Младинско статус кво – 10 години стагнација: Истражување за младинскиот социјален капитал

Младински образовен форум спроведе истражување за состојбата со младинскиот социјален капитал во земјата, насловено „Младинско статус кво – 10 години стагнација“. Резултатите од истражувањето беа презентирани на online конференција која се одржа на 26-ти јануари, каде беа споделени наодите со претставници на државни институции и младински претставници.

Резултатите од истражувањето упатуваат на недостиг од овозможувачка околина за развивање на социјалниот капитал на младите. Повеќе од половина (54%) од средношколците никогаш не учествувале во решавање на проблем во нивната заедница. Половина од младите сметаат дека грижата кон заедницата не е нивна обврска – младите покажуваат релативно мал интерес за граѓански ангажман, а ¼ од средношколците не би учествувале во волонтерски активности. Младите имаат мала доверба во институциите и во своето дејствување примарно се упатени на примарните групи – семејството и пријателите. За жал, над 80% од младите никогаш за време на нивното образование немале обврска да ги следат тековните општествени настани. Младите не се учат да размислуваат критички и да преземаат одговорност за случувањата во нивната околина, а довербата во општествените институции има тенденција на опаѓање со стапувањето на младите во возрасно доба.

Целта на истражувањето е утврдување на социјалниот капитал (определен како мрежи на споделени норми, вредности и разбирање што поддржуваат соработка во и меѓу групите), ставовите кон и формите на граѓанско учество, како и ставовите и практикувањето на слободата на изразување меѓу младите во Република Северна Македонија. Во рамки на анкетното истражување учество земаа 1960 ученици од средните училишта во земјата и 1833 студенти од јавните високообразовни установи. На конференцијата беше презентирана и Младинската декларација – документ составен од млади чија цел е да се адресираат предизвиците со кои се соочуваат младите во областите образование, младинска невработеност, слобода на изразување, младинско учество, животна средина и препораки како истите да бидат надминати.

На конференцијата присуствуваа Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, неговата екселенција Дејвид Гир, Министерката за образование и наука Мила Царовска, директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, Координатор на клубот на млади пратеници во Собранието на Република Северна Македонија Јован Јаулески, Младен Фрчковски, раководител на одделение за пазар на трудот, Претседателот на Националниот младински совет на Македонија Бојан Петровски кои се осврнаа на наодите од истражувањето и младинската декларација.

Пораките кои ги слушаме од истражувањето се слика и огледало на денешницата, овие проблеми може да се увидат и во други држави во Европа, но најважно е дека младите луѓе бараат подобро образование, зачувување на животната средина, потранспарентни институции како и да бидат вклучени во процесот на носење одлуки а со цел да се слушне нивниот глас – изјави Амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир. 

Во моментов се уште се наоѓаме во образовен систем кој нуди знаења за факти со недостаток на образование кое поттикнува критичко размислување. Затоа е значајно да поминеме од фактографско знаење во учење кое поттикнува критичко размислување и да создадеме граѓани кои ќе ги предизвикуваат постојните позиционирани факти за да постигнеме развој во општеството – вели во своето обраќање Министерката за образование и наука, Мила Царовска. 

Истражувањето е реализирано во рамки на Проектот за младинско изразување кој МОФ го спроведува во партнерство со Младински сојуз – Крушево и Центар за балканска соработка Лоја, а e финансиран од Европската Унија.

 

Истражувањето е достапно на следниот линк.

Онлајн кампања: Силеџиството во твоето училиште

Силеџиството е една од најзастапените форми на непријателско однесување во нашиот воспитно-образовен систем. Од најмала возраст, речиси секое дете во текот на едукативниот процес се соочува со некоја од формите на силеџиство.

Членовите на клубовите Артивизам на Младински образовен форум во рамките на Проектот за младинско изразување изготвија онлајн кампања за силеџиство во средните училишта. Кампањата се одвиваше во неколку чекори. Прво, преку отворен прашалник беа добиени информации, податоци и статистики поврзани со силеџиството и намалување на говорот на омраза помеѓу средношколците. Прашалникот доби вкупно 133 одговори од средношколци од различни средни училишта во државата. Главната констатација беше дека моментално врсничкото насилство е застапено во голема мера во училиштата и дека е проблем на кој треба да се обрне повеќе внимание и да се работи на решавање на истиот.  Во вториот чекор младите членови на клубовите со менторството на Панде Ефтимов изработија дизајни според добиените одговори.

Финално, преку онлајн промоција на социјални мрежи беа објавени статистиките и заклучоците од прашалникот во форма на дизајни и беше изработена брошура која беше споделена со средношколци од различни училишта.

Целта на оваа кампања беше да се подигне нивото на свесност и одговорност околу овие прашања.

Сите дизајни можете да ги најдете на следниот линк.

Учиме Право на студиска посета во Агенцијата за млади и спорт

На 21ви октомври за членовите од Учиме право клубовите во Скопје беше организирана студиска посета на Агенцијата за млади и спорт. Десетина средношколци имаа можност одблизу да се запознаат со работата и процесите кои ги води Агенцијата за млади и спорт, можностите кои им се нудат на младите, како и за идните активности кои ќе ги спроведува оваа институција.

На самиот почеток претставниците на АМС направија куса прошетка со членовите низ деловните простории на агенцијата, а потоа да се отвори дискусија за надлежностите на самата институција и преку прашања кои директно ги засегат како младите и средношколците.

Дел од темите кои се опфатија во дискусијата беа младинската картичка, улогата на Агенцијата во секојдневниот живот на младите и активности кои ќе следат.

Посетата беше организирана во рамките на Проектот за младинско изразување, финансиран од Еврпоската Унија.

Повик за нови членови во Младинските клубови на МОФ во 2020 година!

Драги средношколци, Младински образовен форум отвора повик за нови членови во младинските клубови!

Клубовите на МОФ ќе ти овозможат да се предизвикаш себе си, да научиш многу во неформална атмосфера и да се вклучиш на бројни онлајн и офлајн локални, национални и меѓународни настани. Опкружувањето со супер друштво ќе те мотивира да се подобриш и да стекнеш нови искуства и знаења надвор од формалното образование.

Кој клуб е за тебе, зошто би се вклучил во младински клуб и како ќе изгледаат предавањата во текот на следната година, се информации кои ги има подолу во оваа објава. Разгледај ги описите на клубовите подолу во текстот и одбери каде ќе се вклучиш. Резервирај го своето место!

Во согласност со учебната година, предавањата во клубовите за средношколци ќе започнат во текот на ноември 2020, а ќе се случуваат онлајн се додка состојбата не дозволи да се дружиме во живо.  Термините во кои ќе се одржуваат неделните предавања ќе се договорат помеѓу членовите и предавачите на клубовите.

Линк до прашалникот за пријавувањекликни тука

АРТИВИЗАМ

Сакаш да експериментираш со уметноста како средство за слободно изразување? Сакаш да дознаеш како да станеш младински активист? Дали си склон кон стекнување нови знаења, нови другарства и нови идеи? Ти треба креативна слобода?

Тогаш клубовите – Артивизам во склоп на МОФ се местото каде што треба да членуваш. Артивизам е можност за тебе да практикуваш слобода на изразување и да се запознаеш со креативни начини за пренесување на своите ставови, интереси, афинитети, склоности, барања и идеи.

Во Артивизам клубовите ќе имаш можност да ги изградиш своите капацитети, дознаеш повеќе за себе и околината, стекнеш вештини и знаења, се забавуваш и креираш нов круг на пријатели.

Секоја година, повеќе од 200 членови од различни градови имаат можност од да научат за граѓански активизам, медиумска писменост, креирање младински весници, фанзини, мурали уметност, стенсили, стикери, постери, фотографија и видео прилози.

ДЕБАТА

Преку глава ти е од неорганизираните и безвредни дискусии кои секојдневно ги слушаш околу тебе?  Сакаш да научиш како вистински да дебатираш и да ја победиш секоја дискусија со пријателите и соучениците?  Или пак можеби имаш желба конечно да ја победиш вечната трема од јавни настапи и презентации и да станеш добар оратор?

Ако одговорот на барем едно од овие прашања е да, тогаш дебатната програма е вистинското место за тебе!

Дебатниот клуб на МОФ оваа година онлајн продолжува со својата работа! Во склоп на неделните предавања, ќе  научиш за компетитивна дебата, техниките за одржување на говор, побивање, аргументирање на туѓи аргументи и анализирање на теми од различни области и сфери. Ти и твојот тим ќе можете да се натпреварувате на локални, национални и меѓународни дебатни турнири.

Стани дел од дебатен клуб, и во следната дискусија наместо да го повишиш тонот, ќе го подобриш аргументот.

УЧИМЕ ПРАВО

Знаеш ли дека не смееш да повторуваш учебна година? Секој ученик има право на дополнителна и додатна настава. Дали се прашуваш што ти се случува кога ќе добиеш закана за бркање од училиште со 10 неоправдани?

Членовите на Учиме право клубовите имаат можност практично да се запознаат со работата на државните институции и службеници преку посети на рочишта во Основните судови, седници на општинските совети, средби со градоначалниците, претседателот на државата како и посети во разни институции и министерства. Ваквите активности се уникатен пристап и можност, за проучување на институционалниот систем, како на локално, така и на национално ниво.

Учиме право клубовите се насочени и кон подигање на свеста за средношколските права, организирање и учество. Преку предавањата, членовите ќе имаат можност да ги запознаат своите права и обврски во училиштето и заедницата, начините на кои може да ги остварат, но и механизмите преку кои ќе може да ги заштитат. Преку ова, Учиме право клубовите придонесуваат кон изградба на активни млади, гласноговорници против сите форми на потиснување на правата и активни чинителни во процесите на креирање политики кои нив ги засегаат, затоа зачлени се!

Доколку ви се потребни повеќе информации може да ни се обратите:
преку порака на facebook или Instagram страната на МОФ,
на obuki@mof.org.mk, или пак
на телефонскиот број: 02/3139-692

 

Младинските клубови на МОФ се дел од проектот за Ангажирање на младите за студентски и младински политики финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија и дел од Проектот за младинско изразување финансиран од Европската Унија.

Виртуелна средба со претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање

Овој понеделник, 05.10.2020, членови на младинските клубови на МОФ имаа можност да присуствуваат на онлјан посета на државна институција и виртуелно да се сретнат со претставници на Министерстворо за животна средина и просторно планирање и да разговараат со нив за надлежностите на Министерството.

Учесниците активно се вклучија во дискусија и поставуваа прашања поврзани со аерозагадувањето во претстојната грејна сезона, дилемите поврзани со отпадот, рециклирањето, екологијата во гратските подрачја, но и за заштитата на природните богатства и заштитата на езерата на нашата джава.

Учесниците на посетата беа информирани за начините на кои можат да контактираат со Министерството како и каде да се обратат кога сметаат дека истото треба да интервенира во согласност со нивните надлежности.

Посетата беше организирана во рамките на Ангажирање на младите за студентски и младински политики финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија.

Одржан првиот онлајн тренинг за тренери за средношколските клубови на МОФ

Триесетина млади луѓе од целата земја беа дел од првиот Онлајн Тренинг за Тренери за средношколските клубови на МОФ. Тренингот за нови дебатни тренери се одржа на 26-ти и 27-ми септември 2020, додека пак оние за тренерите за клубовите за артивизам и средношколските учиме право клубови се одржаа на 3-ти и 4-ти октомври.

Ваквиот тренинг, кој редовно се одржува на почетокот на секоја учебна година, има за цел да ги обучи нашите нови тренери за водење на онлајн клубовите во текот на претстојната година.

Во склоп на дводневните обуки беа реализирани неколку предавања на кои учесниците се запознаа со годишниот курикулум и тематските целини кои програмите ги нудат на своите членови. Ним исто така им беа пренесени и многубројните методолошки знаења, вештини и концепти за работа со млади средношколци од страна на нашите поискусни тренери.

Дополнително, учесниците беа обучени и како да ги водат и менаџираат своите идни клубови во текот на годината, но беа запознаени и со различните виртуелни алатки и платформи со помош на кои би реализирале современи и интерактивни онлајн предавања. Па така, дел од целите на овие тренинзи беа и пренесување на конкретни методолошки знаења и вештини за онлајн работа со млади луѓе. Учесниците беа запознаени со сите општи насоки, методи, техники, материјали, содржини и обврски за ефективно водење на клубовите. Тренингот ги запозна учесниците со методите на неформалното образование, одредени интерактивни пристапи во пренесување на знаења, вештини и креирање на предавања за млади.

Ѓорѓи Димески и Соња Митиќ работеа со новите дебатни тренери, Фари Хисени и Ристо Савески го спроведоа тренингот за новите учиме право предавачи, додека пак Ивона Кузмановска и Панде Ефтимов предаваа на обуката за новите предавачи во клубовите за артивизам.

