Два тима на меѓународниот дебатен турнир Љутомер

Два тима од Дебатната програма на Младински образовен форум учествуваат на меѓународниот дебатен турнир во Љутомер. Material Girlzz составен од: Љубен Атов, Карла Станков, Митко Недановски и Ања Давитковска, и Winx составен од: Мила Тодоровска, Анастасија Јовановиќ, Теодора Кулевска и Иларија Димулкова. Заедно со нив како дебатен тренер и судија ги придружуваше Дора Смилевска.

Турнирот се реализира онлајн во период од 11-ти до 16-ти март. Учествуваат повеќе од 60 тима од различни страни на светот вклучувајќи ги: Канада, Јужно Африканската Република, Бугарија, Данска, Шведска, Тајланд, Соединетите Американски Држави, Романија и многу други.

Некои од тезите на овој турнир кои што се дебатираа се:

  • THBT the feminist movement should support female vigilante groups (e.g., the Red Brigade and Gulabi Gang in India, Grupo de Autodefensas in Mexico);
  • THBT the EU should restrict the free movement of highly skilled workers in-between its member states;
  • In highly multi-ethnic states, THP the use of devolved governments as opposed to centralized governments.

Им посакуваме среќа на дебатерите и честитки до двата тима, останува да видиме какви резултати ќе постигнат!

Одржан тридневен студентски хакатон

Дигитализација на образовните услуги во Северна Македонија е процес што во некои сектори, улилишта или универзитети се одолговлекува, иако е неминовен за денешницата. Студентите се најдобро запознаени и најтангирани од застарените практики на универзитетите кои веќе оддамна требало да се дигитализираат.
За таа цел, викендов се одржа тридневен студентски хакатон за изработка на дигитални алатки. Младински образовен форум ги покани студентите сами да бидат дел од решението на проблемите што ним најмногу ги засега.
Шестнаесет студенти и студентки од различни факултети изработија дигитални решенија за подобрување на работата на факултетот/универзитетот каде што студираат. Решенијата се протегаа од унапредување на состојбата со студентското организирање до овозможување на полесно справување со административните процедури на универзитетите.
Победничкиот тим ќе има можност да ја презентира својата дигитална алатка пред претставници на релевантни образовни институции на јавната дискусија што претстои.

Хакатонот се спроведи во рамките на проектот “Студентска акција за дигитализирани образовни услуги”, поддржан од Фондација Метаморфозис преку проектот за Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA, ко-финансиран од Европската Унија.

Одржано Националното дебатно првенство за почетници

Oд 25-ти до 27-ми февруари 2022 година се одржа овогодишното Национално дебатно првенство за почетници. Десет тима, и овој пат виртуелно, преку алатките MixIdea и Discord ги покажаа своите дебатерски вештини и се бореа за титулата најдобар тим.

На првенството имаше пет прелиминарни рунди, полуфинале и финале. Учесниците дебатираа на три тези, од кои две – импромпту тези, со зададени 45 минути за припрема пред рундата. Главната теза на првенството гласеше – „Овој дом би им забранил на политичарите кои не си ги исполниле предизборните ветувања повторно да се кандидираат“. Двете импромпту тези гласеа  „Овој дом би вовел задолжително гласање“ и „Oвој дом како припадник на ЛГБТИ+ заедницата во Северна Македонија, би ја криел својата сексуалност“, која ја дебатираа нашите полуфиналисти.

Победници на ова онлајн национално дебатно првенство за почетници 2022 беа „Дрвените Адвокати“, составен од Јана Николовска, Леона Змајшек и Максим Неделкоски. Второто место го земаа тимот Гибоните, составен од Итан Георгиевски, Нина Петковска и Давид Салонтаји. На првенството исто така се прогласија и најдобрите говорници: на третото место Максим Неделкоски, на второто Јана Николовска и првото место го зема Итан Георгиевски.

Презентација на наоди од истражувањето „Вовед во студентска дискриминација“

Младински образовен форум на 25.02.2022 година (петок) го промовираше истражувањето „Вовед во студентска дискриминација“.

Истражувањето се осврнува на студентската перцепција за дискриминација при државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола и Државниот универзитет во Тетово. Дополнително, во рамки на самото истражување се креирани и препораки насочени кон релевантните институции а во насока на превенција и санкционирање на дискриминацијата.

