Поради лошите временски услови, мини концертот на Bei The Fish и настапите на Ивана Низам и Петар Антевски, по повод Меѓународниот ден на демократијата, 15ти септември, се преместуваат во МКЦ-Клуб ресторан, со почеток во 20 часот.
Настанот е организиран од страна на Младински образовен форум. Влезот е бесплатен.
На настанот ќе биде промовирана и брошурата „Обичен демократски ден на Слободан Љубопитковски“ посветена надемократијата, владеењето на правото и механизмите за остварување на демократските права. Во сабота, членови на МОФ ќе организираат интерактивни игри и ќе ја дистрибурираат брошурата на различни локации низ градот.
„Одбележувајќи го овогодинешниот Меѓународен ден на демократијата, ајде да работиме да донесеме демократска едукација до сите, а особено до оние општества во транзиција на кои им е најмногу потребна.“ Бан Ки-Мун, Генерален секретар на ОН.
Mеѓународниот ден на демократијата претставува можност да се разгледа статусот на демократијата во светот. Демократијата не е само цел, туку процес, кој зависи од целосното учество и поддршка на индвидуите, граѓанските организации, државите и меѓународната заедница.
Знаењето и познавањето на демократијата и нејзините принципи е витален чекор кон долгогодишен успех на демократијата. Сите граѓани во сите нации треба потполно да ги познаваат своите права и обврски, а особено оние кои живеат во земји кои штотуку напредувале во подемократски општества. „Зошто е важно да гласам?“, „На кој начин можам да влијаам на одлуките кои ги донесуваат моите лидери?“, „Што можам да очекувам од претставниците кои ги избирам?“, „Кои се моите основни права?“ се прашањата на кои треба да им се посвети особено внимание и да постојано да бидат поставувани преку граѓанските инситуции, слободните медиуми и училиштата. Во едно општество, култура на демократија може единствено да се постигне и негува со демократски образовани граѓани.
Имаме право да знаеме, имаме право да бидеме информирани, имаме право да дадеме свое мислење. Но, имаме и должност да ги почитуваме правата и слободите на сите други. Само така, сите заедно ќе демонстрираме демократија.