Радио МОФ и МОФ.мк се натпреваруваат за Сајт на годината

На наше задоволство, оваа година веб страниците на МОФ и Радио МОФ се номинирани во вкупно 3 категории за наградата Сајт на годината.

Минатата година, редизајнираната страница на МОФ ја доби наградата „Најдобар сајт на невладина организација“ за 2013. Оваа година поторно се наоѓа меѓу номинираните страници во истата категорија.

Радио МОФ пак, за прв пат е номиниран за оваа награда, во 2 категории. Радио МОФ пред само неколку денови го промовираше својот нов и редизајниран сајт. Затоа, особена чест ни е што Радио МОФ е номиниран во 2 категории за оваа награда.

 

Доколку сакате да гласате за radiomof.mk и mof.mk за наградата веб сајт на годината, тоа можете да го направите за следните категории:
radiomof.mk  –  „Најдобар дизајн“ и „Образование, Наука и Култура“
mof.mk – „Најдобар сајт за невладини организации“. 

Вашиот глас можете да го дадете на следниот линк, најдоцна до 5ти декември 2014.

 

И оваа година покрај гласовите на жири комисијата во вкупните гласови ќе влезат и гласовите на интернет посетителите. Се гласа со оставање на вашиот е мејл, по што пристигнува линк за гласање, од кој може да се гласа само еднаш.

Соодносот на финалните гласови е 60% на жири комисијата и 40% на гласовите од интернет посетителите. Гласањето од интернет посетителите ќе трае до 05.12.2014. Секој интернет посетител може да распредели 3 гласа во секоја категорија и тоа 10, 6 и 2 поени.

Победниците ќе бидат објавени на 11.12.2014 на свечената манифестација која ќе се оддржи во фоајето на МОБ во 19:00 часот, при што ќе се поделат симболични награди и плакети на победниците од секоја категорија.

Сајт на Годината е манифестација која по петти пат во Македонија ги избира најдобрите веб сајтови во повеќе категории. Избор за Сајт на годината е проект која има за цел да ги промовира, развива и поддржува интернет медиумите и севкупното интернет издаваштво во Македонија.

Дебатна пролет – Македонските дебатери викендов се натпреваруваа во Косово и Австрија

 
Почетокот на март значи и почеток на низа дебатни турнири кои го најавуваат следното големо дебатно случување, Европското универзитетско дебатно првенство [EUDC] кое овој август ќе се одржи во Загреб, Хрватска. Дебатерите пролета ја користат да ја преточат теоријата во пракса посетувајќи што е можно повеќе турнири.

Debate Workshop and Mini Tournament Pre-Pristine Open 2014
За прв пат на иницијатива на Pro Debate club – Косовското дебатно друштво, се одржа викенд обука во Британска парламентарна дебата како и мини турнир во склоп на тренингот. На покана на дебатерите предавања по форматот одржаа Лазар Поп Иванов и Геoрги Велковски од Македонија и Манос Маскопулос од Грција, а учество земаа дебатери од 3 балкански земји Косово, Србија и Македонија. На мини – турнирот кој се одржа во неделата на Правниот факултет во Приштина се натпреваруваа 8 тима на дебатери почетници. Дебатерите од Младински образовен форум Милка Геровска и Теодора Столевска [МПНТ] и Вилдан Дрпљанин и Бобан Сугаревски [ГМицајков] успејаа да стигнат до финалната дебата каде загубија од страна на своите колеги од Белград на тезата: Овој Дом, во улога на квалитетен фудбалер од Косово, би избрал да игра за репрезентација која е целосно признаена од ФИФА наместо за Косово.

Vienna IV 2014
Виенското дебатно друштво оваа година ги прослави своите 10 години постоење и во таа чест на овогодинешниот турнир учестуваваа дури 100 тима. Во финалната дебата се судрија ставовите на тимовит Варшава А (ПВ), Вермонт Г (ПО), Белградо (ВВ) и Вермонт СС (ВО) на тезата : ОДВД ниту една држава во било која ситуација, нема право да бара, поддржува или промовира да нејзините граѓани се борат или загинат за државата, а победа на турнитот издвоија дебатерите од Белград, Марија Симиќ и Џорџе Јовичевиќ. Петар Ивановски и Иван Кантарџиски беа нашите претставници на турниот кои се пласираа на 58то место на табот, со 8 освоени поени.

Следно македонските дебатери ќе учествуваат на Arandjelovac Open 2014, каде досега 38 тима го имаат најавено своето учество.

