Успешна младинска иницијатива во СУГС„Орце Николов“

Членовите во клубот за демократско учество во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје организираа и спроведоа младинска акција за поставување на паркинг за велосипеди во училишниот двор.

Во текот на минатите неколку месеци, средношколци од СУГС „Орце Николов“ активно учествуваа во младинскиот клуб за демократија, кој програмата успешно ја затвори со младинска иницијатива за олеснување на ученичкото секојдневие.

Идејата за акцијата потекна од желбата на младите да ја промовираат велосипедската култура меѓу своите соученици но и нивната реална потреба поради недостатокот од места за паркирање на велосипеди во дворот во училиштето. Имено, учениците во средното училиште Орце Николов како едно од  примарните превозни средства за пристигнување на училиште го користат велосипедот. Според анкетата која ја спроведоа членовите на Клубот за демократско учество, повеќе од 27% од учениците во училиштето доаѓаат на училиште со велосипед. Но, за жал училиштето не располагаше со доволно паркинзи за велосипеди во дворот, во кој учениците ќе можат безбедно да ги паркираат истите.

Со цел да одговорат на оваа потреба учениците пристапија кон надлежните институции со барање за дозвола за поставување на паркинг за велосипеди. Процесот на застапување кој се одвиваше во текот на летниот период произлезе од знаењето кое членовите го стекнаа за време на своите предавања во клубот за демократско учество. Предавања опфатија теми од областа на демократија, човекови права, форми на младинско организирање, активизам и застапување.

Клубот за демократско учество е организиран од Младински образовен форум во склоп на проектот Зајакнување на демократски компетенции. Активноста е поддржана од Фондацијата за демократија Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Вестминстер поддржана од Владата на Велика Британија.

Одржана онлајн работилница – Активизам во твоето маало

Онлајн работилницата – „Активизам во твоето маало“ се одржа во периодот  7-ми и 10-ти август на
платформата за видео комуникација – ZOOM.

На работилницата учествуваа десетина млади луѓе кои се стекнаа со знаења за базичните,
елементарни алатки и клучните манипулативни техники на Adobe Photoshop. Но, најважно – тие
работеа на креирање коцепт за компаративна претстава на одреден простор во нивното маало (Тафталиџе, Карпош 4, Ѓорче Петров, Недопирливи – Битола, Железара, Куманово).

Оваа иницијатива насочува кон потенцирање проблеми, недостатоци и лоцира места кои можат
да се искористат како младински центри на општинско ниво. На овој начин се изразуваат
индивидуалните ставови, мислења, интереси, афинитети и склоности кога станува збор за
активистичко дејствување.


Всушност, преку продуктите кои ги изработија учесниците – претставени се интересни младински
размислувања за искористување на активизмот и урбанизација на просторот во кој живеат. Со
ова се потенцира претставата за убава, средена, чиста и функционална урбанизација на просторот
во нивното маало.


Целта на кампањата е преку младински активизам да се подигне свеста за потребата за простор
во кој младите од заедницата ќе може да разменуваат идеи, да творат и да се дружат слободно.


Работилницата е дел од Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

#МладинскиПросторВоСекоеМаало

70 учесници на Онлајн Младинската Академија ја креираа првата Декларација за млади

Изминатава недела, 17-20 август, тимот на МОФ ја организираше првата Онлајн Младинска Академија. Настанот, кој традиционално се одржува во летниот период, овојпат за прв пат беше реализиран во онлајн форма, преку виртуелната платформа за видео-комуникација Дискорд.

Летната Академија, која МОФ годинава ја организираше по деветти пат, на повеќе oд 70 средношколци им понуди разни неформални предавања и содржини кои имаа за цел да го продлабочат нивното знаење,  да ги запознаат со начините за активно вклучување во општеството и критичко размислување со цел поголем придонес кон позитивни промени. Оваа година, како продолжеток на претходната Младинска Академија, учесниците се вклучија во креирањето на првата национална Младинска декларација – Youth Print – документ кој ќе ја подобри младинската позиција во општеството.