Клучни податоци од истражувањето:

  • Студентите кои се проценуваат себеси дека потекнуваат од семејства со висок социоекономски статус се позадоволни од климата на универзитетите и факултетите
  • Најнебезбедно се чувствуваат студентите со попреченост, студентите кои не сакаат да го кажат својот род,  како и студентите кои не сакаат да ја искажат својата сексуална ориентација.
  • Академската средина претставува најнепосакувана клима за студентите кои се геј/лезбијки и тие во најголема мера размислувале да си заминат затоа што не се чувствуваат прифатено, но и во најголема мера сметаат дека не им се ценат мислењата и дека немаат можност да го изразат својот потенцијал.
  • Ромите се чувствуваат најмалку ценети како да не припаѓаат на универзитетот и дека универзитетот нема посветеност кон правичноста, еднаквоста и инклузијата и во најголема мера размислувале да го напуштат универзитетот затоа што се чувствувале изолирано
  • Студентите во најмала мера остваруваат контакти со лица со попреченост и со лица со различна сексуална ориентација во рамки на кампусот, како и со лица кои имаат попреченост во учењето, психолошки или други тешкотии што не се видливи
  • 234 (29,7 %) студенти одговориле дека ја почувствувале дискриминација на своја кожа, од кои 134 (16,96 %) студенти на УКИМ, 11 (1,39 %) на УКЛО, 42 (5,31 %) на УГД, 42 (5,31 %) на ДУТ и 5 (0,63 %) од оние кои студираат на два универзитета.
  • Во однос на сексуалната ориентација, во рамки на својата група, најголем процент на дискриминирани студенти има кај студентите кои се геј/лезбијки (43,5 %)
  • Само 7,6  % од сите студентите знаат дека на факултетите има постапка за пријавување дискриминација, но за жал сметаат дека таа неефикасно се спроведува
  • Само 6,6 % (52) од студентите некогаш пријавиле дискриминација на факултетите

Според студентската правобранителка на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Теа Мицевска, малиот број на пријави  од страна на студентите во однос на дискриминацијата се должи поради неинформираноста на студентите за механизмите за заштита и остварување на своите права.  Таа изјави дека се соочила со сведоштва на студенти кои не се осмелуваат да ги пријават прекршувањата на нивните права поради страв.

Игор Јадровски, член на Комисијата за заштита и спречување од дискрминација изјави дека од 167 предмети кои ги имаат изработено во 2021 година, само 1 претставка доаѓа од студентка за случај на дискриминација, што е поразително.

Според претседателката на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Ева Цветковска, алармантен е податокот дека академската средина потфрлува во прифаќањето на Ромите како дел од таа средина. Таа додаде дека во фокус на нивната работа како студентски претставници треба да биде адресирањето на дискриминацијата на студентите кои не се дел од хетеронормативната сексуална оритентација, а особено да се поттикнат студентите со друга сексуална ориентација поактивно да ги пријавуваат случаите на дискриминација низ кои поминуваат во академската средина.

Препораки:

  1. Подготовка и усвојување на интерни акти за спречување и заштита од дискриминација во рамки на универзитетите
  2. Воспоставување на посебно тело за спречување и заштита од дискриминација при универзитетите, во чие воспоставување и функционирање студентите ќе имаат значајно учество
  3. Јавно и редовно информирање на студентите и вработените на факултетите и универзитетите за основите и формите на дискриминација и достапните механизми за заштита од дискриминација и начинот на кој може да се спроведе постапка за заштита од дискриминација
  4. Спроведување на анонимни годишни анкети за дискриминацијата од страна на посебните тела за спречување и заштита од дискриминација
  5. Ревизија на учебниците и учебните помагала, отстранување на спорните содржини и воведување на објективни, научно засновани информации кои се темелат на човековите права и принципот на недискриминација.

Истражувањето е изработено од Младински образовен форум во рамки на проектот „Студентска перцепција за дискриминација“ подржан од Фондација Отворено Општество Македонија.

Одржана патувачка изложба на дигитални постери „Младински (не)еднакви можности и потреби“

Во рамки на проектот „Квалитетни образовни политики и можности за младите“ беше спроведена патувачка изложба на дигитални постери во Кавадарци (24.12.2021), Виница (27.12.2021) и Скопје (28.12.2021). Изложбата ја погледнаа околу 100 млади.

Делата кои беа изложени на патувачката изложба се директен резултат од повеќедневна работилница, која имаше за цел да разработи дел од креативните алатки како: Фотошоп, Илустратор и Канва и конкретно да ги афирмира и потенцира клучните наоди од истражувањето: „Младински (не)еднакви можности и потреби – Предизвиците и потребите на младите според големината на местото на живеење“.

Преку изложбите, млади креативци, уметници и ентузијасти од целата држава сакаа да поттикнат изедначување на разликите помеѓу руралните и урбаните средини.