МОФ и Македонија во 1/8 финале на светското дебатно првенство за средношколци

Во текот на изминатите два дена на Светското Карл Попер дебатно првенство [KPDC] 2013 нашиот тим, YEF Macedonia, составен од Петар Ивановски, Симона Сарафиновска, Филип Бујароски и Борика Крушарева како нивни тренер, се пласираше во осминафиналето како најдобар тим и единствен кој победи во сите шест прелиминарни рунди.

Светското Карл Попер дебатно првенство се одржува во рамките на Глобалниот ИДЕА Младински форум во Гелвеј, Р. Ирска од 13ти до 26ти август 2013. Во текот на турнирот дебатерите дебатираа на  2 однапред подготвени тези и 2 ненајавени тези за кои тие имаа помалку од еден час да подготват аргументација. Низ шестте рунди нашите дебатери освоија вкупно 16 судиски гласови, односно само двајца судии од 18 гласале против нив во сите шест рунди.

Секоја година Глобалниот ИДЕА Младински форум се одржува на различна тема која е актуелна во светски рамки и на која се одржуваат како дебатите така и различни предавања од областа. Овогодинешната тема е на форумот е Дигитална слобода. Тезите на кои се дебатираше на Светското Карл Попер дебатно првенство низ првите шест прелиминарни рунди беа следниве:

“Универзитетите треба да ги направат достапни за општата јавност сите академски дела кои ги произведуваат, вклучувајќи академски трудови, учебници и снимени предавања” [Universities should make all academic work they produce, including scholarly articles, course handbooks and recorded lectures, available to the general public]

“Заобиколување на интернет цензура е легитимна aлатка за надворешна политика на државите“ [Actively circumventing Internet censorship is a legitimate foreign policy tool]

“На работодавците треба да им биде забрането да ги проверуваат Фејсбук и останатите социјални профили на кандидатите“ [Employers should be banned from checking applicants’ Facebook and other social media profiles]

“Онлајн таргетирано рекламирање базирано на кориснички профили и демографски податоци треба да биде забрането“ [Targeted online advertising based on user profiles and demographics should be banned]

Во текот на паузата за ручек успеавме да ги контактираме нашите дебатери и нивниот тренер во Ирска, за нивните првични импресии по завршувањето на дебатите:„Навистина сме возбудени поради фактот што победивме против четири тима кои доаѓаат од англиско говорно подрачје и навистина ни значи победата против Литванија во последната рунда.“, вели Петар Ивановски – дебатер. Симона Сарафиновска пак се радува со тимот на заедничките победи „ После многу напорни подготовки и месеци потрошени на читање и дебатирање, трудот се исплатеше.“ На прашањето дали Филип Бујароски јадеше во текот на последните два дена, одговори:
„Хахаха, по малце…сеа ќе се најадам на ручек.“

Ова е најголемиот успех на тим од Младински образовен форум и Македонија на Светското дебатно првенство во прелиминарните рунди.  Продолжуваме да ги бодриме и се надеваме дека дебатерите да продолжат со истото темпо на победи.

Радио МОФ обезбеди видео стрим во живо, следете ги дебатите на http://www.radiomof.mk/idea-global-youth-forum-2013-galway-livestream/.  На истиот линк може да ги погледнете и дебатите од прелиминарните рунди. Младински образовен форум на Глобалниот ИДЕА Младински форум има 10-члена делегација, која покрај трите дебатери и нивниот тренер ги вклучува: Георги Велковски – Главен судија на Светското дебатно првенство, Лазар Поп Иванов – Тренер и членовите на Радио МОФ тимот за видео стрим Анте Гулин, Ѓорѓи Димевски, Јована Ѓорѓиовска и Димитар Вандовски.

Прв турнир во мал фудбал на граѓански организации

Младите можат, со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и општина Ѓорче Петров и во соработка со Младинскиот образовен форум и Сојузот на извидници на Македонија го организираат првиот „Турнир во мал фудбал на граѓански организации“.

Се покануват сите граѓанските организации од целата држава да пријават екипа и да земат учество на овој турнир. Турнирот ќе се одржи во салата во Христо Батанџиев -Ново Село (Општина Ѓорче Петров) во периодот од 11 до 22 Јуни. Натпреварите ќе се играат во периодот од 18:00 до 22:00 часот.

За учество на турнирот секоја екипа треба да поднесе котизација од 2000 денари.
Собраните средства ќе бидат наменети за поддршка на гладни преку
здружението „Банка за храна“.

Средствата за учество на турнирот се уплаќаат до:
Примач: „ЗГ Младите можат”
ж-ска: 300000002934674, депонент Комерцијална Банка АД Скопје
Цел на дознака „За турнир во мал фудбал“.

Сите заинтересирани организации можат да аплицираат со:
– Пополнување на апликација за учество (Апликација за турнир)
– Потврда за уплата (скенирана уплатница)

Документите треба да се испратат на info@youthcan.org.mk најдоцна до 5 јуни (среда)
Напомена:
– Секоја екипа е составена од 6+2 играчи (6 во игра + 2 резерви)
– Една организација може да пријави само една екипа

Салата се наоѓа на патот од Ѓорче Петров према Волково веднаш пред пругата. Мапа до салата

Повик за викенд обука и дебатен натпревар по Британска парламентарна дебата

Младински образовен форум и дебатниот клуб на Правниот факултет „Јустинијан Први“ ве покануваат на викенд обука и турнир во Британска парламентарна дебата.

Тренингот ќе се одржи на 21 и 22 април на Правниот Факултет. Пријавете се на обуката и научете за моќта на дебатата, аргументираното говорење и критичкото размислување.

Можете да се пријавите на следниот линк, а право на учество имаат сите студенти, независно од кој универзитет/факултет доаѓаат.  

Во периодот 27-28 април, ќе се одржи и дебатен турнир во истиот формат. Доколку учесниците од тренингот се заинтересирани да учествуваат, во формуларот можат да се регистрираат за турнирот. Официјалниот јазик на турнирот ќе биде англискиот јазик. Најдобриот тим ќе има шанса да го претстави Универзитетот и на меѓународно ниво, на дебатниот турнир Belgrade Open 2013.

За Британска Парламентарна:

Моделот потекнува од Британскиот парламент каде што дебатерите се поделени во два дома. За време на викенд обуката, пријавените ќе слушаат предавања за анализа на теза, аргументирање, оформување на случај и побивање на противничките аргументи.

За проектот „Дебатирај академски“:

Почнувајќи од октомври, Младински образовен форум во соработка со 3 факултети на Универзитетот Св. Кирил и Методиј започна со спроведување на редовни предавања дебата за студентите. На Економскиот факултет – Скопје, Филозофскиот факултет – Скопје и Правниот факултет – Јустинијан Први, во текот на цела академска година, предавачите на МОФ ќе ги водат редовните предавања на дебатните клубови, а академски професори и експерти ќе одржат дополнителни предавања со цел студентите да научат повеќе содржини кои може да им помогнат во дебатите.

Покрај предавања, планирана е реализиција на повеќе јавни дебати, дебатни турнири и летна дебатна академија за студентите на универзитетот со цел практична примена на знаењето и подобрување на дебатерските вештини на студентите-дебатери.

Најдобите дебатери дискутираа за достапноста на академските дела и хактивизмот

Денес во Скопје во средното училиште Орце Николов се одржа финалната дебата од Националното дебатно првенство во организација на Младински образовен форум (МОФ). Во финалната дебата ставовите го соочија двата најдобри дебатни тимови на национално ниво и врз база на нивната аргументација, логика и тимски настап, панел од судии го одбра победникот на Националното дебатно првенство. Темите на кои се дебатираше во изминатиот период беа: „Универзитетите треба да дозволат сите академски трудови кои ги продуцираат, вклучувајќи научни статии, учебници и снимени предавања да бидат достапни за пошироката јавност“, која и беше темата на финалната дебата и втората тема: „Користењето на илегални дигитални алатки алатки кои се користат за политички цели треба да бидат декриминализира“.

На финалниот настан пред почетокот на самата дебата вовед во темата даде Новица Наков, активист од Слободен софтвер Македонија, со порака дека библиотеките се светилиште на знаењето и дека прашањето не е дали тоа треба или не треба да им биде достапно на сите, туку како да го направиме подостапно и поотворено.

Во финалната дебата дебатираа тимот составен од Филип Бујаровски, Петар Ивановски и Вероника Рајчин како тим кој ја поддржува тезата и тимот составен од Сара Миленковска, Давид Павловски и Вилдан Дрпљанин како тим кој ја негира тезата.

Дискусиите во финалната дебата, а и во текот на целиот турнир ги предизвикуваа потребата од слободен пристап кон информации на сите граѓани наспроти интелектуалните права и сопственост на креаторите. Во финалната дебата афирмативниот тим го застапуваше гледиштето дека сите информации треба да бидат слободни, бидејќи на тој начин овозможуваме максимален продор на знаење кон сите, без зависност од нивниот економски статус и место на живеење и дека вака ќе придонесеме кон унапредување на работата на истражувачите низ достапност на сите информации, материјали и искуства. Негацискиот тим говореше за почитување на правата на интелектуалната соственост како предлуслов на секоја демократија и дека тоа помага за  да се гради конкуренција помеѓу истражувачите, но и дека квалитет се постигнува само кога се практикува компетитивноста.

Симона Сарафиновска, Филип Бујаровски и Петар Ивановски беа прогласени за најдобри говорници на турнирот и ќе го претставуваат Младински образовен форум на Светското дебатно првенство, кое ќе се одржи летово во Ирска. По завршување на дебатата со одлука од 4 за афирмативниот тим и 1 глас за негацискиот тим, тимот кој ја бранеше тезата составен од Филип, Петар и Вероника беше прогласен за победник на Националното дебатно првенство 2013.

Националното дебатно првенство има за цел да промовира младинска компетитивност базирана на организирана и аргументирана дискусија. На финалната дебата и претходеа квалификациски турнири  во  4 градови во Македонија на кои учествуваа повеќе од 140 дебатери и низ кои беа одбрани најдобрите тимови кои ќе се натпреваруваа во свеченото финале. Националното дебатно првенство вклучувајќи ги Регионалните турнири се овозможени од Фондација Отворено општество Македонија и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.

Преземи рангирање на говорници од Националното дебатно првенство
Преземи рангирање на тимови од Национално дебатно првенство
Преземи статистики на тимови

Конкурс на тема студентско организирање

Младински образовен форум ве повикува да учествувате на конкурс за видео, фотографија, текст или комбинација од различни формати на следните теми:

Tема 1 // Студенти во земјата на чудата

Замислете дека се наоѓате во земјата на чудата. Тука е вашиот студентски претставник кој од секогаш сте го сакале или замислувале. Дали би сакале тој да биде во форма на организација, пленум, парламент, некоја друга форма на организирање која може да се сретне само во земјата на чудата? Или пак би сакале да нема никакво претставништво, но сепак вашите студентски маки некако наидуваат на решение?

Tема 2 // Господар на студентите

Асоцијацијата доаѓа од фактот што СПУКМ е единствената призната организација од УКИМ. Еден е господарот на студентите, еден е претседателот на СПУКМ, еден не владее сите. Дали се согласувате со ваквата констатација? Кои се всушност твоите претставници и колкку си задоволен/а од нивната работа? Што отсекогаш си сакал/а да им кажеш на нашите студентски претставници но не си имал/а можност?

Тема 3 // Ефтини студентски приказни

Секој од нас различно го доживува студентското патешествие. Студентски прашања, студентска менза, читална, КГФ, разлика меѓу заверување и упис на семестар, цени во бифе, копирање скрипти…. Раскажи една од твоите студентски приказни, вредна за споделување со идните генерации.

На повикот може да учествуваат сите заинтересирани студенти . Секој учесник може да испрати неограничен број предлози за сите теми.

Најдобрата содржина ќе биде наградена со една награда, а победникот ќе може да избере дали наградата ќе биде: Опција 1 // Apple Ipad2 16gb WiFi, Опција 2 // Bаучер од Академска книга или Опција 3 // Донирање на средствата за добротворни студентски цели.

Конкурсот е отворен од 18 ти февруари и трае до 4 март 2013 година заклучно со полноќ. Победникот ќе биде избран преку гласање на тројца претставници од МОФ.

При изборот во предвид ќе биде земена: содржината на материјалот, креативното претставување на содржината и техничка обработка.

Апликациите можат да се поднесат на policy@mof.org.mk заедно со контакт телефон, име и презиме.

Испратените апликации не смеат да надминуваат повеќе од 100MB.
Текстуалните предлози не треба да надминуваат 2 страни во Word, фонт 12.
Видео предлозите не треба да надминуваат 5 минути
Идејните решенија ќе се претставуваат на трибини организирани од страна на Младински образовен форум.

Повеќе информации на:
policy@mof.org.mk
телефон: 02/3139 – 692, локал: 106

Втор круг EuropaSecura – Листа на натпреварувачи


На 31 мај 2012 година се одржа првата рунда – онлајн тест EuropaSecura на кој учество земаа 97 средношколци од сите градови во Р.Македонија. По завршувањето на тестот, наjвиско рангираните натпреварувачи преминаа во наредната фаза од натпреварувањето – пишување есеи на една од трите теми:

 1. Was the NATO decision to launch operation in Libya right?

2. Is the current policy of the EU towards Iran (including sanctions) effective enough?

3. How do you evaluate the NATO decision to withdraw troops from Afghanistan in 2014?

 и истите се објавени на www.europasecura.org.