Содржините на Онлајн Младинската Академија беа поделени во четири модули – секој со различен пристап кон остварување на целите за подобро и поголемо младинско учество во општеството. Покрај одбраните модули, младите имаа можност да слушнат и неколку неформални отворени предавања на разни теми и области како: ментално здравје, одржливо живеење, претприемништво, продукција на музика, театар.

Првпат сум дел од вакво нешто, но пресреќна сум што се пријавив. Преубаво искуство и корисно исполнето време“, сподели со нас Наталија по завршувањето на Летната Академија.

Таа, заедно со уште дваесетина средношколци, учествуваше на траката за Академско Пишување 101 каде научија нешто повеќе околу начинот на кој се подготвува еден академски труд, како правилно се истражува за него, но исто така научија и како се пополнуват некои поважни документи и барања со кои ќе се среќаваат во текот на нивниот понатамошен академски живот.

Продуктивно искористено време! Интеракција меѓу членовите, комуникација без предрасуди и сочуство/разбирање на едно високо ниво. Доколку барате можност да го искажете вашето мислење без да бидете отфрлени со фразата ,,Што знаеш ти? Мал/а си!” и истовремено да научите нови корисни нешта оваа академија и воопшто МОФ е вистинското место за тоа. Едвај ги очекувам следните активности“, вели Христина, која пак учествуваше на траката за Виртуелно Аргументирано Изразување која се фокусираше да ја подобри примената на аргументациските вештини и способности во виртуелниот свет кај учесниците, како и подетално да објасни што претставува аргументот и критичката мисла и зошто се тие важни во денешниот свет.

„Прекрасно искуство за секој кој сака да научи нешто повеќе од она што се учи на училиште, да се запознае со многу нови деца и да сподели мислење, искуство, впечаток… Мене лично премногу ми се допадна академијата, предавањата, дебатите и многу ми е жал што заврши и едвај чекам да се организира уште еднаш нешто слично, затоа што по оваа академија се исполнив со многу позитивна енергија“, споделува Маја за нејзиното учество на Летната Академија како дел од траката за Аргументирано Изразување.

„Академијата беше едно ново искуство за мене каде можев да научам и слушнам нешто што никој не го споменал во училиште. Во изминативе 4 дена имавме можност да ги изнесеме своите идеи за подобрување на животот на младите во нашата земја, а со тоа да создадеме и нови пријателства“, вели пак Матеја за своето учество во траката за Академско Пишување.

Иако условите беа далеку од идеални и целосно беше оневозможена дружбата во живо, сепак првата Онлајн Летна Академија на МОФ заврши навистина успешно и ги реализираше своите зацртани цели – да им овозможи на младите простор и платформа да ги искажат своите ставови, да бидат ислушани и да ги продлабочат нивните знаења и можности за повисоки цели. И, секако, да им овозможи место за создавање нови пријателства со врсници од целата држава.

Целосната верзија на документот Младинска Декларација ќе биде промовиран и потпишан од носителите на одлуки и креатори на политики во периодот кој ни следи.

Им благодариме на сите предавачи, учесници и организатори на академијата кои го овозможија ова четири-дневно дружење.

Оваа активност е дел од Проектот за Младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

 

 

 

 

 

Отворен повик за учесници на: Онлајн Младинска Академија 2020

Онлајн Младинската Академија 2020 е првата онлајн младинска академија на МОФ. Академијата ќе понуди содржини преку кои учесниците ќе може да се запознаат со начините за активно вклучување за социјалните промени преку искористување на виртуелниот простор, но и ќе учествуваат во креирањето на првата национална Младинска декларација – Youth Print – документ кој ќе ја подобри младинската позиција во општеството.

Повикот е отворен за сите млади од 15-18 години кои периодот 17-20 август 2020 година сакаат да го поминат работејќи на своите вештини за критичко размислување и општествена вклученост, преку активности за неформално образование.

Пријавувањето е отворено заклучно со 2-ри август (недела) 2020 година, а сите заинтересирани млади, можат да го прочитаат описот на Траките на Младинската Академија (достапен подолу) за да ја изберат својата трака, па да се пријават со пополнување на следниот прашалник. Доколку имате прашања, можете да пишете на следната мејл адреса: akademija@mof.org.mk.

