Наместо препреки, средношколците треба да добијат отворени врати

Младински образовен форум ги набљудува настаните во средното образование и изразува загриженост за притисоците на кои средношколците се изложени и обидите да се делегитимира нивниот ангажман преку Унијата на средношколци.

По години молк во јавноста, Унијата на средношколци се појавува тврдејќи дека е легитимен претставник на средношколците, кој има дозвола и пристап до институциите да ги застапува нивните права и да преговара. Имајќи ги предвид анализите, истражувањата и заложбите на МОФ за средношколско организирање и учество низ годините, неопходно е да споделиме неколку наоди и факти за Унијата на средношколци, која во најмала рака е пасивизирано тело кое одамна има изгубено улога на претставник на средношколците.

Според истражувањето „Средношколско организирање и учество“ (2013) од 45 училишта прашани дали имаат претставници во национално организирање, само едно одговори дека има свој преставник во национално средношколско организирање. Според анализата и одговорите на училиштата во тоа истражување, последните активности на Унијата на средношколците и Средношколската унија се забележани во 2008 и 2009. Друго истражување на МОФ и Реактор (2010), со вклучени 3607 средношколци, покажа дека 70% од средношколците не се запознаени дали има средношколско организирање во нивните училишта, а 81% никогаш не учествувале во избор на средношколска унија. Ако ова била состојбата во последниве години, оттогаш немало никаква значајна јавна видливост на унијата за било какво прашање во врска со средношколските права и проблеми до пред неколку дена. Па оттаму заклучокот дека во Македонија не постои формално средношколско организирање на национално ниво, кој се потврдува со тоа што до пред само неколку месеци статусот на Унијата на средношколци во Централниот регистар беше неактивен.

Вклученоста на Унијата на средношколци во преговори е пример за лоши механизми кои се користат да го намалат значењето на секое вистинско здружување инспирирано од неквалитетното образование и лошите избрзани реформи.Честитаме на Средношколскиот пленум што успеа да ги актуелизира своите прашања и дури да влијае на нови одлуки, но потсетуваме дека преговорите треба да се водат со изворно организираните средношколци. Улогата на организација како Унијата, чие јавно присуство е ограничено на неколку денови, за која средношколците не се запознаени и без активен статус, е занемарлива.

Имајќи ги во предвид Уставот, законите и ратификуваните меѓународни документи како Конвенцијата за правата на детето на ОН, МОФ застанува во одбрана на честа и угледот на сите средношколци кои се етикетирани, злоупотребени и обесправени од страна на образовните институции, медиуми и нелегитимните организации. Охрабрувачки е што гледаме дека напори за заштита на средношколците се вложуваат и од неколку други организации и институции, но потребно е значајно повеќе конструктивна ангажираност и од други засегнати страни. Во последниве денови, бојкотот на средношколците актуелизираше најави за казни за родителите на учениците. Апелираме да се бараат начини за изнаоѓање заеднички решенија низ дискусија, преговори и соработка, наместо ограничување на правото на дејствување.

Мораме да споменеме дека неколку медиуми во овој период објавуваа фотографии и информации за членови на нашата организација и нивната врска со Средношколскиот пленум. Затоа потенцираме дека нашата организација не стои зад Средношколскиот пленум и нема улога во организирање на неговите активности. Но како организација која цврсто се застапува за демократските права на младите, го поддржуваме автентичното самоорганизирање и барањата за овозможување на учество на средношколците во креирањето на образовните политики и подобрување на образованието според перцепциите на средношколецот. Потсетуваме дека МОФ е невладина и непартиска организација. Нашите членови можат да ја користат слободата на здружување и да се вклучуваат во различни организации и движења, според своите интереси, и нивните слободи на здружување и учество не смеат да бидат предмет на објави кои целат да го обезвреднат младинскиот активизам.

Во овој период МОФ исто така изготви соопштение каде ги повика училиштата, професорите, родителити и институциите итно да се заложат во одбрана на учениците, а дополнително посочи механизми како средношколците може да се заштитат преку упатства за постапување во случај на ограничување на нивните слободи и права.

Правото на организирање на средношколците не смее да биде ограничено

Упатства за постапување во случај на ограничување на слободите и правата на средношколците

Последните месеци беа означени со формирање на Средношколски пленум како форма на само-организирање на средношколците со цел своите потреби и препораки за  подобрување на средното образование да ги пренесат кон институциите.  Овие изблици на активизам и активно граѓанство, покажаа  дека учениците имаат директен интерес за политиките кои се одразуваат на нив, нудејќи  аргументација која ги објаснува  нивните потреби и ставови. За жал, овие акции беа соочени со непосакувани и некоректни реакции, кои претставуваат закана за  слободата на  здружување и изразување на македонскиот средношколец.

Револтирани од овие појави, Младински образовен форум упатува порака до средношколците да се информираат за како да ги остваруваат и заштитат своите права и да ги користат сите механизми на располагање. Апелираме до институциите и граѓанските организации да покажат интерес и поддршка за остварување на правата на средношколците, и да ги осудат сите препреки кон практикување на нивните права.

Изготвивме упатства кои даваат насоки како да се поднесе приговор кај Народниот правобранител за ограничување на слободата на здружување, како и за постапување доколку средношколците се чуствуваат како жртви на навреда или клевета. Овие упатства доаѓаат како одговор на појавите на постери каде се наведуваат средношколци со своите имиња и презимиња дека добиваат 10.000 за организиран протест, постери каде се етикетираат и наведуваат како злоупотребени и туѓ експеримент.

Упатствата може да ги најдете тука и споделите со средношколците, родителите и нивните наставниципрофесори:

Упатство за поднесување претставка пред Народниот правобранител
Упатство за справување со навреда, клевета и говор на омраза

Поплаките од средношколците за жал се однесуваат и на заканувачки пораки, повици, навредливи коментари по социјалните мрежи, па дури и заклучени врати од училиштата. За последното, овде има упатство што може да се направи доколку не им било дозволено на учениците да го напуштат училиштето.

Дополнително, вчерашните преговори на Министерството за образование и наука со Унијата на средношколци го оганичуваат учеството во одлучувањето и влијанието врз политики на средношколците, а особено на Средношколскиот пленум кој активно бара да биде чуен во однос на овие политики. Унијата на средношколци на Македонија е пасивна организација која веќе со години не функционира, и поради недостаток на легитимитет, таа не може да се смета за претставничко тело на средношколците. Според истражување на МОФ и Реактор од 2010, се увиде дека 70% од испитаните средношколци не се запознаени дали има средношколско организирање во нивните училишта, а 81% никогаш не учествувале во избор на средношколска унија. Во 2013 пасивноста се потврди преку друго  истражување, во кое од 45 училишта само 1 има претставник во национално организирање, а последните акитвности на Унијата на средношколците и Средношколската унија се забележани во 2008 и 2009. Унијата на средношколци исто така има неактивен статус во Централениот регистар на Македонија.

Затоа  го разбираме незадоволството на средношколците од преговорите на МОН со неактивна организација, кои не ги вклучуваат оние средношколци кои активно се заложуваат за подобро образование. Потребно е да бидат чуени средношколците и вистински вклучени во креирањето на политики. Грубото прекршување на нивните права и исклучување од носење одлуки е од непроценлива штета и за демократските вредности но и развојот на средношколците како одговорни и активни граѓани.

МОФ ги поддржува напорите на СОНК за надминување на проблемите во образованието

Младински образовен форум (МОФ) ги поддржува напорите на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за надминување на проблемите во образованието со кои се соочуваат наставниците, професорите, академската заедница, средношколците и студентите, имајќи ги во предвид последните информации и ставови презентирани во јавноста со кои СОНК најавува конкретни барања и протести за реформи.

Сметаме дека оставарувањето на работничките права кај просветните работници е од огромно значење, не само за наставниците и професорите, туку и за учениците и студентите. Потенцираме дека во фокусот на секоја образовна реформа треба да се токму учениците и студентите за кои, наместо да бидат третирани како корисници во образованието, треба да се овозможи нивна интеграција на ниво на партнери. Според нас, подобрување на условите за работа кај наставничкиот и академскиот кадар и земање во предвид на нивните ставови ќе влијае врз квалитетот на образовниот систем во Република Македонија.

МОФ особено го поддржува СОНК во напорите за реформи на целите и начинот на спроведување на екстерното оценување, процес за кој, потсетуваме, 25.000 ученици, наставници, родители и загрижени граѓани преку петиција побараа да се прогласи за пробен. Екстерното оценување во двете години од негово спроведување резултираше со бројни технички недостатоци и законски недоречености. Овој процес наместо да резултира со подобрување на образованието во нашата земја, беше проследено со погрешно поставени цели, притисок и страв кај учениците и наставниците.

Поддржувајќи го СОНК во напорите за остварување на работничките права и преку тоа поттикнување на подобрување на образовниот систем, апелираме до СОНК, институциите и до целокупната јавност, дека напорите за реформи во образованието итно треба да вклучат и обезбедување плурализам во студентското организирање, вклучување на средношколците во процесите на носење одлуки во училиштата, ефективни мерки за сузбивање на корупцијата во високото образование, зголемување на транспареноста на високообраозовните институции, ефективни мерки за сузбивање на дискриминацијата врз професорите, наставниците, студентите и средношколците како и имплементација на стратегијата за интегрирано образование.

МОФ.мк номиниран за најдобар сајт на невладина организација

На наше огромно задоволство, веб страната на Младински образовен форум (МОФ) е номинирана за веб страна на годината 2013 во категоријата „Најдобар сајт за невладини организации “ на четвртиот по ред избор на сајт на годината во Македонија.

МОФ ја промовираше својата нова редизајнирана веб страна во март оваа година, преку која редовно комуницира и ја информира јавноста за своите активности. Во категоријата „Најдобар сајт за невладини организации“, МОФ.МК се натпреварува заедно со веб страните на триесетина други организации од Македонија.

Доколку вам ви се допаѓа новиот изглед и содржина на нашата веб страна, можете да гласате за МОФ.МК тука. Гласањето од интернет посетителите ќе започне од 26.11.2013 и ќе трае до 05.12.2013.

Сајт на годината е манифестација која по четврти пат во Македонија ги избира најдобрите веб сајтови во повеќе категории. Манифестацијата е организирана од Media Solutions и системот за онлајн реклами keep an eye, а под покровителство на Град Скопје и ИАБ Македонија.

[МОФ за екстерното] Прашања и аргументи за Министерството за образование и наука

 

Само 2 часа откако МОФ ги достави 25.378-те потписи за екстерното оценување оваа година да се прогласи за пробно, Министерството за образование и наука (МОН) се огласи дека тестирањето ќе важи бескомпромисно, без да одговори на прашањата кои говорат за оспорениот квалитет на екстерното и со единствена порака дека реакцијата на МОФ била задоцнета.

Го прашуваме МОН, како успеа за толку кратко време да ја прочита и разбере нашата анализа и како се осмели за само 2 часа да отфрли иницијатива на повеќе од 25 илјади граѓани? Дали искуствата, сведоштвата и барањата на овие граѓани, ученици, родители, наставници и професори не се доволна порака за Министерството да се одважи и да одлучи да го подобри образовниот процес, наместо инаетливо да не отстапува од своите одлуки кои прават штета на сите засегнати страни?

Во обид да го претстави екстерното оценување како процес кој бил поддржан од засегнатите, МОН во неколку наврати потенцираше дека тестирањето оваа година било спроведено во партнерство со учениците и наставниците? Дали МОН ги смета за свои партнери илјадниците ученици кои протестираа уште во мај во обид да спречат конфузно проектирано екстерно? Дали партнери на вакво екстерно се сите оние ученици кои реагираа на серијата технички пропусти и законски недоследности и прекршувања на закон? Дали партнер на МОН и на ваквото екстерно се и Младинскиот образовен форум и оние 25 илјади граѓани кои бараат екстерното да се прогласи за пробно оваа година?