Крајниот рок за испраќање на есеите е 17ти јуни 2012 година на е-маилот macedonia@europasecura.cz

Есеите ќе бидат евалуирани од страна на петчлено жири, според однапред утврдени критериуми, кои ќе ја оценуваат разработката на темата, содржината, аргументацијата и структурата на есеите.

Листа на натпреварувачи кои се натпреваруваат во втората рунда:

Рина Јанкуловска

Иван Џашиков

Глигор Мицајков

Огнен Јакасановски

Елена Мицајкова

Милка Геровска

Ѓорѓи Димески

Давид Павловски

Теодора Столевска

Сара Кајевиќ

Вилдан Дрпљанин

Кристијан Јовановски

Петар Ивановски

Дејанче Ризински

Лоран Бајрами

Започнa онлајн дебатното првенство Debate@Europe

Debate@Europe е едукативен, дебатен проект за сите млади од Европа кој го спроведува Младински образовен форум во партнерство со International Debate Education Association London, International Debate Education Association Netherlands, Eesti Väitlusselts(Естонија),Slovenská debatná asociácia(Словачка) and ARDOR(Романија).

Ученици од Македонија, Холандија, Романија, Словачка и Англија ќе дебатираат меѓусебно за Европските прашањa.

Проектот стартуваше на 25ти Март со лансирање на промотивното видео подготвено од Петар Антевски, член и дебатер на Младински образовен форум.

Во текот на 2012 година проектот ќе им овозможи на младите да дебатираат и да се натпреваруваат on-line за проблемите кои ја засегаат Европската заедница. Дебатите ќе се одржуваат преку специјално дизајнираната интернет-платфомата за видео  дебатирање во рамките на онлајн дебатното првенство “Debate@Europe” во кое учестуваат сите партнерски организации.

Онлајн дебатното првенство има две натпреварувачи компоненти, една за средношколци која вклучува 8 тима и една за студенти која вклучува 2 тима од секоја држава во текот на еден месец. Секоја дебата трае една недела, а секој говорник има 24 часа да го аплоудува неговиот/нејзиниот говор на , http://vbate.idebate.org/. Правилата на учество на он-лајн дебатното првенство дозволуваат еден дебатер да учествува во повеќе тимови и рунди.

Младински образовен форум ќе обезбеди учество на завршната конференција на проектот за 5те најдобри говорници која ќе се одржи во Амстердам, Холандија.

Пријавувањето за македонски дебатери за првата рунда се прави со пополнување на следнава онлајн апликација.

Организацискиот тим на Debate@Europe ќе ги контактира  сите избрани дебатери и ќе ги извести за дополнителни детали околу тезата и  форматот на дебатирање и начинот на избор на најдобрите 5 говорници од Македонија кои ќе учестуваат на завршаната конференција во Амстердам.

Хрватска се врати дома со трофеј, медалите за најдобрите говорници останаа дома

MO11 FinalistsОваа година, по деветти пат, Младински образовен форум (МОФ) ја имаше честа да го организира традиционалниот интернационален турнир Macedonia Open (www.macedoniaopen.org).  Турнирот се оддржа од 28ми до 31ви oктомври во гимназијата “Јосип Броз – Тито” во Скопје.  Овогодинешните учесници доаѓаа од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Србија, Романија и САД, и вкупно формираа 18 различни тимови кои меѓусебно се натпреваруваа на 6 прелиминарни рунди.Учеството на македонските дебатери се одлучуваше по пат на квалификации, каде што дебатери од 6 различни градови се натпреваруваа меѓусебно за место на Macedonia Open 2011.

