнаа со знаења за базичните,
елементарни алатки и клучните манипулативни техники на Adobe Photoshop. Но, најважно – тие
работеа на креирање коцепт за компаративна претстава на одреден простор во нивното маало (Тафталиџе, Карпош 4, Ѓорче Петров, Недопирливи – Битола, Железара, Куманово).

Оваа иницијатива насочува кон потенцирање проблеми, недостатоци и лоцира места кои можат
да се искористат како младински центри на општинско ниво. На овој начин се изразуваат
индивидуалните ставови, мислења, интереси, афинитети и склоности кога станува збор за
активистичко дејствување.


Всушност, преку продуктите кои ги изработија учесниците – претставени се интересни младински
размислувања за искористување на активизмот и урбанизација на просторот во кој живеат. Со
ова се потенцира претставата за убава, средена, чиста и функционална урбанизација на просторот
во нивното маало.


Целта на кампањата е преку младински активизам да се подигне свеста за потребата за простор
во кој младите од заедницата ќе може да разменуваат идеи, да творат и да се дружат слободно.


Работилницата е дел од Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

#МладинскиПросторВоСекоеМаало

70 учесници на Онлајн Младинската Академија ја креираа првата Декларација за млади

Изминатава недела, 17-20 август, тимот на МОФ ја организираше првата Онлајн Младинска Академија. Настанот, кој традиционално се одржува во летниот период, овојпат за прв пат беше реализиран во онлајн форма, преку виртуелната платформа за видео-комуникација Дискорд.

Летната Академија, која МОФ годинава ја организираше по деветти пат, на повеќе oд 70 средношколци им понуди разни неформални предавања и содржини кои имаа за цел да го продлабочат нивното знаење,  да ги запознаат со начините за активно вклучување во општеството и критичко размислување со цел поголем придонес кон позитивни промени. Оваа година, како продолжеток на претходната Младинска Академија, учесниците се вклучија во креирањето на првата национална Младинска декларација – Youth Print – документ кој ќе ја подобри младинската позиција во општеството.


Содржините на Онлајн Младинската Академија беа поделени во четири модули – секој со различен пристап кон остварување на целите за подобро и поголемо младинско учество во општеството. Покрај одбраните модули, младите имаа можност да слушнат и неколку неформални отворени предавања на разни теми и области како: ментално здравје, одржливо живеење, претприемништво, продукција на музика, театар.

Првпат сум дел од вакво нешто, но пресреќна сум што се пријавив. Преубаво искуство и корисно исполнето време“, сподели со нас Наталија по завршувањето на Летната Академија.

Таа, заедно со уште дваесетина средношколци, учествуваше на траката за Академско Пишување 101 каде научија нешто повеќе околу начинот на кој се подготвува еден академски труд, како правилно се истражува за него, но исто така научија и како се пополнуват некои поважни документи и барања со кои ќе се среќаваат во текот на нивниот понатамошен академски живот.

Продуктивно искористено време! Интеракција меѓу членовите, комуникација без предрасуди и сочуство/разбирање на едно високо ниво. Доколку барате можност да го искажете вашето мислење без да бидете отфрлени со фразата ,,Што знаеш ти? Мал/а си!” и истовремено да научите нови корисни нешта оваа академија и воопшто МОФ е вистинското место за тоа. Едвај ги очекувам следните активности“, вели Христина, која пак учествуваше на траката за Виртуелно Аргументирано Изразување која се фокусираше да ја подобри примената на аргументациските вештини и способности во виртуелниот свет кај учесниците, како и подетално да објасни што претставува аргументот и критичката мисла и зошто се тие важни во денешниот свет.

„Прекрасно искуство за секој кој сака да научи нешто повеќе од она што се учи на училиште, да се запознае со многу нови деца и да сподели мислење, искуство, впечаток… Мене лично премногу ми се допадна академијата, предавањата, дебатите и многу ми е жал што заврши и едвај чекам да се организира уште еднаш нешто слично, затоа што по оваа академија се исполнив со многу позитивна енергија“, споделува Маја за нејзиното учество на Летната Академија како дел од траката за Аргументирано Изразување.

„Академијата беше едно ново искуство за мене каде можев да научам и слушнам нешто што никој не го споменал во училиште. Во изминативе 4 дена имавме можност да ги изнесеме своите идеи за подобрување на животот на младите во нашата земја, а со тоа да создадеме и нови пријателства“, вели пак Матеја за своето учество во траката за Академско Пишување.

Иако условите беа далеку од идеални и целосно беше оневозможена дружбата во живо, сепак првата Онлајн Летна Академија на МОФ заврши навистина успешно и ги реализираше своите зацртани цели – да им овозможи на младите простор и платформа да ги искажат своите ставови, да бидат ислушани и да ги продлабочат нивните знаења и можности за повисоки цели. И, секако, да им овозможи место за создавање нови пријателства со врсници од целата држава.

Целосната верзија на документот Младинска Декларација ќе биде промовиран и потпишан од носителите на одлуки и креатори на политики во периодот кој ни следи.

Им благодариме на сите предавачи, учесници и организатори на академијата кои го овозможија ова четири-дневно дружење.

Оваа активност е дел од Проектот за Младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

 

 

 

 

 

Онлајн работилницата „Активизам во твоето маало“

Младински образовен форум отвора повик за учесници на онлајн работилница насловена како „Активизам во твоето маало“ која ќе се одржи на 7-ми (петок) и 10-ти (понеделник) август од 12:00 до 14:00 часот на платформата за видео комуникација ZOOM.

Учесниците на работилницата ќе стекнат знаења за базичните, елементарни алатки и клучните манипулативни техники на Фотошоп како алатка, но и како да креираат коцепт за компаративна претстава на одреден простор.

На работилницата ќе бидат изработени дизајни кои подоцна ќе бидат дел од онлајн кампања насловена како „Младински простор во секое маало“, чија цел ќе биде преку младински активизам да се подигне свеста за потребата за простор во кој младите од заедницата ќе може да разменуваат идеи, да творат и да се дружат слободно.

Повикот е отворен до 6-ти август (четврток) 2020 година, за сите млади на возраст од 15 до 25 години. Доколку имате прашања обратете се на: pande_eftimov@mof.org.mk Бројот на учесници е ограничен, затоа побрзајте и пријавете се на следниот линк: https://forms.gle/3Xm2iFQLKJK6esUo9

Работилницата е дел од Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

Отворен повик за учесници на: Онлајн Младинска Академија 2020

Онлајн Младинската Академија 2020 е првата онлајн младинска академија на МОФ. Академијата ќе понуди содржини преку кои учесниците ќе може да се запознаат со начините за активно вклучување за социјалните промени преку искористување на виртуелниот простор, но и ќе учествуваат во креирањето на првата национална Младинска декларација – Youth Print – документ кој ќе ја подобри младинската позиција во општеството.

Повикот е отворен за сите млади од 15-18 години кои периодот 17-20 август 2020 година сакаат да го поминат работејќи на своите вештини за критичко размислување и општествена вклученост, преку активности за неформално образование.

Пријавувањето е отворено заклучно со 2-ри август (недела) 2020 година, а сите заинтересирани млади, можат да го прочитаат описот на Траките на Младинската Академија (достапен подолу) за да ја изберат својата трака, па да се пријават со пополнување на следниот прашалник. Доколку имате прашања, можете да пишете на следната мејл адреса: akademija@mof.org.mk.

Секој учесник ќе има прилика да избере една од траките (ПОДКАСТирање 101, Виртуелно аргументирано изразување, Онлајн (не)правда и Академско пишување 101) и да учествува во сите активности планирани и креирани за академијата. Покрај предавањата по траки и Youth Print сесиите, ќе имате можност да изберете помеѓу интересните предавања кои ги подготвивме за вас од областите: ментално здравје, аrtificial intelligence, space law, sustainable living, продукција на музика, претприемништво и театар. Младинската академија претставува збир од активизам, образование, пријателство и создавање на социјална промена, а се организира преку Проектот за младинско изразување. Проектот е финансиран од Европската Унија.

 

ОПИС НА ТРАКИТЕ:

ИАКМОП – Академско пишување 101

Разум губиш со „фусноти“1, а треба да изработиш онлајн презентации? Веќе си добро запознаен со „writer’s block?

Сакаш да научиш како правилно да истражиш, да стигнеш до вистинските факти и да изработиш истражување на која било тема?

На траката Академско пишување 101 ќе имаш можност да се запознаеш со основите на академско пишување и презентирање на факти. Ќе се стекнеш со вештини и трпение за истражување кои понатаму ќе ти послужат за изработка на писмени работи, училишни проекти и проектни задачи без да гуглаш „izrabotka na seminarski eftino“.

Преку Академско пишување 101 ќе вежбаш критички пристап кон информации и презентирани наоди, а ќе се запознаеш со многу нешта кои досега не си имал/а прилика да ги научиш во училиште, а честопати се интегрален дел од сите твои оцени, особено во онлајн наставата.

Посветените ментори со големо истражувачко искуство ќе соработуваат со тебе, насочувајќи те низ алатките и гигабајтските лавиринти од симнати, но непрочитани текстови, па под нивно менторство ќе може да се изработи и кус истражувачки текст кој потоа ќе биде објавен на веб страната на МОФ.

(1) белешка под текстот што објаснува поблизу некои делови од текстот или споменатиот податок, односно термин. Подножната белешка се означува со натпис во облик на горен индекс или со ѕвездичка на горната десна страна од последната буква на зборот во текстот.

 

Учиме право – Онлајн (не)правда

Пионери, пионерки, хакери и сајбер ѕверки?

Те нервира кога ќе видиш злоупотреба на социјалните мрежи, но не знаеш како да го посочиш проблемот, освен спамање на „Фејсбук“ со пријави?