Главната цел на овој Тренинг беше да се обучат идните тренери успешно да ги пренесуваат своите знаења од полето на дебатата, младински активизам и учиме право на помладите членови, но и да им помогнат во приспособувањето на кон онлајн предавањата кои би се реализирале во текот на оваа учебна година.

Обуките за новите предавачи на младинските клубови на МОФ се спроведоа во рамки на проектот за Ангажирање на младите за студентски и младински политики и со поддршка од Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

 

Учиме Право го посети Претседателот на Република Северна Македонија

На ден 25.08.2020 година, за членовите од почетниот клуб Учиме право во Младински образовен форум, беше организирана посета на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија и дискусија со претседателот Пендаровски.

На посетата учествуваа 20-тина членови од различни градови од земјата, а посетата беше реализирана во две поделени групи, соодветно со протоколите и препораките за заштита на здравјето.

За учесниците беше организирана прошетка во дворот и просториите на Кабинетот на Претседателот, на која имаа прилика да се запознаат со намената на просториите и позначајните настани кои се организираат во нив, како дочекување на странски делегати и претседатели, одржување на прес-конференции и обраќања кон јавноста.

Во рамки на дискусијат со Претседателот членовите имаа можност да дознаат нешто повеќе за неговата должност, неговите мислења и ставови за младинските прашања, но и општо да разговараат за концептот на демократијата, човековите права, функционирањето на правниот систем и теми кои ги интересираат нив како средношколци.

На крајот на посетата, претседателот Пендаровски испрати порака до учесниците „Вие, младите генерации треба побрзо да ги учите лекциите за демократијата. На политичарите не смеете да им дозволите да имаат мирен мандат“.

Посетата беше организирана во рамките на Проектот за младинско изразување, финансиран од Европска унија.

Одржана онлајн работилница – Активизам во твоето маало

Онлајн работилницата – „Активизам во твоето маало“ се одржа во периодот  7-ми и 10-ти август на
платформата за видео комуникација – ZOOM.

На работилницата учествуваа десетина млади луѓе кои се стекнаа со знаења за базичните,
елементарни алатки и клучните манипулативни техники на Adobe Photoshop. Но, најважно – тие
работеа на креирање коцепт за компаративна претстава на одреден простор во нивното маало (Тафталиџе, Карпош 4, Ѓорче Петров, Недопирливи – Битола, Железара, Куманово).

Оваа иницијатива насочува кон потенцирање проблеми, недостатоци и лоцира места кои можат
да се искористат како младински центри на општинско ниво. На овој начин се изразуваат
индивидуалните ставови, мислења, интереси, афинитети и склоности кога станува збор за
активистичко дејствување.


Всушност, преку продуктите кои ги изработија учесниците – претставени се интересни младински
размислувања за искористување на активизмот и урбанизација на просторот во кој живеат. Со
ова се потенцира претставата за убава, средена, чиста и функционална урбанизација на просторот
во нивното маало.


Целта на кампањата е преку младински активизам да се подигне свеста за потребата за простор
во кој младите од заедницата ќе може да разменуваат идеи, да творат и да се дружат слободно.


Работилницата е дел од Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

#МладинскиПросторВоСекоеМаало

70 учесници на Онлајн Младинската Академија ја креираа првата Декларација за млади

Изминатава недела, 17-20 август, тимот на МОФ ја организираше првата Онлајн Младинска Академија. Настанот, кој традиционално се одржува во летниот период, овојпат за прв пат беше реализиран во онлајн форма, преку виртуелната платформа за видео-комуникација Дискорд.

Летната Академија, која МОФ годинава ја организираше по деветти пат, на повеќе oд 70 средношколци им понуди разни неформални предавања и содржини кои имаа за цел да го продлабочат нивното знаење,  да ги запознаат со начините за активно вклучување во општеството и критичко размислување со цел поголем придонес кон позитивни промени. Оваа година, како продолжеток на претходната Младинска Академија, учесниците се вклучија во креирањето на првата национална Младинска декларација – Youth Print – документ кој ќе ја подобри младинската позиција во општеството.


Содржините на Онлајн Младинската Академија беа поделени во четири модули – секој со различен пристап кон остварување на целите за подобро и поголемо младинско учество во општеството. Покрај одбраните модули, младите имаа можност да слушнат и неколку неформални отворени предавања на разни теми и области како: ментално здравје, одржливо живеење, претприемништво, продукција на музика, театар.