Секој учесник ќе има прилика да избере една од траките (ПОДКАСТирање 101, Виртуелно аргументирано изразување, Онлајн (не)правда и Академско пишување 101) и да учествува во сите активности планирани и креирани за академијата. Покрај предавањата по траки и Youth Print сесиите, ќе имате можност да изберете помеѓу интересните предавања кои ги подготвивме за вас од областите: ментално здравје, аrtificial intelligence, space law, sustainable living, продукција на музика, претприемништво и театар. Младинската академија претставува збир од активизам, образование, пријателство и создавање на социјална промена, а се организира преку Проектот за младинско изразување. Проектот е финансиран од Европската Унија.

 

ОПИС НА ТРАКИТЕ:

ИАКМОП – Академско пишување 101

Разум губиш со „фусноти“1, а треба да изработиш онлајн презентации? Веќе си добро запознаен со „writer’s block?

Сакаш да научиш како правилно да истражиш, да стигнеш до вистинските факти и да изработиш истражување на која било тема?

На траката Академско пишување 101 ќе имаш можност да се запознаеш со основите на академско пишување и презентирање на факти. Ќе се стекнеш со вештини и трпение за истражување кои понатаму ќе ти послужат за изработка на писмени работи, училишни проекти и проектни задачи без да гуглаш „izrabotka na seminarski eftino“.

Преку Академско пишување 101 ќе вежбаш критички пристап кон информации и презентирани наоди, а ќе се запознаеш со многу нешта кои досега не си имал/а прилика да ги научиш во училиште, а честопати се интегрален дел од сите твои оцени, особено во онлајн наставата.

Посветените ментори со големо истражувачко искуство ќе соработуваат со тебе, насочувајќи те низ алатките и гигабајтските лавиринти од симнати, но непрочитани текстови, па под нивно менторство ќе може да се изработи и кус истражувачки текст кој потоа ќе биде објавен на веб страната на МОФ.

(1) белешка под текстот што објаснува поблизу некои делови од текстот или споменатиот податок, односно термин. Подножната белешка се означува со натпис во облик на горен индекс или со ѕвездичка на горната десна страна од последната буква на зборот во текстот.

 

Учиме право – Онлајн (не)правда

Пионери, пионерки, хакери и сајбер ѕверки?

Те нервира кога ќе видиш злоупотреба на социјалните мрежи, но не знаеш како да го посочиш проблемот, освен спамање на „Фејсбук“ со пријави?

Сакаш да се запознаеш со онлајн бонтонот и ти се зборува за онлајн булинг и слободно изразување на социјалните мрежи?

На траката Онлајн (не)правда ќе ги дознаеш твоите права на онлајн платформите, нивните граници и како да се заштитиш кога се чувствуваш загрозено. Ќе се запознаеш со концептот на авторски права и начинот на преземање и споделување содржини. Дополнително, ќе имаш можност да слушаш предавања на тема сајбер булинг и каде да се обратиш ако онлајн правата ти се прекршени.

Траката за онлајн (не)правда ќе посочи на големата слика и ќе те научи како свесно да објавуваш и споделуваш информации на интернет. Секое снимено видео, секоја испратена слика, статус и твит имаат милиони начини за интерпретација, па некои од нив може да доведат до можно загрозување на угледот и секојдневието на корисниците на виртуелните алатки.

 

Младински активизам – ПОДКАСТирање 101

Имаш многу да кажеш, но те фаќа трема пред камера?

И Спотифај пристигна кај нас, а тебе ниедна содржина таму не ти фаќа 👀
Тогаш креирање сопствен подкаст е решението за тебе!

На првата онлајн Младинска Академија на МОФ, на траката „Подкастирање 101“ ќе имаш можност да се запознаеш со основите на правење подкаст и да ја сефтосаш својата идеја за аудио изразување во тим со други средношколци од целата држава. Искусни аудио новинари од Радио МОФ ќе го пренесат своето знаење, вештини и tips and tricks, ќе ги споделат и тајните на правење подкаст среде пандемија, за кон крајот на Академијата ти да работиш на твојот прв подкаст кој ќе биде објавен на Радио МОФ.

Покрај техничката основа, опфатен ќе биде и креативниот дел од продуцирањето подкаст – бирање теми, гости, презентација во онлајн просторот, однос со публика…

П.С. Радио МОФ е во постојана потрага по млади кои сакаат да го искористат аудио просторот за споделување интересни содржини, па ако ептен се пронајдеш во креирање подкасти можноста за сопствен подкаст кој би одел на Радио МОФ е отворена.

 

Дебата – Виртуелно аргументирано изразување

Те фаќа сафра, лето е и сонце пече, а има пандемија?

Сметаш дека социјалните мрежи не се добра платформа за аргументирана дебата, а ти имаш толку многу да кажеш и споделиш?

Приклучи се на дебатната трака за оваа летна академија! Предавањата на Дебатната програма на МОФ се фокусираат на примена на аргументациските вештини и способности во виртуелниот свет и plot twist 🤯 во онлајн сферата!

Предавањата ќе содржат осврт и објаснување на основните дебатни алатки и критичко размислување, односно аргументот и аргументираното изразување, како и детална анализа на елементите на овие алатки и нивното правилно користење во реалниот, но и во виртуелниот свет.

Траката ќе се осврне кон фактичкото поддржување на ваквите аргументи, односно како да се искористат онлајн алатките и методите кои се нудат денес за да се направи едно правилно истражување и наоѓање на издржани примери и докази.

На самиот крај, на предавањата ќе се посвети време да се објаснат разните вештини за презентирање на целосно аргументираните ставови во поддршка на критичкото размислување, со особен осврт кон методите за јавно изразување, како и сите останати презентациски вештини.

Академијата се спроведува со поддршка од Град Скопје во рамки на проектот за Младинско изразување финансиран од Европската Унија.

 

Организирани 4 (Из)Вонредни проекции на 7 домашни краткометражни филмови

Секоја недела од месец мај, 145 млади проследија 7 краткометражни остварувања на 4 домашни режисери. (Из)вонредните проекции, во организација на МОФ и Радио МОФ, понудија простор за запознавање со домашната кинематорграфија и младите филмаџии. Различните жанрови и уметнички пристапи отворија дискусии на најразлични теми – чуство на припадност на група, влијанието и последиците од национализмот, процесот на себеспознавање, бироктатијата и моќта на полицијата, придобивки од емпатијата, родов (не)баланс во филмската индустрија.

Платформата Zoom стана домашно кино, а по секоја проекција следеше Q&A сесија на која младите имаа можност да дадат критика, пофалба, или да ги запрашаат гостите за инспирацијата зад филмот, процесот на снимање, бирањето кадри и слично. Интерактивниот дел од проекциите се покажа особено интересен со повеќе од 140 поставени прашања. Покрај 4-те режисери, на 3 од проекциите младите се запознаа и со дел од останатата екипа – еден главен актер, продуцент, и кинематографер.

(Из)вонредните проекции покрај можноста за запознавање со домашната кинематографија понудија и место за разговор за филмската индустрија во светот, инспирација и за публиката и за режисерите, а матурантите кои ги следеа филмовите разговараа и за продолжување на своето образование во тој уметнички правец.

Проекции беа дел од Проектот за ангажирање на младите за студентски и младински политики финансиран од Фондација Отворено општество-Македонија

(Из)вонредна проекција #4 со кратките филмови на Дина Дума

Младински образовен форум и Радио МОФ ве покануваат да го проследите четвртото издание на „(Из)вонредни проекции“. Секоја недела од месец мај, на платформата за видео комуникација – Zоom, МОФ и Радио МОФ организираат заедничко гледање на проекции на македонски краткометражни филмови, во придружба на режисерите и дел од екипата која работела на филмовите.

На 31-ви мај (недела) 2020 година, во 19:00 часот, наместо да ја бинџате истата серија по навика, придружете ни се на четвртата (Из)вонредна проекција на ZOOM да ги проследиме краткометражните филмови „Елена“ и „Без љубов“ на режисерката Дина Дума.

По проекцијата, која публиката ја гледа од дома, следи виртуелна интерактивна Q&A сесија со режисерката Дина Дума, која ќе ги открие тајните позади овие две филмски остварувања, инспирацијата и предизвиците кои ги носи снимањето.

Краткометражниот филм „Без љубов“ го следи пресвртот на едно пријателство. Ана и Марта се најдобри другарки од деца. Денот пред свадбата на Ана, одлучуваат да го поминат заедно, во викенд куќата покрај езерото каде оделе кога биле мали. По неочекуваниот “пијан бакнеж” од страна на Марта, другарките се соочуваат со фактот дека нивното другарство никогаш повеќе нема да биде исто и дека некои работи е подобро засекогаш да останат некажани.

„Елена“ е филм за една стара жена која страда од деменција, мисли дека има дваесет години и дека ќе избега со својот љубовник. Филмот ја следи нејзината приказна и како ова влијае на нејзиниот син.

Не двоумете се, пријавете се на следниот линк https://forms.gle/ayfESBHBw6KRCFvD9, а ние ќе ви испратиме линк од Zoom на вашата мејл адреса.

Цикулусот (Из)вонредни проекции се организира во склоп на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, поддржан од Фондација Отворено општество-Македонија.

(Из)вонредна проекција #3 со кратките филмови на Георги М. Унковски

Младински образовен форум и Радио МОФ ве покануваат да го проследите третото издание на „(Из)вонредни проекции“. Секоја недела од месец мај, на платформата за видео комуникација – Zоom, МОФ и Радио МОФ организираат заедничко гледање на проекции на македонски краткометражни филмови, во придружба на режисерите и дел од екипата која работела на филмовите.

На 24-ти мај (недела) 2020 година, во 19:00 часот, наместо да ја бинџате истата серија по навика, придружете ни се на третата (Из)вонредна проекција на ZOOM да ги проследиме краткометражните филмови „Налепница“ и „Пепи и Муто“ режисерот Георги М. Унковски.

По проекцијата, која публиката ја гледа од дома, следи виртуелна интерактивна Q&A сесија со режисерот Георги М. Унковски, кој ќе ги открие тајните позади овие две филмски остварувања, инспирацијата и предизвиците кои ги носи снимањето.

Краткиот игран филм „Пепи и Муто“ е криминалистичка комедија која го следи запознавањето и првиот заеднички случај на искусниот полициски инспектор Пепи (Петар Мирчевски) и кадетот Муто (Сашко Коцев). Пепи е задолжен да го научи Муто, неговата замена, како да стане вистински инспектор.Филмот

„Налепница“, е црна комедија во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми. „Налепница“ е избран во официјалната селекција на Санденс 2020.

Не двоумете се, ако досега не сте се пријавиле, веднаш направете го тоа на следниот линк https://forms.gle/HduVTC1C4oskRh6m7, а ние ќе ви испратиме линк од Zoom на вашата мејл адреса.
За првите 10 пријавени, седиште во првите редови 😉

Цикулусот (Из)вонредни проекции се организира во склоп на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, поддржан од Фондација Отворено општество-Македонија.

(Из)вонредна проекција #2 со кратките филмови на Ана Јакимска

Младински образовен форум и Радио МОФ ве покануваат да го проследите второто издание на „(Из)вонредни проекции“. Секоја недела од месец мај, на платформата за видео комуникација – Zоom, МОФ и Радио МОФ организираат заедничко гледање на проекции на македонски краткометражни филмови, во придружба на режисерите и дел од екипата која работела на филмовите.

На 17-ти мај (недела) во 19:00 часот придружете ни се на втората (Из)вонредна проекција заедно да ги проследиме двата краткометражни филмови „Неонски срца“ и „Ќе дојдат децата“  на режисерката Ана Јакимска.

По проекцијата, која публиката ја гледа од дома, следи виртуелна интерактивна Q&A сесија со режисерката Ана Јакимска и Петар Антевски, продуцент на филмот „Неонски срца“, кои ќе ги откријат тајните позади овие две филмски остварувања, инспирацијата и предизвиците кои ги носи снимањето.

