Барај
Close this search box.

Децата преземаа владин состанок на високо ниво: „За децата, од децата – иднината на образованието“

По повод 20ти ноември, Светскиот ден на Младите, Младински образовен форум, во соработка со УНИЦЕФ, Делегацијата на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија организираше Kids Takeover – преземање на владиниот состанок на високо ниво од страна на младите средношколци од земјата.

На овој состанок, под мотото „Како ја замислуваш ти иднината на образованието?“, младите средношколци имаа можност да ги претстават своите ставови по ова прашање пред членовите на Владата.

На средбата присуствуваа претседателот на Владата г. Зоран Заев, министерката за образование и наука г-а Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика г-а Јагода Шахпаска, министерот за животна средина и просторно планирање г. Насер Нуредини, претставничката на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија г-а Патриција Ди Џовани и шефот на делегацијата на Европската Унија г. Дејвид Гир. Тие заедно со 6 младински застапници зборуваа за иднината на образованието во Република Северна Македонија.

Шесте младински застапници од повеќе училишта ги презентираа своите излагања, каде се фокусираа на:

  • Подобрување на квалитетот на предавањето;
  • Намалување на дигиталниот јаз во образованието;
  • Менталното здравје и меѓуврсничкото насилство во образованието;
  • Вреднувањето на вештините за учење наспроти помнењето факти;
  • Трансформација кон еко-училишта;
  • Квалитетно и инклузивно образование;

Во нив, тие ги наведоа клучните проблеми и недостатоци со кои, според нив, образованието во нашата земја се соочува и дадоа голем број на совети и препораки за тоа што можат институциите да направат за нивно решавање.

Дел од изјавите на младинските застапници беа:

„Кога станува збор за праведното образование треба да се бориме со сите сили првенствено да го оствариме и да не го загрозиме основното право на секое дете, а тоа е правото на образование. Првенствено треба да започнеме со едукација на најмалите, односно да се избориме со сите пречки и бариери кои ќе ни ја попречат еднаквоста, а потоа и инклузијата.“ – Христина Јовчевска, средношколка.

„Нашите училишта со ниската енергетска ефикасна градба и со тоа што голем дел од нив се греат на нафта, мазут или јаглен влијаат врз загадувањето, како и на климатските промени. Образованието за климатски промени и еколошкото образование се на многу ниско ниво. Да не дозволиме да дојде до време кога нема да може да се направи ништо.“ – Васил Ханџиски, средношколец.

„Учениците повеќе учат и памтат факти отколку да се подготвуваат за критичко и аналитичко размислување, да се развива слободарскиот дух, што значи дека учениците треба да ја разиваат слободата на мислење и на изразување! Подобрувањето на начинот на учење во ниту еден случај не може да се постигне само преку една институција или пак личност, ниту пак за еден ден, туку треба да биде колективен напор од сите страни, вклучително и учениците и професорите.“ – Ерјона Азизи, средношколка.

„Сакаме да живееме во држава во која различностите ќе бидат гледани како мост помеѓу нас-обичните луѓе со секој со своја необична приказна. Сакаме да живееме во систем во кој кон менталните нарушувања нема да се гледа со презир, туку ќе се пристапува со емпатија. Сакаме низ образовниот процес секој ученик да го добие потребното внимание, а силеџиството да се санкционира најстрого, без исклучоци.“ – Сара Ковачовска, средношколка.

„Во моментот додека јас зборувам тука пред Вас, 40.000 мои соученици се приморани да бидат исклучени од моменталниот образовен процес и да ја следат наставата преку своите телевизори. Финансиската состојба не треба и не смее да биде предуслов за еднакво достапно образование.“ – Кудрет Феризи, средношколец.

„Квалитетната настава претставува предуслов на едно развиено општество. Креирањето и спроведувањето на квалитетната настава знае да биде предизвик. Некогаш е тешко да се фокусираме и да го најдеме крајот од каде треба да започнат промените, меѓутоа никогаш не треба да престане работењето кон подобрување на наставата.“ – Кристијан Поповски, средношколец.

На ваквиот настан, минатата недела му претходеше и тридневна обука во која младинските застапници ги изградија вештините преку кои ќе се застапуваат за квалитетно реобмислување на образованието. На оваа обука тие учеа за младински политики, квалитетно образование, основи на јавно говорење и градење на квалитетни аргументи со цел да се подготват да го преземат денешниот владин состанок.

 

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: