ДЕМОнстрирај ДЕМОкратија (Учиме право, слушаме Bei the Fish)

Младински образовен форум, со поддршка од Амбасадата на САД во Македонија, ве кани да го прославиме Меѓународниот ден на демократијата, 15ти септември (сабота), на Школка во Градскиот Парк во Скопје, со почеток во 18 часот.

Преку интеракција, едукација и музика, присутните ќе можат да си ги проверат и надградат своите знаења за демократијата и нејзините принципи. На настанот ќе биде промовирана и брошурата „Обичен демократски ден на Слободан Љубопитковски“ посветена на демократијата, владеењето на правото и механизмите за остварување на демократските права.

За позабавен Ден на демократијата ќе се погрижат:
Bei The Fish;
Ивана Низам;
Петар Антевски;

„Одбележувајќи го овогодинешниот Меѓународен ден на демократијата, ајде да работиме да донесеме демократска едукација до сите, а особено до оние општества во транзиција на кои им е најмногу потребна.“ Бан Ки-Мун, Генерален секретар на ОН.

Меѓународниот ден на демократијата претставува можност да се разгледа статусот на демократијата во светот. Демократијата не е само цел, туку процес, кој зависи од целосното учество и поддршка на индвидуите, граѓанските организации, државите и меѓународната заедница.

Знаењето и познавањето на демократијата и нејзините принципи е витален чекор кон долгогодишен успех на демократијата. Сите граѓани во сите нации треба потполно да ги познаваат своите права и обврски, а особено оние кои живеат во земји кои штотуку напредувале во подемократски општества. „Зошто е важно да гласам?“, „На кој начин можам да влијаам на одлуките кои ги донесуваат моите лидери?“, „Што можам да очекувам од претставниците кои ги избирам?“, „Кои се моите основни права?“ се прашањата на кои треба да им се посвети особено внимание и да постојано да бидат поставувани преку граѓанските инситуции, слободните медиуми и училиштата. Во едно општество, култура на демократија може единствено да се постигне и негува со демократски образовани граѓани.

Имаме право да знаеме, имаме право да бидеме информирани, имаме право да дадеме свое мислење. Но, имаме и должност да ги почитуваме правата и слободите на сите други. Само така, сите заедно ќе демонстрираме демократија.

Со слични настани, МОФ ќе го одбележи 15ти септември и во Тетово, Струга, Штип и Радовиш.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: