Република Млади во Скопје: Речиси 50% од младите во Македонија се невработени, а дури 96.6% од младите би почнале со работа наредната недела

Republika Mladi vo SkopjeЕден од најголемите проблеми на младите во Република Македонија е невработеноста. Додека во државата вкупната стапка на невработеност е 32%, за младите на возраст од 15 до 29 години таа е значително повисока и изнесува дури 45.8%, што значи дека речиси половина од младите во Македонија се невработени.

99% од младите сакаат да работат, а само 17.9% или помалку од една петина заработуваат свои пари преку работа. Шокантен е фактот што неверојатни 96.6% од младите би почнале да работат наредната недела. Ова се резултати изнесени од истражување, реализирано од Реактор-истражување во акција, на јавната дебата – Република Млади. Оваа дебата, реализирана во Скопје, е дел од циклусот дебати организирани од Иницијатива за младинско учество (mladizakon.org).

Во салата, преполна од млади и младински организации, немаше претставници на државните институции(Агенција за вработување на РМ, Агенција за млади и спорт, претставници на бизнис сектор, претставници на факултети), како би ги слушнале младите и нивните проблеми и потреби. Младите, во повеќе наврати изразија револт кон ваквиот чин.

Невработеноста е само еден од проблемите на младите. Покрај вработување, младите сакаат да бидат вклучени и во процесите на одлучување, да има плурализам во младински одлуки, односно нивно директно учество.

Марјан Забрчанец, од Младински образовен форум, посочи дека доколку се носи Закон за млади, тој треба соодветствува на потребите на младите и им дава можност на младите да бидат директно вклучени во социјалните случувања. Токму затоа е организирана и оваа јавна трибина за широко учество на младите со свои мислења и препораки кои ќе влезат во т.н. Бела книга.

Линдита Реџепи, од Центарот за меѓукултурен дијалог од Куманово,  посочи дека е неопходно да се здружат младите како би биле поефективни во исполнување на своите цели, „последно што треба да се случи во оваа држава е да имаме паралелни групи на македноци, албанци, срби, роми, но и оние од рурални средини или со одредени попречености“.

„Младите мора да бидат консултирани, за да не се одалечат од општеството, како понатаму не би одговориле на општестовото со протест“, изјави Матијас Кристенсон, од Европски младински форум. 

Како одговор на изнесените мислења на  говорниците и младите, се донесе заклучок дека е соодветно да се создаде Младински парламент, кој би бил најдемократска форма за организирање на младите.

Препорака испратена до младите, во недостаток на функционална стратегија за млади, е да бидат похрабри и погласни кога сакаат да го споделат својот став.

Уста пуста отворете, нека каже ако боли

На 10 декември пред 63 години Генералното Собрание на ООН во Њу Јорк ја усвои и прогласи Универзалната Декларација за човековите права (УДЧП) со што за прв пат во историјата беше пратена глобална и јасна порака за универзалната важност на заштитата и остварувањето на правата на луѓето насекаде и подеднакво за сите. Оттогаш наваму секоја година низ светот заштитниците и промоторите на човековите права го прославуваат овој ден и потсетуваат на суштината и содржината на правата и слободите во животот на секој човек.

Младински образовен форум (МОФ) е младинска граѓанска организација која повеќе од 12 години се залага и активно работи на вредностите како што се дебата во демократско општество, култура на дијалог и толеранција, владеење на правото и заштита на човековите права, младински активизам и слободоумно размислување и изразување. Затоа, МОФ реши оваа година на Меѓународниот ден на човековите права да повика на внимание во јавноста за важноста и значењето на слободата на изразување како најактуелно и најсуштинско прашање од областа на човековите права денес во нашето општество.

Загрижени од општата состојба во нашето општество кое изобилува со говор на омраза и недостаток на дијалог и слободно изразување, но исто така и инспирирани од силната порака на светскиот просветителски мислител Волтер кој вели “можеби не се согласувам со тоа што го кажуваш, но ќе се борам до крајот на животот за твоето право да го кажеш тоа”, и ироничната порака на нашиот голем поет Кочо Рацин во неговата „Елегии за тебе“ која вели “уста пуста затворете, да не каже дека боли”, сакаме на јавноста да и укажеме на важноста на слободното размислување и изразување на сопствените ставови за одржување на демократијата.

Слободното изразување во сите сфери на општеството (помеѓу граѓанските организации, помеѓу младите, во политичкиот живот, во институциите во бизнисот и најважно во медиумите) претставува кислород за демократското живеење без кој целиот поредок не може да се нарече ниту современ ниту демократски. Слободната размена на идеи помеѓу слободни луѓе е клучот за формирање на пазар на идеи меѓу кои се препознаваат и анализираат различните ставови и концепти.

Различните ставови се основа за формирање на категориите на мнозинство и малцинство во едно општество и тоа не само по етничка туку уште повеќе по идеолошка или некоја друга основа. Но, слободното изразување и толеранцијата на различните мислења, во такви услови, претставува сигурносен вентил преку кој се изнесуваат вистинските и потенцијалните „фрустрации“ на оние поединци и групи кои не се согласуваат со моменталните општествени сиутации кои можат да им предизвикаат општествени фрустрации. Преку слободното изразување во својата средина и во медиумите овие фактори имаат можност да критикуваат и предлагаат решенија за општеството. На тој начин се амортизираат потенцијалните нивни агресивни и насилни реакции, а судирот на концепти станува нормална состојба на разменети ставови во јавниот дискурс наспроти агресија и омраза. Затоа МОФ порачува дека критиката е секогаш поздрава опција од насилството.

Слободата на изразување и комуникација во јавноста се уреден меѓународен стандард кој ги разликува демократските од авторитарните општества, а Република Македонија со својот Устав ги уредува и гарантира слободата на мисла, говор и комуникација. За крај на ова обраќање ги цитираме клучните членови од УДЧП и од Уставот на РМ кои ги уредуваат овие прашања за подсетиме за содржината и значајноста на слободата на изразување, но и за да ги поттикнеме сите луѓе во Македонија слободно да говорат и да размислуваат секој ден, а не само денес, на 10 декемри, Меѓународниот ден на човекови права.

Член 19 од Универзална декларација за човекови права на ООН:
„Секој има право на мислење и на негово изразување. Ова право ја вклучува слободата да се држи/има мислење без надворешно мешање и право да се бараат, примаат и предаваат информации и идеи преку каков било медиум и без оглед на границите“.
Член 16 од Уставот на Република Македонија:
„Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање…  Цензурата е забранета“.
Младински образовен форум ви го честита 10ти декември, Меѓународниот ден на човекови права

Видео: Слобода на изразување – Ден на човекови права

Студентите се свесни за корупцијата, но одбиваат да ја пријават

На 06 Декември во просториите на ГЕМ (Менада) се одржа прес конференција со цел презентација на резултатите од истражувањето на тема: Поткуп во високообразовните установи, кое беше спроведено од страна на Младински образовен форум. Во склоп на презентација на резултатите од истражувањето, беше промовирана и публикација со наслов: Пакет за прва помош – Студентски прирачник за истражување на корупцијата во високото образование кој претставува финален производ  од повеќегодишните истражувања на Младински образовен форум како дел од Антикорупциска студентска мрежа во Југоисточна Европа [Anti Corruption Student Network (ACSN)].

Резултатите од истражувањето на тема „Поткуп во високообразовните установи“ наведуваат на заклучот дека митото и поткупот постојат во изразена форма во високото образование и дека студентите се свесни за нивната појава. Сепак, кај студентите постои толеранција кон митото и поткупот, па дури и потикнување наместо пријавување.

Резултатите од истражувањето се следните:
Дали некогаш си бил/а изложен/а на некои од случаиве наведени подолу?
·    Високи 32% од испитаниците навеле дека биле приморани да ја носат сопствената копија од книгата или скриптата на професорот за да учествуваат на часовите, односно предавањата, додека 24% познаваат некој на кој му се случило истото. Истовремено 34% од испитаниците изјавиле дека биле приморани да ја имаат книгата, односно скриптата на професорот за да им биде дозволено да го полагаат испитот.

Дали некогаш си бил/а изложен/а на некои од случаите наведени подолу?

·    На прашањето дали некогаш се нашле во ситуација да мора да посетуваат платени приватни часови кај некој од професорите/асистентите со коишто им се гарантира повисока оценка 4% од испитаниците одговориле дека им се случило на нив, додека пак 28 % одговориле дека познаваат некој на кој му се случило.
·    На прашањето за нудење на услуги на професор/службеник во возврат за други услуги, 1% одговориле дека се нашле во таква ситуација, додека 34% одговориле дека познаваат некој на кој му се случило.

Што би направил/а ако се најдеш во ситуација да мораш да купиш книга/скрипта
која професорот ја поставил како услов за добивање на потпис или полагање?

·    На ова прашање 44% од испитаните студенти одговориле дека би ја купиле книгата/скриптата и не би го пријавиле професорот, а 21% би го пријавиле професорот, но само доколку тоа е анонимно.

Дали некогаш си одбил да ја купиш книгата/скриптите на професорот иако тоа било поставено како услов за добивање потпис или полагање?
·    Високи 58% од испитаните одговориле дека никогаш не одбиле да ја купат книгата односно скриптата на професорот, доколку тоа било поставено како услов за добивање потпис, односно положување на испитот.

Кој може да понуди мито (пари, подароци или услуги) на професорите на твојот факултет?
·    На ова прашање 33% од студентите одговориле дека поткуп може да понуди секој кој сака и кој има доволно пари, 32% дека тоа го можат оние кои имаат врски или на кои посредникот односно професорот им веруваат, а само 6% одговориле дека на нивниот факултет е невозможно да се понуди мито.

Ако се најдеш во ситуација да изгубиш година, стипендија, или право на студирање, дали би направил/а нешто од подоленаведеното во обид да ја промениш ситуацијата?
·    19% од испитаниците одговориле дека би побарале фамилијарни, пријателски или политички врски, додека дури 47% велат дека би размислиле за таа можност. 4% би понудиле пари или подароци на професорот или на службено лице, додека 14% би размислиле за таквата можност.

Во која од следниве институции и личности имаш најмногу доверба кога станува збор за пријавување на корупција?
·    На ова прашање 21% од студентите изјавиле дека не би пријавиле корупција никаде, додека пак од оние кои би пријавиле случаи на корупција 26%  би пријавиле во Антокорупциска комисија. Кај деканот на факултетот би пријавиле 8%, кај Студентскиот парламент на УКИМ 5%, додека во ректоратот би се обратиле 1% од испитаниците.

Истражувањето е спроведено на случаен примерок од 302 студенти, од шест факултети (Машински фаултет, Факултет за електротехника и информациски технологии, Правен факултет, Економски факултет, Филозофски факултет и Филолошки факултет) на УКИМ, во текот на мај 2011.

На прес конференцијата во својство на говорници се појавија Марија Мирчевска, Дона Костуранова, Мартин Алексоски и Петар Димитров кои ги презентираа резултатите. Прес конференцијата беше посетена од страна на претставници на институциите и на граѓанскиот сектор, особено од оние кои работат на полето на борба против корупцијата или пак кои се дел од високото образование со цел да се покрене дискусија меѓу засегнатите страни за спречување на корупцијата во високото образование.

На настанот беше промовирана и публикацијата Пакет за прва помош – Студентски прирачник за истражување на корупцијата во високото образование која е финален производ од повеќегодишните истражувања на оваа тема која има за цел да ги доближи истражувачките алатки до студентите и да поттикне иницијативи за спречување на појавата на корупција.

[Прес конференција] “Поткуп во високото образование”

Potkup vo visoko obrazovanieНи претставува особена чест да ве поканиме на прес конференцијата на која Младински образовен форум ќе ги презентира резултатите од истражувањето на тема: “Поткуп во високото образование” како и ќе ја промовира публикацијата со наслов ”Пакет за прва помош: Студентски прирачник за истражување на корупцијата во високото образование”.

Настанот ќе се одржи на 6 декември со почеток во 11:00 часот во просториите на ГЕМ, во старата скопска чаршија.

Причината зошто оваа тема е во фокусот на нашиот интерес е затоа што појавата на поткуп негативно влијае врз образовната програма, ја намалува социјалната кохезија, квалитетот на високообразовните служби и еднаквоста. Но она што е загрижувачко е и намалувањето на вредноста на знаењето и работната етика.

Според истражувањето, 39% од испитаниците знаат за случаи на нудење на пари на професори или службеници во возврат за други услуги, додека 34 % од студентите се запознаени со случаи каде нивни колеги морале да поседуваат учебник од професорот како услов за да полагаат испит.

На настанот ќе биде промовирана и публикацијата со наслов ”Пакет за прва помош: Студентски прирачник за истражување на корупцијата во високото образование” е комбинација на истражувачки искуства и експертиза во ова полето на истражување на корупцијата. Публикацијата е наменета за организации кои се занимаваат со истражување, но и за индивидуални истражувачи.

Би ни претставувала голема чест и задоволство доколку дадете поддршка на антикорупциките активности во рамките на високото образование.

Се одржува деветтиот Macedonia Open 2011

Младите од регионот дебатираат за слободата на изразување во случај на немири

2(2)“Државата треба да и даде приоритет на слободата на граѓаните пред безбедноста” и „Државата смее да воведе рестрикции на сите алатки за комуникација во случај на немири“ се двете теми на кои ќе дебатираат младите од регионот на престојниот дебатен турнир Macedonia Open 2011 кој ќе се одржува од 28-30 октомври во скопската гимназија Јосип Броз Тито. Користејки ја дебатата како алатка, средношколските делегации од Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, САД и Македонија ќе ги соочат своите мислења за потребата од ограничување на слободата на изразување за сметка на безбедноста на граѓаните.

Следејки го развитокот на настаните на светско ниво, протестите во Либија и Египет, но и младинскиот протест „Правда за Мартин Нешковски“  акцент исто така ќе биде ставен и на рестрикција на електронските медиуми и социјалните мрежи во време на протести и немири. 

…Во Република Македонија младите имаат пристап до електронски комуникации и слобода да ги искажуваат своите мислења и ставови. Но за жал во западните демократии владите ставаат предност на безбедноста на луѓето и ги загрозуваат слободите на граѓаните. Според мене владите треба да им дадат приоритет на правата на луѓето и да не дозволиме во било кој случај без разлика дали се работи за протест или немир да го изгубиме правото на пристап до електронски комуникации…Теодора Столевска- дебатер од Македонија.

…Во случаи кога се загрозува безбедноста на граѓаните за време на протести владите имаат право да ги изгасат социјалните мрежи и да им овозможат на граѓаните најнапред безбедно да живеат. Сметам дека во вакви случаи безбедноста секогаш треба да има предност пред слободите на граѓаните, сепак најважна работа на државата е да им обезбеди безбедно живеење Раде Шпегар, дебатер од Србија.

...Младите кои доаѓаат од земји каде има недостаток на квалитетна јавна дискусија на овој дебатен турнир ќе промовираат култура на дијалог на сериозни општествено политички теми. Овие ентузијасти млади лидери може да бидат пример за политичарите и јавните личности од регионот… Младински образовен форум преку своето работење во полето на дебата во изминативе 9 години постојано се обидува во јавноста да ја пласира потребата од дискусија на различни прашања и дебата за подобри решенија. – Бранкица Георгиевска, Младински образовен форум.

Турнирот се одржува 28-30 октомври 2011 во средното училиште Јосип Броз Тито во Скопје. Финалната дебата  на турнирот ќе се одржи во свечената сала на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје на 30 октомври 2011 година со почеток во 16 часот на која ќе се прогласи на победнички тим и ќе бидат прогласени и наградени и тројцата најдобри говорници на турнирот.

Сите дебати се од отворен карактер и секој заинтересиран граѓанин може да дојде и да ги следи дебатите.

Со врски до легло – најзастапено коруптивно дејствие во студентските домови

Денеска, 7ми октомври 2010, Младинскиот образовен форум ги презентираше резултатите од истражување за корупцијата во студентските домови.

Според резултатите од истражувањето може да се изведе заклучокот дека корупцијата во студентските домови е добро позната, секојдневна појава за која студентите се свесни. Според 32% од испитаниците  30 до 50 проценти од леглата се стекнати нелегално.  23% од студентите сметаат дека оваа бројка е 50 до 70 проценти, а 19% од испитаниците сметаат дека над 70 проценти од леглата се стекнуваат на нелегален начин.

Резултатите од истражувањето дадоа јасен одговор на серија прашања:

Каква е перцепцијата на студентите од домовите за проблемот со корупцијата во истите?

 77% од испитаниците се изјасниле дека најголем проблем во студентските домови претставуваат лошите животни услови, а како втор најголем проблем ја издвојуваат корупцијата (44%).

Причините за коруптивно однесување, две третини од студентите ги наоѓаат во преголемото политичко влијание врз управувањето на домовите. Според 52% побарувачката на леглата е поголема од понудата, а според 45% постои недостаток на контрола над кадрите во студентските домови.

 Како најголеми иницијатори на коруптивни дејства во студентските домови студентите ги посочиле партиите и политичките организации. Според 62% од студентите тие често иницираат коруптивни дејства.

Како втор најголем иницијатор на коруптивни дејства студентите го посочиле Студентскиот парламент на УКИМ. Според 54% токму студентите често се јавуваат како иницијатори на коруптивни дејства.

 Дека корупцијата е длабоко вкоренета во студентските домови сведочат и личните искуства на студентите. Дури 34% од испитаниците признале дека некогаш користеле лични познанства за добивање легло или стекнување некакви привилегии во домот, а 64% биле запознаени со такви случаи.