Првпат сум дел од вакво нешто, но пресреќна сум што се пријавив. Преубаво искуство и корисно исполнето време“, сподели со нас Наталија по завршувањето на Летната Академија.

Таа, заедно со уште дваесетина средношколци, учествуваше на траката за Академско Пишување 101 каде научија нешто повеќе околу начинот на кој се подготвува еден академски труд, како правилно се истражува за него, но исто така научија и како се пополнуват некои поважни документи и барања со кои ќе се среќаваат во текот на нивниот понатамошен академски живот.

Продуктивно искористено време! Интеракција меѓу членовите, комуникација без предрасуди и сочуство/разбирање на едно високо ниво. Доколку барате можност да го искажете вашето мислење без да бидете отфрлени со фразата ,,Што знаеш ти? Мал/а си!” и истовремено да научите нови корисни нешта оваа академија и воопшто МОФ е вистинското место за тоа. Едвај ги очекувам следните активности“, вели Христина, која пак учествуваше на траката за Виртуелно Аргументирано Изразување која се фокусираше да ја подобри примената на аргументациските вештини и способности во виртуелниот свет кај учесниците, како и подетално да објасни што претставува аргументот и критичката мисла и зошто се тие важни во денешниот свет.

„Прекрасно искуство за секој кој сака да научи нешто повеќе од она што се учи на училиште, да се запознае со многу нови деца и да сподели мислење, искуство, впечаток… Мене лично премногу ми се допадна академијата, предавањата, дебатите и многу ми е жал што заврши и едвај чекам да се организира уште еднаш нешто слично, затоа што по оваа академија се исполнив со многу позитивна енергија“, споделува Маја за нејзиното учество на Летната Академија како дел од траката за Аргументирано Изразување.

„Академијата беше едно ново искуство за мене каде можев да научам и слушнам нешто што никој не го споменал во училиште. Во изминативе 4 дена имавме можност да ги изнесеме своите идеи за подобрување на животот на младите во нашата земја, а со тоа да создадеме и нови пријателства“, вели пак Матеја за своето учество во траката за Академско Пишување.

Иако условите беа далеку од идеални и целосно беше оневозможена дружбата во живо, сепак првата Онлајн Летна Академија на МОФ заврши навистина успешно и ги реализираше своите зацртани цели – да им овозможи на младите простор и платформа да ги искажат своите ставови, да бидат ислушани и да ги продлабочат нивните знаења и можности за повисоки цели. И, секако, да им овозможи место за создавање нови пријателства со врсници од целата држава.

Целосната верзија на документот Младинска Декларација ќе биде промовиран и потпишан од носителите на одлуки и креатори на политики во периодот кој ни следи.

Им благодариме на сите предавачи, учесници и организатори на академијата кои го овозможија ова четири-дневно дружење.

Оваа активност е дел од Проектот за Младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

 

 

 

 

 

Јавни дебати: Слобода на изразување во три чина

Младински образовен форум, во рамки на својата дебатна програма, го најавува новиот Циклус на Јавни Дебати: „Слобода на изразување во три чина“.

Општествените проблеми со кои секојдневно се среќаваме и за кои се водат безгранични дискусии, честопати ја заматуваат сликата за суштината на самите проблеми и потребата од нивно решавање.

Ваквата појава се повеќе ја поставува потребата од организирана дискусија на дадената тема, се со цел јасно да се увиди која е позадината зад целиот проблем и како до негова солуција.

Токму организираните и аргументирани дебати се решението на овој проблем. Почнувајќи од 4ти август, во текот на ова лето МОФ ќе одржи 3 Онлајн Јавни Дебати водени од искусни дебатери и тренери од нашите клубови. Дебатите ќе бидат стримани во живо на Фејсбук страната на Младински Образовен Форум и ќе покријат теми од неколку различни области кои ја диктираат сферата на дискусии во јавниот простор денес.

Дополнително, пред одржувањето на секоја од дебатите, публиката ќе може да им постави прашања на говорниците поврзани со самата тема на дискусија. Прашањата ќе можат да се постават на инстаграм профилот на МОФ (@youtheducationalforum), во текот на целиот ден пред одржувањето на дебатата.

Повеќе информации околу одржувањето на Јавните Дебати ќе можете да најдете на Фејсбук настанот (линк од евентот) на МОФ, како и на нашиот Инстаграм профил (и тука линк од профилот).

Дебатите се организираат во рамки на Проектот за младинско изразување. Проектот е финансиран од Европската Унија.