Отворен повик за учесници на: Онлајн Младинска Академија 2020

Онлајн Младинската Академија 2020 е првата онлајн младинска академија на МОФ. Академијата ќе понуди содржини преку кои учесниците ќе може да се запознаат со начините за активно вклучување за социјалните промени преку искористување на виртуелниот простор, но и ќе учествуваат во креирањето на првата национална Младинска декларација – Youth Print – документ кој ќе ја подобри младинската позиција во општеството.

Повикот е отворен за сите млади од 15-18 години кои периодот 17-20 август 2020 година сакаат да го поминат работејќи на своите вештини за критичко размислување и општествена вклученост, преку активности за неформално образование.

Пријавувањето е отворено заклучно со 2-ри август (недела) 2020 година, а сите заинтересирани млади, можат да го прочитаат описот на Траките на Младинската Академија (достапен подолу) за да ја изберат својата трака, па да се пријават со пополнување на следниот прашалник. Доколку имате прашања, можете да пишете на следната мејл адреса: akademija@mof.org.mk.

Секој учесник ќе има прилика да избере една од траките (ПОДКАСТирање 101, Виртуелно аргументирано изразување, Онлајн (не)правда и Академско пишување 101) и да учествува во сите активности планирани и креирани за академијата. Покрај предавањата по траки и Youth Print сесиите, ќе имате можност да изберете помеѓу интересните предавања кои ги подготвивме за вас од областите: ментално здравје, аrtificial intelligence, space law, sustainable living, продукција на музика, претприемништво и театар. Младинската академија претставува збир од активизам, образование, пријателство и создавање на социјална промена, а се организира преку Проектот за младинско изразување. Проектот е финансиран од Европската Унија.

 

ОПИС НА ТРАКИТЕ:

ИАКМОП – Академско пишување 101

Разум губиш со „фусноти“1, а треба да изработиш онлајн презентации? Веќе си добро запознаен со „writer’s block?

Сакаш да научиш како правилно да истражиш, да стигнеш до вистинските факти и да изработиш истражување на која било тема?

На траката Академско пишување 101 ќе имаш можност да се запознаеш со основите на академско пишување и презентирање на факти. Ќе се стекнеш со вештини и трпение за истражување кои понатаму ќе ти послужат за изработка на писмени работи, училишни проекти и проектни задачи без да гуглаш „izrabotka na seminarski eftino“.

Преку Академско пишување 101 ќе вежбаш критички пристап кон информации и презентирани наоди, а ќе се запознаеш со многу нешта кои досега не си имал/а прилика да ги научиш во училиште, а честопати се интегрален дел од сите твои оцени, особено во онлајн наставата.

Посветените ментори со големо истражувачко искуство ќе соработуваат со тебе, насочувајќи те низ алатките и гигабајтските лавиринти од симнати, но непрочитани текстови, па под нивно менторство ќе може да се изработи и кус истражувачки текст кој потоа ќе биде објавен на веб страната на МОФ.

(1) белешка под текстот што објаснува поблизу некои делови од текстот или споменатиот податок, односно термин. Подножната белешка се означува со натпис во облик на горен индекс или со ѕвездичка на горната десна страна од последната буква на зборот во текстот.

 

Учиме право – Онлајн (не)правда

Пионери, пионерки, хакери и сајбер ѕверки?

Те нервира кога ќе видиш злоупотреба на социјалните мрежи, но не знаеш како да го посочиш проблемот, освен спамање на „Фејсбук“ со пријави?

Сакаш да се запознаеш со онлајн бонтонот и ти се зборува за онлајн булинг и слободно изразување на социјалните мрежи?

На траката Онлајн (не)правда ќе ги дознаеш твоите права на онлајн платформите, нивните граници и како да се заштитиш кога се чувствуваш загрозено. Ќе се запознаеш со концептот на авторски права и начинот на преземање и споделување содржини. Дополнително, ќе имаш можност да слушаш предавања на тема сајбер булинг и каде да се обратиш ако онлајн правата ти се прекршени.

