Една од најважните определби на МОФ е да придонесува во образованието на актуелни теми, кои се важни за младите, но кои сеуште не се дел од официјалниот наставен план во образовниот систем. Како одговор на потребата од продлабочување на знаењата за Европската Унија на младите, МОФ од 2009 година работи на теми кои се дел од широкиот спектар на области опфатени со Европската Унија.
Така од 16 до 18 април 2010 година, во Охрид, се оддржа Напредна обука за Европската Унија на која учествува околу триесетина студенти, дел од телото на предавачи по Учиме право. Во склоп на тридневната обука беа опфатени различни теми: Лисабонски договор-што содржи и какви промени ќе донесе; внатрешен пазар во ЕУ; права од интелектуална сопственост во ЕУ; правда и внатрешни работи;политика на проширување и односи Македонија-ЕУ; како и симулација на работата на дел од европските институции. Со тоа се постави добра основа за развој на програмата во насока на вметнување на содржини од оваа област, како одговор на потребата од европеизација на македонското општество на патот на Република Македонија кон Европската Унија.
Од младите не може да се очекува да размислуваат и дејствуваат европски доколку не се образуваат во духот на европските вредности. За да се оддржи високиот процент на поддршка за зачленување на Македонија во ЕУ кој постои кај македонското население во текот на целиот процес на пристапување на Македонија кон унијата, потребно е да им се приближи Европската Унија на младите, да ја разберат и да ја сфатат динамиката на односите кои постојат меѓу земјите членки и општествено-политичкиот контекст во кој се развива. И во крајна линија, за да ја проектираме својата европска иднина мора да знаеме кои се целите на развој на ЕУ, кои подрачја се приоритетни и кон што се стреми унијата на долг рок. Само на тој начин ќе можеме да ја усогласиме развојната агенда на Македонија со таа на Европската Унија. Предавачите кои учествуваа во обуката во иднина ќе ги искористат стекнатите знаења за да развијат работилници на нови теми од областа на ЕУ кои ќе ги вметнат во обуките кои ги спроведуваат низ средните училишта во Македонија.
Фотографии од обуката можете да погледнете на следниот линк.