Во изложбата, со свои дела учествуваа: Александра Христовска, Анастасија Ивановска, Ана Марија Николовска, Владимир Митровски, Елена Николоска, Зафир Јованов, Љубица Ристовска, Марија Денкова, Марија Николоска и Сара Апостоловска.

Креативните постери може да ги погледнете на следниот ЛИНК. Фотографиите од изложбата во Кавадарци, Виница и Скопје може да ги погледнете ТУКА.

Изложбата е дел од проектот Квалитетни образовни политики и можности за младите кој се спроведува со поддршка од Фондација Отворено општество Македонија.

Онлајн предавање на тема „Design thinking“

На 27 март се одржа второто отворено предавање од проектот Младински претприемачки вештини. Овој викенд младите имаа можност да научат повеќе за темата “Design thinking” за што зборуваше Софија Богева.

Софија е консултант за иновации и во последните неколку години, таа била ангажирана да работи како креатор на креативна содржина, „design thinking фасцилитатор“, тренер, консултант за стратегиски иновации и модератор на повеќе проекти за УНДП, УНИЦЕФ, ГИЗ и УСАИД во Македонија и во странство во областа на образованието, иновациите во јавниот сектор, регионалниот развој, креативните индустрии итн.

Таа на предавањето објасни како да се искористи design thinking за да се пристапи кон иновациите преку разбирање на потребите на клиентот, брзото прототипирање и генерирање креативни идеи. Дополнително, таа објасни како овој начин на размислување ќе го трансформира начинот на кој претприемачите развиваат производи, услуги, процеси и организации.

Предавањето беше одржано на англиски јазик, и го проследија 25 млади луѓе од целата наша држава.

Следете нè на социјалните мрежи за да се пријавите на следното отворено предавање од проектот за Младински претприемачки вештини.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Заврши циклусот онлајн предавања за животната средина, во соработка со ИКС

На 23 март заврши циклусот oнлајн предавања за заштита на животната средина, организиран од страна на МОФ во соработка со Институтот за комуникациски студии во склоп на кампањата „Разбистри сè!“.

Предавањата беа заокружени со дискусија на темата „Шар Планина: национален парк или национална мета?“, предводена од екоактивистот Нгадњим Мехмети од граѓанската инивијатива „Еко герила“.

На предавањето учествуваа 30 учесници кои активно се вклучија во дискусијата. Мехмети се осврна на битката на Шар планина за да биде прогласена за национален парк, како и кризата со која се соочува во однос на градењето на мали хидроцентрали и дивото сечење на дрвја.

Во текот на дискусијата се отворија прашања за историјата на Шар планина и нејзиното патешествие до кандидат за национален парк, придобивките при прогласување на планината за национален парк, како и кој ќе ги има ингеренциите врз пределот. Додатно, се разговараше за што можат да направат граѓаните и особено младите да помогнат во одржувањето на чистотата и зачувување на природата не само на Шар планина туку насекаде.

Пред ова предавање се одржаа три други онлајн предавања. На 18 март се одржа предавање за „Како да се спречи загадувањето од рудниците?“ предводено од студенти на Природно математичкиот факултет при УКИМ – Јаков Тушевски и Дарио Стојановски.

Тука учесниците се запознаа со придобивките од рударството, но и какво е влијанието на истото врз околината и животната средина.

На 25 февруари се одржа предавањето на тема „Охридско езеро – како да се заштити заштитеното?“ предводено од биологот и уредникот на порталот „doma.edu.mk“ – Кирил Арсовски Пржо.

На ова предавање се разговараше за урбанизацијата на Охридското крајбрежје и неизбежното негативно влијание кое истата го има врз езерото и природата. На крајот на предавањето се отвори дискусија каде меѓу другото се спореди и состојбата на Охридското езеро со останатите природни езера во Северна Македонија. Додатно, се разговараше за иднината на Охридското езеро по излегувањето на истото од заштитената листа на УНЕСКО.

Целиот циклус на предавања започна на 18 февруари со предавање за Преспанското езеро насловено „Природен тек или човеково влијание: Како да се спаси Преспанско Езеро?“.

Истото беше предводено од Драган Арсовски, долгогодишен еко-активист и претставник на Македонското еколошко друштво. На предавањето, Драган зборуваше за историјата на Преспанското езеро и неговата промена низ годините, како и причините кои довеле до моменталниот водостој на езерото. Беа опфатени и можните начини да се регулира водостојот на Преспанското езеро, решение кое за жал не е едноставно и се уште не е конкретизирано.

На предавањата учестуваа повеќе од 150 учесници.

Кампањата „Разбистри сè!“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансиски поддржана од Британската амбасада.