Не, граѓаните не се и нема да бидат партнери на фалично екстерно оценување. Граѓаните се партнери на здрава и аргументирана критика која има за цел да го подобрува образовниот процес, а не да оштетува ученици кои утре ќе имаат проблем при своето запишување на факултет.

Зошто акцијата за екстерното да се прогласи за пробно не е задоцнета?

МОФ трпеливо и темелно го следеше целиот процес на спроведување на екстерното оценување. И нашата организација и сите засегнати од екстерното имаа минимум надеж дека барем техничкото спроведување на тестирањето ќе помине без пропусти и дека ниту еден ученик нема да биде оштетен, онака како што јавно вети Министерот за образование. Но, искуствата на учениците и наставниот кадар го потврдија спротивното. Фактите говорат дека екстерното годинава помина со пробиени тестови, прекршени законски рокови, прашања со повеќе точни одговори, паѓање на сотфверскиот систем, одложувања на тестирањата и атмосфера на страв и конфузија. Кој можеше од напред да претпостави дека МОН ќе си дозволи да спроведе тестирање со толку многу технички и законски пропусти?

МОФ уште еднаш потенцира дека одлуката на Министерството да го прогласи екстерното оценување за пробно во никој случај не може да биде задоцнета, напротив, може само да биде во корист на учениците, во насока на отстранување на пропустите и во насока на остварување на ветувањето дека ниту еден ученик нема да биде оштетен.

Министерството потенцира дека екстерното тестирање е и ќе продолжи да биде законски проект. Потсетуваме дека законската рамка на која МОН се повикува во неколку наврати беше прекршена. Тоа е уште една причина МОН да се одважи, да ги согледа пропустите и да го прогласи за пробно екстерното кое сериозно потфрли во првата година од своето спроведување. Законските 7 дена за објавување на предметите за тестирање беа скратени на 4, а рокот за поднесување приговори по однос на објавените оцени беше скратен од 3 на 2 дена. Потсетуваме дека во законот недостасува одредба за негативни оцени (незадоволителен „1”). На голем број ученици „единиците” им беа внесени во свидетелства, иако македонскиот образовен систем не ја препознава оваа оцена како преодна. Потсетуваме и дека основите за поднесување приговори се претесни и не им дозволуваат на учениците да реагираат на техничките пропусти со кои се соочија при тестирањето.

Лажна е сликата дека само 3.200 ученици поднеле приговори бидејќи на останатите не им беше овозоможено да реагираат и приговорите им беа одбивани како неосновани. Прашуваме дали прекрушувањата на законите во Македонија не е доволна причина за да се преземат конкретни мерки, да се прогласи екстерното за пробно и со тоа да се спречи официјализирање на процес во кој законите се прекршени, а учениците оштетени?

За илустрација, во Србија, поради пробивање на тестовите се поништува државната матура.

Конечно, и покрај тоа што МОН оваа акција ја декларира како обид на МОФ да добие публицитет, сметаме дека е корисно што МОН реагира на нашата аргументација и на барањата на 25378 граѓани, со надеж дека најавата за средба, за дискусија и за анализа на аргументацијата конечно ќе се оствари.

МОФ сеуште е заинтересиран за работен состанок со Министерството за образование и наука во интерес на подобро екстерно оценување во иднина, а во меѓувреме ќе продолжи со водење на институционалните процедури преку претставки до Државниот управен инспекторат, Државниот просветен инспекторат и Уставниот суд на Република Македонија.

Стоиме на располагање да му помогнеме на Министерството за образование да воведе реформа која ќе биде успешна, а не реформа која ќе оштетува. Успешна реформа не може да биде екстерно оценување за чии пропусти сведочат повеќе од 25 илјади граѓани… ќе беа многу повеќе, но дел од загрозените се плашеа да се потпишат, па поддршката ја даваат усно, преку телефон или преку е-пошта.