Сакаш да се запознаеш со онлајн бонтонот и ти се зборува за онлајн булинг и слободно изразување на социјалните мрежи?

На траката Онлајн (не)правда ќе ги дознаеш твоите права на онлајн платформите, нивните граници и како да се заштитиш кога се чувствуваш загрозено. Ќе се запознаеш со концептот на авторски права и начинот на преземање и споделување содржини. Дополнително, ќе имаш можност да слушаш предавања на тема сајбер булинг и каде да се обратиш ако онлајн правата ти се прекршени.

Траката за онлајн (не)правда ќе посочи на големата слика и ќе те научи како свесно да објавуваш и споделуваш информации на интернет. Секое снимено видео, секоја испратена слика, статус и твит имаат милиони начини за интерпретација, па некои од нив може да доведат до можно загрозување на угледот и секојдневието на корисниците на виртуелните алатки.

 

Младински активизам – ПОДКАСТирање 101

Имаш многу да кажеш, но те фаќа трема пред камера?

И Спотифај пристигна кај нас, а тебе ниедна содржина таму не ти фаќа 👀
Тогаш креирање сопствен подкаст е решението за тебе!

На првата онлајн Младинска Академија на МОФ, на траката „Подкастирање 101“ ќе имаш можност да се запознаеш со основите на правење подкаст и да ја сефтосаш својата идеја за аудио изразување во тим со други средношколци од целата држава. Искусни аудио новинари од Радио МОФ ќе го пренесат своето знаење, вештини и tips and tricks, ќе ги споделат и тајните на правење подкаст среде пандемија, за кон крајот на Академијата ти да работиш на твојот прв подкаст кој ќе биде објавен на Радио МОФ.

Покрај техничката основа, опфатен ќе биде и креативниот дел од продуцирањето подкаст – бирање теми, гости, презентација во онлајн просторот, однос со публика…

П.С. Радио МОФ е во постојана потрага по млади кои сакаат да го искористат аудио просторот за споделување интересни содржини, па ако ептен се пронајдеш во креирање подкасти можноста за сопствен подкаст кој би одел на Радио МОФ е отворена.

 

Дебата – Виртуелно аргументирано изразување

Те фаќа сафра, лето е и сонце пече, а има пандемија?

Сметаш дека социјалните мрежи не се добра платформа за аргументирана дебата, а ти имаш толку многу да кажеш и споделиш?

Приклучи се на дебатната трака за оваа летна академија! Предавањата на Дебатната програма на МОФ се фокусираат на примена на аргументациските вештини и способности во виртуелниот свет и plot twist 🤯 во онлајн сферата!

Предавањата ќе содржат осврт и објаснување на основните дебатни алатки и критичко размислување, односно аргументот и аргументираното изразување, како и детална анализа на елементите на овие алатки и нивното правилно користење во реалниот, но и во виртуелниот свет.

Траката ќе се осврне кон фактичкото поддржување на ваквите аргументи, односно како да се искористат онлајн алатките и методите кои се нудат денес за да се направи едно правилно истражување и наоѓање на издржани примери и докази.

На самиот крај, на предавањата ќе се посвети време да се објаснат разните вештини за презентирање на целосно аргументираните ставови во поддршка на критичкото размислување, со особен осврт кон методите за јавно изразување, како и сите останати презентациски вештини.

Академијата се спроведува со поддршка од Град Скопје во рамки на проектот за Младинско изразување финансиран од Европската Унија.

 

Организирани 4 (Из)Вонредни проекции на 7 домашни краткометражни филмови

Секоја недела од месец мај, 145 млади проследија 7 краткометражни остварувања на 4 домашни режисери. (Из)вонредните проекции, во организација на МОФ и Радио МОФ, понудија простор за запознавање со домашната кинематорграфија и младите филмаџии. Различните жанрови и уметнички пристапи отворија дискусии на најразлични теми – чуство на припадност на група, влијанието и последиците од национализмот, процесот на себеспознавање, бироктатијата и моќта на полицијата, придобивки од емпатијата, родов (не)баланс во филмската индустрија.

Платформата Zoom стана домашно кино, а по секоја проекција следеше Q&A сесија на која младите имаа можност да дадат критика, пофалба, или да ги запрашаат гостите за инспирацијата зад филмот, процесот на снимање, бирањето кадри и слично. Интерактивниот дел од проекциите се покажа особено интересен со повеќе од 140 поставени прашања. Покрај 4-те режисери, на 3 од проекциите младите се запознаа и со дел од останатата екипа – еден главен актер, продуцент, и кинематографер.

(Из)вонредните проекции покрај можноста за запознавање со домашната кинематографија понудија и место за разговор за филмската индустрија во светот, инспирација и за публиката и за режисерите, а матурантите кои ги следеа филмовите разговараа и за продолжување на своето образование во тој уметнички правец.

Проекции беа дел од Проектот за ангажирање на младите за студентски и младински политики финансиран од Фондација Отворено општество-Македонија