Траката за онлајн (не)правда ќе посочи на големата слика и ќе те научи како свесно да објавуваш и споделуваш информации на интернет. Секое снимено видео, секоја испратена слика, статус и твит имаат милиони начини за интерпретација, па некои од нив може да доведат до можно загрозување на угледот и секојдневието на корисниците на виртуелните алатки.

 

Младински активизам – ПОДКАСТирање 101

Имаш многу да кажеш, но те фаќа трема пред камера?

И Спотифај пристигна кај нас, а тебе ниедна содржина таму не ти фаќа 👀
Тогаш креирање сопствен подкаст е решението за тебе!

На првата онлајн Младинска Академија на МОФ, на траката „Подкастирање 101“ ќе имаш можност да се запознаеш со основите на правење подкаст и да ја сефтосаш својата идеја за аудио изразување во тим со други средношколци од целата држава. Искусни аудио новинари од Радио МОФ ќе го пренесат своето знаење, вештини и tips and tricks, ќе ги споделат и тајните на правење подкаст среде пандемија, за кон крајот на Академијата ти да работиш на твојот прв подкаст кој ќе биде објавен на Радио МОФ.

Покрај техничката основа, опфатен ќе биде и креативниот дел од продуцирањето подкаст – бирање теми, гости, презентација во онлајн просторот, однос со публика…

П.С. Радио МОФ е во постојана потрага по млади кои сакаат да го искористат аудио просторот за споделување интересни содржини, па ако ептен се пронајдеш во креирање подкасти можноста за сопствен подкаст кој би одел на Радио МОФ е отворена.

 

Дебата – Виртуелно аргументирано изразување

Те фаќа сафра, лето е и сонце пече, а има пандемија?

Сметаш дека социјалните мрежи не се добра платформа за аргументирана дебата, а ти имаш толку многу да кажеш и споделиш?

Приклучи се на дебатната трака за оваа летна академија! Предавањата на Дебатната програма на МОФ се фокусираат на примена на аргументациските вештини и способности во виртуелниот свет и plot twist 🤯 во онлајн сферата!

Предавањата ќе содржат осврт и објаснување на основните дебатни алатки и критичко размислување, односно аргументот и аргументираното изразување, како и детална анализа на елементите на овие алатки и нивното правилно користење во реалниот, но и во виртуелниот свет.

Траката ќе се осврне кон фактичкото поддржување на ваквите аргументи, односно како да се искористат онлајн алатките и методите кои се нудат денес за да се направи едно правилно истражување и наоѓање на издржани примери и докази.

На самиот крај, на предавањата ќе се посвети време да се објаснат разните вештини за презентирање на целосно аргументираните ставови во поддршка на критичкото размислување, со особен осврт кон методите за јавно изразување, како и сите останати презентациски вештини.

Академијата се спроведува со поддршка од Град Скопје во рамки на проектот за Младинско изразување финансиран од Европската Унија.

 

Дебатата се сели онлајн

Продолжување на националниот карантин и воведување на вонредната состојба на територија на целата земја целосно ги затвори јавните институции, училиштата, факултетите, а заедно со нив ја прекина и работата на клубовите во рамките на програмите на Младински образовен форум.
Меѓутоа потребата формалното образование континуирано да продолжи и да ја бара својата моментална позиција на разните онлајн алатки значеше многу и за неформалното образование кое оваа организација го нуди.
Во годишниот курикулум за редовни неделни предавања останаа уште многу теми непокриени и многу тези неиздебатирани па затоа, почнувајќи од оваа недела, Дебатната програма на МОФ ги префрла сите свои клубови и редовни предавања онлајн. 12 вакви предавања веќе беа реализирани изминатите денови, а повеќе од 30 средношколци активно се ангажираа и покажаа интерес за ваквиот нов метод на предавање.
Знаењето што го добиваа нашите членови во просториите на МОФ и средните училишта за време на викендите ќе продолжи активно да се пренесува до нив со помош на разни електронски платформи, а нашите предавачи ќе продолжат кај нив да ги градат вештините за аргументираното изразување, критичко размислување, тимска работа и јавно говорење.
Во меѓувреме, следете ги ознаките #ДебатаМК и #СедиСиДома на социјалните мрежи каде постојано ќе ве информираме за последните случувања и активнсти на МОФ за време на оваа состојба.