 

Повеќе информации за процесот на екстерното оценување како и препораки за идното тестирање може да најдете во Анализата за екстерното оценување во училиштата во Македонија.

 

Поткуп, корупција и непотизам – Секојдневие за студентите

mof-pres-300x199Дури 39 проценти од студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имале искуство со поткуп во форма на купување книга од професорот, со цел да се добие поголема оценка, а најголем дел од нив не пријавуваат корупција бидејќи сметаат дека нема да променат ништо, покажува истражувањето на „Младинскиот образовен форум“.

Регионалното истражување во кое се вклучени најголемите високообразовни установи во Македонија, Србија, Хрватска, Молдавија и Бугарија, открива дека на УКИМ, најмалку 30 проценти од испитаните студенти биле директно изложени на непотизам.

„Формите на непотизам за кои зборуваме се кога професори го користат своето влијание во процесот на уписи, студенти користат познанства за упис, професорот дава повисока оценка на основа на познанство и студент користи познанства за да добие повисока оцена или да положи испит“, истакна Петар Димитров од МОФ.

Иако студентите постојано околу себе забележуваат коруптивни појави, тие ретко се подготвени да ги пријават. Според истражувањето, 66% од испитаниците одговориле дека би го пријавиле професорот кој прима поткуп но само доколку пријавувањето е анонимно, додека само 26.8% би ја пријавиле ваквата постапка ако од нив се бара откривање на идентитетот.

Најчест одговор кај студентите е дека не пријавуваат корупција, зашто не веруваат дека би промениле нешто, додека 28% од вкупните испитаници, се плашат од одмазда.

„Речиси 84% од студентите одговориле дека не би го пријавиле колегата/колешката која мами на испит. За компарација студентите од Загреб покажуваат поголема „солидарност“ со колегите односно 92%, не би пријавиле ваков настан“, истакна Мартин Алексоски од МОФ.

Регионалното истражување на тема: Перцепција за корупција во Високото образование е спроведено во рамките на Антикорупциската студентска мрежа во Југоисточна Европа (ACSN-SEE).

Истражувањето во Македонија е спроведено на случаен примерок од 721 испитаник, од шест факултети (Машински фаултет, Факултет за електротехника и информациски технологии, Правен факултет, Економски, Филозофски  и Филолошки факултет) на УКИМ, во текот на септември- ноември 2012 година. Истражувањето на ниво на мрежата на ACSN – SEE е спроведено на 615 испитаници во Загреб, два државни Универзитети во Молдавија на 825 испитаници, на Универзитетот во Белград со 827 испитаници и Универзитетот во Пловдив со 475.

ACSN Регионално истражување за перцепција на корупција  (Прашалници)

ACSN Регионално истражување за перцепција на корупција ( Интервјуа)

Училиштата потфрлија на тестот за вклученост на учениците во процесите на одлучувањe

Резултати од истражувањето за средношколско организирање и учество во Македонија

Младински образовен форум (МОФ), денеска, 28ми јануари 2013 година, ги презентираше резултатите од истражувањето на тема “Средношколско организирање и учество во Република Македонија”. Преку истражувањето беа испитани 54 средни училишта и 155 ученици од 14 градови во Македонија, преку реализација на 18 фокус групи и испраќање 270 прашања со алатката “слободен пристап до информации од јавен карактер”.

Резултатите покажаа дека не постои унифициран систем на средношколско организирање во училиштата во државата и дека учениците се организирани преку различни облици и нивоа, но заедничко за сите училишта е што средношколците не учествуваат во процесите на одлучувања и не се застапени во органите на училиштата.

При истражувањето на начините на избор на претседатели на класови и генерации, се забележува дека училиштата, претставени преку класните раководители, поставуваат строги и дикриминаторски услови, дозволувајќи им само на редовните, дисциплираните, примерните и учениците со солиден успех да можат да ги застапуваат своите соученици. Од одговорите на учениците се забележува дека класниот раководител има големо влијание врз изборот на претседател на клас, преку предлагање листа од избрани кандидати или преку презентација на профил на ученик кој заслужува да биде претседател. Сеуште постојат училишта во кои изборот на претседател на клас го врши класниот раководител, со што на учениците директно им се одзема правото да одлучуваат кој ќе ги претставува.

“Најчесто само во прва и втора година, професорите им дозволуваат на учениците сами да си бираат претседател на клас, а потоа откако ќе ги запознаат сите ученици подобро, тие самите го прават тоа“ – изјава од еден од учесниците на фокус групите;

Средношколците лоцираат низа проблеми во воспитно-образовните процеси во училиштата, а најмногу ги издвојуваат квалитетот на настава, комуникацијата професор-ученик, оценувањето, комуникацијата со стручните служби и со претставниците на учениците, меѓуетничките конфликти и инфраструктурата во училиштата.

И покрај тоа што учениците се свесни за проблемите, сепак училиштата ги консултираат само за помалку важни прашања, како на пример организирањето екскурзии и матурски прослави. Учениците сметаат дека не можат да влијаат за решавање на суштинските проблеми бидејќи тоа зависи директно од волјата на професорите и управите во училиштата. Сметаат дека немаат авторитет, нивниот глас не е слушнат и не е почитуван од надлежните, односно не можат да влијаат за промени. Дополнително, средношколците не се интересираат за своите права и не преземаат иницијативи, од страв да не бидат погрешно разбрани од професорите и управите и тоа да не се одрази негативно врз нивниот успех и поведение.

Дел од проблемот, средношколците го лоцираат и кај своите родители, кои ретко им даваат поддршка за нивните иницијативи.

“Еднаш се собравме 6 класа, ни беше ладно и избегавме. Добивме по 5 неоправдани. После тоа, се собраа родителите и зборуваа за тоа. Рековме дека ни е ладно. Ни рекоа ако ви е ладно облечете јакни и толку. Затоа некој и да сака нешто да направи, нема да направи“. – изјава од еден од учесниците на фокус групите;

Учениците и училиштата не препознаваат средношколско организирање на национално ниво. Последните јавни активности на Унијата на средношколци на Македонија и на Средношколската унија на Македонија се забележани во 2008 и 2009 година, преку оградување од протестите против воведувањето државна матура и преку приклучување кон протестите кои студентите ги организираа пред Европската комисија во Скопје, а против одложувањето на датумот за почеток на преговори за членство на Македонија во Европската Унија. Според одговорите од училиштата, од 45 испитани училишта, само едно има претставник во ова национално организирање на средношколците.

Разгледувајќи ја ваквата состојба на средношколското организирање во Македонија, МОФ изработи низа препораки упатени до Министерството за образование и наука, училиштата, професорите, учениците, родителите, локалните самоуправи и младинските организации. Во една од препораките се потенцира потребата од измени на Законот за средно образование и статутите на образовните институции, со што ќе се гарантира учество на учениците во органите на одлучување во училиштата.

Студентите за себе: Истражување за студентското (не)организирање

Ни претставува задоволство да ја најавиме прес конференцијата и трибина на која Платформата за студентски плурализам ќе ги презентира резултатите од истражувањето на темa Студентите за себе: Истражување за студентското (не)организирање

Прес конференцијата ќе се одржи на 14.05.2012 со почеток во 12:00 часот во просториите на ГЕМ, во старата скопска чаршија.

Според истражувањето 59% од испитаниците сметаат дека се свесни за проблемите со кои се соочуваат студентите, но немаат механизми како да ги решат. На трибината ќе бидат претставени резулататите кои даваат одговор на прашањата колку од студентите членуваат во студентски организации, колку се запознаени со нивните студентски претставници и областите од студентскиот живот кои сметаат дека се приоритетни.

Панелистите ќе споделат ставови и искуства поврзани со темата на истражувањето и резултатите. Говорници на трибината ќе бидат претставници на дел од организациите-членки на Платформата за студентски плурализам: Мартин Алексоски и Моника Божиновска – Младински образовен форум, Ана Велковска – Европско здружение на студентите по право во Република Македонија (ЕЛСА), Наташа Давчева – Ромаверзитас и Катерина Ѓорѓиевска – Меѓународно здружение за размени на студенти од техничките факултети (ИАЕСТЕ Македонија).

Истражувањето е спроведено од МОФ како дел од активностите на Платформата за студентски плурализам која претставува неформална коалиција на 17 студентски и младински организации. Целта на ПСП е темелна и конечна реформа на постоечкиот систем на студентско организирање преку обезбедување демократска функционалност, транспарентност, вклученост и легитимност на сите организации и групи кои ги застапуваат правата и интересите на студентите во Македонија.

Настанот е отворен за сите заинтересирани посетители.
Повеќе информации на http://www.facebook.com/psp.macedonia

Дискусија наместо насилство & Diskutim ne vend te dhunes

Diskusija namesto nasilstvoТука сме 50тина млади од  Струга, Скопје, Штип, Велес и Кичево. Сите сме членови на МОФ, а викендов реализираме тренинг за нови предавачи кои ќе ги водат дебатните клубови низ Македонија. Тука сме Македонци, Албанци, Турци, Срби и други, но тоа денес не е толку важно. Важно е дека оваа група се развива и шири дискусија и дебата меѓу младите низ Македонија.

Крајно сме загрижени поради последните изливи на насилство меѓу младите и граѓаните, непотврдените пораки дека тензијата е исклучиво на меѓуетничка основа и интензивирањето на сегрегацијата.

Наместо со физички пресметки или со апатија, како две крајности, повикуваме младите да се ангажираат и да се мобилизираат за да ги научат своите права, да ја вежбаат демократијата, да се здружат и да дејствуваат онака како што им прилега, со активизам.

Младите треба да притискаат кон институциите, но и да се нудат како релевантен партнер. Комуникацијата меѓу младите и институциите мора да започне веднаш. Младите треба да имаат секојдневен контакт со Министертвото за образование и со Агенцијата за млади и спорт, а не со Министерството за внатрешни работи.

Сметаме дека тензиите и насилствата на етничка основа само ќе ја ослабат позицијата на младите во општеството, а младите не смеат да го дозволат тоа.

Повикуваме на разум и на отпор кон секоја форма на насилство и агресија. Насилството мора да запре. 

До институциите, професорите и родителите:

Ги повикуваме институциите, професорите и родителите  да ги мотивираат младите на дискусија со своите врсници од различна етничка, верска, културна, политичка или било која друга припадност. Партиите, професорите и родителите мора да се одважат и во интерес на своите деца да работат многу повеќе на надминување на разликите и предрасудите и актуелните проблеми.

Младите посегнуваат по насилството најмногу поради тоа што нивната енергија не се канализира низ институциите и не се овозможува нивните идеи и ставови да бидат слушнати и признаени.

До медиумите:

Ги замолуваме и медиумите да овозможат пренесување на ставовите на младите во јавност, да и дадат простор на интеграцијата и бидат активен играч во смирувањето на тензијата.

Физичките пресметки заслужуваат медиумско внимание, но во вакви моменти тоа не смее да биде пренагласено и нападно пласирано. Уште помалку е потребно нагласување на етничките припадности на граѓаните во било кој контекст, па и во контекст на физичките пресметки.

Младите во Македонија ги споделуваат истите проблеми и интереси. Нашите реални заеднички проблеми се многу поголеми од разликите кои постојат меѓу нас.

Младите имаат поважни, заеднички проблеми

За нас најголеми проблеми се невработеноста, исклученоста од одлучувањето, слабото средношколско и студентско организирање, недовербата кон институциите.  Истражувањата покажуваат дека младите од различни националности се чувствуваат подеднакво исклучени од општеството и споделувааат зеднички проблеми.

Етничките разлики постојат и за нив сме сите свесни, но од нив не треба никој да прави проблем. Ние повикуваме на почитување на различното, толерирање на ставовите кои се различни од нашите и на учење едни од други.

Сојузот на студенти се жали на погрешна врата


Отворено писмо до Студентскиот сојуз на Универзитет Св. Кирил и Методиј

Минатиот четврток весникот „Вечер“  на својата насловна страница го објави текстот „Ќе те “решам” за 100 евра, а може и за “две тегли ајвар”“ кој предизвика реакции кај студентите и  интернет заедницата поради стереотипизацијата на студентите кои живеат во домовите, сомнителноста на информациите, но и контроверзната изјава на Сојузот на студенти.
Со цел подобро да ја истражиме ситуацијата пред да ја искажеме нашата реакција, успеавме да откриеме дека не станува збор за текст од 2012, туку плагијат на постар текст објавен во весникот Шпиц. Во тој момент не постоеше никаков демант за изјавата од страна на Сојузот на веста која ја пренесе „Вечер“ и всушност МОФ откри дека станува збор за плагијат, и дека изјавата не датира од 2012 од самиот Студентски сојуз на УКИМ туку од 2009 од Претседателот на Сојузот на студенти на Филозофски факултет.

Сепак, во МОФ пристина писмо од  Сојузот во кое реагираат за коментарите на членови на МОФ на Фејсбук, за користењето на името Сојуз на студенти наместо Студентски парламент, и објавување на невистинити информации и бараат формално извинување за истите.

Подолу следи нашиот одговор на овие забелешки на Студентскиот сојуз на УКИМ:

1. Членовите на МОФ имаат право на сопствено мислење, и МОФ не може да одговара за индивидуалните изјави на своите членови. Дополнително, реакциите на членовите се резултат на изјава која ги деградира студентите од внатрешноста и вели дека за некои луѓе да имаат „нормален“ живот, единствениот избор е проституцијата. Напротив, немање реакција на ваква изјава би било загрижувачки.

2. МОФ секогаш се обидувал да учестува во аргументирана дискусија, да истражува и нуди конкретни мерки и активности. Нам ни е доволно важна позицијата на студентите во Македонија што и покрај сите гафови на ССУКМ, пасивност и идеолошки разлики, на неколку наврати имаме седено на иста маса и разговорано на иста тема.
3. МОФ нема  објавено невистинити информации, напротив ги разоткри истите додека од ССУКМ немаше никаква реакција. Медиумот „Вечер“ пласира застарени и туѓи информации, и реакциите на ССУКМ за злоупотреба на името и ширење невистинити  информации треба да бидат упатени таму.

4. Весникот „Вечер“ го користи името „Сојуз на студенти“  во својот текст.
Сепак, МОФ смета дека има право да го нарекува СПУКМ Сојуз на студенти, бидејќи претставува рудиментиран модел на студентско организирање кој до пред неколку години се нарекуваше Сојуз. Иако Сојузот го промени името во Парламент, тоа не се случи со структурата и членството. МОФ ќе го признае Парламентот кога тој ќе биде транспарентен, плурален и демократски.
За крај, МОФ нема да се извини за реакциите на своите членови на погрешно пласираната вест на „Вечер“, за користење на името кое е реален одраз на организацијата на ова тело, ниту за објавување на невистинити информации бидејќи тоа го нема направено. Напротив, го разоткривме потеклото на она што го објави „Вечер“, додека од ССУКМ се уште нема официјална реакција во јавноста.

Ние побаравме весникот „Вечер“ да се извини на студентската јавност за лажните наоди, како и од Здружението на новинари на Македонија да реагира за грубото кршење на новинарската етика и професионализам.

Доколку ССУКМ се промовира себе си како заштитник на студентите, треба прв да излезе со реакција, а не лично да го напаѓа МОФ за пропустот на Вечер.