Дебатерскиот тим на Младинскиот образовен форум (МОФ) кој беше претставник на С. Македонија на овогодишното Светско дебатно првенство во Макао сè уште ги сумира впечатоците од првенството на кое го добија признанието Најдобра нова нација која учествува по прв пат во изминатите две години.
Дел од тезите на кои се дебатираше на првенството кое се одржа од 25 јули до 5 август беа „Оваа куќа жали за комерцијализација на вселената“ и „Oваа куќа претпочита движења за социјална правда без водачи“ во конкуренција на 75 земји.
Според Георгина Петреска, една од дебатерките, генерално сите тези биле интересни, додавајќи дека секој имал некоја омилена и најинтересна, и дека според интересите тие се поделиле која теза ќе ја дебатираат.
Една од дебатерите беше и Карла Станков која вели дека спремањето за турнирот бил мошне континуиран процес во кој сите вложиле многу труд.
„Активно се спремавме веќе неколку месеци, веднаш по завршувањето на Националното дебатно првенство. Нашите предавачи Соња, Јаков, Матеј и Филип беа заслужни за организираноста на подготовките. Постојано беа достапни за насоки и стратешки го трасираа секој нареден чекор, од самото пријавување на натпреварот до последната рунда. Она што најмногу нé радува на крајот на денот од целото ова патешествие не е тоа што за кратко време направивме огромен прогрес во своите вештини и знаења за дебата, туку дека за време на подготовките како тим бевме посветени и на градење меѓусебен натпреварувачки дух и одржување на позитивна атмосфера и покрај притисокот. На крајот не само што докажавме дека спремањето го откри нашиот неизмерен потенцијал како почетници во светски рамки туку не унапреди како луѓе кои истовремено размислуваат и критички и тимски. Баланс кој ретко може толку ефективно да се усвои“, вели таа.
Љубен Атов пак вели дека чувството е незаборавно, а уште поголема мотивација да се вложи труд во подготовката е како што вели, претставувањето на земјата на турнир во конкуренција од 75 други тимови.
„Иако турнирот оваа година беше онлајн тоа не нé спречи меѓусебно да се дружиме, а воедно и да се запознаеме со млади дебатери од целиот свет. Целиот процес од самото спремање до самиот крај на турнирот ни овозможи уште повеќе да ги усовршиме нашите дебатни способности, но исто така не научи и други корисни вештини како тимска работа, менаџирање на време и стрес, и секако запознавање со многу други култури и традиции. Искуството беше одлично, од квалитетот и добрата организација на самиот турнир до добивање на наградата за најдобра нова земја на самиот турнир“, вели Љубен.
Тој истовремено им порача на младите кои имаат желба да се стекнат со неформално образование во областа на дебатата, да се приклучат во дебатната програма на МОФ и додава дека можеби и самит тие ќе бидат дел од следниот тим кој ќе ја претставува земјава на следното светско првенство.
Турнирот се состоеше од два дела, односно прелиминарни и финални рунди. Во прелиминарните рунди дебатерите беа поделени во две дивизии според географската положба.
Леонид Сајков посочува дека дебатерскиот тим на МОФ бил во дивизијата Хегел, која е организирана од германското дебатно друштво и имале можност да дебатираат 8 рунди со земји од Европа, Африка, Северна Америка и Јужна Америка.
„Другата дивизија – Панда – беше во организација на дебатното друштво на Макао и се состоеше исто така од 8 рунди. Со резултатите од тие рунди беше одреден „брејкот“, односно списокот на тимови кои продолжија во осмина финале. За жал, ние не ‘брејкавме’ во осмина финалето, но за тие кои продолжија, имаше уште четири рунди вклучувајќи го и финалето помеѓу Хонг Конг и победникот – Канада“, вели Леонид.
Дебатерите порачуваат дека никогаш не е касно да се направи пресврт, дека со многу труд, тимска работа и желба може да се постигне се, но и дека кога има луѓе кои се емотивна поддршка, и поразот може да биде еднаков на победа.