„Неонски срца“ е филм за Петар кој е средовечен возач на камион, кој поминува многу време на пат, далеку од дома и семејството. На патот, каде што никој не го познава, тој е слободен да биде тоа што е и да живее како што сака, без осудувања. Но, една ноќ кога се враќа од тура во Букурешт, дознава дека син му исчезнал. Решен е да го најде и да го врати, без разлика на последиците.

„Ќе дојдат децата“ е филм за една млада учителка која е испратена да подучува деца во далечно планинско село. Како што минуваат деновите, од децата нема ни трага ни глас. Единствениот човек што го среќава во селото е една старица, чистачката во училиштето. Кога старицата ќе почине, младата учителка мора да најде начин да преживее.

Пријавете се на следниот краток формулар https://forms.gle/pLP3jKUncqNc49Et7, а ние ќе ви испратиме линк од Zoom на вашата мејл адреса.

Извонредните проекции за млади се организираат во склоп на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.

Се одржа деветто издание на Конференцијата за социјален активизам – ENGAGE

Тематски разновидни, со различни позадини и возраст, сепак обединети во идејата да направат позитивни промени во општеството – 15 активисти од повеќе држави вчера настапија на сцената на Кино Фросина во Младинскиот културен центар со своите приказни и акции. Тие зборуваа во склоп на деветтото издание на Конференцијата за друштвен активизам ENGAGE во организација на Младинскиот образовен форум и Радио МОФ.

Конференцијата ја отвори Сара Мардини со својата приказна за патот како бегалка за време на војната во Сирија и нејзината работа како активистка за човекови права. „Мора да бидеме гласни за оние кои не се можат да бидат и да размислуваме за кого гласаме пред да го направиме тоа! Не ме интересираат ниту бројки ниту што велат документите, туку ме интересира промената“, истакна таа.

По неа, Ена Бендевска и Калиа Димитрова од платформата Медуза, со својот инспиративен говор ги натераа присутните да размислуваат за поддршката што треба општеството да ја даде, особено кога се работи за жени жртви на насилство и притисокот што треба да се направи за да има одговорни институции.

Следен на сцената беше Фејми Даут, кинематографот на документарниот филм „Медена земја“, кој годинава се стекна со врвни награди и две номинации за Оскар. „Од денот кога почнавме да снимаме па се до денес учиме од Атиџе. Со нејзината смиреност и едноставност таа е многу посреќна од нас. Мојата презентација и она што сметам дека треба да се види, имавте прилика да го гледате веќе една година“, сподели Даут.

Демократијата, животната средина и човековите права беа темите на кои најмногу зборуваа говорниците на овогодинешниот ENGAGEАлина Афлекајлор од „Гринпис Романија“ потенцираше како еколошката криза мора да е третирана како лична криза. „Сите сме заедно во ова и треба да сме гласни во барањата за здрава животна средина“, беше пораката која ја пренесе во својот говор на ENGAGE. 

Во оваа насока продолжи и Кирил Пржо Арсовски, објаснувајќи ја врската помеѓу шумските пожари и глобалното затоплување. „Џунглите не горат природно, пожарите во нив се случуваат поради човечки фактор за садење на манго, авокадо и слична хипстерска храна“, истакна тој. 

Катаржина Прускевич го сподели своето искуство како таен новинар кој шест месеци помина во фарма на тролови во Полска со цел да го разоткрие процесот на ширење на лажни информации на сајбер мрежи. „Започнав со два профили на твитер а по три месеци бев поканета да се приклучам во десничарска група на тролови, немаа идеа дека сум новинарка бидејќи моите профили на социјалните мрежи беа затворени. Понекогаш десничарските и левичарските профили полемизираа за да креираат лажна дискусија, а потоа луѓе учествуваа со вистински мислења во лажна дискусија со тролови“, сподели таа. 