Студиска посета на Собранието на Република Северна Македонија

30-тина членови на Учиме право клубовите кои функционираат во Скопје, на 20.2.2020 година учествуваа во организирана посета на Собранието на Република Северна Македонија.

Средношколците имаа прилика одблиску да се запознаат со работата и просториите на законодавниот дом, односно дознаа каде Претседателот на Собранието дава изјава за медиуми, каде ги пречекува останатите функционери и гости, но и главната просторија каде се одржуваат главните седници со избираните претставници од народот.

Целта на овие посети е запознавање на младите со работата на институциите и поттикнување на младите за нивна проактивност во понатамошна соработка и пристап до државните институции кои би придонеле кон адресирање и решавање на нивните проблеми и прашања.

Учиме Право клубовите функционираат со поддршка на проектот за Ангажирање на младите за студентски и младински политики финансиран и Проектот за младинско изразување.

 

Акција во ОУ „Владо Тасевски“

Членовите на напредниот клуб Артивизам на Младински образовен форум заедно со ученици, родители и наставници од основното училиште „Владо Тасевски“ на 20-ти и 25-ти октомври организираа акција за креирање на училница на отворено за учениците кои посетуваат одделенска настава во училиштето и катче за игра за најмалите ученици.

Во текот на акцијата дворот беше уреден со рециклирани материјали – стари гуми кои во акцијата беа соодветно украсени, палети кои прераснаа во клупи и огради и нови масички, додека пак на ѕидовите беа исцртани мурали кои се поврзани со едукација и концептот кој се работеше.

На 20-ти ноември, по повод Светскиот ден на детето и детските права, со приредба и проекција на кратко видео беше промовирана „Отворената училница“ на настан организиран од учениците и наставниците во училиштето.

Акцијата е дел од Проектот за младинско изразување финансиски поддржан од Европската Унија.

Финален настан од медиумската кампањата #УраЗаКултура

Со поголема солидарност меѓу младите уметници, посилна поддршка од институциите и повеќе ентузијазам ќе има и повеќе култура во јавните простори, сметаат говорниците на отворената дискусија поја се одржа на 26-ти септември 2019 во Зградата на Железничарите во Скопје, како финален настан од медиумската кампања #УраЗаКултура на Радио МОФ.

Локални уметници, активисти и архитекти, но и станарите на зградата во која се одвиваше дискусијата ги споделија и спротивставија своите ставови и размислувања за развојот на културата на јавните простори.

Фотографија: Ванчо Џамбаски

Маја Лозаноска и Сара Симоска од МЕЛЕЕМ Скопје раскажуваа за своите искуства со јавните простори. Лозановска се осврна на неодамнешната акција за зближување на локалците и станарите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ преку оплеменување на речиси заедничкиот двор во домот. Најважно е, вели, кога се прават интервенции во еден простор, во целиот процес да бидат вклучени тие што ќе го користат просторот.

„Не може некој кој не живее во тој простор да им кажува што да има таму и што ќе се направи“, децидна е Лозановска.

Нејзината колешка од МЕЛЕЕМ, Сара Симоска забележа дека новите генерации уметници се многу  поактивни и посамоорганизирани. Она што обесхрабрува, забележува, е што добрите проекти тешко опстануваат.

„Многу активност се почнати, но не можат да најадат финансиска поддршка. Има иницијатори, ама нема континуитет. Треба да се препознаат тие квалитетни проект и да се поддржат. Тешко е тој ентузијазам (долгорочно) да опстои. Еве, нека бидат и пет години, ама после тоа ќе се бара егзистенција“, заклучува Симоска.

Марјан Димиќ – Мачка, архитект и графити артист истакна дека негов предизвик за разубавување се поздаскриените и напуштени простори. За жал, додава, заедничките простори ги има се помалку. Запрашан како може да се популаризира нивното постоење, вели:

„Социјалните мрежи можат да помогнат при информирање за некво случување. Мислам дека тоа е само една добра алатка која може да се искористи“, вели Мачка.

Уметникот и активист Ѓорѓе Јовановиќ пак зборуваше за артивистичките акции низ Скопје, како ајкулите во Вардар, во времето на минатата власт, кои ги правеа за да се долови апсурдот на проектот „Скопје 2014“, но и на целото општествено живеење.

„Ова е една форма која не беше многу просутна кај нас, и се разви кога уметничката заедница беше прилично летаргична и не сакаше да се спротивстави на нештата кои се случуваа. Уметникот мора да наоѓа нови форми на изразување, посебно кога се бави во ваков вид проблеми“, истакна Јовановиќ, додавајќи дека акциите продолжуваат да се случуваат и по промената на власта.

Дарко Набаков од „Македокс“ се осврна на кината на отворено кои ги организираат по селата, каде и ниту младите, ниту старите никогаш во животот не добиле можност да посетат кино проекција. Добрите проекти вели, мора да бидат поддржани.

„Супер е тоа што се јавуаат нови иницијативи, но не е позитивно тоа штo старите не траат. Властите треба да ги препознаат“, укажува Набаков.

Говорниците се согласија дека е потребна поголема солидарност, пред се меѓу младите уметници, како и взаемно признавање и поддршка за успесите.

На настанот беа изложени и илустрациите кои стигнаа до Радио МОФ, на отворениот конкурс „Наш јавен простор“, каде беше прогласен победникот Јосиф Николовски со илустрацијата „Слободен рекорд“.

Содржината е преземена од Радио МОФ

Отворена дискусија „Како до култура во јавните простори?“

Младинскиот образовен форум и Радио МОФ со задоволство ве покануваат на отворена дискусија на тема „Како до култура во јавните простори? “. Дискусијата е финален настан организиран во рамки на кампањата #УраЗаКултура, која е дел од Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија. Со кампањата #УраЗаКултура Радио МОФ и МОФ ставија фокус на слободата која (не) ја уживаат културните работници како и на окупацијата на јавните простори, новите иницијативи и независните проекти, главно водени од млади луѓе кои се обидуваат да предизвикаат промени во општеството.

На 26-ти септември 2019 година со почеток во 18:00 часот во Зградата на Железничарите, локални уметници, активисти и архитекти ќе ги споделат своите ставови, искуства и предизвици поврзани со развојот на културата на јавните простори.

Говорници на дискусијата ќе бидат:
Марјан Димиќ – Мачка, архитект и графити артист
Ѓорѓе Јовановиќ – уметник и активист
Маја Лозаноска и Сара Симоска – МЕЛЕЕМ Скопје
Дарко Набаков – Македокс

Целта на дискусијата е да се изнајдат начините на кои јавните простори можат и треба да бидат искористени за поттик и развој на културата, како и да се спречи нивно распаѓање и да се користат за настани и проекти кои би биле пристапни за сите, наместо да пропаѓаат.

Јавните простори се важни бидејќи преку нив се изградува колективен идентитет на граѓаните, кои на тие простори комуницираат. Овие простори нудат уметничка и културна автономија преку организирање на различни активности, како на пример уметнички перформанси, концерти, алтернативни кино проекции, самоорганизирани библиотеки и дебати. Но, изминативе години се соочуваме со комерцијализација на заедничките простори во градот, односно тие што останаа.

Проектот е финансиран од Европската Унија.

Тренинг за тренери за младинските клубови на МОФ

Новата академска година во Младински Образовен Форум започна со тридневен тренинг за тренери во периодот од 20 до 22 септември 2019 година во просториите на Јавна соба. Новите тренери ќе имаат можност да предаваат дебата, учиме право и артивизам и притоа да развиваат критичка мисла и активизам.

Обучувачите на тренингот беа членови на Младински образовен форум со искуство во работата со клубовите и со темите кои се обработуваа на тренингот. Во текот на тренингот, учесниците ги изучуваа програмските тематски целини и успешно ги совладаа истите на практично ниво. Воедно, тие научија како квалитетно да работат со млади и да водат младински клубови по дебата, учиме право и артивизам.

Секој од учесниците на тренингот покажа врвно знаење и добра умешност во водење на младински клуб и како резултат на истото, сите кандидати за тренери ќе започнат да водат клубови во повеќе градови од државата.

Клубовите се финансирани од Фондацијата Отворено општество Македонија преку проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики и Проектот за младинско изразување финансиран од Европската Унија.

Инфо-сесија, повик за доделување на грантови

Младински образовен форум Ве поканува на инфо-сесија на 19 септември 2019 (четврток) во 12:00 часот во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје за вториот Повик за доделување на грантови за граѓански организации кои дејствуваат како промотори на слободата на изразување во локалните заедници. Повикот за грантови е отворен во склоп на Проектот за младинско изразување „Youth Expression Project“ финансиран од Европската унија кој го спроведува Младински образовен форум во соработка со Младински сојуз Крушево и Центарот за балканска соработка – Љоја.

Ве молиме потврдете го Вашето присуство на: yep@mof.org.mk најдоцна до 18ти септември 2019 година.

Агенда на инфо-сесијата:

12:00 – 12:15 Пристигнување и регистрација
12:15 – 12:45 Воведни обраќања и презентација на повикот
Сања Фрковиќ Гелевска, Програмски менаџер, Слобода на медиуми, информатичко општество и култура, Делегација на ЕУ; Воведно обраќање
Стефани Спировска, Претседателка, МОФ; Презентација на Проектот за младинско изразување
Бојана Низамовска, Програмска директорка, МОФ; Презентација на повикот за доделување на грантови
12:45 – 13:15 Сесија за прашања и одговори

За повеќе информации за Повикот за доделување на грантови посетете го следниот линк: https://mof.mk/vtor-povik-za-dodeluvane-grantovi/ Крајниот рок за доставување на апликациите е 30ти септември 2019 (понеделник) до 17:00 ч.

Награден конкурс за илустрација на тема „Наш јавен простор“

Младински обрзовен форум и Радио МОФ во рамки на кампањата #УраЗаКултура како дел од „Проектот за младинско изразување“ финансиран од Европската Унија објавуваат награден конкурс за илустрација на тема „Наш јавен простор“. Целта на конкурсот е да ја подигне свеста за важноста за вклучување на младите во општествено одговорни прашања кои се значајни за унапредување на демократијата.

Право на учество имаат сите млади на возраст од 15 до 35 години кои сакаат да понудат креативно решение за проблемот со окупацијата на јавниот простор, тоа вклучува улица, тротоар, плоштад, парк па се до неискористените објекти во и околу вашиот град.

Зошто јавен простор?

Јавните простори се важни бидејќи преку нив се изградува колективен идентитет на граѓаните, кои на тие простори комуницираат. Овие простори нудат уметничка и културна автономија преку организирање на различни активности, како на пример уметнички пеформанси, концерти, алтернативни кино проекции, самоорганизирани библиотеки и дебати. Но, изминативе години се соочуваме со комерцијализација на заедничките простори во градот. Поточно, тие што останаа.

Насоки за наградниот конкурс:

Идејата на конкурсот е авторот да понуди нова, „свежа“ перспектива во решавање на овој проблем. Одберете постоечки, или измислете ваш јавен простор, кому преку вашата илустрација/интервенција ќе му дадете функција.

Секој учесник во конкурсот е дозволено да испрати по една илустрација во А3 формат. Илустрацијата да биде без непотребни вулгарности, но апсолутно се дозволени духовитост, креативност и сатира. Нема ограничување на идеи, слики, цртежи за илустрацијата!

Илустрацијата се испраќа на info@radiomof.mk, најдоцна до 20 септември 2019 со назнака „Награден конкурс за илустрација“. Заедно со илустрацијата потребно е да бидат испрататени и податоци за авторот (име, презиме, псевдоним, возраст и телефонски број). При пријавувањето назначете дали сакате вашата илустрација да биде објавена под псевдоним.

