Во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество на 02-ри декември 2013 година (понеделник) беше реализирана посета на Град Скопје. На посетата присуствуваа триесетина средношколци, членови на Учиме право клубовите од повеќе средни училишта на територијата на Град Скопје.
На почетокот на посетата, лицето за односи со јавноста го претстави Градот Скопје со своите сектори и одделенија и структурата на вработени. Свое излагање и обраќање кон средношколците имаше и Градоначалникот на Град Скопје, г-динот Коце Трајановски. Тој ги запозна учениците со ингеренциите и надлежностите на Градот Скопје и неговиот специфичен статус со Законот за Град Скопје од 2005 година. Градоначалникот зборуваше за Координативното тело на градоначалници со кое тој има средба најмалку еднаш месечно за координација на активностите на сите 10 скопски општини и Градот.
Градоначалникот Трајановски се обиде на поедноставен начин да им ги претстави ингеренциите на Градот преку конкретни примери со изградбата и одржувањето на булеварите, како изгледа одржувањето на хигиената на територијата на Скопје, измените во сообраќајниот режим со воведувањето на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, зелениот бран и т.н. паметни семафори.
Г-динот Трајановски на крајот од своето излагање ги охрабри младите повеќе да го користат јавниот превоз и да практикуваат возење на велосипед како превозно средство, но и воопшто постојано да се занимаваат со спорт и спортски активности.
Потоа следуваа прашања од страна на средношколците на кои Градоначалникот, заедно со своите соработници, даваше исцрпни одговори при што средношколците си заминаа прилично задоволни од оваа посета.