На конференцијата свои говори имаа и Бесијан Мехмети, кој зборуваше за модерната архитектура и како училиштата од иднината создаваат нови можности за поквалитетно образование. Потоа Дан Лахав, се фокусираше за тоа како вештачката интелигенција може да се искористи во подобрување на јавниот дискурс. Горан Кунгуловски, пак, зборуваше за новитетите во ДНК инженерингот, а Михал Возниак за корупцијата и демократијата. ENGAGE 2020 го затвори активистот Антонио Михајлов од „Скопје прајд“, кој ја пренесе пораката од Првата парада на гордоста која се случи минатата годин во нашата земја. 

За прв пат оваа година, ENGAGE организираше и младинска сцена, ENGAGE Youth  на која млади активисти и иноватори споделија искуства од нивната досегашна работа. Младиот Сашо Јандрески од Прилеп го презентираше шпирицот кој го изуми со цел да им помогне на здравствените работници да се заштитат од зараза од Хепатит Б и Ц. Младата активистка Рита Бехадини имаше инспиративен говор во кој им порача на младите дека секој може да направи промена. Иван Мицков од кулинари.мк зборуваше на сцената на ENGAGE youth откако се врати со бронзен и сребрен медал од натпревар по готвење. На оваа сцена зборуваа и екипата на Адромета – платформа каде младите споделуваат искуства со врсничко насилство и Кариерниот центар од Гимназијата Корчагин во Скопје кои го раскажаа своето искуство за организирање на настанот Просветителка.

Ова издание на ENGAGE беше поддржано National Endowment for Democracy, организирано од Младински образовен форум и Радио МОФ.

 

Работилница: Просторни интервенции во студентски домови

Повик за учесници Работилница: Мали просторни интервенции во студентски домови во Скопје, Штип, Битола. Работилницата ќе се одржи од 28.02 до 01.03 2019 година во Скопје.

Студентските домови во нашата земја имаат недостиг на содржини кои ќе го оплеменат престојот на студентите нудејќи нови современи активности за станарите и посетителите. Студентите и станарите имаат идеи за унапредување на овие простори, но ретко кога се консулитрани и нивните предлози се земени предвид.

На оваа тридневна работилница ќе се работи токму на дизајни и идејни решенија за мали но значајни просторни интервенции за три студентски домови во: Скопје, Штип и Битола, а трите решенија кои ќе бидат резултат на тимска работа ќе добијат поддршка за целосна реализација во просториите на домовите. На работилницата ќе се изработат три решенија за заедничките простории или дворните површини во рамки на студентските домови кои ќе имаат за цел да го подобрат престојот на студентитестанари.

Учесниците на работилницата ќе имаат прилика да работат во три групи со менторство на тројца тренери, искусни архитекти. Прочитајте повеќе за менторите на страната на МЕЛЕЕМ

Учесниците на работилницата ќе се здобијат со:

  • искуство за разработка на проект во мал размер
  • шанса за директно учество во концепција на просторна интервенција
  • искуство за изведба на просторна интервенција
  • работа во интердисциплинарен тим
  • јавна презентација и видливост на својата идеја

Учесниците на работилницата треба да бидат:

  •  студенти по архитектура, дизајн
  • студенти по пејзажна архитектура, градежен факултет, електротехнички, индустриски дизајн и сл.
  • сите останати заинтересирани лица, но предност ќе имаат учесниците од погоре наведените факултети

Заинтересираните учесници може да се пријават на формата: https://forms.gle/mp1TQMHf17LNWJ7x8 најдоцна до 25.02.2020. За учесниците кои доаѓаат надвор од главниот град, ќе биде обезбеден превоз и сместување. За повеќе информации може да се обратите на meleemskopje@gmail.com

Работилницата е организирана од МЕЛЕЕМ Скопје, здружение за развој на урбана култура и актуелизација на простор, во рамки на проектот Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Република Северна Македонија, имплементиран од Младински образовен форум, МЕЛЕЕМ, МКЦ-Битола и Легал Тинк.

Целта на проектот е е да придонесе за зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и за подобрување на квалитетот на сервисите што ги добиваат студентите во студентските домови преку нивна поголема вклученост и преку локални студентски организации за подобрување на условите во домовите и на студентскиот стандард воопшто.

Проектот е финансиран од Програмата за високо образование на Фондациите отворено општество, преку Фондацијата Отворено општество – Македонија.