Сите илустрации ќе бидат објавени на Фејсбук страната на Радио МОФ, а исто така ќе бидат отпечатени и изложени на финалниот настан на Радио МОФ кампањата #УраЗаКултура. Најдобрaтa илустрација ќе ja избере комисијата составена од претставници на Радио МОФ и Младински образовен форум и Ѓорѓе Јовановиќ, ликовен уметник. Авторот на најдобрата илустрација ќе биде награден со ваучер во износ од 6.000 денари за ИТ опрема.

За повеќе информации обратете се на 02/3139692 или stefanija_tenekedjieva@radiomof.mk

Втор повик за доделување на грантови

Втор повик за доделување грантови на граѓански организации кои дејствуваат како промотори на слободата на изразување во локалните заедници

За Проект за  младинско изразување
Во склоп на Проектот за младинско изразување  финансиран од Европската унија кој се спроведува од Младински образовен форум во соработка со Младински сојуз Крушево и Центарот за балканска соработка – Љоја, се отвора втор повик за доделување на грантови на граѓански организации кои дејствуваат како промотори на слободата на изразување во локалните заедници

Повикот цели да ги оствари следните резултати:
Повикот за регрантирање цели да се создаде простор за позиционирање на младите преку тоа што ќе се подобри нивото на учество и вклучување, користењето на правата и слободите на младите и ангажираноста и влијанието на политиките на локално и национално ниво.

Преку финансирањето на граѓанските организации Проектот цели да ги оствари следните резултати:

  • Организациите да креираат силни процеси за застапување и да изградат механизми за соработка со институциите и засегнатите страни;
  • Активностите на граѓанските организации да се имплементираат на начин што ќе го зајакне младинското позиционирање и видливоста на младите и младинското учество;
  • Активностите на граѓанските организации во процесот на ре-грантирање да го подобрат нивниот организациски развој и опсег;
  • Застапувањето на граѓанските организации да биде врз основа на докази, односно преку методите на истражување, анализа и набљудување;
  • Унапредени модели на младинско учество, организирање и вклучување во процеси на носење одлуки;
  • Зголемено разбирање за основните права, зголемена инклузија на младите и имплементирање на успешни практики.

Вкупниот износ на средствата за финансирање на граѓански организации предвидени за овој повик изнесува 30.000 евра. Буџетите  на предлог – проектите доставени на овој повик треба да изнесуваат минимум 1.000 евра, а максимум 7.500 евра. Се препорачува предлог-буџетот да биде приближно 5.000 евра. Времето на имплементирање на предлог-проектот не треба да биде подолго од 6 (шест) месеци.

Рокот за поднесување на проектните апликации е 30-ти септември 2019 година, до 17:00 часот. Апликациите поднесени на овој повик потребно е да ги содржат компјутерски и уредно пополнети документите наведени во листата на потребни документи, а се доставуваат во електронска форма на адресата yep@mof.org.mk.

Листа на потребни документи за целосна апликација
Граѓанските организации потребно е да ги поднесат нивните апликации преку користење на формуларот за аплицирање, кој ги вклучува следните составни делови:

  1. Формулар за аплицирање (линк);
  2. Скенирана копија на последната страница од формуларот за аплицирање (со печат и потпис);
  3. Формулар за буџет (линк);
  4. Копија од тековна состојба, не постара од 6 месеци од денот на објавување на повикот;
  5. Наративен и финансиски извештај за работата на организацијата за 2018 г. или линкови до истите;
  6. Работни биографии (CV) на проектниот тим;
  7.  Копија од ревизиски извештај за 2018 година (опционо).

 Дополнителни информации
За дополнителни информации кои се однесуваат на поднесувањето на апликациите заинтересираните апликанти може да се обратат со прашања на yep@mof.org.mk со назнака [Инфо] Повик за регрантирање, најдоцна до 23-ти септември 2019 година за да може да добијат одговори на време, пред истекот на крајниот рок. Проектот ќе организира и информативна сесија за заинтересираните апликанти на 19-ти септември 2019 г. во Граѓанскиот ресурсен центар – Скопје со почеток во 12:00 ч.

Повеќе детали за типовите на активности, подобните трошоци, критериумите за одлучување и начинот на аплицирање можете да најдете во документот „Повик за регрантирање“ и „Упатство за буџетирање“