Тези
Со цел овој турнир да им понуди на учесниците актуелна тема, оваа година Младински образовен форум ја постави темата “Безбедност наспроти слобода” како носечка на овој турнир.  “Владата треба да ја приоритизира слободата наспроти безбедноста” и “Владата треба да им стави рестрикции на електронските комуникации за време на немири и протести” беа двете најавени тези на кои се одвиваа 4 од 6те прелиминарни рунди. Останатите две импромпту рунди ги имаа следните тези “Владите не треба да преговараат со терористи” и “Традиционалните медиуми се покорисни од социјалните медиуми”.
Низ овие 6 рунди, дебатерите имаа задача да понудат аргументирани и издржани решенија за овие глобални проблеми, како и да ги продлабочат сегашните методи предложени од постоечките влади за решение на истите прашања. 
Со цел да се добие поголема перпсектива кон она што ќе се дебатира, организациониот тим на Macedonia Open подготви две видеа кои имаа за цел да поттикнат интерес за тезата, како и за самиот турнир. Видеата можат да се најдат на страната на МОФ на Youtube (www.youtube.com/YouthEduForum) или на следните линкови http://0.mk/motion1 и http://0.mk/motion2 .
Хрватска го освои трофејот, медалите за најдобри говорници останаа за Македонија

Финалната рунда и церемонијата на затворање на турнирот се одржаа на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Пред финалната дебата, финалистите и сите други учесници беа поздравени од Деканот на Факултетот за односи со јавност, кој што им честита на храброста да се натпреваруваат и да ги соочат своите ставови како и можностите да презентираат аргументи на убедлив начин, и притоа посочи дека меѓу овие средношколци дебатери владеат многу вештини од кои што неговите студенти можат да учат.
Дополнително, ја имавме честа да слушнеме професорот Методиј Хаџи Јанев, прв лидер на македонските војници во Ирак, кој во неговиот говор го изјасни професионалниот став во поглед на дадената тема. Даде и дополнително објаснување на ставовите кои беа презентирани од страна на дебатерите низ сите дебати, и го потенцираше врската помеѓу Истокот и Западот како коренот на овој проблем, а воедно и мал вовед во финалната дебата и тезата која што се дебатираше “Владата треба да ја приоритизира слободата наспроти безбедноста”.
Тимот од Хрватска [Poplar Trees], тимот од Косово [ASK1] и два тима од Македонија [Munchmallows и AoH] беа оние кои освоија најмногу судиски ливчиња и кои што се квалификуваа во полуфиналето на овој турнир. Двата тима кои успеаа да стигнат до финалето беа хрватскиот тим [Ана Кралич, Јурица Петкович и Петар Премелич] и македонскиот тим од Велес [Моника Саздова, Дејан Ризински и Весна Радиновска].
Финалето заврши со победата на тимот од Хрватска, кој што го освои трофејот на овој турнир, додека пак тројца дебатери од Македонија го освоија медалите за тројца најдобри говорници. Со вкупно 492 бода Огнен Јакасановски беше прогласен за најдобар говорник на MO11, второто место со вкупно 489 поена и беше доделено на Теодора Столевска (која беше и 10ти говорник на годинешното Светско Дебатно првенство IDEA Youth Forum), а Сара Кајевиќ заврши како трета на оваа листа со вкупно 487 говорнички поени.
Финалната дебата беше пренесувана во живо на интернет и успеа да го задржи вниманите на дебатерите околу земјата и подалеку, и иницираше на on line дискусии на истата тема.
Медиумски интерес:
Почетокот на овој настан беше означен со прес-конференција, на која што Бранкица Георгиевска [Програмски Координатор во МОФ], Теодора Столевска [Македонија], Јурица Петкович [Хрватска] и Раде Шпегар [Србија] го претставија турнирот и ја потенцираа неговата важност во градење на култура на дискусија помеѓу младите во регионот. Турнирот беше пикажан на неколку од вечерните вести на 28ми октомври, а беше и дел од известувањата во медиумите и во наредните два дена. 

Клучните пораки кои беа пренесени преку медиумите беа дека младите поседуваат капацитети за да практикуваат културен дијалог и да пласираат квалитетна аргументација и дека можат да дискутираат за проблеми кои се дел од социо-политичките интереси, и дека истите овие капацитети треба да бидат искористени како показатели и примери за сегашните јавни личности во нашето општество. Целта на овој настан не беше да само биде база за натпревар и здружување на дебатерите од околниот регион, овој турнир имаше за цел да ја постави дебатата и младите како примери за денешните политичари, и да ги прикаже нивните вештини како модели кои јавните личности би требало да ги следат.

Поддржано од:
Организациониот тим од Младински образовен форум сака да им се заблагодари на спонзорите на Macedonia Open 2011: McDonald’s, Јавно сообраќајно претпријатие – Скопје, Fructal и Здравје Радово, како и на СУГСГ Јосип Броз Тито – Скопје и  Универзитетот за Туризам и Менаџмент – Скопје, кои што овозможија простор за оддржување на овој настан.